СОЦИЈАЛНИТЕ ДВИЖЕЊА И РАЗВИВАЊЕТО НОВИ ПОЛИТИКИ НА ГРИЖА

951
Print Friendly, PDF & Email

Социјалните движења може да се дефинираат како едни од основните општествени форми преку кои колективите му даваат глас на своето незадоволство и загриженост во однос на правата и добросостојбата за себе и за другите, преку вклучување и ангажирање во различни типови колективна акција (на пр. протестирање на улица) и упатува барања нешто да се стори во врска со нив.

Структурните пристапи, доминантни во социологијата и политичките науки за истражување на социјалните движења, ги анализираат нееднаквостите што се производ на државните институции – социјалните бариери кон одредени групи, политики што дискриминираат одредени групи или бирократски правила што фаворизираат одредена група (на пр. корпорации) како едни од основните причини за појавувањето на голем број социјални движења, какви што се работничкото, феминистичкото и расното. Овие пристапи ги истражуваат факторите што на макро ниво влијаат на нееднаквоста во општеството (на пр. позицијата на државата во светската економија) или на мезо ниво, какви што се класата, расата или родот, и со тоа овозможуваат појава на социјални движења. Меѓутоа, социјалната промена, исто така, бара свесност за ресурсите и моќта и како тие во однос на групата се дистрибуирани во општеството. Во таа насока, научниците забележале дека структурните нееднаквости не претставуваат доволна основа за отпор. Една од тезите за причините што придонесуваат за појава на социјално движење е постоењето на нееднаквоста да биде споделена и доживеана во колектив, и да не наиде на брз институционален одговор за нејзино намалување.

Се издвојуваат два концепта што се покажале многу успешни во анализирањето и разбирањето на социјалните движења – политичките контексти и мобилизирачките структури. Идејата зад концептот за политичките контексти е дека социјалните движења треба да се анализираат земајќи го предвид поширокиот контекст, за да може да се разберат причините и условите за нивното појавување, но исто така и нивниот успех, односно неуспех. Анализата на политичкиот контекст се продлабочува со вклучување на аспектите какви што се капацитетот на државата (влијанието на државата врз активностите и ресурсите)  и демократизацијата, кои водат кон препознавање на државните политики и мерките на демократизација, процесите на директна демократија, но исто така и глобалните процеси и нивното влијание врз социјалните движења.

Анализата на студентското движење во Македонија од 2015 г., покажува дека условите што овозможиле негово создавање, се наоѓаат во отсуството на функционална студентска организација што може да ги застапува студентите и нивните потреби и права, стеснувањето на општествените слободи и права, силната партизација на општеството, како и целосната маргинализација на студентите. Освен анализата на поширокиот општествен контекст како суштински момент за појавата на Студентскиот пленум, се издвојуваат уште неколку услови во непосредниот контекст. Имено, на Студентскиот пленум му претходи малата студентска иницијатива „Отворен куфер“ која, од почетокот на 2013 година, ја одразува потребата за создавање ново студентско движење, организирајќи простор за средба и дискусија помеѓу студентите по проекција на општествено ангажирани филмови. Иако поводот за создавањето на пленумот лежи во најавата, во октомври 2014 година, за промени на Законот за високо образование и воведување екстерна проверка на знаењата на студентите, оваа иницијатива ќе ги овозможи неопходните услови за создавање на пленумот. Овие услови произлегуваат од принципите врз кои се заснова иницијативата –  отвореност, инклузивност и еднаквост. На тој начин се отвора просторот за поврзување, размена и дијалог, што во општествените рамки е стеснет. Студентскиот пленум произлегува токму од и се втемелува врз искуствата на слобода и прифаќање и ги одразува истите принципи на отвореност, инклузивност и еднаквост. Тоа се огледува во начинот на организирање и дејствување, како и во јазикот што го користат (именувањето, артикулацијата на политичките барања и комуникацијата со јавноста).

Хоризонтална организација на социјалните движења

Концептот на мобилизирачки структури се однесува на формалните и неформалните организации и мрежи, кои ја олеснуваат комуникацијата и координацијата меѓу групите и луѓето во социјалните движења. Фокусот при анализа на овој концепт за социјалните движења е на тоа како организирањето на социјалните движења низ различни формати (национални/интернационални, формални/неформални, структурирани-неструктурирани, повеќе или помалку волонтерски, начин на користење и обезбедување ресурси) и начини на дејствување (институционални, граѓански, лоби и сл.) влијае врз социјалните движења.

