ПОДЕМОТ НА ГРАЃАНИНОТ

569
Print Friendly, PDF & Email

Боите на Шарената револуција сè уште се живи на многу од спомениците и зградите во Скопје. Поминаа повеќе месеци од интензивните протести летоска и многумина се прашуваа дали и самата револуција е сè уште жива? Би било погрешно да се смета дека ефектите од општествените движења во Македонија можат да се сведат само на протести. Доколку ја погледнеме македонската историја од стекнувањето на независноста до денес, неодамнешните општествени движења претставуваат прв обид за градење граѓански наратив и идентитет – имено, Македонија за своите граѓани – во ситуација во која нејзини граѓани се сите оние што поседуваат државјанство, што е исклучително важен чекор за изградувањето на подемократска и поинклузивна иднина за Македонија.

МАКЕДОНИЈА, НЕЈЗИНАТА ОСТАВИНА И ОПШТЕСТВЕНИТЕ ДВИЖЕЊА

Македонија неодамна прослави 25 години од стекнувањето независност од Југословенската Федерација, иако сè уште е „врзана“ за минатиот систем, со континуирано слаба демократија. Веројатно дека едно од најсилните влијанија од времето на Југославија е централната улога на партиите. Имено, со години се прифаќаше како нормално да се мисли дека партијата и државата се едно те исто, особено за партиите на власт што се поистоветуваа со државата, како да станува збор за апарат низ кој оперира партијата, наместо партијата да е средство што ја унапредува државата и ја насочува во правец што најмногу им одговара на интересот на граѓаните. Иако ова „поклопување“ на државата и партијата се однесува на сите партии што биле на власт во Македонија, сепак, во последните години линијата на раздвојување меѓу државата и партијата стануваше сè потенка, што доведе и до критиките на Европската Унија, во нејзиниот последен Извештај за напредокот, насочени кон Владата токму поради овој феномен. Замаглената линија на поделба помеѓу државата и партијата е многу важна кога размислуваме за демократијата и за неодамнешните општествени движења. Два од главните проблеми што се однесуваат на овие движења, ги влечат своите корени од ваквата оставина: првиот е проблемот со етикетирањето на активистите и демонстрантите, со цел да се обесхрабрат или за нив да се формира негативна приказна; вториот, обидите нивните барања да се дезавуираат со тврдење дека се антидржавни, иако, всушност, тие се насочени против одредена партија или режим на власт, а тие две работи се сосема различни.

Земјата, исто така, има уште една оставина што е наследство од југословенскиот систем и од првите декади од независноста – менаџирањето со меѓуетничките односи, толку важно за нејзината демократија и стабилност. Неодамнешните општествени придвижувања сигнализираат сериозно поместување и во оваа насока, бидејќи претставуваат прво општествено случување од овој вид на кое присуствуваа повеќе од една етничка заедница. До овие настани, во Македонија се одржани многу протести со јасни етнички бои, но сега насоката на движење оди кон протести што ги претставуваат интересите на сите граѓани, независно од нивната етничка припадност. Тоа не е процес без недоследности и проблеми, бидејќи врските со политичката оставина се присутни и не е лесно да се надминат. Особено протестите на ЕкоГерила во Тетово претставуваа значајно вртење на Албанците, бидејќи тоа беа стриктно граѓански организирани протести, на кои свесно не се извадија никакви знамиња или партиски симболи. Демонстрациите на ЕкоГерила се важен показател за напредокот во интеграцијата на етничките Албанци бидејќи нивните барања не се однесуваа на никакви колективни права, туку беа насочени за добробитта на сите граѓани на Тетово, што се потврди со фактот дека протестите беа инклузивни и на нив присуствуваа претставници на сите етнички заедници што живеат во градот. И Студентскиот пленум уште од почетокот ја започна својата кампања билингвално, пример што потоа барем делумно го следеа движењата Протестирам и Шарена револуција. На сите овие движења заеднички им беше граѓанскиот аспект, во обид да се надмине етничкото политизирање и да се отвори широка дебата низ сите етнички групи, ставајќи го граѓанството во фокусот на интересите. За една земја што беше, а и сè уште продолжува да е вплеткана во етничките политики, каде што национализмите сè уште се едни од главните изборни политички платформи, придвижувањето кон граѓанското, кон прашањата што нè засегаат сите, претставува важен исчекор кон поголема општествена инклузивност и поинаква иднина. Од конфликтот во 2001 година наваму, евидентно беше отсуството на политичка волја да се работи на градење и одржување мултиетничка држава во која граѓаните би се чувствувале еднакви. Всушност, Охридскиот рамковен договор може да се третира и како пропуштена можност што можеше да биде употребена за една отворена и искрена дебата меѓу граѓанството, нивните политички претставници и институциите за вредностите што се градат во државата и меѓу нејзините граѓани, вредности што би го одразиле мултиетничкиот и мултикултурниот карактер на земјата. Наместо тоа, етнички обоената реторика продолжи да се употребува и од политичарите и од медиумите, одржувајќи ги поделбите во јавната сфера. Но, општествените движења за кои зборуваме, почнаа да ја менуваат таа парадигма отворајќи разговор меѓу граѓаните за иднината на земјата и што треба таа да подразбере, кому треба да му служи.

