ОРДАНОСКИ: АПОСТОЛИ НА ЛАГАТА

1095
Print Friendly, PDF & Email

Никој не можеше да претпостави дека еден Диме Спасов, во период на непотребно СЈО-интермецо, ќе зададе ваков предизборен удар врз ДПМНЕ. Сите детали се веќе добро познати, та дури и документирани со протечени безбедносни видеоснимки кои, наместо да му ја олеснат позицијата на Спасов, би требало дефинитивно морално-политички да го погребат. Туѓиот службен џип неовластено го возел вон работното време; во џипот, атрактивна сопартијка, во ситни саати, вон работно време; слупал две-три возила, бркајќи се со оштетени граѓани и полицајци по скопските улици; кога се предал, дали навистина бил пијан, не дознавме, бидејќи побегнал од полицијата пред тоа да може службено да се востанови; патем, го убедил својот возач да дојде и да лаже пред полицијата дека тој, а не Спасов, го возел џипот, наспроти сите сведоци и снимки. Девојчето, уплакано и засрамено поради сите потенцијални швалерски околности, во недостаток на храбриот Диме кој ја дувнал и ја оставил да крвари во рацете на опасните непријатели, признало сѐ.

Ова, накратко, се нарекува катастрофа за пропагандното биро на Фамилијата, во недостаток на интелигенти во ноќната, трета смена на агитпропот. Наместо веднаш, фигуративно, „да му ја скинат главата“ и да му соопштат дека самиот си поднесува оставка, а со тоа да ги сосечат во корен сите дополнителни бруки и срамоти што за власта, на неколку недели пред избори, ги произведе детето-министер – тоа се нарекува стратегија на “cut the losses”, односно правење најдобар изнуден компромис во губитничка ситуација – агитпропот донесува парадоксална, супер-глупер одлука: ќе го браниме Димета до последниот грам штета што можеме да си го нанесеме! Практично, извадија автоматски пиштол и, самите, си ги упукаа двете колена, без репетирање! Диме, велат ингениозниве пропагандисти, бил жртва не на сопствената монументална недокваканост, туку на полициско-криминален заговор на албански терористи, кои работеле за мрачните цели на СДСМ! Јеботе!
Сѐ што мрда во електронско-дигиталниот мислечки свет на Македонија се посра од смеење – и не престанува со денови, како да е стомачен вирус во прашање!

ВИСТИНАТА Е НЕВАЖНА

Сепак, не ги потценувајте! Ова е точката во која Фамилијата влегува во добро познатата операција што ја извежбаа во изминатите десетина години, во илјадници наврати, секогаш кога се фатени со „спуштени гаќи“ до колена: прават фантастични конструкции и почнуваат систематски да лажат и да ги искривуваат фактите, упорно и конзистентно, толку многу, што станува неверојатно дека такви имбецилни приказни можат, воопшто, да бидат измислени! Е, па, ако не можат да бидат измислени, тогаш мора да се точни!

Следствено, прво нивните пропагандисти почнуваат да веруваат во лагите што бесрамно ги шират; Диме Спасов почнува да верува во лагите што ги зборува; сведоците ги менуваат изјавите; партиските полноглавци на сите нивоа и со сите овластувања се вклучуваат во цунамито од лаги и измислици, па набрзина фабрикуваната конструкција за настаните почнува да конкурира на непобитно востановениот и со видео докажаниот тек на тешкиот морално-политички-сообраќаен инцидент. Така, вистината постепено станува замаглена и релативна, а потоа, всушност, и неважна, небитна, второстепена, како само една од можните сто наративи, бидејќи не е веќе во прашање што, навистина, се случило, туку ставот дека „Диме, навистина, е ступиден, ама е НАША будала!“, а ние НАШИТЕ будали не ги даваме, оти еднаш спроведеното начело за одговорност за личното однесување, не знаеме до каде може да заврши и дали нема да се претвори во барање одговорност за општата состојба од владеењето!

Како што гледате, цврста е таа логика. Затоа е целата конструкција од лаги неопходна, бидејќи значаен дел од јавноста оперира во виртуелната стварност на лажната религија што со години ја шират, како што сектите ги пропагираат своите најлуди митови за „кулите на светлината“ коишто ќе нѐ избават од мизеријата на животот во кој секојдневно скапуваме!

Така лажат за сѐ: за вработувањата, за инвестициите, за здравството, за образованието, за новородените и за умрените, за иселените, дипломираните, гладните и најадените, за тоа кои сме, каков ни е јазикот и од каде ни е потеклото, кои ни се пријателите, а кои зло ни мислат, за тоа што со свои очи го гледаме, а треба да го разбереме само во реалноста на лагите на Фамилијата. Изградија еден заокружен систем од лаги во кој се губи смислата на логичката аргументација.

