МАКЕДОНИЈА Е „ШАРЕНА“ КАКО И ШАРЕНАТА РЕВОЛУЦИЈА

399
Print Friendly, PDF & Email

На почетокот на 90-тите години од дваесеттиот век, Балканот минуваше низ време во кое виорот на војната се ширеше над речиси сите поранешни републики на поранешната, заедничка Федерација, наречена СФР Југославија. Беше тоа време кога веќе на сите им беше јасно дека на таа држава ѝ е дојден крајот. Тогаш, сите народи што ја сочинуваа таа поранешна Федерација, го започнаа својот пат на градење сопствени држави, а повеќето од нив мораа да поминат низ воени собитија за да стигнат до таа посакувана цел. Некои мораа привремено да останат во редуцираната форма на Федерацијата што веќе силно и агресивно ја предводеше Србија; а само Македонија, како една од тие републики во составот на таа поранешната државна творба, успеа да прогласи независност без ниту еден испукан куршум. Овој факт, секако, беше олеснителна околност за капацитетите на таквата република да стане држава.

Сепак, предизвиците и ризиците за оваа млада држава беа грамадни. Требаше многу ум, искуство, рационалност и визија за да се изгради држава што ќе може да опстои. Од друга страна, притисоците и однатре и однадвор се зголемуваа од ден на ден.

Ако направиме временски скок во денешно време, ќе се најдеме пред фактот дека таа Македонија што се зачна во 90-тите, денес се соочува со голема политичка, економска, морална, социјална, здравствена, сигурносна и секаква друга криза. Ако направиме збир на сите тие кризи, резултатот ќе покаже дека, во суштина, се наоѓаме во длабока системска криза. Токму поради оваа причина, анализата ја започнуваме од почетокот на формирањето на независната држава, во времето кога се конструираше политичкиот систем во новата држава, што претходеше на сите други институционални, воени и секакви други кризи, за да дојдеме во денешно време, во општопознатата ситуација во која се наоѓаме.

МУЛТИЕТНИЧКО ОПШТЕСТВО ВО МОНОЕТНИЧКА ДРЖАВА

Ако, во суштина, се анализира првиот македонски Устав, односно политичкиот систем во самостојна Македонија уреден со таквиот највисок државен акт, несомнено ќе дојдеме до констатацијата дека тој не соодветствуваше со општествената реалност во државата. Како што е и денес, и тогаш Македонија беше земја со мултиетничко општество, каде што мнозинскиот македонски народ, во политичка смисла, немаше доминантно или апсолутно мнозинство, затоа што тука беа Албанците, како втор по големина народ, но и други помали народи, какви што се Турците, Ромите, Србите, Бошњаците, Власите и уште помалите етнички заедници. Во времето кога се кроеше политичкиот систем низ првиот Устав, во Македонија владееја два страва: првиот, надворешен – како новата држава да се постави во однос на другите бившојугословенски републики, кои живееја заедно во Југословенската Федерација, поточно кон Србија; и вториот, внатрешен страв – како државата да се постави кон Албанците.

Првиот страв беше реална закана за опстанокот на државата, затоа што во тоа време Србите, контролирајќи ја Армијата на Југославија, им се закануваа на сите други народи што претендираа да прогласат независност од Југословенската Федерација, како што се потврди тоа со војните во Словенија, Хрватска и во БиХ. Вториот страв, во однос на Албанците, во суштина беше нереален и беше повеќе производ на големата српска пропаганда дека Албанците од Косово и во Македонија сакаат да се отцепат од Србија, односно Македонија, и да се припојат кон Албанија за да го реализираат својот сон за Голема Албанија. Во тоа време претседателот на државата Киро Глигоров беше во интензивни преговори со Србија и со Југословенската народна армија (ЈНА) за отстранување на првата закана – надворешната; на внатрешен план, власта целосно се насочи кон проблемот како да изгради политички систем со правно-политички механизми за отстранување на вториот страв, односно „закана“ – онаа што власта замислуваше дека доаѓа од Албанците.

Иако првиот македонски Устав со кој се дефинираше политичкиот систем во независната држава, на прв поглед, изгледаше демократски и модерен – добивајќи позитивна оценка и од тогашната Бадинтерова комисија – тој, сепак, во себе содржеше доволен број механизми за тоа како да се „држи под контрола“ еден цел народ, вториот по големина во Македонија, Албанците. Македонија, односно етничките Македонци во неа, како најголема национална заедница која решаваше потполно сама каква држава сака да изгради, беше соочена со дилемата дали да изгради мултиетничка држава што ќе соодветствува со реалната структура во општеството, или да се обиде да изгради моноетничка држава од типот држава-нација, со што ќе се принудат сите други, освен етничките Македонци, да ја прифатат новоформираната уставна „реалност“. За жал, тогаш се донесе одлука за првата опција – градење држава ексклузивна за Македонците, па затоа уставната дефиниција за јазикот, културата, знамето, химната и за сè друго што подразбираше државна знаменитост, беше одлучено да биде „еднобојно“ –  односно, да биде само во „боите“ на етничките Македонци.

Одлуката на таков начин да се пристапи кон државата, кон општеството и со тоа да се одговори на заканите што висеа врз Македонија, придонесе таа веднаш да влезе во перманентна меѓуетничка криза што, за десетина години, ќе резултира со воениот конфликт во 2001 г. Правно-политичките механизми што беа поставени во тој Устав останаа делотворни и по вметнувањето во него на решенијата од Охридскиот рамковен договор, при што секоја македонска партија што ја предводеше власта имаше можност да ги контролира сите институции во државата.

