ПОГЛЕД „ОД ВНАТРЕ“

363
Print Friendly, PDF & Email

Ако фотографијата, меѓу другото, е и исечок од реалноста, понекогаш дури и лажен или фингиран, овој циклус на Александар Кондев насловен „Протест(и)“ е исечок од нашата локална реалност во континуитет од две години. И не е лажен! Бидејќи сето она што го гледаме на фотографиите на Кондев, го гледавме – во една или во друга форма – низ улиците на Скопје и низ многу други медиуми, особено телевизискиот. Но, со една голема разлика. Во полза на Кондев, се разбира…

Имено, овој тип фотографија, најчесто именувана како (фото)репортерска (инаку, омилен жанр на Кондев) или „улична фотографија“ (што повеќе одговара во овој контекст), е карактеристична по нејзиниот „поглед од страна“ или, во случајов, поглед од напред. Зашто сите, или повеќето фоторепортери, ги „следат“ односно ги документираат овој тип настани (демонстрации, протести) како пасивно-активни набљудувачи, движејќи се најчесто пред демонстрантите, со видно истакнати акредитации/легитимации (што, априори, ги издвојува од „случката“!), добивајќи го така фронталниот ракурс на настанот, односно односот лице в лице. Нив ги интересира првиот или првите редови на демонстрантите, нивните бранувања, движења, миговите на можното агресивно однесување и судир итн. Или, ако сакате, повеќето фоторепортери инсистираат на таа фронтална дистанца (заради можноста за подобра регистрација на настанот, се разбира), безмалку како и онаа страна спротивставена на демонстрантите, односно како и полицијата, на пример! Тоа, воедно, е ролја на дистанциран наратор/регистратор, документарист, ловец на акција… каде што (нај)важна улога игра Картие-Бресоновиот „moment decisive“.

На Кондев не му е туѓа (и) ваквата улога. Голем дел од неговото фотографско, односно фоторепортерско творештво е токму таквата потрага по фронтална „акција“, по случка, по интересен наратив што потоа ќе биде вообличен во фото исечок од реалноста (или „фото белешка“, како што тој ја нарекува). Но, овде, во скопските протести во текот на 2015 и 2016 година, Кондев си задава друга задача: неговата фотографска авантура ја одбира позицијата „од внатре“, каде што фоторепортерот е дел од демонстрантите, за него нема заштитена зона и привилегија на легитимацијата, неговата визура станува интегрален дел од самиот протест. Поточно, во случајов говориме за инверзна фотографија, онаа фотографија каде што објективот гледа од внатре кон надвор. Па, оттука, додека другите фотографи ги фотографираат првите редови на демонстрантите, објективот на Кондев е вперен во обратната насока – кон полицијата; додека кај другите фотографи на протестите, по правило, во фокусот се лицата во првите редови, кај Кондев доминира инверзната постапка – групата околу него и главите свртени напред; заради „обратната перспектива“ честа мета на овие фотографии на Кондев се токму припадниците на полицијата како спротивставена страна – нивните ликови, гримаси, однесување.

Оттука, во овој фотографски циклус на Кондев веќе не можеме да говориме за фотографска дистанца, за „независност“ од настанот, за воајерство од „вообичаен“ фоторепортерски тип! Во овој поглед, оваа фотографија во многу аспекти потсетува на воените фоторепортери и нивните снимки од самото срце на воените операции ширум светот!

Ако ваквите тези ги префрлиме на полето на Бартовото гледање на „сликата“ – а и фотографијата е тоа, нели – како на реинтерпретација, тогаш овие фотографии на Кондев не се тоа. Зашто тие немаат цел да реинтерпретираат! Тие, во првата инстанца, го вклучуваат (и) „мотивот“ како  документ, но не се задржуваат само на тоа рамниште. Да беше така, фотографот ќе стоеше во истата линија со другите фотографи. Фотографиите на Кондев, пред сѐ, се плод на идејата да се биде дел од настанот, субјект во приказната, дел од протестот – фотографски придонес во граѓанскиот револт!

И бидејќи веќе го спомнувам Барт, овие фотографии на Кондев спорат и со една друга негова теза, со тезата дека „сликата е слаба во поглед на значењето“. Фотографиите на Кондев од скопските протести во 2015 и во 2016 година се сѐ само не тоа. Тие, напротив, се силни, полни со значење слики! Набиени се со енергијата на демонстрантите, со нивниот гнев, со значењето на нивните пароли и мимики на лицата, со силата на симболиката на претставата (Че контра полицаец; групата околу споменикот на Христо Узунов; контрастот на демонстрантите и „белата шампита“ од зграда; црвените знамиња на споменикот на АСНОМ итн.).

Се разбира дека фотографскиот нерв на Кондев не може да избегне да улови и интересни лица среде мноштвото народ, да ги издвои и да ги позиционира како посебни визуелно карактеристични субјекти или, пак, познати, јавни личности како дел од протестите. Затоа, впрочем, во одделни мигови и во одделни фотографии или дури во континуитет, евидентен е мигот на замена, трансформација – или целосно губење на улогата – на Кондев фотографот со Кондев демонстрантот кој ужива во опкружувањето и акцијата!

Тоа, пак, нѐ води до уште еден битен аспект на фоторепортерската фотографија, оној на т.н. „украдена претстава“, која Кондев, повторно, низ овој негов циклус, ја става под сомнение. Бидејќи, како што веќе беше речено, објективот на Кондев ништо „не краде“. Тој во случајов е интегрален дел на протестот, продолжено око на демонстрантите, нивен „личен“ документарист. Се разбира дека прифаќањето на Кондев во нивните редови и неговата слобода да се движи меѓу демонстрантите и да ги фотографира „од внатре“ се должи на неговата повеќедецениска фотографска кариера, неговото долгогодишно присуство на улиците на Скопје, безмалу во секоја пригода, така што неговата појава и неговиот фотоапарат станаа некакво наше локално обележје. Неговото присуство меѓу демонстрантите, впрочем, е и чин на доверба на фотографираниот, дека неговиот лик нема да биде карикиран или злоупотребен за несакана цел. Затоа, поимот „украдена претстава“ во овој случај се трансформира во доброволно учество во фотосесиите на Кондев правени за време на скопските протести во 2015 и во 2016 година.

Во овој контекст, треба да се укаже и на уште една вистина: појавата на вакви  граѓански протести кај нас е новост. Заради тоа, новост е и појавата на овој тип фотографија, која Кондев, очигледно, за овие неколку години, ја усовршил до максимум!

Овој Кондев, на овие фотографии, не е оној Џејмс Стјуарт во Хичкоковиот Прозорец кон дворот, кој седи во својата соба и фотографира што се случува во станот во соседната зграда. Овој Кондев повеќе наликува на оној фотограф на Џига Вертов во Човек со филмска камера, постојано во движење, низ редовите на демонстрантите, со објективот вперен во сите четири насоки, кон мотивот што провоцира, што можеби се нуди или што, во прва инстанца, нему му е битен за неговата приказна. А неговите приказни, како и овој пат, веднаш стануваат и наши приказни!  

СПОДЕЛИ
Претходна статијазаЕДНО
Следна статијаПОЛИТИЧКИ НАРЦИС ИЛИ ПАУН НА ВИЈАГРА
Мариглен Демири (31) е дипломиран професор по филозофија, еден од основачите на Солидарност и Левица, активист за социјална правда. Учесник во иницијативите „Против полициска бруталност“, „Заедно за мир“, „АМАН“, „Студентски пленум“, „Протестирам“ и „Шарена револуција“.