Можеби сите граѓани на Македонија нема да се согласат со визијата претставена од овие општествени движења, што е за очекување, бидејќи сите не ги споделуваат истите животни искуства, но важноста на започнувањето на една таква дебата не би требало да се потцени ниту од страна на граѓаните, а секако не од страна на политичките партии.

Општествените движења во Македонија, како Протестирам, Шарена револуција, Студентски пленум и ЕкоГерила, конечно го започнаа создавањето на решението на проблемите што произлегуваат од двете оставини за кои говорам. Истовремено, токму овие две наследства често претставуваа предизвик за посочените општествени движења, предизвици што можат да се надминат само кога ќе разбереме на кој начин се изградени и која е потребата да бидат надминати на ниво на самата земја. Во тоа се состои и најголемиот успех на неодамнешните општествени придвижувања бидејќи тие придонесоа кон демократизацијата на државата со отворање на процесите за реконфигурација на односите меѓу граѓаните, политичките партии и државата. Тие го поттикнаа вниманието и ја отворија јавната дебата за обврските на државата низ политиките што ги спроведуваат нејзините политички претставници во однос на граѓаните. Тие обврски, меѓу другото, вклучуваат еднаков третман и пристап до ресурсите, слободата на говорот, делењето на правдата и шансата за достоен живот. Истовремено, активистите и оние кои протестираа ги демонстрираа и обврските на граѓаните кон нивната држава. Една од тие основни обврски е онаа за учество, за партиципација во политичкиот процес, па дури и во форма на протест или несогласување. Овие општествени движења го означуваат подемот на граѓанинот во Македонија, со сите свои силни и помалку силни страни; тоа, само по себе, е еден од најпозитивните развои од осамостојувањето на земјата до денес.

СКОПЈЕ И НОВАТА ПОРТА НА ТРИУМФОТ

Проектот „Скопје 2014“, што сѐ уште се гради, конечно стана проект на граѓаните кога демонстрантите почнаа да фрлаат бои врз него. Во изминатите десет години Скопје стана растечки место каде што слободата на говорот се удави, каде што јавниот простор се затвори, и буквално и фигуративно, преку инсталирањето безброј споменици и нови зданија. Скопје постепено стана град на шепотење, каде што критиките не се изговараа гласно поради притисоците и стравот. Преку протестите на Студентскиот пленум и, подоцна, Протестирам, тишината почна да се нарушува. Таа нарушена тишина беше длабоко вкоренета во првото наследство што го дискутирав погоре, за централната улога на партијата и, преку силината на таа позиција на партијата, стравот во општеството од неа и нејзината моќ. Стравот да се критикува често се рационализира преку изедначувањето на критиката со омразата кон државата, што не би било случај доколку партијата и државата се разделени, а општествените движења придонесуваат за разнебитување на ваквото рационализирање, што најмногу се покажа преку Шарената револуција.