Маријан Мекелберг (Marianne Maeckelbergh), професорка по културна антропологија, подолго време се занимава со етнографски истражувања на новите глобални социјални движења какви што се алтерглобалистичкото движење и движењето „Оccupy“. Таа смета дека воспоставувањето на новите хоризонтални структури на политичко организирање се одговор на кризата на демократијата во современите национални држави. Хоризонталноста на новите социјални движења се однесува на активното создавање нехиерархиски релации во процесот на донесување одлуки. Во таа насока, еднаквоста е вграден принцип во самиот метод на донесување одлуки, но не подразбира само по себе гаранција на еднаквост, бидејќи нееднаквоста произлегува од социјалните интеракции и значи дека секој учесник е одговорен континуирано да ги предизвикува нееднаквостите во секој чекор при процесот на донесување одлуки. Овие движења имаат/усвојуваат различни демократски практики што се разликуваат според различни механизми, меѓутоа имаат и заеднички карактеристики. Сите тие се состојат од големи собранија, кои може да бидат децентрализирани; потоа во помали групи, кои се одговорни за одредени задачи – на пр. безбедност, правна заштита, комуникација со јавност, храна, медицинска нега и сл.

Студентскиот пленум е токму пример за социјално движење поставено врз принципите на хоризонталната организација, пример за директна и делиберативна демократија, отвореност и инклузивност. Функционирањето и живеењето со овие принципи се одразија и во значењата што студентите ги имаат во искуствата со пленумот, а кои придонесоа за трансформирање на нивната меланхолична и маргинализирана позиција, во зајакната. Студентите зборуваа дека бидувањето дел од пленумските дискусии во кои сите се еднакви и слободни да ги изразат своите ставови, било едно од најзначајните лични искуства. Овие искуства придонеле за нивното посветено учество и идентификација со Студентскиот пленум во текот на целиот процес. Значаен аспект на искуството за нив, исто така, е директното практикување, а низ процесот и учење демократија и демократско управување. Некои од студентите успеваат да ги согледаат и да ги рефлектираат личните искуства, предизвици и промени што ваквиот начин на функционирање и организирање на Студентското движење го предизвикаа.

Б.Р.:…со тие пленумски средби ние навистина ја трениравме демократијата, ја поимавме, ја доживеавме демократијата! И сега знаеме што е демократија. Еве, и јас сум имал ставови за кои сум сметал дека се непогрешни… Овде успеаја на многу магичен начин симбиотски да се врзат многу контексти и многу ставови и тоа да добие димензија не на една проста еклектика или, пак, некој синкретизам што ќе спојува различности, туку навистина да создава една целина, една синтеза!

Искуството на повеќемина од пленумот зборува за важноста на прифаќањето разлики. Инклузивноста на пленумот студентите ја сметаат како многу важен аспект на неговото функционирање. Некои од искуствата говорат за инклузивноста во однос на лично ослободување и како искуство „да се биде прифатен“.

В.Л.: (се смешка) …Не знам, значи, како дојде, уште од почетокот целата енергија беше фокусирана на тоа, сите беа тука заедно, сите со својата енергија, секој со својата енергија, секој беше различен на свој начин. И, на крајот, мораше да сфатиме дека различностите се она што сите го поседуваме и единственото нешто што ни е заедничко на сите нас.

Хоризонталната демократија, покрај еднаквоста, подразбира отвореност кон конфликтите. Во вакви политички структури, отвореноста кон различностите често доведува во ситуации кога се создаваат конфликти и неопходни се стратегии за нивно разрешување. Отвореноста подразбира дека не се очекува униформност од учесниците, заедничка идеологија, ниту заеднички идентитет (национален на пр.) и, во таа смисла, хоризонталната демократија е многу инклузивна за учесници од најразлична културна и социјална средина.

Ова е голем предизвик за движење што е во создавање, какво што беше Студентскиот пленум. Дел од студентите од пленумот ја препознаваат нужноста од постоењето на спротивставени мислења и конфликти во една заедница што функционира врз темелот на демократските принципи.