Тие што ги измислија и ги поставија тие механизми во системот, можеби имале најдобра и најпатриотска намера за тоа како и кога конструктивно да се употребуваат тие системски полуги, но многу погрешиле кога мислеле дека ниту една партија не би се осмелила да пристапи кон целосна узурпација на институциите, а камоли, пак, тоа да го стори некоја фамилија или индивидуа. Но, од 2006, односно 2008 г. наваму, кога Никола Груевски со својата фамилија почна да се чувствува како апсолутен господар на Македонија, кога увиде што сè им стои на располагање како институционални „алатки“, се одлучи во узурпацијата на власта да оди „со ѓон“, до крај, за да ги стават под целосна контрола сите државни и демократски институции во Македонија – буквално сите!

Ако можеме да се обидеме ги резимираме факторите што ја доведоа или придонесоа најмногу за кризната ситуација во која денес се наоѓа Македонија, би можеле да кажеме дека причинителите на оваа криза се провлекуваат од самото поставување на политичкиот систем, кога наместо да се гради држава на Македонците со Албанците и со сите други, при што политичкиот систем би немал големи дубиози во однос на поставувањето на системот во балансиран модус (checks and balances), се отиде на варијантата на изградба на држава врз мотото „Македонија на Македонците“, при што системот, во својата практична изведба, се разви без меѓусебна институционална контрола, каде што сите други етнички заедници би требало да бидат потчинети и да ја прифатат наметнатата реалност на етничка супремација на Македонците врз сите други, со што целосно се загуби балансот на државните институции како еден од главните предуслови за функционирање на една нормална демократска држава.

ЕВОЛУЦИЈА НА БОИТЕ ВО ШАРЕНАТА РЕВОЛУЦИЈА

Погрешно поставениот политички систем со тоталниот институционален дизбаланс беше претходница во еволуцијата на кризата во Македонија. Тоа што проблемите повеќе години се туркаа „под тепих“, не значеше дека тие ќе исчезнат сами од себе, туку како што изминуваше времето, проблемите метастазираа, стануваа поголеми и понеподносливи за една држава и општество какво што е македонското.

Многу често гледајќи ги проблемите во институциите и во општеството само низ призмата на етничката димензија, се навикнавме сите аномалии да ги оправдуваме со тој контекст. На пример, кога при судскиот случај „Сопот“ (2003 г.) се осудија неколкумина селани од с. Сопот на повеќе години затвор, а притоа судската постапка остави многу нејаснотии и дилеми за тоа дали тие се вистинските виновници, Албанците го кренаа гласот првенствено можеби затоа што се Албанци, а Македонците молчеа најверојатно затоа што осудените беа Албанци. Таквиот приод се повторуваше повеќепати, а ескалираше со нерасчистените контроверзии во случајот „Монструм“ (2012 г.). Ние, како општество, во такви околности не успевавме да ја надминеме етничката димензија на случаите и да се издигнеме на човечко или граѓанско ниво за да не ги гледаме таквите случаи низ етничка призма туку низ призмата на правдата и праведноста. Албанците веруваа дека тие луѓе се осудени само затоа што се Албанци; а Македонците, од друга страна, мислеа дека Албанците секогаш претеруваат и никогаш не покажуваат лојалност кон државата, со тоа што постојано ги оспоруваат одлуките на судството во Македонија.

Така, затекнати едни покрај други или често едни против други, граѓаните на овие две најголеми етнички заедници како да не сакаа да се „погледнат в очи“ и да си ја кажат вистината каква што ја знаат. Некако, недостасуваше храброст да се преминат етничките граници и луѓето да се постават во граѓанска позиција, во случај кога навистина проблемите се од граѓанска природа.

Сепак, и во такви услови, помалку или повеќе се насетуваше дека власта (ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ), која интензивно работеше врз продлабочување на етничката поделба, не го прави тоа од патриотски или од национални мотиви, туку чисто од лични или фамилијарни, материјално-персонални побуди. Моќниците од власта посакуваа и сè уште посакуваат поделено општество на „патриоти“ Македонци и „патриоти“ Албанци, за низ тој процес на контролирана конфронтација тие да продолжат целосно да го зашеметуваат вредносниот систем, да ја задолжуваат државата, а со тоа уште повеќе да ги осиромашат граѓаните, за уште долго да владеат со нив. Како што тие сè повеќе се збогатуваа, така сè повеќе луѓе ја напуштаа државата. Кака што растеше бројот на недоветни лица што стануваа пратеници и министри, така растеше бројот на млади и обучени професионалци што ја напуштаа државата. Како што растеше моќта во рацете на Груевски и фамилијата, така правдата сè повеќе „бегаше“ од рацете на судиите и на судството. Како што растеа процентите за мито и корупција за министрите, за другите функционери и за лидерите на партиите на власт, толку повеќе се зголемуваа отровните честички во воздухот што ги испушташе „Југохром“, кои директно ги вдишуваа граѓаните на Тетово.

„БОМБИТЕ“ НА ЗАЕВ

Вистина е дека насетувавме, понекогаш и пишувавме, а некогаш и срамежливо кажувавме понекој збор за тоа што ни се случува. Сепак, почетна точка на еволуција на боите на Шарената револуција без сомнение беше времето кога лидерот на македонската опозиција Зоран Заев почна да ги објавува прислушуваните материјали, популарно наречени „Бомбите на Заев“. Тоа беше обнародување на една практика што сите, години наназад, ја насетувавме, ама никој, никогаш не навести со какви димензии метастазирала операцијата за киднапирање на државата од еден грст луѓе на власт, на чело со Никола Груевски и Али Ахмети.

