Зашто „Зошто да гласам?“ е глупаво прашање

528
Од кампањата „Ние одлучуваме“, 2016
Print Friendly, PDF & Email

“Лошите политичари ги бираат „добрите“ граѓани што не гласаат“
Џорџ Џејб Нејтан

Пишува: Зоран Бојаровски

Зошто да гласам? Зошто кога ништо нема да се смени? Сите се исти. Зошто да гласам кога кај нас одлучува меѓународната заедница? Зошто да гласам кога ионака гледам колку што може побргу да заминам од земјава?

Едно истражување деновиве покажува дека 46 отсто од анкетираните, според репрезентативен примерок на територијата на цела држава, не донеле одлука дека ќе гласаат, не знаат за кого ќе гласаат, или одбиле да одговарат дали ќе гласаат.

Значи бројот на оние што си ги поставуваат или одговараат со прашање на прашањето зошто нема да гласаат, е огромен. За малку, речиси половина од гласачкото тело. Тоа значи дека за  за идната власт во оваа земја ќе гласаат малку повеќе од половина од електоратот, а во најдобар случај власта ќе ја добијат оние што ќе добијат нешто повеќе од една третина од гласачите. Оваа математика е поразителна, но, во исто време, и укажувачка: Доколку на изборите излезе мнозинството од граѓаните со право на избор – промените се можни.

Ако се исклучат првите избори во самостојна Македонија во 1990 година, кога гласаа 84, односно 76 отсто од граѓаните со право на глас, сите натамошни избори бележат опаѓање на овој процент. Најниска излезност беше забележана во 2006 година, само 56 проценти. Тие избори ги доби ВМРО-ДПМНЕ. Тоа, како што ќе видиме подоцна, е многу индикативен момент за тоа што се случува кога на изборниот ден едно сериозно мнозинство граѓани не излегува на избори.

Како победуваат фашистите

Одговорот на прашањето зошто еден значаен дел од гласачкото тело, се колеба или нема да излезе на гласачките места, иако од тоа им зависи квалитетот на животот, ги порекнува сите теориски толкувања. Особено оние тези според кои незаинтересираноста на граѓаните да го користат правото на глас на парламентарни и на други избори, опаѓа со степенот на економска сигурност на граѓаните. Како пример кој ја поткрепува оваа теза, се наведува ситуацијата кога на претседателските избори во Франција во 2002 година, профашистички ориентираниот лидер Жан-Мари Ле Пен влезе во мртва трка во вториот круг со Жак Ширак. Аналитичарите тогаш толкуваа дека тоа се случи само заради тоа што една третина од гласачите на тие избори не излегоа на гласање. Слична, иако не целосно споредлива, ситуација се случи и на последните избори во САД, кога еден сериозен дел од американските гласачи, инаку поддржувачи на Хилари Клинтон, останаа дома уверени дека Хилари сигурно победува.

Овие примери се само потврда дека секој глас е одлучувачки.

Република Македонија не е ни Франција, ниту САД, но секако ја потврдува тезата дека нема дефинитивен одговор зошто граѓаните гласачи не го практикуваат својот одлучувачки глас. Македонија не е богата земја како Франција за да речеме дека граѓаните (би)треба(ло) да бидат рамнодушни кон правото на глас „кое ништо не менува“. Одговорот за македонската потреба од апстиненција, треба да се бара на друго место. Односно, на повеќе места.

Една од причините за големиот број неодлучни или апстиненти е зачестеноста на изборите. Почнувајки од вонредните во 2008, сите наредни, во 2011 и 2014, беа вонредни парламентарни, а меѓу нив и локални и претседателски. Сите беа обоени со силни контроверзи, а „бомбите“ дефинитивно укажаа на масовно крадење на изборните гласови.

Ова последното го зголеми процентот на неодлучни и апстиненти бидејки граѓаните видоа дека нивната „слобода на избор“ не е заснована на одлуката од борбата на изборните политички програми на партиите, туку на грабежот и на насилството врз нивниот глас.

Грабежот и насилство, после изборите, продолжија низ институциите и ја партизираа нивната функционалност, ги опустошија буџетите или ги трансферираа парите на граѓаните на, засега, тајни сметки, и вусшност, покажаа дека интересот на обичните граѓани им е на последно место. Ако воопшто има некое место.

Затоа прашањето на гласот што одлучува, на овие избори е исклучително важно. Секој глас е одлучувачки за да има промени. За да се „казнат“ досегашните политики и да му се даде шанса на еден нов почеток.

За да се рестартира системот, потребен е секој глас, зашто секој граѓанин е дел од системот.

Валкана кампања и меѓународната

Уште еден фактор за апстиненција е дека на изборите ќе влијае „меѓународната заедница“. За оваа заблуда не постои рационално објаснување, освен фактот дека македонските политички елити не покажаа потребна зрелост и капацитети сами да ја „извлечат“ земјата од кризата во која ја ставија оние што ја практикуваа власта досега. Како приспивни бајки за мали деца се покажаа спиновите дека кризата ја предизвикале „странските служби“ и опозицијата. Вревата на слободоумните граѓани, сепак, беше посилна од овие обиди за успивање на свеста на граѓаните. Таа врева треба да биде полнежот на гласот на граѓаните на претстојните избори. На сите граѓани. Сепак, овој пресврт не се очитува во критична мерка во досегашните истражувања во процентот на граѓани кои се изјасниле позитивно на прашањето дали ќе излезат на изборите. Сѐ уште има голем број граѓани што сметаат дека и овие избори нема да бидат фер. Тоа ги обесхрабрува.

Уште нешто треба да доживее пресврт во наредниот период до изборите: Бројот на млади гласачи на изборниот ден. Иако ситуацијата што ја создаде владејачката номенклатура им даде за право кога велат дека поприфатливо за нив е да застанат во редот пред некоја од странските амбасади, отколку во редот пред гласачките кутии, тие мора да осознаат, да им се даде до знаење, дека токму тие, како и другите неопределени и апстиненти, се она „замолчено мнозинство“ кое им ја дава власта и ги одржува на власт неспособните, погрешните политичари.