КУЛТ КОН ЛАГАТА

Бидејќи нема религија без свои апостоли што ќе ја шират веста за лажниот Месија, ги гледаме нивните пропагандни агенти на лагата како секоја вечер седат по неколкуте дебатни емисии што се емитуваат на македонските телевизии – нивната задача не е рационално да докажат дека тие се во право или да ја убедат побликата во солидноста на своите ставови; задачата на овие поткупени полуинтелигенти е да ги уморат, да ги задават, да ги остават без здив и да ги натераат на предавање сите кои располагаат со факти и аргументи. Нивната задача е, со многу зборување и надвикување, ако е потребно, да го истрошат времето што ни стои на располагање за потребната, важна дебата, која е самата суштина на демократијата. Притоа, овие десетина кловнови треба да го исполнат просторот во дебатите од кои, откако седнаа на власт, се отсутни вистинските моќници од власта, членовите на Тркалезната маса на Фамилијата. И, не се нивната цел соговорниците во студијата, туку целта им е значаен дел од публиката да се откаже и од самата желба да размислува и да ја мери и оценува веродостојноста на приказните и втемеленоста на спротивставените позиции. Целта им е публиката да каже „сите се исти“, а бидејќи се „сите исти“, зошто дополнителен напор за промени?

„Видете“ – како што мелодично вели „аболистот“ Љубчо Георгиевски, повторно разбудениот спасувач на бизнис-криминалната ДПМНЕ-кауза во Македонија – не е нивната задача да го преобратат секој граѓанин на државава во зомби, бидејќи дури и тие знаат дека е тоа невозможна мисија. Напротив, имаат тие точно пресметана бројка за тоа колку гласачки живи-мртовци им се неопходни за да останат на власт. Потоа, таквата од лаги анестезирана публика – во психологијата тоа се нарекува состојба на „когнитивна дисонанца“ – поткупена со ситни привилегии и услуги, како мртва природа, како препарирани животни со главите наполнети од лагите на Фамилијата, ги изнесуваат, ги транспортираат, ги спроведуваат на гласање на изборите. За оние што им се колебаат, имаат подготвено од нашите пари, да го купат секој кој сака да ја „зацврсти“ својата верба во лагите, па дури и да ги шири и заразува со нив и други искрени души склони кон лажовност.

На овие без леб им велат: „Ако ни се придружите, кај нас лепчето се мачка од двете страни!“

РЕМЕНОТ ДОЛУ!

Во тој контекст треба да се преобмисли малиот швалерски посранко Диме Спасов. Не грижете се, тие ќе му го удрат заслужениот ќотек во некоја од владините гаражи поради непријатностите на кои ја изложи Фамилијата во последната недела, да мораат и за него да произведуваат виртуелни реалности кои се резервирани за поважни личности (на списокот на СЈО, на пример, има барем неколку дузини такви) и за повисоки цели на Чуварите на Лагата. Дури, склон сум да мислам дека авантурата на Спасов со бегството по улиците е резултат од стравот од тој ќотек во гаражата, а не дека било бегање од морално-политичката одговорност од која не се бега.
Но, Храмот на Лагата мора да се зачува, да опстои, беспоговорно да се одржува, да привлекува нови жртви за култот со кој владее ДПМНЕ. Во тој култ, Спасов е постер-момчето на ДПМНЕ-југендот, доказот дека сите кои се лојални и послушни на Фамилијата можат да направат ѕвездена политичка кариера „ничим изазвани“, и пред да престане да им тече онаа растеглива смеса од носот. Врз тој лепушкаст Ноубади сега се крши дефиницијата за ултимативното тврдење на сектата на власт дека кој е со Нив – е над Законот! Бидејќи, во нивниот светоглед, законите важат само за простите поданици, за инакумислечките, за службените и неслужбените лица кои го бркале Спасов додека се тетеравел со џипот и кршел автомобили по скопските централни улици – законите не важат за припадниците на владејачкиот култ на ДПМНЕ, а особено не за оние што седат на Тркалезната маса на Фамилијата. Таму важи друг закон: ако е потребно, самиот Капо, пред сите, ќе ве среди со безбол палка (или ќе ве самоубие во кревет со два истрели, исто е), доколку процени дека не сте му веќе лојален. Но, до тогаш, секој од нив има гаранција дека е над Законот.

Диме наш, насушен, тоа го знае и спремен е да го откопча и ременот, ако е потребно, за да ја докаже лојалноста која му овозможува да биде над Законот. Е, кога ќе се фати, ако веќе не се фатил за ременот, додека го работат, ќе мора и да пее: „Никола, Никола, никој ништо не ти може, Николааа!“
Колумната е преземена од „Слободен печат“