Објавувањето на „бомбите“ имаше две многу значајни димензии: првата е тоа што низ тие разговори разбравме како се владеело во изминатата деценија; а втората димензија е што преку објавувањето на „бомбите“, почна освестувањето на двете најголеми етнички заедници – Македонците и Албанците – дека е потребно суштинско сплотување за заедничка реакција кон еден дегенеративен процес ако сакаме тој процес да запре.

Преку „бомбите“ дознавме дека не било баш вистина дека Никола Груевски и Али Ахмети, наводно, не се согласуваат за многу нешта; напротив, во „бомбите“ чувме како се договараат за уривање еден објект што му пречи на Груевски, а Ахмети, со својата широкоградост, му се става на располагање за уривање цело село ако тоа го посака неговиот владин партнер, само нивната заемна „владејачка лубов“ во никој случај да не се доведе во прашање. Патем, во истиот тој разговор ќе слушнете како големиот „патриот“ Али Ахмети му се обраќа на Никола Груевски на македонски јазик, иако веќе 15 години ја залажува јавноста дека не го зборува македонскиот јазик, продавајќи го тоа кај Албанците како некаков голем „патриотизам“.

Втората димензија, потребата за меѓуетничко обединување, е исто така битна, затоа што во тоа време за првпат почна еден вид тивко сплотување меѓу граѓаните од различни етнички и други припадности. Јавноста во Македонија не памети настан во минатото што сме можеле да го апсорбираме на така слични „фреквенции“, што е еден од најбитните фактори на кохезија во едно мултиетничко општество.

„Бомбите на Заев“ се доволно апсорбирани и анализирани во јавноста. Впрочем, потреба за некоја голема анализа и нема, бидејќи нивната содржина е разбирлива и гласно кажана, па со малку посветено внимание станува кристално јасна. Но, за темата што ја анализираме е битно да се подвлече дека објавувањето на „бомбите“ имаше интересен, дури и зачудувачки кохезивен потстрек во општеството, дури и по етничка основа. Преку објавувањето на „бомбите“, Македонија почна, можеби за првпат, да покажува нишки на кохезивност по етничка основа, што е еден од најбитните елементи за општествениот контекст на државата.

„ДОАЃАМЕ!“… НА 17 МАЈ

Продолженото објавување на содржината на прислушуваните разговори кулминираше со големиот граѓански протест на 17 мај 2015 г., наречен „Доаѓаме!“. Особено кога анализираме од перспективата на граѓанската кохезивност и како еден вид предигра за почетокот на Шарената револуција, треба да се констатира дека во Македонија никогаш порано немало протест каде што еден до друг ќе бидат граѓаните од различни етнички, културни, религиозни и други групи, а сите на едно место сплотени против еден режим што до незамисливи граници ја имаше злоупотребено државата. Да не зборуваме за врзувањето на знамињата на Албанците со државното македонско знаме, што дотогаш, се чини, тоа никој не смееше ни на сон да го сонува, а нам тоа на тој протест ни се случи на јаве! Навистина, тоа беше доказ дека ова општество и овие граѓани од Македонија и не се толку поделени по сите основи, а дека ниту на етнички план поделбата не е толку голема колку што власта или државата сакаа тоа така да изгледа.

Во меѓувреме, на 9 и 10 мај истата година, во предградијата на Куманово се случија грозоморните настани кога полицијата се судри со вооружена група, при што имаше човечки жртви од двете страни. Не занимавајќи се со анализа на самите кумановски настани, би сакале да го расветлиме само ефектот што го имаа „бомбите“ за овие настани, во однос на меѓуетничките односи. Имено, и при овој инцидент во Куманово постоеја сериозни индикатори за можно иницирање нов конфликт како оној од 2001 г., но содржината на „бомбите“ веќе го даде ефектот за попуштање на затегнатоста: се случи она што малкумина го очекуваа, граѓаните Албанци и Македонци од Куманово заедно да изјавуваат дека станува збор за провокација кон нив и дека власта е таа што сакала тие да се скараат, да се степаат и да војуваат меѓу себе, но дека народот повеќе не подлегнува на ваквите провокации, затоа што е уверен дека оваа власт нема намера да „брани“ одреден етникум од другиот, туку дека сè се врти околу криминалните потреби на власта за материјално збогатување.

Друга битна симболична „претходница“ на Шарената револуција беше кампот поставен пред зградата на Владата на Република Македонија, со граѓани во него кои учествуваа на протестите на 17 мај, а кои решија да не се вратат, тукатака, дома, туку да останат токму пред Владата, во знак на револт и со намера за притисок за решавање на кризата. И при овој настан продолжи меѓуетничката кохезија што не беше видена претходно во Македонија. Сè додека остана кампот пред Владата, сите настани што се одвиваа во кампот беа под „знамето“ на граѓанските бои што веќе заличуваа шарено.

АБОЛИЦИЈАТА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ИВАНОВ

На 12 април 2016 г., во попладневните часови, се појави информација дека претседателот на државата Ѓорге Иванов ќе ѝ се обрати до јавноста. Најавата за таа прес-конференција не предизвика голема неизвесност, оти никој не сметаше дека таков претседател каков што е Иванов, кој веќе седум години на таа функција го имаше изградено имиџот на послушник на извршната власт, односно на самиот премиер, може да каже нешто паметно, нешто што би помогнало во решавањето на кризата. Сепак, со својот настап претседателот успеа да ги шокира сите граѓани и никого не остави рамнодушен. Како што е познато, тој прогласи аболиција за сите обвинети и осомничени во постапките што во Специјалното јавно обвинителство (СЈО) се водат во случаите „Пуч“ и „Поткуп“,  но и во многу други претпоставени случаи што се очекуваше да ги покрене СЈО, поврзани со прислушуваните разговори објавени од СДСМ.

