ОРДАНОСКИ: ТРИЧКОВСКИ Е МАКЕДОНСКИОТ ШАРЛИ ЕБДО. ЕБАГО.

1020
Од промоцијата на книгата „Во подрумот на балканскиот Фрицл“ од Бранко ТРичковски
Print Friendly, PDF & Email

(Промоција на книгата „Во подрумот на балканскиот Фрицл“ од Бранко Тричковски)

Сѐ што треба да знаете за историјата, за сегашноста и за неизвесноста на иднината на Македонија – е напишано во книгите на Тричковски. Јас него би го ставил како задолжителен дел од лектирните курикулуми за средно училиште – стилот и јазикот на кој пишува Тричковски, разбирате, не е за возраст под 15 години – или би ги заменил учебниците за историја, етика и природа и општество со избор текстови и фејсбук статуси од неговата пролиферантна – пролиферантна со Ф – дневна продукција.

Еве, ако тој предлог ви звучи радикален, тогаш имам и „помека“ варијанта: идната историска читанка на Тричковски да биде задолжителна дополнителна литература на главните, официјални учебници за факултетите од сите општествени науки. Бидејќи нашите деца, идните македонски генерации, имаат право да ја знаат вистината за себе која нема да ја пишуваат само победниците, со сите дотерувања на државните цензори и манекени од МАНУ, УКИМ и разните партиски агитпропи.

Мислам, и така брзо ќе се согласиме дека македонската стварност, и во историска и во актуелна смисла,е една волуминозна збирштина од импулсивни, компресирани, анегдотални, вињетизирани и компилирани полувистини, епски прикаски за лажни триумфи, проникливи итроштини и комплетни измислици, што го прави читањето на Тричко неопхподно за снаоѓањето низ коридорите на нашата официјална државна историографија. Тричковски, како современ Мартин Лутер, ни ја вернакуларизира, ни ја преведува, за да ја разбереме,македонската општественост. Но, тоа декодирање не го прави на ниво на нејзината политичка технологија – како некаков „кремљолог“, на пример, кој ќе ви каже дека, бидејќи се запалени светлата до долго во ноќта на сите важни институции во Москва, мора да умрел Брежњев! – туку со разглобување на слоевитите нивоа на менталитетот, предрасудите и стереотипите на оваа мала и задоцнето освестена балканска нација која ја имала таа среќа да го роди него пред 64 години во Крива-факинг-Паланка!

(Овде имам силен нагон да кажам: „И, останатото е историја“… Но, сакам и други работи за Тричковски да соопштам…)

Тричковски е закана за поредокот

Тричковски е нашиот Шарли Ебдо. Нема демократија што, секојдневно проколнувајќи го денот кога се родил, може да опстане БЕЗ него; и нема диктатура што, секојдневно проколнувајќи го денот кога се родил, може да опстане СО него. Подготвен сум да тврдам дека скората демисија на македонскиов деспотски режим е половина работа завршена од Тричко – ние, останатите, нешто се плеткаме напред-назад и ја расипуваме шансата за успех на другата половина неопходна за падот на режимот. И, ако не падне режимот, знајте, тоа ќе биде заради нас, а не заради него. Впрочем, сѐ ќе ви биде разјаснето од Тричко кога ќе дојде време за тоа.

Затоа, постоењето на Тричковски во нашата јавна сфера е закана по редот и поредокот на Македонија, можеби секаква Македонија, но особено ваква, каква што се гради во последните десетина години. Фасцинираноста на Тричковски од сопствената слобода е општествено опасна. Таа ги пробива националните ембарга, племенските табуа, државните цензури и наметнатите морални рамки како никој пред него во македонското интелектуално мочуриште. Тој е причината заради која многумина мислат дека личната слобода не е недостижен, теориски концепт и дека патот до неа мора да е врвицата по која и самото општеството ќе стане послободно.

