ПРОТЕСТИРАМ – ЗНАЧИ ДЕМОКРАТСКИ ПОСТОЈАМ!

609
Print Friendly, PDF & Email

Во средината на септември 2015 г., инспириран од најновата книга на бугарскиот политиколог Иван Крастев насловена како „Вознемирена демократија – Глобалната политика на протестирање“ (“Democracy Disrupted – The Global Politics of Protest”, University of Pennsylvania Press, 2014), објавив еден текст, намерно претенциозно, во форма на манифест: „Десет причини да се продолжи со протестите“. На почетокот на таа есен, ентузијазмот за улично протестирање во Македонија беше во нагорна линија, колку испровоциран од општото граѓанско незадоволство од очајната состојба со демократијата во земјата, речито илустрирана со скандалозната содржина на стотиците објавени „бомби на Заев“; толку и од упорноста на власта да ја игнорира потребата за политичка и секаква друга одговорност којашто произлегуваше од мноштвото солидни индиции и докази за криминалното владеење со земјата.

По 2015 година, континуираните улучни демонстрации по македонските градови и во 2016 година својот климакс ќе го доживеат со обликувањето на протестното движење во нешто што, интелигентно и духовито, ќе се нарече „Шарена револуција“. „Шарените“ до корен ја разнишаа арогантноста на власта во сите нејзини политички и криминални метастази и, заедно со официјалната политичка опозиција во земјава, предизвикаа бројни поголеми и помали политички и пропагандни капитулации на режимот. Но, ненасилните протести, сепак, не доведоа до фактичка демисија на аморалната власт на Груевски и неговата Фамилија.

Сега, кога се наоѓаме пред уште еден, декемвриски рок, за одење на вонредни парламентарни избори во 2016 година – откако претходно пропаднаа едностраните обиди на власта да ни „подметнат“ брзи вонредни избори во април и во јуни годинава – заложбите за обновување на граѓанските протести, според мене, немаат изгубено ништо суштински од периодот пред една година. Македонија и понатаму е недемократска земја, во која, како што пишував и пред една година, актуелната власт на Никола Груевски и Али Ахмети продолжуваат да ја узурпираат државата во сите нејзини клучни димензии: од трошењето на јавните пари, до трошењето на јавниот морал. Продолжува и „перењето на мозоците“ на јавноста низ партиско-државната пропаганда пласирана преку главните македонски електронски и печатени медиуми, тие корумпирани сојузници на режимот.

Затоа и сега, повторно, со минимални интервенции во нивната содржина – произлезени од плус-едногодишното протестирање по скопскиот асфалт – сакам да ги преобјавам десетте причини, кои сигурно не ја исцрпуваат листата на аргументи, заради кои сметам дека со граѓанските протести, со одредени предизборни „адаптации“ во методите и начинот на изведувањето на протестните собири, треба да се продолжи до и по најавените избори во декември 2016 година. Македонската демократија е далеку од заздравување, а нејзините узурпатори и непријатели „никогаш не спијат“! Тоа не можат да си го дозволат ни граѓаните на оваа земја, оти во општество со разнебитени институции и најмала демократска дремка може да заврши со ноќна мора.

* * *

  1. Граѓанските протести на продуктивен начин го политизираат општеството. Со самото тоа повеќе луѓе излегуваат на избори и покажуваат активна иницијатива за демократска партиципација. Во принцип, зголемениот гласачки одзив за време на кризи – а Македонија, без сомневање, поминува низ една од најтешките политички, па и национални кризи – претставува референдум на граѓаните за минатото владеење, а не за програмските понуди на изборните конкуренти за она што ќе го прават во иднина. Тоа е она што на Македонија сега и е потребно: граѓаните да излезат на избори и со својот глас да се изјаснат за досегашното владеење на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, под раководството на Груевски и Ахмети.

 

  1. Граѓанските протести ја засилуваат демократијата со слабеењето на партизираните и корумпирани државни институции. Тие не бараат револуционерни решенија или уништување на институциите, туку реформи кои државата и власта ќе ги направи одговорни – пред судот и пред јавноста – за своите постапки и политики. Тие бараат фер и демократски избори на кои ќе одлучи волјата на гласачите, но фер и демократски не само на изборниот ден, туку за време на целото владеење на избраните елити меѓу два изборни датуми. Протестите се за поддршка на демократијата – тоа е нивната идеологија.

 

  1. Граѓанските протести се сигнал дека се бара политичка одговорност од оние кои нѐ владеат, но и се манифестира подготвеност за превземање на таа одговорност врз себе со самото излегување на протести. Постојат ставови дека модерните граѓански протести не се, всушност, насочени кон која било власт поединечно, туку против владеењето како такво, но дури тоа и да е така, во конкретните ситуации протестите се секогаш насочени против актуелната власт. Во нашиот случај, промената на власта која се бара низ протестите е опомена и за оние кои ќе дојдат на местото на сегашната власт дека не се протестира (само) за да се смени власта, туку за да се смени неодговорната и корумпирана политика на која било власт во иднина.