Постапката на претседателот беше голем атак врз суштината на Пржинскиот договор врз која се темелеше правната димензија на расплетот на македонската политичка криза, институционализирана во новоформираното СЈО, кое требаше да ги отслуша и да ги анализира прислушуваните материјали и врз основа на тоа да покрене обвиненија против оние што ги преминале границите на законите во Македонија. Овој нов момент, предизвикан од претседателот Иванов, ја крена „кочницата“ на имплементацијата на Пржинскиот договор и, на некој начин, го врати процесот на нулта точка. Тоа предизвика лавина реакции од страна на сите домашни и странски субјекти во државата, на оние што беа сериозно зафатени да помогнат во решавањето на оваа криза, а особено „жолчна“ беше реакцијата на граѓаните на Македонија. Тие се скандализираа од одлуката на претседателот, тоа за нив беше последниот аларм дека веќе нема човек ниту институција во државата што не се ставени под закрилата на фамилијата на власт, дека државата оди во неврат и дека веќе е крајно време да се остават настрана сите други калкулации и да се крене народот на протести за до го искаже незадоволството, па и големиот револт во однос на новонастанатата ситуација.

Прогласената аболиција од страна на претседателот Иванов беше критичната точка од која започнаа секојдневните граѓански протести, кои потоа кулминираа во она што се нарече „Шарена револуција“.

ШАРЕНА РЕВОЛУЦИЈА ВО „ШАРЕНА“ МАКЕДОНИЈА

Шарената револуција претставува еден многу битен елемент и значаен процес на созревање на општеството во Македонија. Ако тргнеме од старата кинеска поговорка дека „кога дуваат ветрови, не се градат ѕидови, туку ветерници“, ние, како општество, би требало од сета оваа криза, од сите овие „ветришта“ што нè зафатија да извлечеме поуки и сето тоа да го претвориме во придобивка. Но, дали Македонија ќе извлече поука, навистина е тешко да се процени, иако шансите за тоа се големи.

Од времето кога започнаа протестите, до денешен ден, се направија интересни анализи посветени на Шарената револуција. Најчестите пристапи беа „камперските“, во зависност од тоа на кој политички „камп“ припаѓа аналитичарот или коментаторот. За едните, Шарената револуција е битен елемент за решавање на кризата, преку што власта ќе се принуди да ги слушне своите граѓани и да отстапи од намерите да го саботира Пржинскиот договор како процес низ кој ќе се наоѓа излезот од кризата. Во исто време, за оние од „кампот“ на власта, протестите се режирани и платени од разните странски организации и држави што само сакаат да ја покорат Македонија, наспроти настојувањата на Никола Груевски, претставуван како единствен македонски лидер што не се покорил на странските интереси за Македонија.

За разлика од овие пристапи за кои многу нешта се кажани, оваа анализа ја обработува Шарената револуција низ два други, малку или воопшто нетретирани аспекти: кохезивниот елемент на Шарената револуција и пристапот за решавањето на политичката криза во Македонија.

КОХЕЗИВНИОТ ЕЛЕМЕНТ НА ШАРЕНАТА РЕВОЛУЦИЈА

Како што веќе елабориравме, од моментот кога почна објавувањето на прислушуваните материјали, во Македонија почна процес на меѓуетничка кохезија што претходно ја немавме видено или, пак, дотогаш се има појавувано спорадично и во незначителни количества. Како што одминуваше времето и како што се нижеа разните настани околу кризата, сè повеќе растеше кохезијата помеѓу двата поголеми етникуми во Македонија, Македонците и Албанците, во однос на кризата. Граѓаните почнаа да чувствуваат дека разните сценарија вткаени во политичките процеси – како случајот „Монструм“, неразјаснети убиства, досудени доживотни затвори, тепачки на деца по автобуси, неимплементација на Рамковниот договор – како да беа типични сценарија напишани и режирани од неколку кабинети во Владата. Години наназад, македонскиот дел од власта се обидуваше да прикаже дека, без разлика на проблемите со соседите и поширокиот регион, најголем непријател на државата и на Македонците во неа се токму Албанците. Со различни настани, со ширење етнички раздор во општеството, постепено се подгреваше меѓуетничката нетолеранција и омраза. Преку медиумите што таа ги контролираше и преку своите медиумски аналитичари што ги плаќаше, власта цело време работеше на агендата за ширење омраза помеѓу двете најголеми етнички заедници во државата. Ако направиме анализа на последиците од овие обиди, не е тешко да заклучиме дека ефектите беа големи. Така, тие што се на власт, заеднички дојдоа до формулата која, секогаш кога ќе ја употребеа, им носеше посакуван резултат – победа на избори. Иако сето тоа беше добро маскирано, но и медиумски добро покриено; иако многу голем дел од граѓаните почнаа да не веруваат во лажните наративи на власта дека таа „се бори за Македонија“; сепак, после објавените прислушувани материјали, на повеќето граѓани им стана кристално јасно што, во суштина, се случувало.

Се чини дека Никола Груевски, по завршениот „политички курс“ во Србија како советник во владата на Воислав Коштуница, многу добро ја беше научил лекцијата за тоа како треба да се однесува со Албанците, за тоа да му носи победнички резултати на изборите.

ДЕКОНСТРУКЦИЈА НА „ГРУЕВИЗМОТ“

Без сомнение, клучна фигура на сите битни настани во Македонија во последните 10 години е поранешниот премиер на Македонија и, сè уште, актуелен претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Ниту една анализа за настаните во Македонија од овој период не би била валидна ако не се анализираат постапките, па дури и психолошкиот профил на Груевски, како еден од најважните актери на современа Македонија. Овде ќе се задржиме само на димензијата на „груевизмот“ во однос на меѓуетничката кохезија појавена при Шарената револуција.