С.Б.: Па, конфликти мора да има, во суштина, она што треба да се изолира е позициите да бидат тврди помеѓу страните во конфликт, да нема никакво разбирање и да има опонентски однос, а не пријателски. Сакам да кажам дека конфликтите се корисни во едно општество, за да има размена на мислења, има конфликти за одредено прашање, пожелни или непожелни ќе ги има; меѓутоа тие не се негативен дел, тоа е дел од плурализмот. Кога би немало конфликти, би било едноумие, а едноумието досега се покажало дека никогаш не води на позитивна страна. Повеќе начинот на кој се справуваат страните во конфликт може да биде позитивен или негативен, а самиот конфликт повеќе го гледам како појава сама за себе, која до одредено ниво е пожелна.

Внимателното следење на развојот на Студентскиот пленум овозможува следење и на процесите на разидување, судирање, преговарање помеѓу учесниците во движењето, кои се појавуваат како нужни процеси на демократскиот дијалог. Почетоците и создавањето на пленумот упатуваат на постоење усогласеност во ставовите и одлучувањето за чекорите. Дејствувањето, изнаоѓањето и артикулациите на целите и барањата се случуваат во едно јадро што успешно се справува со првите предизвици и тоа резултира со привлекување големо внимание од јавноста, но, исто така, и со омасовување на движењето.

Но, сето ова донесе нови предизвици за внатрешното функционирање и донесување одлуки во пленумот. На почетокот се чинеше дека движењето вешто успева да се справи со овие првични предизвици. Брзо се формираа локалните пленуми и успешно се организираа активностите на пленумот во однос на првите маршеви, протести, барања, со аргументацијата на барањата и во комуникацијата со јавноста. Првите предизвици се појавија заедно со можностите за отпочнување преговори со власта. Начинот и условите што ги воспостави власта, на пример, директните покани, за кусо време внесоа немир и несигурност како да се дејствува. Првите критики од студентите и од јавноста кон Студентскиот пленум беа упатени по средбата на претставниците на пленумот со претседателот на државата, но уште повеќе по средбата со премиерот на Владата. Тогаш за првпат се појави поделбата на две струи, кои продолжија да постојат и понатаму. Овие струи се појавија како резултат на разликите во очекувањата, целта и визиите на студентите. Очекувањата во јавноста и влијанието врз пленумот однадвор исто така се одразуваше врз неговото понатамошно функционирање.

Студентскиот пленум во своето дејствување вклучуваше паралелно две стратегии на дејствување, кои го одразуваа мислењето и ставовите на двете струи. Нивните постапки вклучуваа инсистирање на дебата со институциите за квалитетот на високото образование, во која ги нудеа своите аргументи, потоа доставуваа официјални барања и се согласија на изработка на нов закон за високо образование, во кој ќе бидат рамноправно вклучени, а сите овие чекори ја означуваат линијата на инсистирање на институционална борба. Од друга страна, пленумот ги користеше и вонинституционалните механизми, како протест, марш, бојкот и прекинување настава и окупација на факултетите за изразување на своето незадоволство, ставови и за подобро позиционирање во процесот на преговори. Дел од студентите и поддржувачите сметаат дека токму синхронизираното користење на двете стратегии беше предност и услов за постигнувањето на успехот на пленумот.

Еден од најважните аспекти на овој успех е постоењето на дијалог. Дијалогот во Студентскиот пленум го анализирам како дел од процесот на делиберација, но исто така и од аспект на неговите психолошки ефекти, гледани низ концептот за дијалог на Мартин Бубер. Истражувањето покажува дека силната посветеност на студентите на дијалогот, односно на разговорите што тие ги имаат во процесот на носење одлуки имал повеќе функции. Од една страна, им овозможил преговори помеѓу струите и дебата околу различните ставови, стратегиските позиции и за начинот на дејствување. Во таа насока, дијалогот овозможува да се постигне одредена политичка антиципација или придвижување на политичкото дејствување, што може да има посилен ефект и да го оствари посакуваниот резултат. Меѓутоа, дијалог, во буберовска смисла, не подразбира  расправа базирана врз аргументи и дебата, туку размена во која постои отвореност кон Другиот и другоста, и што остава простор за поврзување и она што се случува „помеѓу“, што има својство на трансформирање на личните и индивидуални позиции во тој процес. Во таа смисла, дијалогот придонесува за создавање чувство на прифаќање и припаѓање, односно го јакне заедништвото и го трансформира меланхоличното искуство на отфрленост, изолација и потчинување.

