БЕЛЕШКИ ЗА ОВДЕШНОСТА И ОТПОРОТ

504
Print Friendly, PDF & Email

Стварноста на македонското општество се одвива во опфатот на еден поширок геоекономски подрегион, поместен на работ помеѓу полупериферијата и периферијата на светскиот систем. Денес, неопходноста од целосна интеграција во тековите впишани во и опишани со тие просторни и стопански координати на екстракција и акумулација, се образлага како неодминлива Историја на секоја општествена конјунктура, односно, како неизбежна судбина за сечија историчност, одделно.

За македонското секојдневие – а тоа бездруго важи и за повеќето други структурно сродни искуства – таквото, хиерархиско опросторување на националното време ги присвојува пројавите и појавите од полето на економскиот и политичкиот живот (способност да се мисли) преку објаснувачкиот контекст на културата (способност да се замисли). Од своја страна, очигледната неможност, или барем, малодушност на настојувањата да се замисли одзглобување од светскиот систем на економската рационалност, ги обесхрабрува и, напати, ги обесмислува и сите обиди за самосвојна и самостојна политичка акција. Впрочем, во јавната перцепција на овие процеси, речиси насекаде преовладува увереноста дека дискурзивната борба што го одредува полето на јавниот интерес (политика) е одамна сведена до неотповиклив технократски избор од тековно достапните (најповолни?) услови на размена. На рабните подрачја, во оние помалку „среќни“, божемно „задоцнети“ временски зони на светскиот пазар, оваа (општа и широко прифатена) недоверба во ритуалите на претставничката демократија го наоѓа својот посебен, културен израз. Имено, штом економското одзглобување е непристапно за мислата, се пристапува кон делотворно одзглобување од политичкиот систем.

Во случајов, и македонската стварност, зафатена во виорот на силни надворешни и внатрешни притисоци и од „неразбирливите“ циклуси на системски и контингентни преобразби, претставува еден конкретен, непосреден опит на универзализирачката типологија и топологија на современите структурни тенденции: радикално осиромашување и асиметрично раслојување на општеството, доведено до точка на терминална нестабилност, то ест, до состојба на фатална самоосцилација предизвикана од позитивната повратна спрега со сопствениот државен идеолошки апарат. Всушност – а тоа е локалната боја, историчност на македонската конјунктура – улогата на идеолошка репродукција, којашто првично (а другаде, сè уште) ја остваруваа секторите за образование и одбрана, во овдешноста ѝ е доделена на целата јавна администрација и на од неа зависните слоеви на лумпен-клиентелизмот. Тие нестабилни класни формации, подјармени од економската моќ што централизираниот правно-политички поредок ја има врз нив како единствен купувач (монопсонија) на пазарот преплавен со трудови, услужни, финансиски, стокови и културни понуди, го влечат тешкото бреме на контралегитимацијата, односно, на негативната етика со која се „објаснува“ педагошката целисходност на длабоката социјална беда во овдешноста. Динамиката на таквиот, метастазиран идеолошки апарат на државата, во македонската современост е поимно пре-определена со заемките од еден набрзина приспастрен, подзачистен и подновен речник на вчерашниот свет: сè понеуверлива хегемонија (приклонување) и сè поубедлива доминација (присила).

Еве ја на дело овдешната дијалектика на сиромаштијата! Тука, основното легитимациско прашање – прашањето на продукција и репродукција на животот – извртено е на глава и поставено во термините на идентитетската проблематика, која преку агресивен популизам го потхранува привидот на функционална плебисцитарна демократија.

На некој чуден начин, комплексната, афирмативна логика на привидниот живот, и натаму продолжува (со извесен успех и во овдешноста) да ги оспорува моментите на стагнација, корупција и авторитарност како јасни системски признаци на оние општествени формации, кои ефикасноста на економските задачи препуштени на глобалниот Исток (Вториот Свет) ја обезбедуваат преку, наводно антисистемското, политичко одзглобување кое му е допуштено на глобалниот Југ (Третиот Свет). А во тој граничен простор, лишено од правото на лични дилеми и можноста за колективни алтернативи, македонското општество веќе цела деценија опстојува како едно од најжестоките надворешни боишта на кои се води битката на светскиот пазар против демократијата…

ЗНАЧИ… ШТО ДА СЕ ПРАВИ?