Ако методот на владеењето на Груевски може да се опише со терминот груевизам, суштината на тој метод најмногу се базира врз ширење раздор и омраза помеѓу најголемите заедници во државата, Македонците и Албанците. Тој владеењето со Македонија го сфаќа како менаџирање со некоја компанија, па своето однесување повеќе го приспособува кон манирите на еден менаџер, отколку на политички лидер. Откако увиде дека, особено по војната во 2001 г., достоинството на Македонците е опаднато и знаејќи точно дека неговите ментори од Белград долго време работеле на претворање на Албанците во „црни овци“ во очите на Македонците, неговата политичка задача и мети беа јасно поставени. Албанците му станаа една од главните цели во владеењето. Затоа што Рамковниот договор беше производ на таа 2001 г. и бидејќи политичката елита што произлезе од воената формација на ОВК во Македонија беше ДУИ, нему целите му беа пред очи. Само што дојде на власт во 2006 г., при формирањето на првата влада, ДУИ не стана дел од владината коалиција, иако беше победник на изборите меѓу Албанците. Дел од таа власт стана ДПА, која во Собранието имаше помалку пратеници Албанци од оние на ДУИ. Но, негова главна цел беше да им го зададе првиот удар на Албанците и да им покаже „каде им е местото“, а да им ги крене „апетитите“ и на Македонците, дека тој е вистинскиот човек што може да се справи со Албанците. Претставниците на ДПА успеа во доволна мера да ги понижи за време на нивните две години учество во власта, па кога тие се освестија при крајот на 2008 г., се обидоа да покажат дека не се согласуваат со Груевски. Но, Груевски – откако го потпиша Мајскиот договор во 2008 г. со ДУИ – веќе ја имаше подготвено стратегијата за понижување и на поранешниот лидер на ОВК, Али Ахмети, и на ДУИ, а преку тоа и на сите Албанци во Македонија. Со вака замисленото понижување на Албанците, Груевски планираше да добие сигурни политички поени кај Македонците.

Таа намера на Груевски почна да се реализира во 2008 г., кога по парламентарните избори таа година, ВМРО-ДПМНЕ на власт влезе во коалиција со ДУИ. Оттогаш наваму, фактите зборуваат самите за себе: Али Ахмети и Албанците, со владеењето на Груевски, се целосно понижени, Рамковниот договор целосно е стопиран, а Македонците сè уште беа убедени дека тој е големиот лидер што ќе ѝ ја врати славата на Македонија, како неговиот далечен „претходник“ – Александар Македонски.

Освен со антиалбанскиот елемент, груевизмот се одликува и со две други големи флоскули: работењето на власта „24/7“ што, навидум, е предуслов за економски развиена Македонија; и дека само тој е „чесниот политичар“ во државата. Но, со објавувањето на „бомбите“ на Заев, на сите им стана јасно како се владеело во Македонија. На крајот, на сите им стана јасно дека сè се вртело само околу парите и моќта и дека сè друго било залажување на јавноста и креирање на митот дека Груевски е идеалниот лидер што ем се справува најдобро со Албанците ем ни носи подобар живот.

Денес, барем и на малку рационалните, им е јасно дека груевизмот е срушен до земја, дека Албанците не треба да се гледаат како непријатели на државата, дека груевизмот не ни донесе никаква благосостојба туку, напротив, ги направи повеќето граѓани посиромашни. Исто така, неговото лажно претставување дека сè што прави е чесно и за доброто на Македонците и на Македонија, заврши како срамна епизода на страшниот хорор-филм за Македонија што Груевски, со својата фамилија, го режираше само со цел да се победи на наредните избори.

АЛБАНЦИТЕ ВО ПРОТЕСТИТЕ НА ШАРЕНАТА РЕВОЛУЦИЈА

Еден од битните елементи на Шарената револуција е токму меѓуетничката кохезија на овие протести. Во Македонија најголем придонес во етничката нетолеранција има дадено државата со својот институционален апарат, а особено груевизмот како начин на владеење. Со тоа што активно пристапија во Шарената револуција, Албанците првенствено покажаа подигната политичка свест и „испружена рака“ до Македонците за заеднички излез од длабоката криза. Во албанската етничка заедница во Македонија сè уште се води дебатата дали е тоа можеби избрзан потег, дали прерано веруваме во граѓанската ориентација на протестите, кога нема никаква гаранција дека после овој наш гест ќе се промени пристапот кон Албанците од страна на Македонците. Дебатата оди дотаму што се прогласуваат и за „предавници“ оние што учествуваат на протести на Шарената револуција. Сепак, стоиме на констатацијата дека тоа беше еден од најхрабрите потези што го имаат направено Албанците во однос на покажување добра волја за соживот со Македонците.

Во овој контекст, мора да се подвлече еден значаен момент во однос на кохезијата што се креираше при овие протести, а тоа е дека за првпат една политичка партија на Албанците – Движењето БЕСА – со своја одлука на Претседателството во април 2016 г., реши да биде дел од овие протести. По ваквата одлука на БЕСА, на 18 април 2016 г. следуваше и заедничка декларација, потпишана од четири опозициски политички партии на Албанците (БЕСА, НДП, УНИТЕТИ, ПДП) за понатамошна заемна соработка. Еден од елементите на таа соработка е и заедничката волја за учество на протестите на Шарената револуција. Ова е многу битен момент со посебна политичка тежина, затоа што пристапот на Албанците, индивидуално, да бидат дел од протестите, ќе имаше сосема друга тежина, за разлика од пристапот тоа да се случи и како резултат на колективна политичка одлука на повеќе политички партии, со што феноменот добива потполно друга димензија.