14996577_1456386124390164_973828765_n

Поитрите диктатори од Груевски – Путин, на пример – или одамна ќе го отепаа или одамна ќе го ставеа Тричковски на платен список на државата, да продолжи, кога веќе не го отепале, да го прави тоа што го прави. Така, наутро, кога со кафе ги разгледуваш со Мијалков најважните прислушувани разговори од претходниот ден и кога се договараш кој милион на која оф-шор сметка да се испере, до тебе седи секретарот, записничарот, нотарот, архиварот, сведокот Тричковски, кој во своите постови и написи и така ништо не измислува, туку само ја евидентира, а потоа и ја дигестира глупоста на сиромашното секојдневие на Фамилијата милионери и нивните послушни, отприлика,еден милион поданици.„Господине премиер, иако сте обично врапче, имате право да се чувствувате како орел, кога сте опкружен со толку многу бубашваби!“ – го заклучува Тричко утринскиот состанок со Груевски и Мијалков. „Запалете му го џипот!“, крикнува деспотот во обид за самоодбрана! „Море, да ми го пушите стапот!“, возвраќа Тричко.

Тричко е единствениот на овие простори кој може на кој било просечен македонски диктатор убедливо да му ја објасни бесмислата на постоењето на такви комплексни феномени какви што се ВМРО, МПЦ, ИПА фондовиили Силвана Бонева, на пример.

Сигурен сум дека и за него СЈО води тајна истрага. Неговата се вика: „Тиквари“.

Тричко е во голема љубовна романса со Македонија

Дали е Тричко производ на времето во кое живееме – или Тричко ни го произведува времето во кое живееме? Прерано е за одговор на оваа суштинска дилема.

Тираниите, деспотиите, автократиите, диктатурите опстојуваат врз ширењето на разни стравови во јавноста. Демократиите, пак, напредуваат кога надежта и довербата се во центарот на јавната политичка преокупација. Во Македонија надежта е дефицитарна стока, а недовербата царува како бубрег во лој. Во соочувањето со нашите стравови, напред нѐ предводи Тричковски како антички фалангист, со подигнат штит од постови од кои се одбиваат клетвите на агитпропот и со долгото копје статуси со кое ги буши пропагандните балони на режимот.

Неговата ерудиција е евидентна, а стилот му се тетерави на границата на чистата книжевност; со експресивен израз што знае да биде шокантен за филистерските, малограѓански уши на македонските новопечени, нуво-риш интелектуални салони.

Како и кај Сјоран, песимизмот и цинизмот на Тричко се весели, забавни и заразни. Тој упорно тврди дека ни доаѓа крајот на светот, ама дека и тоа треба да го заслужиме; а какви сме смотани, можеби дури и судбината ќе ја излажеме или ќе задоцниме на средбата со неа, ќе нѐ одмине таксиратот пред и неговта смисла, со нашите парохијални и бесмислени вредности и ставови, да го доведеме во прашање!

Тричко е во голема љубовна романса со Македонија. Додуша, тој силен емотивен однос е повремено на граница на семејно насилство, бидејќи брачните расправии меѓу Тричко и Македонија често се вулгарни, а и нешто од семејниот порцелан лета по ѕидови и ни ги крши гоблените.Но, неговата страст е толку голема, што и кога води љубов и кога се расправа со Македонија, Тричко се дава целиот, без задршка, без компромис. Тричковски мора да е заљубен во народот што живее на овие простори, бидејќи само на најдрагото и најмилото можете така отворено, без ракавици, со искрена грижа и без каклкулација и траги на опортунизам да му ја кажувате вистината в лице. Тој е во некоја состојба на „ко се бије, тај се воли“ однос со сите нас. Како да пие оцет пред да седне да се допишува со нас!

Конечно, зошто печатени книги, а не само дигитални фејсбук статуси во океанот без обали наречен интернет?

Од една страна, затоа што мислам дека потврдениот провокатор Тричковски намерно ја предизвикува власта да му ги собере книгите и да ги запали на клада, за да го докажат сето она што им го кажува за нив. Од друга страна, има во тоа елементи на потрагата по бесмртноста, во една печатена, линеарна смисла, како одговор на дилемата има ли живот после Фејсбук?

Впрочем, Умберто Еко еднаш беше рекол дека единствените два начини физички да се прошири светот е – да направите дете или да напишете книга. Не познавам многу автори во Македонија за кои вредело што се исекла една шумичка дрва за да им се испечатат книгите. Тричко е, секако, еден од нив. Ебаго.

Пишува: Сашо ОРДАНОСКИ