Пред две години, во амбиентот на тогаш сè уште неименуваната овдешност, одговорите на ова прашање беа гласно побарани на дебатата во која учествуваа партиски и граѓански иницијативи со различни политички афилијации (но) и споделени опозициски ориентации. Пред една година, пак, македонската јавност го артикулираше својот одговор во единствен наплив на мобилизација, консолидација, акција… накусо, во Протест, или поточно, во израз на Отпорот како обид за тотализирачка и бескомпромисна негација на македонската стварност.

Се разбира, Отпорот не може да биде ништо друго освен антитеза на сопствената овдешност … и нејзина рожба – едновремено! Едновремено, на почвата на овдешноста не вирее ништо друго од она што го дозволува плодоредот зададен од реколтите на минатото. Поинаку кажано, една денешница е невозможно да се мисли како содржина и да се замисли како дејствие вон стварноста на класните, идеолошки граници и ограничувања на единката – сè додека таа стварност не стане актуелна, то ест, историска за колективот.

Во тој поглед, предисторијата на минатогодишниот Протест е доволно близу до сеќавањата, а (за среќа) сè уште недоволно далеку за обработка и преработка во валидна „историска“ конфабулација за дневни цели. Според тоа, би се рекло дека денес веќе постојат услови за можност нешто да се наѕре, да се насети некаков длабок поредок во устројството на постојните противречности на општествениот однос со стварноста и на личната положба во овдешноста. Прв налог – по своето значење – е иследувањето и откривањето на носечката вертикала на тоа устројство, на онаа нагорна линија на хиерархиски развиток, конвергенција и реформулација на темите на Отпорот.

За да се добијат некакви одговори, најверојатно ќе треба да се појде наназад од точката во која дотогашните статусни барања (од најразновидни професионални, генерациски, сопственички и, воопшто, граѓански интересни групи), искажани во низа спорадични изблици на овдешниот тематизиран гнев, одбивање и огорченост, беа јавно и непротивречно изразени како политички барања. Следниот чекор во иследувањето претполага јасна определба на дијалектичкиот пресврт што настапува токму со преобразбата на Отпорот во Протест; станува збор за процесите (не за настанот!) во кои еден комплекс на противречности се укинува и истиснува од друг, квалитативно нов, комплекс на противречности.

Потоа, одлагајќи ги привремено искушенијата за отворање на онаа неопходна, а во моментов, сè уште преуранета систематична анализа (економска, политичка и културна), би било пожелно да се скицира некаква динамика на група, која самата ги темпорализира противречностите на овдешноста во формата пред и по сопствената симболична заклетва, односно, која самата поставува структурни аналогии со огледална симетрија во политичкиот простор.

ЗНАЧИ… ЕДЕН ЧЕКОР НАПРЕД, ДВА ЧЕКОРИ НАЗАД!?

Основната рамка за испитување на состојбите обликувани од приспомнувањата (заеднички, наши) и сведоштвата (лични, мои), поставена е во прашањето за периодизација. На почетокот … а тоа е само произволен избор на низа собитија … никогаш нема Отпор! Модерните и современи циклуси на (антисистемски!?) општествени конфронтации отпочнуваат со принудата, грабежот, неправдата и раслојувањето како рожби на белиот терор – секогаш и насекаде.

Инцидентните моменти на реакција против реакционерната овдешност, беа поттикнати од процесите што се одвиваа на две, сосема различни рамништа на македонското секојдневие – економско (системски двигатели) и општествено (контингентни ефекти на локалната историчност). Во подножјето на видливиот општествен судир во настанок, сè позабрзано и подлабоко се вкопуваа клучните упоришта за најсилните лостови на глобалните структурни тенденции: преобразба на јавните во приватни добра (земјишна рента), социјализација на капиталниот ризик (буџетско покривање на коруптивни инвестициски потфати), финансијализација на стопанските текови (парична рента, односно, самометаболизирање на мобилниот капитал во бег).

На површината, пак, овие преустројувања се манифестираа како ограничување или, речиси целосно, укинување на јавниот пристап до просторните, здравствените, образовните, културните и, воопшто, социјалните ресурси на грижа и заштита. Во одговор, Отпорот кон овие, институционално засновани појавни форми на македонскиот „политички“ атентат, се пројави како ономастичка стратегија, како развивање специфична терминологија со која многубројните неформални групации и невладини, граѓански здруженија им даваа идентитет на своите теми, но и се самоидентификуваа: стечајци, пленумци, хонорарци, средношколци, архитекти и еколози … Паркобрани, Архибригада, ГТЦ … Тамара, Мартин … Ова, во предисторијата на Протестот, ја означува етапата на давање партикуларни имиња за овдешноста.