Фактите дека Албанците учествуваа на протестите на Шарената револуција се неспорни. Исто така, тешко е некој да го побие и фактот дека со гестот на своето присуство на протестите, Албанците даваат значителен придонес во однос на подобрувањето на меѓуетничката кохезија во државата.

Но, ако се направи анализа на однесувањето на Македонците во оваа насока, би можело да се заклучи дека кај нив сè уште постои скепса, дека „спинот“ оти Албанците се „главните непријатели“ на Македонија и на Македонците сè уште успешно се врти. Тоа би можело да се илустрира со фактот за отсуството на Македонците на големите протести во Скопје организирани од страна на некои албански фактори на 13 јуни 2015 г. и на 9 мај 2016 г. На тие протести главните барања беа прилично слични со барањата искажани на протестите на Шарената револуција: оставка на владата Груевски-Ахмети, расветлување на монтираните судски случаи „Монструм“, „Сопот“ и другите; или, пак, кога на 9 мај се протестираше на Денот на Европа и кој беше наречен „Денот Д“ (за демократија, достоинство и правда). Интересен е податокот што ниту една организација со македонски предзнак, невладина организација или, пак, партија, а ни некоја јавна личност од македонската етничка сцена, не се појави со поддршка или присуство на овие протести. Од тоа може да се извлече заклучок дека кај Македонците сè уште има поинаква перцепција за тоа што треба да биде заедничко во државата и како да се гради овдешното мултиетничко општество.

Треба да се забележи дека во однос на протестите на Шарената револуција и на протестите од 13 јуни 2015 г. и 9 мај 2016 г., „шарените“ поминаа со потполно граѓански предзнак, а вторите (од 13 јуни и 9 мај) се одвиваа во етнички предзнак, односно како албански протести. Во јавноста, особено во, условно кажано, етничката македонска јавност, освен што немаше доволна свест за приклучување кон „албанските“ протести, се отиде дотаму што тие беа оценети како протести што се во функција на потполно албански етнички интереси, па дури дека им наштетуваат на целите на Шарената револуција итн. Сепак, ако само се прочитаат барањата искажани јавно на тие протести, станува видлив нивниот граѓански карактер. Но, дури и ако се направи подетална анализа на присуството и на организаторите на протестите од 13 јуни и 9 мај, ќе установиме дека, повеќето од нив, се истите Албанци што протестираа со Шарената револуција. И зад едните и зад другите протести стојат и вонпарламентарните опозициски политички партии и невладини организации на Албанците во Македонија.

Во тој контекст, мора да се расветли уште еден елемент за кој тврдиме дека е клучен за излез од кризата, па и за иднината на Македонија: намерата на протестите организирани од овие партии и НВО на Албанците беше да се делегитимира ДУИ, како политичка партија што ги претставува Албанците. Долго време, и во комуникација со меѓународната заедница, но и во самата Македонија, ДУИ се претставува како единствена партија што го има легитимитетот и која го контролира политичкиот терен кај Албанците. Преку двата големи протести, овие партии и НВО на Албанците покажаа и докажаа дека ДУИ ја има изгубено поддршката од Албанците во Македонија, што треба да се докаже, секако, на следните избори. Целта за делегитимирање на ДУИ е намера за делегитимирање на целата влада. Веќе е јавна тајна дека ДУИ е најсилната „патерица“ на ВМРО-ДПМНЕ за останување на власт, па затоа беше голема придобивка за целиот процес ефектот што го постигнаа овие „албански“ протести.

ПОУКИ ЗА ИДНИНАТА

Според тоа, ако Македонија сака да биде функционална, правна и праведна држава за сите свои граѓани, неопходно е да се работи на политичката свест на етничките Македонци, како најодговорен народ за иднината на оваа држава. Македонците треба да сфатат дека доколку некој е поодговорен за креирање меѓуетничка кохезија во оваа држава, тоа се токму тие, како најголема етничка заедница, но и како одговорност во водење на најбитните државни институции од каде што најчесто и најмногу досега се произведуваше и се ширеше анимозитетот кон другите народи, особено кон Албанците.

Со оглед на темата за овдешната меѓуетничка кохезија, поуки можат да се извлечат и од историјата, онаа поблиската, за пристапот што го имаа Македонците кон државата и кон Албанците. Тие поуки се важни и поради паролите на Шарената револуција. Граѓаните првенствено треба да ги негуваат граѓанските вредности во општеството и да се водат од реалноста, а не секогаш да веруваат во државата и во државните институции, особено кога дискриминацијата и неправдата се многу очигледни. Од досегашните искуства, јасно е дека оние што најмногу придонесуваа за ширење нетолеранција, омраза и меѓуетнички раздор се токму политичарите, неретко од позиција на врвот на власта. Затоа е неопходно и подигнувањето на општата политичка свест, со барање за транспарентност и отчетно владеење во политиката.