Силните судири и конфликти во пленумот, односно прекинот и непостоењето на дијалог меѓу струите, придонесе да се намали меѓусебната доверба и пленумот да стане ранлив токму во чувството за заедништво. Заедништвото зависи од меѓусебната доверба и прифаќање, споделените вредности и принципи, повеќе отколку од споделената заедничка цел. Дополнителен предизвик беше масовноста на движењето, кое за некои студенти значеше отворање на сомнежите за тоа дека хоризонталната структура е одржлива и функционална за големо движење и на подолг временски период.

Останува предизвикот дали движењето ќе успее да опстане како трајна студентска организација; или, пак, потенцијалот на социјално движење ќе продолжи да се развива во други форми на организација и дејствување.

Нов политички јазик

Именувањето и дискурзивните практики се значајни одредници за анализирање кога станува збор за херменевтиката на Студентскиот пленум. Симболното означување на специфичниот политички и општествен простор во и околу Студентскиот пленум се дел од значењата што тој ги понуди и овозможи понатаму да бидат комуницирани, предизвикувани, толкувани.

Изборот на името Студентски пленум го означува новиот начин на студентско организирање што се постави наспроти веќе постојните студентски организации. Потоа, името Студентски пленум директно произлегува од процесот на директно, демократско организирање и одлучување.

Покрај името, друг означител на идентификација за Студентскиот пленум е студентскиот индекс. Симболот на индексот, во овој случај, исто така, има повеќе значења. При анализа на општествениот контекст, се забележува поделба на општествените и политичките елити, кои го смалуваат просторот за демократско дејствување и, воопшто, за слободно изразување и политичка плуралност. Во таа смисла, длабоката дихотомна поделба на општеството по издлабените партиски линии, владини и опозициски, кои го окупираат целосниот симболен и стварен простор, имаат секогаш тенденција да ги пополнуваат, пребојуваат, присвојуваат, бојосуваат и означуваат секој нов глас или движење, што претставуваше многу неповолна околност при обидот за промовирање независен, поинаков глас и симбол. Студентскиот пленум инсистираше на употребата на индексот, како свој симбол во сите нивни акции и прогласи. Индексот беше нивното главно оружје и во медиумската и дискурзивната битка, во која студентите успеаја да направат јасен пробив и демаркација на ново препознатливо поле, омеѓено со демократски принципи и втемелено со неприкосновената автономија на универзитетот и слободата на мислата.

Студентскиот пленум го развиваше дискурзивното пресоздавање и отворање можности за политичка имагинација и нова општествена стварност преку артикулацијата на својот глас во јавноста низ слоганите. Исчитувањето или, пак, испишувањето на афективноста на слоганите е значаен дел од политичкиот дискурс на студентите. Меѓу паролите што најчесто се скандираа и кои го обележаа почетокот на Студентскиот пленум беа „Доста беше молк!“ и „Сега ќе нé слушнете!“. Овие два восклика јасно го обележуваат наталожениот гнев, задушуван во долготраен молк. Силата на овие восклици не се содржи само во ослободувачкиот акт сам за себе, што му овозможува на гневот да најде глас и израз, а со тоа да го прекине кругот на потчинување и изолација, туку, исто така, да направи продор на „свеж воздух“ во задушувачката атмосфера на страв во целото македонско општество. Имено, паролата може да се толкува како прв студентски глас, кој во новата македонска историја се јавува со ваква сила и гласност. Новиот студентски глас охрабрува и отвора можности за артикулација на незадоволството, на гневот, на потребите и идеите на студентите и, воопшто, на граѓаните во јавниот говор и на политичката сцена. Силата на студентскиот глас не запре во универзитетското поле, туку одекна во целото општество. Ваквиот глас создава поинаква распределба на моќта што се појавува наспроти воспоставените институционални и политички текови.

Одѕивот на овој повик, кој се огледа во масовната поддршка што студентите на првите маршови си ја дадоа, но и ја добија од јавноста и од граѓаните, уште повеќе потврдува колку незадоволството се наталожило и колку незадоволството било задржувано и потиснувано. Оваа парола ја потврдува и тезата дека нивниот глас одекнува и допира многу подалеку од универзитетскиот простор. Прекинот на молкот значи почеток на промените во кои тие самите учествуваат и ги создаваат.

