ВРЕМЕ Е ДА ГО ПОБЕДИМЕ СТРАВОТ

972
By D Sharon Pruitt - http://www.flickr.com/photos/pinksherbet/206812690/sizes/l/in/set-72157610551917961/, CC BY 2.0, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=7263645
Print Friendly, PDF & Email

Дали сме подготвени стравот од политичките околности да им го пренесеме и на нашите деца?

Пишува: Зоран Бојаровски

„Никој не смее да тероризира цел народ, освен ако сите останати не се соучесници во тоа“ – Едвард Мароу, ТВ новинар.

Република Македонија е во средиштето на една епидемија од историски размери. Вирусот е раширена како со ураган и ги претвори арените за дијалог во воени зони во кој граѓаните на земјата се заразени со болест која ги сврти едни против други.

Нормалните, умерени граѓани, заразени од овој вирус се претворија во воинствени фундаменталисти, додека, пак, оние кои инклинираа кон пацифизам одамна ги купија авионскиѕе билети во една насока, или, „за недај Боже“, започнаа да изучуваат вештини за преживување во услови на корумпирано и насилно општество.

Оваа чума за која станува збор е стравот надополнет со загрижувачки дози на нетолеранција.

Каде и да се завртите, се соочувате со поттикнувачи на недоверба и поделби. Нема бегање.

Постојано сме изложени на страв кој главно го продуцира(ше) власта: страв од политички притисок, страв сиромаштија, страв од правна нееднаквост, страв од тероризам, страв од миграции, страв од владата, страв од институциите, страв од разно-разни хејтери… Листата може да се продолжува прилично долго.

Стратегијата е едноставна, одамна позната, сепак – ефикасна: Најдобар начин да ги контролираш масите е со заплашување и со предизвикување раздор.

Стравот ги прави луѓето глупави.

Глупави зашто луѓето се срамат од стравот. Наместо да се соочат со него и да му се спротивстават, тие се срамат. Срамот е дополнително оружје за оние што го шират вирусот на стравот бидејки го користат како дополнителен фактор за понижување. Ако на ова се додадат и другите состојки, како што се бесмислените медиумски пералници на мозоци, с’скањето на едните против другите со прикажување на ситните, небитни, недоразбирања, како огромни разлики и со теми кои немаат ама баш никакво суштинско значење, тогаш анамнезата на стравот е комплетна.

Најопасната и надраматична последица од вирусот на стравот е поделбата на народот. До фаза во која групите врескаат едни на други без да слушаат било што друго. Во таква состојба сосема е очекувано дека не може да се постигне консензус, едногласност, за било што, а вниманието посветено само на врескање кон другиот ќе го оттргне вниманието од инструментите на полициската држава во која како симбол на моќ и на недопирлиивост ќе доминира одметнатата тајна полиција. Како центар од кој ќе се шири вирусот на стравот.

Така од слободните луѓе бива робови, а тираните завладуваат.

Во оваа макијавелистичка шема, како стапица, им ја наметна на граѓаните состојбата во која „сите против секого“, „ние против нив“, се нормални ситуации. Не само „внатре“, меѓу нас, туку и во однос н нашата околина. Наметнувањето и одржувањето на состојбата на параноја дека сите околу нас се „лицем светци, срцем волци“ го промовира како стравот како инструмент за хипнотизација на целата нација. Како кога кобрата танцува и ја гледа во очи жртвата вкочанета од страв. Оваа состојба не треба да се потценува.

Особено е загрижувачки фактот што стравот стана составен код на јазикот со кој секојдневно се комуницира со јавноста: преку директните настапи на политичарите и преку медиумите под контрола на политичките центри на моќ. Нивната цел е монструозна. По маската на „експедитивност“, „бескомпромисност“ и „одлучност“ во борба против имагинарните стравови, тие ја криминализираат речиси секоја активност која изнесува слободно и поинакво мислење или однсеување.

Има уште едно, многу важно, сознание кое треба да се има предвид кога станува збор за стравот како за континуирана емотивна состојба. Заедничка констатација на бихевиористите и генетичарите е дека стравот, како и многу други емоции, може да се пренесува генетски низ генерации. Оваа сознание е познато под терминот епигенетско наследство.

Идејата е контроверзна, но не е целосно отфрлена. Научните гледишта укажуваат на тоа дека гените во нашето ДНК се единствениот пат преку кој биолошките информации се пренесуваат меѓугенерациски. Гените постојано се модификуваат од влијанијата на надворешната средина, преку хемиски агенси кои се закачуваат на нашата ДНК. Одредени студии укажуваат дека некои од овие агенси можат на некој начин да се пренесуваат меѓугенерациски, што значи дека нашата животна средина, во која сериозно место заземаат и емотивните состојби, како стравот – на пример,  може да влијае и врз здравјето на нашите деца.

Тое не доведува до прашањето: Дали сме подготвени стравот од политичките околности да им го пренесеме и на нашите деца?