Веќе спомнатиот случај „Сопот“ би можел да биде доволен пример за извлекување поука. Општо е познато дека од поставена мина во с. Сопот беа убиени двајца припадници на НАТО, а затоа што требаше да се прикријат вистинските мотиви и вистинските сторители на тој злостор, се најде начин како преку еден „заштитен сведок“ да се обвинат 11 селани од Сопот, кои немаа никаков удел во тој инцидент. Сведокот беше натеран од полицијата да потпише готова изјава, а судот само врз основа на таа изјава, без уважување на ниту еден аргумент на одбраната, донесе одлука овие 11 селани да бидат осудени на, вкупно, 156 години затвор. Иако албанската јавност во Македонија апелираше дека станува збор за монтиран процес, иако во тоа се придружи и поранешниот амбасадор на НАТО во Македонија, Николас Бигман, кој сведочеше во прилог на селаните од Сопот, сепак македонската јавност сакаше да им верува само на судот и на државата. Оние што го креваа гласот барајќи правда за овие невини селани, во македонската јавност беа квалификувани како нелојални кон државата и дека се подготвени да бранат и „убијци“, само за да ја покажат нелојалноста кон државата.

А објавувањето на прислушуваните материјали, обелодени дека поранешните високи функционери на државата и на ВМРО-ДПМНЕ, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков, разговараат на телефон и за случајот „Сопот“, каде што Мијалков тврди дека тие луѓе се невини и дека нема никаков доказ за нив дека го сториле таквото дело.

Од „бомбите“ ни стана јасно и на кој начин Груевски и неговата фамилија ги бирале судиите и обвинителите и до кој степен ги ставале под своја контрола. Но, и кога немаме докази во прислушуваните разговори, останува потребата сите ние да бидеме многу повнимателни едни кон други, а и кон државата, за да изградиме општество во кое би сакале сите да живееме и да им го оставиме на идните поколенија.

ПРИСТАПОТ ЗА РЕШАВАЊЕ НА КРИЗАТА

Како што спомнавме, вториот аспект на анализа на Шарената револуција ќе го направиме низ анализа на пристапот што таа го има во решавањето на актуелната политичка криза.

Имено, ако анализираме кои се методите за решавањето на кризата од нејзиниот почеток, ќе дојдеме до констатацијата дека, со текот на времето, позициите се потполно променети. Со објавувањето на скандалот за прислушуваните разговори, Груевски како премиер на државата го упати првиот „удар“ кон Зоран Заев, како лидер на опозицијата, со барање кризата да се реши низ правна процедура. На почетокот, Груевски бараше од Јавното обвинителство да покрене постапка против Зоран Заев за наводен обид за државен удар претставен низ случајот „Пуч“. Во исто време, Заев одговори на нападите преку политички пристап во решавање на кризата. Груевски се чувствуваше многу сигурен во „своите“ судски органи и затоа инсистираше на правен епилог, а Заев, знаејќи ја зависноста на судството од фамилијата, почна со објавување на „бомбите“ токму за да се девалвира целиот судски и политички систем и решението да се бара под закрила на јавноста, односно низ избори да се смени власта.

Но, како одминуваше времето и како се менуваа позициите, така се менуваше и контекстот на настаните. Во меѓувреме, дојде до потпишување на Пржинскиот договор, во чија суштина е заложбата кризата да добие правна разврска. Со новоформираното Специјално јавно обвинителство, Груевски стана несигурен за содржината на таа правна разврска, затоа што СЈО излезе од неговата контрола врз правосудниот систем во Македонија. Како дел од Договорот, пак, Заев ги достави сите снимени материјали во СЈО за да не може да продолжи со објавување на разговорите. Од тој момент, тактиката на Груевски целосно се промени, тој почна да бара начини како да оди на избори пред да има правна разврска на кризата.

Во така променета ситуација, Заев ја презема позицијата на Никола Груевски, со тоа што избегнува да оди на избори додека нема напредок во правната разврска на кризата. Груевски знае дека, ако има правна разврска, многу веројатно е тој да ја заврши својата политичка кариера во некој од државните затвори. Заев, пак, ако оди на избори со вака контролиран државен апарат од страна на фамилијата, можно е повторно Груевски да се врати на премиерското место, кога ќе направи сè судскиот случај „Пуч“ да добие епилог со затворска казна за Зоран Заев.

„НЕМА ПРАВДА, НЕМА МИР!“

Без сомнение, една од најсимболичните пароли на Шарената револуција е „Нема правда, нема мир!“. И други, слични пароли низ протестите можат да се окарактеризираат како крик на јавноста за правда, но во оваа парола како да се сублимира срцевината на Шарената револуција. На граѓаните им е смачено од вртење цело време во вициозниот круг од кој никако не успеваме да излеземе. Граѓаните бараат нормални услови во една нормална држава, да имаат достоинствен живот. Тие не гледаат перспектива во оваа мала земја, ниту за себе ниту за своите поколенија.

Со формирањето на СЈО и покренувањето на неколку случаи од нивна страна до надлежните судови, во јавноста се креираше малку надеж дека можеби е најден патот за излез од кризата и дека можеби се гледа светло на крајот од тунелот. И покрај значителните опструкции од страна на државните и на судските институции во работата на СЈО, во јавноста се креираше перцепција дека ова обвинителство е единствената надеж за излез од кризата. Тоа го потврдуваат разните истражувања на јавното мислење, во кои поддршката на граѓаните за новоформираното СЈО е прилично висока. Кога на 12 април годинава претседателот Иванов ја прогласи аболицијата, тоа во суштина беше обид за убивање и на последната надеж на граѓаните за излез од кризата. Поради тоа реакцијата во јавноста беше силна, дури и неконтролирана, со почеток на секојдневни граѓански протести против ваквата постапка на Иванов. Аболицијата тој ја повлече дури откако се соочи со голем отпор од страна на граѓаните и кога се увери каков политички хаос самиот предизвика во државата. Во отпорот и хаосот се увери, но чудно е како после сето тоа мисли да остане на чело на државата.