Слоганот „Стоп за лошите реформи!“ веќе отвора ново поглавје на политичкиот терен за високото образование во Македонија. Овој слоган е обединувачки и инспирација за други движења што се охрабрија по студентите, не само за да ги препознаат, туку и да ги повикаат одговорните да запрат со лошите реформи и на другите нивоа на образование.

Студентскиот пленум повика да се прекине постојното воведување реформи што ги исклучуваат студентите и професорите, а кои потекнуваат единствено од политичките/партиските центри на моќ. Одлучувачкиот повик да се запрат реформите, Студентскиот пленум аргументирано го поткрепи преку писмените и официјални барања што ги доставуваше до Министерството за образование, до Владата на Република Македонија, до Претседателот на Републиката и до пратениците во Собранието. Дополнително, овој повик за запирање на реформите, студентите го надополнија со апелот и со одлучноста на барањето да бидат вклучени во креирањето на идните реформи.

„Заедно сме посилни!“ е слоган што студентите често го употребуваа во текот на дејствувањето на пленумот. Овој слоган може да се поврзе и со други, кои повикуваат на солидарност и поголема вклученост на студентите, какви што се: „Студентизирај се!“ и „Приклучи се!“. Освен во линијата на солидаризација за влијание врз политичка реформа во образовниот систем, за овој слоган може да се каже дека во себе го содржи генералниот повик за солидаризација. Во таа смисла, студентите се солидаризираа неколкупати со други социјални групи и нивните протести. Овој слоган, дополнително, во себе содржи упатување на силата на заедницата наспроти поединецот, го носи никулецот на воскликот за пресоздавање на студентската заедница.

Уште еден во серијата слогани што Студентскиот пленум ги упатуваше е „Нема правда, нема мир!“. Овој слоган, како и претходниот, е политички слоган што се појавуваше на претходни социјални протести во последната деценија во Македонија. За првпат се користеше при протестите против полициската бруталност иницирани од смртта на Мартин Нешковски во 2011 г. Слоганот упатува на намерата за истрајност во битката за правда, која студентите чувствуваат дека е одземена или нарушена. Повторно, освен во контекст на студентските прашања и високообразовните политики, овој слоган отвора широко поле на политичко промислување и дејствување.

Општествени влијанија на социјалните движења

Некои од научниците сметаат дека социјалните движења придонесуваат за ревитализација на системот кога тој потфрлува, но исто така дека овие ефекти се краткорочни. Доколку социјалните движења опстојуваат подолго време, стануваат препознаени и се институционализираат во мејнстрим политиката. Затоа, според некои научни теории, општествата имаат постојана потреба од социјални движења, кои ќе ги одржуваат свежи и флексибилни, а движењата ќе придонесат кон можностите за промена во политиките.

Истражувањето на јавното мислење и политичкото однесување во една студија на четири развиени демократии открива дека постои граѓанска политичка моќ или нови начини на политичко размислување и акција, кои ги создаваат граѓаните. Современите промени кон зголемено политичкото учество на граѓаните, промените во ставовите и вредностите (граѓаните се поинформирани, покритички) и во политиката на политичките партии, придонесоа за зголемена моќ на граѓаните. Тие своето политичко влијание го изразуваат преку социјално организирање, преку движења и застапување на сопствените интереси што претставуваат политички ресурси и ја менуваат политиката во нејзиното традиционално сфаќање.

Социјалните движења се истражуваат и во однос на процесите на демократизација на општествата. Некои автори сметаат дека токму социјалните движења се важен дел од демократизацијата на општеството. Како пример, за ваквата аргументација се посочуваат движењата во Ел Салвадор и во Јужноафриканската Република каде што има примери за успешни демократски движења што придонеле кон демократизација на општеството, создадени од „долу“, кои произлегуваат од луѓето, а не од политичките елити.