Меѓутоа, иако навидум мошне конкретно именувани, конфликтните содржини на Отпорот беа насочени против еден крајно апстрактен противник – апсолутното зло; и еден одвај препознатлив непријател – апсолутната рамнодушност. Таму отспротива, од другата страна, како да се издигаше некаква непроодна шума од неефикасни и некомпетентни установи, некаков киклопски ѕид од непроѕирни правно-политички процедури и некаква разлигавена маса од корумпирани класни формации на компрадори што го опслужуваат системот. Таа безимена закана за општествената кохезија на македонското секојдневие – на времето, неразбирлива по устројство и недогледна по зафат – со време се престори од проста сетилна дразба во едно длабоко закоренето, а сепак, недоволно диференцирано чувство на трајна правна несигурност и социјална, статусна загрозеност.

Би се очекувало дека досега приведените тематизации од предисторијата на Протестот, на своето основно, поимно рамниште ќе бидат обессилени веднаш штом Отпорот ќе отпочне да се излева по улиците на овдешноста. А во стварноста, процесот се состоеше од низа (еднаквовредни!?) настани што го рефлектираа мноштвото неповторливи пресеци помеѓу две сложени целини на чинители од надворешно и внатрешно потекло. Од една страна (однадвор), натиснуваа противречностите во испревртената динамика меѓу културната база (живот на заем) и економската надоградба (потрошувачка наместо живот). Од друга страна, пак (однатре), едновремениот притисок на повеќегодишната системска и персонална делегитимација на правно-политичкиот поредок во македонската конјунктура, доведе до ерупција на резигниран револт (скандалот како основна животна форма).

Нема сомнение дека, пред нешто повеќе од една година, Отпорот се обзнани во Протестот, втемелувајќи го притоа и тековниот простор на сè уште неактуелната сегашност. Но, наедно, заради оваа низа настани, предисторијата на Протестот не секна како проблематика и методологија на тематизации во овдешноста; во таа смисла, речиси сè остана исто како и порано, освен… отворањето на новата, следна етапа на симптоматски ономастички практики.

Тогашните политички барања – денунцијации на мигот што беа широко, но јасно поставени – беа формулирани од веќе развиениот фронт на идеолошки, класни, генерациски и полови определби и припадности; тоа необединето заедништво на политички атрибути се протегаше од демотските инспирации со активизмот на историските анархо-синдикалисти, преку обновените стремежи за социјален реформизам на довчерашните политички либерали, та сè до радикализираниот дискурс на маргиналните, ранливи заедници и малцинства. Заедништвото го обезбедуваше единствениот, солидарно споделен позив: да се именува овдешноста, или поточно, со име да се оддели противникот од непријателот.

Обврската на заедништвото произведе (а и натаму продолжува да произведува) обемни, екстензивни анализи на…  на, главно, системските признаци и да доделува многу лични имиња за персонифицираниот субјект на политичката доминација – киднапирана држава, заробени институции, фашизам, груевизам, хибриден режим, диктатура, врхушка на власт, фамилија, мафија … бункер, злосторничко здружение. Во најголем дел, кандидатите за нунко на овдешноста се соочија со неуверливоста на сопствената позиција на ние-субјект наспроти веќе инсталираниот, делотворен и доминантен субјект на македонската општествена стварност. Така, наместо да доведе до вистинска поделба, односно, до непротивречна (симболичка!) диференцијација на двете спротивни позиции во тотализацијата на овдешните општествени состојби, оваа етапа на ономастички практики го задржа претходното, прилично високо рамниште на апстрактни определби за идентитетите во судир. На страната на Отпорот се најдоа „граѓаните“, на страната на Режимот застана „народот“, додека просторот на Протестот се претвори во полигон за натпревар меѓу „спонтаните“ и „диригираните“ напори за легитимирачка асимилација и за легитимна апропријација (контрапротести).

ТОГАШ… НАПРЕД КОН АПРИЛСКИТЕ ТЕЗИ!