Правдата – жестоко побарана преку паролата „Нема правда, нема мир!“ – е најважниот столб на секое демократско општество. За сите изминати години државна независност, неправдата многу често им служеше на некои политичари за низ неа да се остварат целите на некои други интереси од соседството. Впрочем, во Македонија се правеше сè Албанците да се потиснат, па дури и по цена на злоупотреба на правниот систем, за да се постигне една националистичка цел. За сево ова време на многу граѓани од Македонија не им пречеше што се злоупотребуваат судовите и целиот правен систем, само заради националистички побуди; кога дојде време самите да бидат жртви на таквиот неправеден судски систем, тогаш навистина почувствуваа колку „боли“ тоа и дека без тој столб на правдата, ние, како граѓани, навистина би немале никаква правна сигурност и, во суштина, никаква иднина.

Жално е што на ваков начин дојдовме до вистината, но сепак е добро што стигнавме до неа. Сега е битно тоа да биде засекогаш запаметено и сите заедно да инсистираме да издигнеме праведен систем во Република Македонија, кој ќе биде во функција на сите граѓани и на општата праведност, а не на политичките цели на некои вжештени националистички глави.

МАКЕДОНИЈА Е „ШАРЕНА“, ТАКВА ТРЕБА И ДА ОСТАНЕ

Шарената револуција нè потсети колку е важна етничката кохезија во државата. Имено, откога Македонија стана независна држава, таа беше преоптоварена со националните прашања на етничките заедници. Како млада држава и нација, Македонците беа пречувствителни и во секоја ситуација како да сакаа да докажат дека тие се посебен народ и дека успеале да изградат своја држава. На тоа ги поттикнуваа негирањата и провокациите од соседите врз идентитетска основа и ги ставаа во незавидна ситуација да мораат секогаш да се докажуваат кои се и што се.

Албанците, пак, од друга страна, потиснати во времето на комунизмот со своите национални прашања, во демократијата очекуваа да можат слободно да се реализираат врз етничка основа. Поради тоа, државата постојано беше во тензична етничка состојба, што кулминираше со конфликтот во 2001 г. Веќе 15 години се обидуваме да ги залечиме тие рани, но додека работите се поставени на начин што ако едниот „победи“, другиот се чувствува како губитник – и обратно – етничките тензии постојано ќе бидат на високо ниво и ќе тлеат во „воздухот“.Лажните патриоти и најголемиот број досегашни политичари на власт во државата на најлош можен начин ги злоупотребуваат ваквите ситуации , со цел да победат и на наредните избори. Тие навистина победуваа, но многу им наштетија на државата и на граѓаните. Забарикадирани во своите етнички ровови, оваа битка ја биеме веќе 25 години. Во меѓувреме, кога малку ја кренавме главата, гледаме дека ни ги уништиле економијата, здравството, социјалата, образованието, правниот систем и, што е најлошо, речиси ни го урнисаа целиот вредносен систем.

Денес, пак, кога велиме дека „Македонија е шарена“, мислиме на шаренилото што таа суштински го поседува: мултиетничка, мултирелигиозна и мултикултурна. Тоа претставува вистинско богатство ако знаеме и ако умееме да го ставиме во кохезија и кохеренција. Да се биде сведок на 21 век, во времето на „глобалното село“ и на големите можности за комуникации, станува дури и апсурдно да се сака самоизолацијата и да се биде ксенофобичен. Секаде во развиениот свет, во понапредните општества, различноста значи предност, значи степен погоре во цивилизациската скала, значи напреднато општество; само кај нас тоа се преведуваше како хендикеп, како „зла судбина“ во која ние мораме да живееме еден до друг со поинаквите, со нашите „непријатели“. Некои држави и народи од западниот свет ги стимулираат општествените разлики и, дури, вештачки ги создаваат, а ние во Македонија имаме таква реалност што со векови е „тестирана“ и се покажала како многу функционална и позитивна, иако не знаеме да ја вреднуваме, па дури доста често се обидуваме и да ја уништиме.

Во Македонија општеството е мултиетничко. Ако сакаме да изградиме држава што ќе биде функционална и прифатлива за сите и од сите, ќе треба да размислиме за пресликување на фактичката состојба на општеството во државниот и во уставниот поредок.

Друга битна констатација што може да се извлече од поуките на Шарената револуција и од македонското „шарено“ општество е тоа што, колку и да се трудела и колку и да инвестира идеологизираната држава во изградбата на моноетнички систем што ќе ја стимулира етничката поделба, заедничкото минато и заедничката традиција на овие народи не дозволуваа тоа така лесно да се пренебрегне или да се уништи. Особено е важно да се подвлече дека, кога една така широка граѓанска активност, каква што е Шарената револуција, ќе се изведе преку граѓаните од сите етникуми, излезени заеднички на секојдневни протести и сплотени во намерата да докажат дека тие, пред сè, се луѓе и граѓани и дека кога станува збор за правда и правдина, тие секогаш ќе бидат еден до друг против оние што го нарушуваат и го прекршуваат правото на кој било човек во државата – ваквите заложби секако даваат надеж за подобра иднина.

Затоа, иако Шарената револуција не може да се дефинира како „револуција“ во вистинската смисла на зборот, таа сепак може да се карактеризира како вистински граѓански крик на чиста совест, против дегенерирање на вредносниот систем во општеството. Да се надеваме дека ова е последен пат кога како општество извлекуваме поуки низ конфликти, војни и револуции. Бидејќи една мудра поговорка со право вели дека „паметните учат од грешките на другите, додека будалите ниту од своите“.

—————————————————-

Африм Гаши (39) е правник по професија, кој низа години се занимава со издаваштво, новинарство и активизам во невладини организации. Во 2014 г. е еден од основачите на Движењето БЕСА, каде што станува и негов генерален секретар.