Од социјални движења до заедници

Токму следењето на можностите за политичка имагинација што произлегуваат од „долу“, поддржани од искуствата на студентите, ме натера да го истражувам концептот на заедница. Тоа што во овој текст се подразбира под заедница значи постоење поврзаност и заемност на жителите на одредено место. Во таа насока, заедница не подразбира постоење група што се поврзува според апстрактни концепти како нација, религија и сл. Разликата се состои во создавањето заедници базирани врз политики на грижа, кои потекнуваат од искуствата и од потребите поврзани со репродуктивните процеси. Феминистичката активистка и теоретичарка Силвија Федеричи во својата теорија и истражувањето на социјалната репродукција покажува дека токму репродукцијата е врамена во патријархалниот поредок и е еден од условите и процесите што го овозможиле капитализмот. Таа согледува дека репродуктивните процеси се основата на секој економски и политички систем, односно дека тие почиваат на огромниот влог на жените во целиот свет во домашната работа и грижа за луѓето, кои го овозможиле развојот во други полиња. Токму доменот на репродуктивната работа, смета Федеричи, треба да биде појдовна основа во осмислувањето на новите политички стратегии и креирањето на новите заедници.
Таа посочува на примерите од Латинска Америка каде што жените ги предводат новите заедници, во кои трудот околу репродукцијата (исхраната, снабдувањето, хигиената, здравјето, образованието и сл.) се организира во мали заедници, споделено. Овие заедници не само што претставуваат нужност за преживување во услови на воени удари, диктатура или соочување со природни катастрофи, може да претставуваат инспирација за нова можност за создавање поинаква социјална ткаенина, како што ја нарекува, што е основа на солидарност, блискост и поддршка. Во ваквите заедници се создава чувството на безбедност, наместо отуѓеност. Луѓето кога се соочуваат со проблем, во овие заедници имаат широка мрежа на поддршка. Ваквиот начин овозможува да се намали и стравувањето и анксиозноста во секојдневието. Освен тоа, се разменува знаење, се создава доверба и се овозможува создавање одржливи заедници што ги користат и ги почитуваат условите на животната средина. Во таа смисла, овие заедници имаат две суштински вредности – градење врски меѓу луѓето, врски што овозможуваат тие да станат дел од нешто поголемо отколку самите себе; и градење колективен селф, што значи повеќе од само градење нов социјален идентитет, туку повеќе заеднички идентитет што произлегува од реалните релации и врски меѓу луѓето, како и врски со историјата, земјата, околината, кои, исто така, овозможуваат чувство на придонес кон процес што не започнува, ниту завршува со издвоен човечки живот и ја овозможуваат одржливоста. Ваквите заедници имаат трансформативен потенцијал кон односите на моќ, како и во создавањето нови форми на репродукција надвор од пазарот и од контролата на државата.

Уште еден политички проект што го предлага Мареј Букчин, а се заснова врз создавањето мали автономни и одржливи локални заедници, е комунализмот. Го дефинира како теорија или систем на управување автономни локални заедници што се лабаво поврзани во федерација. Комунализмот се обидува да го врати значењето на политиката во најширока и најеманципаторска смисла, за да се оствари, како што вели Букчин, „историскиот потенцијал на локалните заедници како арени за развој на дискурсот и умот“. Во таа насока, тој локалните заедници ги гледа како потенцијал за трансформативен развој на општествената стварност. Гледајќи подалеку од историските функции, локалните заедници содржат елемент на поврзување врз основа на слободна размена на идеи и креативно настојување/напор да се донесат капацитетите на свеста во служба на слободата.

Политичката димензија на комунализмот е либертаријанскиот муниципализам. Тоа подразбира реструктурирање на локалните заедници во јавни демократски собранија засновани врз принципот на соседства, села и градови. Во јавните собранија жителите, граѓаните ги решаваат прашањата на заедницата и носат одлуки со примена на директна демократија, што го претставува идеалот на хуманистичкото и рационалното општество.

Живеаните искуства од Автономната зона

Потрагата по личните искуства е значајна заради следењето на психолошките аспекти на доживувањето на политичките процеси во кои учествуваат студентите, а кои се поврзани токму со надминувањето на меланхоличната позиција. Значењата што искуствата и одредени концепти ги имаат за нив, се значајна линија што се следи за да се откријат социјалните аспекти што може да ги произведе овој политички процес. На тој начин се исцртуваат контурите на концептот – политики на грижа.