Увереноста дека состојбите (она што е надворешност) навистина постојат само за личниот опит (она што е внатрешност), е мошне цврсто прикрепена за навиките нештата да се објаснуваат и разбираат како суштини на јазичната практика. Затоа, обидите што во текот на изминатите неколку децении се направени во изградбата на прифатлива политичка теорија на глобалниот Отпор – обиди засновани врз терминолошката деконструкција на некоја општа (историска) или олицетворена (биографска) претстава на моќ, присила и заговор – најчесто остануваат без здив, зграпчени и заробени во цврстата прегратка на афирмативното мислење. Всушност, и самиот предмет на таквата теоретска обработка, ниту по својата организациска форма, а ниту по соопштените цели, не изгледа дека соодветствува со аспирациите кон тоталитет на една делотворна политичка акција. Сосема обратно, се добива впечаток дека глобалниот Отпор се состои од моменти (неинтегрирани во целина) присушти на оние современи општествени движења, кои се предимно посветени на замислувањето и спроведувањето на (комунитарни?!) културни намери и практики.

Денес, во овдешноста, откако на својата прва годишнина обновениот Протест се самоопредели со името Шарена револуција, може наново да се постави прашањето за значењето на истрошените антиномии (самосвојност-несамосвојност, патриотизам-предавство, поредок-хаос, толпа-маса… туѓинско-самобитно), но овој пат протолкувано преку квалификативите на противречностите што се на сила или во надоаѓање; денес, од своја страна, нивното и натаму нејасно устројство, достапно е само преку оперативниот облик на тековната, мошне ургентна „шарена“ недоумица околу културната тематизација на Отпорот… освојување на политичката власт (декриминализација на државата) или одбрана на владеењето на правото (декриминализација на општеството)?

Во основа, одговорот на сите овие прашања и недоумици треба да се побара на едно место: во втемелувачката методологија на современиот Отпор како културна стратегија за производство на општествени цели. А тоа е, бездруго, методологијата на одвојување, двоење – бинарна диференцијација, напати и наместа следена од шизма, конфронтација и конфликт. Постојните, пак, противречности, секогаш и насекаде ја претставуваат дијалектичката динамика зададена од одвојувањето – како процес и чин. Во овдешноста, како и другаде, целото повеќедецениско незадоволство на масите – зафатени од поројот на економската имизерација и социјалната пауперизација – е наеднаш, и сочувано и надминато во, навидум, цикличниот однос на продуктивните противречности помеѓу Отпорот (родител) и Протестот (рожба). Во духот на консеквенциите зададени со оваа логичка спирала, и самиот Отпор станува помасовен со множењето на внатрешните делби, та при тоа, и порадикален во сопствената умереност и поефикасен поради својата пасивност.

Излегувајќи накратко од стекнатата удобност на „разбраните“ заемодејствија меѓу структурните тенденции и локалната конјунктура, се навлегува во доменот на долготрајните секуларни трендови сфатени како историска нужност и на општествените микроциклуси одживеани како непредвидлива судбина. Таму, далечниот татнеж на современата класна борба – во едно усвоено толкување на вулгарната дијалектика – се слуша како умножен одѕив, како повторување на неочекуваните (непосакуваните!?) последици. Според тоа, бидејќи изнесувањето тези за некоја стварност ја претполага формата на настани посредувани од сфатени нужности, во моментов е најумесно да се понудат неколку штури, нецелосни сведоштва за настаните што во македонската денешница, единствено опитот ги поврзува во некаков личен список на исполнети и изневерени очекувања, односно, очекувани изненадувања.

Најнапред, изгледа дека прашањето за периодизацијата на Отпорот, односно, на предисторијата на Протестот, останува и натаму отворено, без конечен одговор за вистинското име на овдешноста, но и без ново гориво за погон на, претходно задолжителните, ономастички вежби и апофактички докажувања. Натаму, може да се насети дека рекурзивната логика на општествените движења ја има достигнато точката од која почнува заокружувањето на историскиот силогизам: имагинарната заедница на милитантни истомисленици (ние-субјект), трпи силни притисоци да ја доврши својата преобразба во колектив на лојални соборци (ние-објект) што ја презема улогата на делотворен, инертен двигател во материјалната инерција на опредметениот свет. Потоа, би се рекло дека е веќе одмината и една локална, а насекаде присутна вододелница во самиот Протест како културна практика: граѓанскиот активизам (Отпор), се двои од политичката акција (Опозиција); производството на антиномии (јазични игри) се двои од производството на антагонизми (градење на јавен дискурс); задачите на обезбедување супериорна културна легитимација (одговор на институционалната криза), се двојат од барањата на перформативните критериуми за супериорна идеолошка и класна легитимација (одговор на политичката криза).