Шарената револуција започна како граѓански одговор на одлуката на претседателот на државата Ѓорге Иванов, да ги аболира сите политичари, бизнисмени и други лица имплицирани во прислушуваните разговори. Како и многу други глобални општествени движења во изминатите неколку години, и ова движење беше заискрено преку статус на Фејсбук со поддршка за Специјалното јавно обвинителство (СЈО), како надлежен орган за справување со случаите што произлегуваат од прислушуваните разговори. Многу луѓе излегоа за поддршка на СЈО. Одбраната на правдата и на судството токму ја покажуваат високата почит што демонстрантите ја имаат за државата. Македонија има три столба на власт – извршната којашто е владата, законодавната којашто е собраниската и правосудната којашто се судовите – кои, иако заемно поврзани во системот на власт, би требало секоја да функционира независно и да си претставуваат една на друга контрола, а тоа особено важи за судската власт што со својата аполитичност е чуварот на законите во државата, односно нејзиниот вочдог. Во изминатата деценија судовите сѐ повеќе стануваа зависни од извршната власт, губејќи ја својата независност, со што индицираа силна нерамнотежа во принципот на поделбата на власта. СЈО се формираше како механизам на независна правда, професионално и аполитично тело. Неговата одбрана стана суштинска за одбраната на поделбата на власта. Важно е да се разбере овој принцип за да се разбере и улогата на Шарената револуција во нејзиниот обид да ги одбрани принципите на една демократска држава, а не за да ѝ наштети на државата. Шарената револуција не е во кавга со државата, иако заподена кавга со владата. Заради општото поистоветување на овие два термина во Македонија, активистите и оние кои протестираа се најдоа под притисок на етикетирања со погрдни зборови, кои овде нема да ги повторувам. Со таквите етикетирања, нивните автори се обидуваа да ги дискредитираат целите на револуцијата. За жал, овие клевети често се доволно „лепливи“, што е штета не за движењата, туку за земјата во која тие се случуваат.

Револуцијата спроведуваше протести и герила акции 90 дена. Како истражувач на општествените движења, одблизу ги следев протестите на Шарената револуција. Секојдневните протести во 18 часот имаа за цел да формираат нова заедница, во која политиката и најновите случувања во земјата беа дискутирани меѓу старите и новите пријатели. Ваквата заедница ја покажа својата вредност преку солидарноста со активистите што ќе бидат уапсени и преку мобилизацијата за жртвите од поплавите. Музика, од популарни песни до партизански химни, се пушташе преку озвучувањето. Најатрактивниот пронајдок на движењето „катапултот“ и фрлањето бои врз градбите на проектот „Скопје 2014“, секогаш ги возбудуваа насобраните. Масата луѓе растеше од ден на ден, ги имаше со секакви идеолошки убедувања, некои беа стари активисти, други беа членови на политички партии, но најголем беше бројот на обичните граѓани, кои беа таму бидејќи веруваа дека земјата не се движи во вистинската насока, па нешто мора да се прави. Многу е значајно што Шарената револуција беше инклузивна, со многу жени и различни етнички групи вклучени во нејзините активности. Секој ден се држеа говори и речиси во секој нов круг на говорници ќе се најдеше жена и претставници на некоја помала етничка заедница. Револуцијата намерно сакаше да биде инклузивна. Од гледна точка на еден набљудувач, се чини дека Шарената револуција сакаше да претстави еден стоп-кадар на тоа како би можела да изгледа иднината на земјата. Шарањето на зградите претставуваше силен симбол на оваа инклузивна, граѓанска иднина. Боите на Шарената револуција, пролеани во центарот на градот, беа живописни, бидејќи нејзините учесници беа шарени. Повеќето од градбите на „Скопје 2014“ се подигнати без поширок консензус меѓу граѓаните и беа проследени со бројни протести (како оние на студентите по архитектура или протестите за „спас на ГТЦ“), а сега беа „посвоени“ од граѓаните преку нивното боење, за да претставуваат нешто ново, нешто во што, сега, граѓаните самите учествуваа. Како што ми изјави еден од активистите додека го интервјуирав: „Сега Триумфалната капија е капија што го симболизира триумфот на граѓаните“ и треба засекогаш да остане обоена во боите на Шарената револуција.

