Орданоски: Омилениот балкански зет, Доналд

537
Поздравот на Меланија Трамп
Print Friendly, PDF & Email

Веста за изборот на Трамп за претседател на САД, тој најголем виц за политиката раскажан во последниве стотина години, ме затече на еден од познатите савски сплавови во Белград, во друштво на три-четворица познајници, белградски кафеански маратонци, оној префинет вид алкохолисти кои со презир гледаат на обичните алкохоличари од соседните маси. Така ви е тоа со секој надежен тим за пиење: луѓето треба да споделуваат слични вредности, иако имаат различни темпераменти, бидејќи кога самодисциплината ќе ве напушти како резултат на алкохолните испарувања, важно е да се согласите за содржината на здравиците, а не за тоа со што ќе се наздравува.

Тргнавме со подмачкување на директниот пренос од американските избори релативно агресивно уште од вечерта, па како растеше неизвесноста околу изборните резултати, сме славеле до длабоко во ноќта и до првите утрински мугри, со солидни свински ребра на барена кисела зелка („Стамена их кува, да те Бог сачува!“), ребрата малку мрснички, ама добро потпечени, баш какви што ги обожувам, башка што феноменално одеа со чипс-чварките, со лутата туршија (стасана таму, малку е поладно) и со свежото, снежно кравјо сирење, она што не знаеш дали да го мачкаш, скоро како кајмак, на вруќа лепиња, или да го сечеш на парчиња, но за кое е задолжително добро да се натопи во алкохол заради дезинфекција од бруцелоза.

Значи, иако ударнички, љокатурата почна некако без голем политички ентузијазам, бидејќи општите најави беа дека „кучката Хилари“ ќе си го намачка Доналда на лепче за изборен појадок…

А ПОТОА – ТОРНАДО!

Нормално, завршивме со цигански оркестар и со срча до колена, откако наздравивме на сѐ што можевме да се сетиме, од трезно, накај пијано, па накај тотална шљивка-анестезија! Дигавме чаши за големата победа на белците над црнците и латиносите; за надмоќноста на машкиот принцип во политиката (глупавите Американки, 47% од нив гласале за Трамп кој, без прашање, ги фаќал за онаа работа, ха-ха-ха-ха, а можеби баш и заради тоа, свршувајќи, гласале за него!); за превласта на предградијата над градовите; за победата на ѕидот против отворениот хоризонт; за триумфот на богатите над сиромашните (половина од членовите на американските работнички синдикати гласале за милијардерот Трамп!); за победата на Русите над Американците и на белиот Путин над црниот Обама (е, само за ова се испи еден декар насаден со сливи!); за победата – кај и да е, еве, само што не е – на Србите врз Албанците (кај ова се остана без капка ракија, ја исцедивме и виледата со која се бришеше масата, па моравме да прејдеме на некоја киселина што ни ја протурија како одлично домашно вино!); за победата на лумпен-пролетерите над напудрените од средната класа; за распадот на НАТО и ЕУ и за реваншот на Истокот против Западот; за надмоќта на Твитер, Фејсбук и блоговите против Си-ен-ен и Њујорк тајмс, воопшто, за победата на технологијата на 21 век, со пропагирање вредности од 19 век, против политиката на 20 век; за триумфот на ботоксот над ноќните креми против стареење; за пресметката на Америка против Кина („Е-хеееј, сад су жути најебали!!!“); за победата на фолкот и „Ѕвезде Гранда“ против џезот и староградските песни – „Музика, туууууш!“; за супериорноста на инстинктите против статистиката; за убедливоста на лагите против вистината; а и за тоа дека сега ќе ја апсиме Хилари… И, воопшто, за победата на нас против педерите!

Живели, у здравље, наздрављот!

Сакав да им кажам дека кај нас, во Кавадарци, има една извонредна здравица – „За мир и милост!“ – којашто е политички најкоректна за вакви триумфалистички пригоди, ама каде ти со пијани Србенди можеш да се надвикаш со македонски здравици, кога и самиот си со врзан јазик од пиење и со зарипнато грло од славење!