РЕПРИЗА ИЛИ… ШТО Е СТОРЕНО?

Одлуката за она што треба да се прави и сознанието за она што може да направи се прерогатив на личното искуство и доживување на стварноста. Значи, треба постојано да се има предвид дека веќе стореното е колективен факт, та затоа вообичаениот пристап кон социјалните проблематики во психолошки термини е секогаш прилично сомнителен потфат. Културната критика – онака како што е предложена во досегашното излагање – не задира во прашањата на општественото како тоталитет-по-себе, односно, како предмет на дисциплинарното знаење. Попрво, во својот делокруг на неспецијализирани надлежности, културната критика се зафаќа со инстанците на секојдневието кои се стварно присутни, а недофатливи во својата конкретност. Сосема разбирливо, налогот на овдешноста го поставува во прв план Отпорот како најдинамична инстанца на македонското скорешно општествено секојдневие. Тогаш … што навистина е сторено? Одговорот на ова прашање не може да се срочи, ниту како авторитетно мислење, а ниту како мнение без обврски. Впечатокот е дека основната тактичка задача на Отпорот – остварување, одржување и засилување на културната хегемонија во полето на генерализираниот јавен интерес – е целосно, до крај впиена во колективната мудрост на самоустроеното незадоволство. Тоа ќе рече дека јавниот простор видливо трпи силна принуда да се соочи со културната легитимација на темите и да ги прифати како политички легитимни тематизациите на социјална правда, на правната сигурност и добриот живот, на вредностите на „средниот слој“ како универзална класа… Притоа, се добива и впечатокот дека една вистински освоена позиција на културната хегемонија – како форма на идеолошка анализа на слабите дискурзивни стратегии на непријателот – допрва ќе треба да се потврди во совладувањето и разрешувањето на единствената вистинска апорија на современиот миг – светски пазар или демократија?

Сведоштвата одвај да се разликуваат од пророштвата, та оттука, веродостојноста на критиката што се потпира врз сеќавања и впечатоци, како и уверливоста на нејзината проблематика без методологија, претставуваат чисто нагаѓање за значењето и исходиштата на овдешноста во историска гестација. Извесно е само дека мотивот на дискурзивната надмоќ е, во моментов, само еден нужен услов за остварување некакви, подлабоки општествени промени. Продолжениот молк за темите на производните односи, то ест, за противречностите на усвоената, глобална економска рационалност, го одлага денот кога Отпорот на онеправдените ќе проговори во името на Отпорот на бедните. А дури тогаш, културната хегемонија на македонската сегашност ќе се прероди во доволен услов за политичка доминација во македонската стварност.

————————————

Бојан Иванов (58) е историчар на уметноста и ликовен критичар. Завршил додипломски и постдипломски студии на Институтот за историја на уметноста со археологија при Филозофскиот факултет во Скопје. Од 1983 г., во домашниот дневен и стручен печат објавува осврти, прикази и есеи на темите од македонското современо ликовно творештво. Од 2007 година, како основач на Мала Галерија, ја води излагачката и издавачката програма на ова друштво за дејности во културата (malagalerija@t-home.mk).

СПОДЕЛИ
Претходна статијаСОЦИЈАЛНИТЕ ДВИЖЕЊА И РАЗВИВАЊЕТО НОВИ ПОЛИТИКИ НА ГРИЖА
Следна статијаПОДЕМОТ НА ГРАЃАНИНОТ
Бојан Иванов (58) е историчар на уметноста и ликовен критичар. Завршил додипломски и постдипломски студии на Институтот за историја на уметноста со археологија при Филозофскиот факултет во Скопје. Од 1983 г., во домашниот дневен и стручен печат објавува осврти, прикази и есеи на темите од македонското современо ликовно творештво. Од 2007 година, како основач на Мала Галерија, ја води излагачката и издавачката програма на ова друштво за дејности во културата (malagalerija@t-home.mk).