Токму овој граѓански аспект е толку важен во општествените движења во Скопје и во другите градови низ Македонија. Бројните говори на Шарената револуција многупати се обратија до граѓанството. Граѓанинот беше во фокусот, не партиите или етничките групи – туку граѓаните. Револуцијата претставуваше исчекор кон создавањето нова и недискриминирачка практика во употребата на зборот граѓанин. Такво нешто политичките партии во Македонија требаше одамна да го имаат направено, но наместо нив, општествените движења и самите граѓани беа тие што го започнаа процесот на реконфигурација на себеси и на својата улога во општеството и во државата. Можеби тоа го претставува и најисправниот начин на кој треба да се развива дефиницијата за граѓанинот, од долу, нагоре. Сега треба да се види дали политичките партии и институциите научиле нешто од ова.

Сепак, општествените движења во Скопје и низ другите градови не поминаа без свои предизвици. Ако ја земеме предвид демографијата, повеќето од демонстрантите и активистите припаѓаат на образованата средна класа, а помалку беа оние што имаат егзистенцијални проблеми и такви што зависат од системот за социјална помош во државата. Активистите на општествените движења беа свесни за овој факт и се обидоа да ги застапат интересите и на социјално загрозените. Уште еден проблем беше и „флертувањето“ на некои од демонстрантите со ексјугословенските симболи, што е дел од проблемите на оставината за кои говорев погоре, при што општествените движења не беа без алегории кон југословенскиот систем. Иако социјалната грижа на југословенскиот систем и обединувачката идеја на партизаните може да изгледаат атрактивни, ексјугословенскиот систем не беше еднакво корисен за сите граѓани на Македонија, особено за етничките Албанци, па затоа и таквите „флертови“ можеби придонесоа за помал одѕив во присуството на протестите. Ова не претставува критика на идеологијата на левицата, која верува дека државата треба да се грижи за сигурноста и пружањето услуги кон своите граѓани, наместо, на пример, тие свои задолженија да ги пренесува кон приватните компании, но е критика на аспектите на југо-носталгијата. Конечно, најсериозните предизвици со кои се соочија општествените движења беа оние со етикетирањата, и тоа од две причини: поради обидот за делегитимирање на барањата на демонстрантите и поради тоа што обесхрабрија поголемо присуство на протестите, што се однесуваше и на етничките Македонци и на етничките Албанци. Опасно е етикетирањето на партијата или на владата како критика или загрозување на државата, што може да го обесхрабри искажувањето на незадоволство и учеството на протести кога тоа и да им одговара на оние што владеат. Здравјето на демократиите особено зависи од активното и критичко учество на граѓаните.

„НОВ ВЕТАР“ ВО ТЕТОВО

Тетово беше и е домаќин на многу протести и облици на отпор на етничките Албанци во Македонија. Овие протести се протегаат од барањата за легализација на Тетовскиот универзитет, до барањата за еднаквост и пропорционална застапеност, меѓу другото. Сите претходни форми на отпор беа врз база и на етничкиот концепт и на граѓанскиот концепт (како барањата за еднакви права, права во образованието и сл.), но сите беа „спакувани“ во етничката реторика. Учесниците на ваквите протести беа етнички Албанци, кои бараа права од државата. Но, движењето на ЕкоГерилата, што започна во 2013 година, а својот врв го достигна со протестите и герила акциите во 2014 и 2015 година, претставуваше „освежување“ во политичкото учество на граѓаните на Македонија, особено на етничките Албанци.

