Опструкциите на власта кон СЈО нотирани во Извештајот на ЕУ

452
Print Friendly, PDF & Email

Земјата се соочува со најтешката политичка криза од 2001 година. Демократијата и владеењето на правото постојано се под предизвик, особено поради одразувањето на влијанието на државата врз функционирањето на демократските институции и клучните области во општеството. Земјата страда од поделена политичка култура и недостиг на капацитет за компромис. На 20 јули и 31 август 2016 година лидерите на четирите главни политички партии постигнаа договор за имплементација на договорот од Пржино, вклучувајќи предвремени парламентарни избори на 11 декември 2016 година и изразувајќи поддршка за работата на Специјалното јавно обвинителство. Тие ги повторија нивните заложби за имплементација на „итните реформски приоритети“.

Ова, меѓу другото, е наведено во резимето од последниот извештај за напредокот на Македонија што денеска го објави Европската комисија.

„Меѓуетничката ситуација останува кршлива. Охридскиот договор се уште треба да се доврши на транспарентен и инклузивен начин.
Граѓанското општество одигра важна улога во поддршката на демократските процеси и обезбдувањето проверки и рамнотежа. Истовремено, граѓанските организации продолжуваат да изразуваат загриженост за влошување на климата во која работат и за ограничените заложби на владата за дијалог, како и за јавните напади од политичарите и провладините медиуми“, се наведува.

Комисијата замерува и за користењето на јавната администрација како политички инструмент, обвинувањата за притисоци на вработените и наводната политизација на администрацијата во изборната година.

„Доцни подготовката за обемната стратегија за реформа на јавната администрација 2017-2022. Недостигот на политички заложби за испорачување на неопходните реформи во јавниот финансиски менаџмент доведоа до значително намалување на финансиската помош од ЕУ во 2016 година. Властите пропуштија да ја демонстрираат неопходната политичка волја за итните реформски приоритети.

Опструкциите со кои се соочи новопоставениот специјален јавен обвинител ја покажаа потребата ефектно да се посочи на недостигот од независност на судството и да се спречи селективната правда“, се наведува во резимето од Извештајот.

Според Извештајот, корупцијата останува да преовладува во повеќе области и продолжува да биде сериозен проблем.

Слободата на изразување и ситуацијата со медиумите останува сериозен предизвик во актуелната политичка клима. Спорот со името треба итно да се реши, а не е забележан ни напредок во пазарната економија во извештајниот период.

***
Преземено од Плусинфо