ТАРАБУКИ

Кога се извадија пиштолите, се поведе мала пијана расправа дали да се пука во циганите од оркестарот или да се пука во воздух (и за опасноста, случајно, да се погоди некоја невина птица во лет!), но на крајот, сепак, превладеа разумот, па се пукаше во циганите, а тие, брзи во скокање преку ограда, почнаа да спасуваат риби од давење во Сава… Кога се истроши муницијата – ееееј, на Срби да им снема муниција, па где то има, бре! – оркестарот, малку мокар, пак се построи (додуша, без мустаклијата на басот, кој препливал дури до другата обала), се извади еден осреден смуѓ од алт-саксофонот, за да се допеат песните што дебело се платија, во чест на „Нашег брата Доналда, војводу!“ и за тоа „Да ја направиме Америка голема, повторно!“…

Знам дека една од последните здравици, со гласен рафал од двете цигански тарабуки, отиде во чест на американскиот изборен модел: ја поебавме расипаната Хилари на нејзин терен, бидејќи, иако вкупно освоила повеќе гласови од Трамп, Доналд, а не победничката Хилари, ќе влезе во Белата куќа, заради изборниот модел кој поинаку го пресметува збирот на гласовите, а против чија корумпираност Трамп – ха-ха-ќе-се-помочам-ха-ха-ха! – дигаше револуции во целата своја кампања! Па, ебате Диме Спасов ебате, ни тој не би измислил подобра приказна!

А потоа што следуваше, сѐ ми е некако буновно, како на сон, веќе ништо не памтам за што се пиеше и пееше, ни дали се изнесе баклавата со суви смокви и ораси што, на почетокот, се вети дека обилно ќе ја има, бидејќи следното претпладне се разбудив под една од масите, свиткан во еден од карираните чаршафи и гушнат со едната тарабука што на циганите им ја запленивме како воена отштета за добиената битка во Америка и за сите наши претходни загубени битки.

Но, Америка е само почетокот, конечно се дограбивме до куферчето со кодовите за нуклеарните ракети, сега светот нѐ чека да ја добиеме големата војна на нас против нив, воопшто! Македонија е во самиот врв на тој список, во декември им ебавме мајка, народот е со нас!

КАЈ СИ, БЕ, ЗЕТЕ!

Некако, кога се подосвестивме малку и се избакнавме братски, договоривме следната средба да ја направиме после македонските парламентарни избори, до тогаш таман ќе стигне и расолницата, да не мора само со кафиња да се трезниме. За појадок сркнавме по еден фиш-паприкаш со домашен оцет (оној што остана од виното од ноќеска), па секој на своја страна…

За време на мамурното враќање накај Скопје – и натаму и наваму цел пат врнеше како некој со црево да нѐ полева, за големиот бериќет што го прославивме претходната вечер – удобно стуткан во кожените седишта на џипот што ме возеше, ми текна да се јавам и да ѝ ја честитам победата на Трамп на една познајничка, сопруга на еден, никогаш бивш, важен политичар од СДСМ, која е братучетка на Меланија. „Аааа – ми вели – веќе се чувме со Мели, се изнаплакавме на телефон, радост голема, дури и Доналд ми го даде накратко, срце наше фамилијарно, на словенечки ми вели фала, а ако дојдеме во Вашингтон, ќе нѐ прошетал низ Белата куќа и, со кавијарот што го добиле како поздрав од Москва, ќе сме јаделе од ајварот што им го испративме пред некоја недела“… Ја прашувам дали ќе ги викнат на инаугурација во јануари, да има и Македонија претставници на сцената на таа историска церемонија? „Рано е за тоа да разговараме – ми вели – а и не можам сѐ да ти кажам по телефон, разбираш…“

Разбирам, разбирам, како не разбирам, уште си ги слушаат, а мажот ѝ сигурно, во три смени, особено сега, после победата на нашиот омилен американски зет.

Ма, живееме во неверојатни времиња, кога глобалната политичка демагогија триумфира над здравиот разум и кога фактите се помалку важни од интерпретациите. Нема шанса сето ова да заврши лошо. Особено откако ќе се отрезниме. Кој ќе преживее, ќе раскажува, макар и измислени приказни. На здравје!

(Првично објавено во „Слободен печат“)