Автономната зона, како процес на делувањето на Студентскиот пленум, има специфично значење што не се исцрпува единствено со политичките барања на движењето, туку претставува процес на создавање нова заедница, која ги преобмислува основните практики зацврстени во секојдневното функционирање на универзитетот. При формирањето, што се оствари преку прогласувањето на Автономната зона, студентите артикулираа неколку политички пораки. Првата е покажувањето на револтот од страна на студентите кон постојната стварност во која тие учествуваат како потчинети послушници. Потоа, покажување на силата и новата позиција во политичкото и општественото поле, дека се доволно силни за да воспостават уредување и функционирање на академската заедница засновано врз принципите на автономија и демократија во која тие имаат централна улога. Третата порака е покажување поинакви политички можности на постоење  заедница што функционира „наспроти“ доминантните општествени норми и текови. Актот на формирање ја прекинува постојната стварност, просторно и временски ограничена, и симболички воспоставува нова.

Афективната мапа на Автономната зона е, исто така, важен аспект на искуствата од овој процес. Најбројни се позитивните емоции како радост, возбуда, љубов, восхит, емпатија и сл. Тие зборуваат за постојаната возбуда што ја чувствувале, блискоста што ја имале со другите, која се создавала многу непосредно. Студентите споделуваат дека се чувствувале триумфално, револуционерно и како победници. Присутни се чувствата на несигурност, страв, вознемиреност, лутина и бес. Се добива впечаток дека сите доживувања се со зголемен интензитет, засилени. Ова произлегува и од условите во кои се одвиваше Автономната зона, самиот контекст од кој настанува, новината што со себе ја носи, вниманието што го привлекува, размената што се интензивира, динамиката на настаните, содржината на случувањата – сите овие фактори влијаат емотивните доживувања да бидат посилни и поизразени од секојдневните.

Б.Р.: … Постојано имаше адреналин и постојано бев во ситуација на силна возбуда! Имаше, значи, многу возбуда, премногу возбуда, толку возбуда не сум осетил, значи константно, и имаше моменти каде што не ни сакав да влезам во дискусии, не ни зборував… тоа е еден чуден процес, веројатно на таков начин би изгледале тие дионизии и би имале такво доживување каде што немате простор за калкулации и нема што да калкулирате, туку едноставно има возбуда и таа ве понесува, таа е мотор, таа е енергијата!

За време на траењето, Автономната зона претставуваше своевидна општествена сцена и арена. Изложеноста и отвореноста кон јавноста е значаен аспект на политичкото дејствување на пленумот и карактеристика на Автономната зона. Сметам дека и тие елементи придонесуваат за засилување на емотивните доживувања.

Друг значаен аспект на Автономната зона се однесува на интимноста што таму се создаваше и негуваше, особено од студентите што целосно живееја на факултетот во текот на четиринаесетте дена од траењето на зоната. Чувството на припаѓање, „да се биде дома“, да се споделуваат и да се практикуваат најинтимните моменти од секојдневието со останатите колеги во тој, дотогаш, исклучиво административен простор, оставило голем впечаток врз студентите.

В.Л.: … И енергијата што владееше, што беше многу чудно, бидејќи бевме навикнати на факултет некако многу поофицијално да е обично. Идеш на факултет, идеш на предавања, си излегуваш, си идеш дома. Сега доаѓаш и сите луѓе се тука! Знаеш дека им е тука домот сега! Дека нема да си одат никаде (се смешка), дека никој нема да си оди никаде, тука сите ќе бидеме, ова е нашиот дом. Чудно беше (се смешка).

В.Р.: Тој простор каде што си одел четири години со спуштена глава… зашто професорите се твоите мали богови, деканатот ти е archenemy… и одиш, ја завршуваш работата, си одиш на предавањето, се пакуваш, си одиш дома и копнежите ти стојат, ама не можеш многу да направиш… нема слух… сите си го тераат животот одделно… И сега, наеднаш, тоа е тој простор во кој… просторијата во која си имал предавања, си постилаш ќебенце и спиеш таму! И твое е! И сé е твое! Имаше некоја слобода во воздухот! 

Искуствата на студентите од Автономната зона се земаат како пример за создавање нова политичка заедница што произлегува од социјалното движење и која претставува исчекор во насока на остварување визија за општествена промена што не се темели врз распределба на односите на моќ, туку врз распределба на одговорноста и грижата за заедницата. Иако Автономната зона имаше првенствено стратегиска цел за засилување на притисокот врз властите, за остварување на целта за укинување на предлозите за Законот за високо образование и за одбрана на автономијата на универзитетот, начинот на кој таа функционираше може да послужи како пример што ги исцртува основните контури на една мала политичка заедница, заснована врз политики на грижа. Самиот акт на создавање поинаква заедница, во која членовите се впрегнати и во репродуктивните аспекти на секојдневното живеење, на Автономната зона ѝ дава феминистички аспект на политичката димензија.