Движењето ЕкоГерила започна како резултат на растечкото загадување на воздухот во општината Тетово. Главната цел на движењето беше и останува фабриката „Југохром“, која не поседува неопходни филтри за индустрискиот чад што го произведува, со што е главниот загадувач на воздухот во и околу градот. Граѓаните на Тетово се соочуваат со загадениот воздух секојдневно, но состојбите секогаш се влошуваат за време на зимата, што често предизвикува разноразни заболувања. Затоа, со иновативни и јавни герилски акции – се делеа гас-маски за политичарите или се собираа пари за плата на министерот за животна средина – ЕкоГерила започна протести со барања за инсталирање филтри во „Југохром“ или, алтернативно, за затворање на фабриката.

Движењето ЕкоГерила, од неколку причини, е мошне важно за развојот и реконфигурацијата на терминот на државјанството и на македонската политика. Прво, станува збор за прв голем протест организиран од етнички Албанци во Македонија на кој немаше етнички компоненти или реторика. Самите протести беа мошне добро организирани, со внимавање на деталите, како што беше дефинирањето на пораките на транспарентите и симболите што се употребуваа, бидејќи организаторите добро го знаеја контекстот на градот Тетово и сакаа колку што е можно повеќе луѓе, од различни етнички и социјални слоеви, да земат учество на протестите. Од тие причини, на протестите не беше дозволена употреба на никакви партиски или национални симболи, туку беа дозволени транспаренти со употреба само на жолта и црна боја, фокусирани на пораката дека луѓето што протестираат на улиците само сакаат да дишат чист воздух. Како што ми изјавуваа многу од учесниците во интервјуата што ги правев за потребите на моето истражување, загадениот воздух сите еднакво ги загрозува, па затоа е поважно концентрирањето врз пораките, а не врз симболите. За земја во која симболиката, особено националните симболи, е тешко да се избегнат, ова беше навистина освежителен метод. Второ, протестите на ЕкоГерила, како и оние во Скопје, вклучуваа и мобилизираа и жени, а во случајот на Тетово преку организацијата Nena dhe Femija (Мајка и дете). Трето, тие претставуваа силно поместување на односот на Албанците кон државата. Ако по 2001 година етничките Албанци во Македонија го искажуваа своето незадоволство само низ нивните етнички политички партии, со појавата на ЕкоГерила тој однос прерасна во дијалог со државата и нејзините институции, а не само низ и со етничките партии. Преку барањата за нешто што не е релевантно само за една етничка група, туку за сите граѓани што живеат во и околу Тетово, активистите и учесниците во протестите покажаа дека не се сметаат себеси само како етничка заедница што живее во Македонија, туку како сосема рамноправни граѓани во земјата. Ова е многу важен развој на настаните, што не би требало да биде игнориран ниту од граѓанските движења, а уште помалку од политичките партии.

Често сум слушала изјави дека етничката компонента не е важна, но ова би било случај само доколку второто наследство, за кое зборував на почетокот од овој текст, не постои. Но, имајќи предвид дека се работи за наследство што има силно влијание во формирањето на политиката во Македонија, важноста на вклучувањето на другите етнички заедници, освен мнозинската, во политичките и општествените процеси е императив за создавање поинклузивна и демократска иднина. Бидејќи етничките групи што не се мнозинство – а ги вклучуваат, меѓу другите, Албанците, Турците, Србите и Ромите – формираат значаен дел од населението, важно е и тие да се дел од реконфигурацијата на суштината на граѓанството во земјата, со зголемена свест и чувство за вклученост. Инаку, македонската држава, а не политичките партии, ризикува да се загуби еманципацијата и вклученоста, на различни начини и во различни нејзини области, на значаен дел од нејзиното население. Тоа е моментот кога започнува нееднаквоста.