 

  1. Граѓанските протести го де-фрагментираат, повторно го обединуваат општеството. Граѓаните, тие индивидуалци задлабочени во своите мобилни телефони и фејсбук интереси, во тој технолошко-комуникациски занес во кој се заборава и на семејството, а не пак на пошироката општествена заедница, преку протестирањето, преку тој групен социјален собир, си помагаат и себеси и на другите за обновување на општествениот договор за тоа како ќе се владее, како ќе се живее. Всушност, не е претерано да се тврди дека протестите донекаде ѝ ја враќаат и смислата на претставничката демократија – демократски модел кој глобално е во длабока криза во последниве две-три децении – бидејќи обединуваат еден основен минимум од раситнетите идентитети на модерните граѓани, минимум кој дава основа за групно политичко претставување.

 

  1. Граѓанските протести кои се ненасилни ја парализираат моќта за насилство што ја поседува автократскиот државен апарат. Секоја полиција во светот се обучува за да се справи со или да спроведе насилство врз граѓаните – кога протестите се ненасилни, репресивниот режим во голема мера е парализиран. Она што на власта ѝ преостанува е клеветничката, валкана пропаганда.

 

  1. Граѓанските протести го демистификуваат и го демонтираат партиско-државниот пропаганден апарат. Модерните автократски режими не владеат со гола употреба на сила, туку, од една страна, со примена на жестока пропаганда кон населението и, од друга, со кооптирање или изолација (па дури и прогон и изгон, и други видови на малтретирање) на бизнис, академската, другата невладина и интелектуална заедница во државата. Автократите владеат со гледачи, не со гласачи. Ваквата „диктатура во ракавици“ има за задача да го убеди мнозинството во државата дека, иако можеби не е совршена, дека можеби е малку и корумпирана или малку и насилна, но оваа власт е најдобрата во споредба со сѐ друго што може да ја снајде Македонија. Протестите силно ја разголуваат оваа пропагандистичка позиција, бидејќи го будат поширокиот интерес на јавноста за вистинските состојби во општеството и ја демистификуваат власта во суштинските области од нејзиното владеење – како се трошат јавните пари, како се делат привилегиите, како се извртува вистината…

 

  1. Граѓанските протести спречуваат политичка радикализација. Тие ја исцрпуваат строго партиската мобилизациска моќ и даваат можност за артикулирање на врамнотежени, мејнстрим политички вредности кои се, во принцип, спротивни на екстремистичките национални, етнички, религиски или други тесногради агенди. Протестите, всушност, ја одиграа улогата на етнички и религиски обединител во Македонија како ниедна партија, движење или странска иницијатива до сега. Тие покажаа дека граѓанска Македонија е можна и дека тоа е реална политичка опција за иднината на државата.

 

  1. На граѓанските протести, на тоа движење без хиерархија, не му требаат лидери – тие ги прозиваат лидерите во политичката заедница да се определат во однос на протестните барања. Граѓаните не сакаат да ги заменат политичарите, туку да влијаат врз нивното (не)одговорно однесување. Таа граѓанска прозивка ја создаде определбата на СДСМ за осојузување со граѓанскиот отпор и ветувањата на Заев дека протестните барања ќе бидат дел од неговата платформа за владеење со Македонија; граѓанскиот протест ја произведе и решеноста на ВМРО-ДПМНЕ барањата од протестите да ги порази со пропаганда, контра-протести и предвремени политички избори и инстистирањето на Груевски дека демонстрантите немаат автономни барања, туку дека се инструментализирани од СДСМ. Власта, а можеби и некои во опозицијата, не разбираат дека учесниците во граѓанските протести негуваат примарна лојалност кон барањето за одговорност, а не кон одредени политички водачи или партии.

 

  1. Граѓанските протести го негуваат општиот дух на активизам, креативност, соработка и солидарност, неопходни за секоја успешна демократија. Факт е дека на протестите се сретнаа луѓе кои не се виделе со години. Факт е дека на нив учествуваа и бројни политички неистомисленици и различни генерации, сплотени околу потребата, како индивидуалци, заедно да ја отфрлат политичката злоупотреба на власта. Од друга страна, содржината и формата на низа пораки, банери, плакати и слогани од протестите беа најдуховитото, најлуцидното нешто што оваа нација го произвела во политичкиот живот на Македонија од стекнувањето на нејзината самостојност во 1945 година до денес. Диктатурите, во принцип, паѓаат прво како резултат на остроумноста и слободата на духот и мислата.

 

  1. Конечно, оние што решиле да излезат на граѓанските протести го прават тоа за да не направат нешто друго – да си заминат од Македонија, привремено или засекогаш. И да им се придружат на стотиците илјади други, роднини, пријатели, познати и непознати, кои во последните дваесетина години си заминаа од Македонија, засекогаш да се надеваат дека привремено ја напуштиле татковината. Бројот на луѓето кои можат да придонесат во обновувањето на демократијата во Македонија е изброен, не е бесконечен. Сегашниот режим ја знае таа математика и токму затоа настојува што поголем број од оние кои не се согласуваат со владеењето на ДПМНЕ и ДУИ да ја напуштат земјата. Засекогаш.