Б.Р.: Имаше една женствена морфологија! Значи, воопшто го немаше тој белег и носечки елемент како кај другите движења, како што можеме да го согледаме… Имаше интересен (елемент), мислам дека го спомна тоа Ана или Ирена, каде приватното ние го селиме во јавното. Каде јавното и приватното многу често се преплетуваат.

Токму едно од предавањата организирани во рамките на Автономната зона, насловено како „Женското лице на револуцијата“, се осврна на овој феминистички аспект на создавањето заедница. На тој начин, Автономната зона ја покажува важноста дека процесите од репродуктивната, „женската“ сфера се неизоставен дел од креирањето на заедница и во политичка смисла. Политичкиот акт или функција на заедницата неопходно подразбира нејзино еманципирање (феминистичко, емотивно, идентитетско и економско). Дополнително, Автономната зона, иако претставува микрозаедница во однос на општествената, имаше влијание и врз еманципирањето во однос на економските процеси. Тоа беше јасно отсликано во начинот на кој беше организирано подмирувањето на основните потреби, засновано врз моделот на солидарна економија. Ова искуство на создавање поинаква економија, што се базира врз потреба и грижа, наместо за остварување профит, за некои од студентите беше едно од најзначајните искуства.

К.М.: И, знаете, тоа сега си го понесовме со нас во маало (се смее), не само тоа, туку и многу навики! Не знаете колку пати кога проаѓам покрај продавница се сецнувам да не земам од јаболката (се смее). Значи, не сте свесна колку се сецнувам сам себе, ми доаѓа нагон, ама… Не го чувствувам тоа како проблем да земам едно јаболко! Знаете, дури е и некое си враќање на нормалата! (пауза) Баш би рекол дека е некое враќање на нормалата! Ние (постојано) живеевме во ненормални услови, а сега сосема нормално две недели! Сосема нормално!
Политики на грижа, наспроти политика на моќ

Ваквата политичка димензија ја прави уникатна Автономната зона и по тоа прашање и ја отсликува феминистичката политика на грижа, наспроти политиката на моќ. Ако се земат предвид политичките стратегии што ги предлагаат Букчин и, од друга страна, Федеричи, може да се заклучи дека, политички, заедници што се создаваат и функционираат врз основа на радикалните демократски принципи и репродуктивните процеси, односно што се темелат на политиките на грижа, може да бидат релативно мали заедници. Ова ограничување не ја намалува нивната важност, туку, напротив, дава поинаква перспектива за политичко и општествено уредување. Тоа не подразбира гломазна администрација и отуѓување во институционалните лавиринти на овозможување сервиси за граѓаните, ниту политичка арена во која се одмеруваат силите на моќ, туку заедници каде што општествената ткаенина е изградена од директните релации помеѓу луѓето, каде што директно се чувствуваат ефектите на вклученоста, поврзаноста, соработката, ко-креацијата, дијалогот, поддршката. Во таква ситуација има простор за преговарање и постојана делиберација во процесите на донесување одлуки, а на политичката сцена се одмеруваат идеите и аргументите, одговорноста и посветеноста.

—————————————————–

Д-р Ана Блажева, експерт по студии на култура, работи како истражувач во Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје. Дополнително се образува како психотерапевт во Гешталт институт – Скопје. Применува интердисциплинарен пристап во истражувања во областите на образованието, родовите студии, маргинализираните заедници и политики што вклучуваат потрага по субјективните и колективните можности за развој и добросостојба.

СПОДЕЛИ
Претходна статијаМАКЕДОНИЈА Е „ШАРЕНА“ КАКО И ШАРЕНАТА РЕВОЛУЦИЈА
Следна статијаБЕЛЕШКИ ЗА ОВДЕШНОСТА И ОТПОРОТ
Д-р Ана Блажева, експерт по студии на култура, работи како истражувач во Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје. Дополнително се образува како психотерапевт во Гешталт институт – Скопје. Применува интердисциплинарен пристап во истражувања во областите на образованието, родовите студии, маргинализираните заедници и политики што вклучуваат потрага по субјективните и колективните можности за развој и добросостојба.