Општествените движења беа мошне инклузивни и свесни за потребата да ги прифатат и да ги почитуваат сите граѓани, без разлика на нивното потекло; политичките партии, пак, за ова беа многу помалку свесни, што би требало да се менува. Општествените движења покажаа дека имаат разбирање за потребата од употреба на различни методи за важни аспекти и одредени чувствителности кога ги собирате луѓето заедно. ЕкоГерила одлучи да нема национални и партиски симболи, сметајќи дека така е најдобро за контекстот на Тетово, што се покажа како успешен пристап; од друга страна, Шарената револуција се определи за поинаков пристап, дозволувајќи да се појават многу симболи, што беше во согласност со името и целите на движењето, Шарена, што исто така се покажа дека функционира. Важно е општествените движења и протестните групи да учат едни од други, бидејќи иако нивните методи не мора да се повторуваат, треба да се земат предвид. Протестите и општествените движења се посилни поради симболите што ќе се решат да ги покажат и поради блискоста или оддалеченоста што демонстрантите ја чувствуваат кон нив. Во последните неколку години општествените движења во Македонија направија значајни прогресивни чекори кон поинклузивни јавни простори, дебати и симболи.

ЕФЕКТИТЕ ОД ОПШТЕСТВЕНИТЕ ДВИЖЕЊА

На социјалните медиуми постојано се повторуваат ставовите за рестартирање на протестите, па дури и со провокации до оние што протестираа со повици како „Каде сте сега!“ и сл. Без разлика на тоа дали протестите ќе продолжат пред изборите, важно е да се запомнат базичните лекции што учеството на протести и особено учеството во овие општествени движења се обидоа да ги пренесат. Овие лекции се врзани за двете постјугословенски оставини. Прво, важно е да се забележи дека, иако општествените движења ја критикуваат власта, тие не се насочени, како што сакаат некои да тврдат, против државата. Активистите и демонстрантите во градовите низ Македонија се страсни индивидуалци, кои чувствуваат припадност кон државата и кои сакаат токму неа да ја подобрат. Ова би требало да се разбере од критичарите на општествените движења, за да може ставовите на оние што протестираат, да се третираат по заслуга на силината на нивните аргументи, а не како ставови на одредени „непријатели“ на државата. Сите нема да се согласат со нивните погледи, но важно е тие погледи да не се игнорираат, бидејќи претставуваат значаен дел од земјата. Тие се гласот на младината и гласот на постарата генерација, од мнозинската и од немнозинските етнички заедници, од мажите и од жените еднакво.

Втората важна лекција е онаа за земањето предвид на еднаквоста и инклузивноста. Општествените движења покажаа еден кадар од она како би можела поинклузивна Македонија да изгледа. Протестите, исто така, беа и поларизирачки, што најдобро се виде со про и антивладините кампови во летото од 2015 година. Довербата ќе мора да се гради помеѓу самите граѓани и помеѓу граѓаните и нивните институции. Важно е политичките партии да не ги користат овие поларизации за свои цели, иако би можеле да им донесат и понекој глас на изборите, бидејќи со тоа, генерално, ќе се наруши процесот на градење доверба во државата. Конечно, општествените движења отворија многу важна дискусија, јавна дебата за многу теми кои, досега, беа третирани само на масите на политичарите – теми какви што се образованието, еднаквоста, правдата и корупцијата. Бидејќи овие теми се однесуваат на сите граѓани, ред е ним да им се даде шанса да го кажат своето мислење. Општествените движења направија и обиди за градење нова дефиниција за државјанство, поинклузивна и поотворена за различните етнички заедници, за ЛГБТ-заедницата, како и за жените. Сепак, можеби најдиректниот ефект од општествените движења е градот Скопје: пред протестите, улиците на Скопје шепотеа несогласување, а протестите охрабрија отворена дебата, ослободена од страв, шарена и инклузивна, што сега може да се види по зградите во кои седат нашите претставници.

ИЗБОРИ СЕ БЛИЖАТ

Со наближувањето на изборите во Македонија, се шират и шпекулациите за смена на власта. Ефектите од општествените движења нема да се видат во тоа кој ќе ги добие изборите, иако многумина може да поверуваат дека тоа е индикаторот. Ефектите, сепак, ќе се видат во она што ќе следува по изборите и во програмите што ќе ги претстават партиите. Која партија и да посака да победи, мора да ја разбере важноста на општествените движења и да ја вреднува нивната порака, бидејќи активистите и луѓето на улица се нивни гласачи. Уште поважно, тие индивидуи што излегоа на улиците се лица што се грижат за државата, кои се грижат за политичкиот процес, кои се грижат за сопственото место и за своите задолженија во општеството. Нема само да биде глупаво ако тие луѓе се одбијат, туку ќе биде и опасно, бидејќи тоа ќе значи дека политичката класа би одбрала да го игнорира гласот на своите најактивни граѓани. Не тврдам дека сите барања треба да се прифатат, но дека мораат да се сослушаат и да се вреднуваат според квалитетот на нивните аргументи. За земјата е важно да ги залечи раните произлезени од кризата и да изгради поздрава иднина, да не одбие никого, ниту оние што излегоа на улиците, како ни оние што не го направија тоа. Граѓаните на Македонија пловат низ комплексен систем што многумина ги наведе да донесат одлуки какви што донесоа, важно е за тоа да не судиме, туку да ги разбереме и да ги испочитуваме индивидуалните одлуки на граѓаните.

Проклетството на демократијата во Македонија во суштина претставува недостаток од политики и јавни дебати во кои граѓаните би биле ставени на прво место. Општествените движења беа инструментален фактор во обезбедувањето солуции за разрешување на овој проблем. Без разлика дали некој ги поддржува општествените движења или не или дали некој е против или ја поддржува владата, претставува граѓанска должност да се проблематизираат ставовите на политичките партии, тие да се туркаат во насока на подобри реформи што би им служеле на сите граѓани. Наша должност е, како граѓани, од партиите да бараме одговорност. И во Тетово и во Скопје, активистите на општествените движења безброј пати изјавуваа дека ќе ја продолжат својата работа и дека која било идна влада ќе ја повикаат на одговорност, без разлика дали станува збор за влада во која ќе седат сегашните или некои други партии. Тоа значи дека се распаѓа идејата за тоа дека партиите се државата и дека, поради тоа, не се подложни на критика; тоа значи дека се распаѓа и идејата дека партиите се поважни од гласачот. Ако македонските граѓани мораат да извлечат поука од општествените движења, тоа е дека е должност на граѓаните да ги прозват властите кога мислат дека се води погрешна политика, како и тоа дека граѓаните треба да учествуваат во политичките процеси. Ова не претставува предавство на државата туку, напротив, тоа ја прави државата праведна и во служба на оние што е замислено да ги штити, нејзините граѓани.

Државата не е партијата на власт, државата се нејзините граѓани, тие го имаат последниот збор во неа.

——————————

Лура Положани (27) е докторант и универзитетски асистент во Универзитетот во Грац каде ги истражува социалните движења во Македонија. Мастер студиите ги има завршено во Лондонската Школа за Екомомија и Политички Науки (LSE). Пред да живее во Грац, Лура работела во Косово за Европскиот Центар за Права на Малцинствата (ECMI).

СПОДЕЛИ
Претходна статијаБЕЛЕШКИ ЗА ОВДЕШНОСТА И ОТПОРОТ
Следна статијазаЕДНО
Лура Положани (27) е докторант и универзитетски асистент во Универзитетот во Грац каде ги истражува социалните движења во Македонија. Мастер студиите ги има завршено во Лондонската Школа за Екомомија и Политички Науки (LSE). Пред да живее во Грац, Лура работела во Косово за Европскиот Центар за Права на Малцинствата (ECMI).