Орданоски: Овци на волчја вечера?

700
Карикатура: Наташа Костовска, Слободен печат, 26.11.2016
Print Friendly, PDF & Email

Секогаш кога ќе дојдат избори, мене ме фаќа една нелагода и желба предизборно, некаде, да се отселам на неколку недели, по можност преку седум мориња и десетина планини, да си го пробушам носот некаде низ тоа амазонските дождовни шуми или да ловиме фоки со белите мечки на Арктикот. Бидејќи, изборите се време кога и најигнорантите и најтупавите и најпаметните се еднакво вредни, секој по еден глас. И потоа почнува агресивна политичка борба по тие гласови на начин што нивото на предизборните настапи, квалитетот на пораките и ширината на ветувањата секогаш се стремат да се спуштат накај поддршката на игнорантите и тупавите, бидејќи паметните се, некако, секогаш во малцинство, а и онака, уште пред да почнат кампањите, тие веќе знаат за кого ќе гласаат.

Општо земено, овдешните избори се време во кое половина Македонија мисли дека половина Македонија се будали. И обратно.

Како инаку, на пример, да се објасни присуството на еден Амди Бајрам на изборната бина на ДПМНЕ? На овој подостарен и истрошен надри-политички кловн му е дадена задачата да ја развесели публиката додека зад него се подготвува кафезот со лавови, и тоа точно на начинот на кој тоа го прават циркуските паљачовци: правејќи будала од себе и од својот народ, за да предизвика смеа и да го сврти вниманието на аудиториумот од вистинските случувања под циркускиот шатор. Тој е само едно пресметано интермецо за најтупавите, моронизирани гласачи на владејачката партија, вклучувајќи и видни членови во првиот митингашки ред, до бината. И, без сомневање, циганскиот дворски шут и овој пат успешно ќе ги продаде гласовите на своите Роми во замена за, да речеме, уште една пералница за коли во која нема да мора да плаќа сметки за вода и за струја. Или така нешто. Се разбира дека, во изминатата деценија, под мудрото водство на Хомер Симпсон од Шутка, ниту едно ромско суштествено прашање не е решено, но сите знаат дека Амди ниту имал ниту ќе има намера нешто да подобри или да унапреди за своите сонародници. Тој е таму за да „испегла“ уште некое милионче и, „влечејќи ги за уши“ своите сограѓани на избори, да се одмазди за затворските години заслужено поминати во времето на власта на СДСМ. Може да се гарантира дека, за да ја избегне новата сезона од истиот серијал, Амди ќе биде меѓу првите кои ќе ја „дувнат“ преку граница веќе на 12 декември. И повеќе бундата никогаш нема да му ја видиме.
Штета. За бундата.

ВОЛЦИ И ОВЦИ

Или, на пример, земете го Мендух Тачи. Читам: „Тачи вети ослободување од долговите кон државата на сите Албанци“. Колку треба да си глупав за да поверуваш во ова? Па, сепак… Или Шекеринска: „Државата ќе гарантира дека јаболката ќе бидат откупени и платени по гарантирана цена“ – ако во иста реченица два пати гарантираш и откуп и плаќање (?!), што е тоа што, всушност, го ветуваш во врска со јаболката ресенски?… Или Али Ахмети: за него не е неопходен ни цитат за да се тврди дека сметањето на глупоста кај Албанците му е единствената добитна изборна стратегија.

Сепак, напорот Македонците (сакате како етничка заедница или како прашање на државјанство, сеедно) да се третираат како најглупав народ на светот недвосмислено доаѓа од кампањата на ДПМНЕ: тие, сироти, толку се трудат „федерализацијата“ да ја натурат како тема на изборите, што делува трогателен напорот лагите да се претстават како факти, само ако доволно гласно и доволно често ги рецитираат по митинзите. На пример, Трајко Вељановски: „Граѓаните мора да знаат дека на 11 декември одлучуваат меѓу унитарна и суверена Македонија или двојазична, кантонизирана и федерализирана Македонија“! Треба да си навистина многу недоветен, скоро како неколкумина милионери од добитните места на нивните изборни листи, за да не знаеш дека на 11 декември граѓаните одлучуваат само за една работа: дали дружината на Трајко ќе заврши или нема да заврши на долгогодишни затворски престои во казнено-поправните домови на унитарна и суверена Македонија. Ништо друго. (Таму, додуша, можеби ќе им треба двојазичност за да го испреговараат денот…)

Но, кога веќе глупоста си ја институционализирал и низ самиот факт што Вељановски ти е претседател со најдолг стаж во националниот парламент, тогаш стравот дека и на овие избори во трката меѓу лагата и вистината ќе победи глупоста, станува опипливо кредибилен. Плус, никогаш не треба да се потценува внатрешната енергија и настојчивоста на глупоста да се наметне врз умните нешта. Не случајно за глупоста се вели дека е безгранична колку и вселената, а дека паметните секогаш попуштаат.
На тоа, паметно, се надева Фамилијата: толку да ја умори јавноста со своите глупости, што големото мнозинство паметни македонски граѓани ќе им попуштат и на овие избори, не сакајќи, од пристојност и добро домашно воспитување, да докажуваат дека се попаметни од власта. Тоа ви е како во најкусиот виц што јас го знам: Се состанале три волка и една овца да се договорат што ќе вечераат… ДПМНЕ упорно ветува дека ќе нарачаат пици. На 11 декември ќе видиме дали македонските гласачи се овците на таа волчја вечера.

ПЕТТИОТ ЕЛЕМЕНТ

Според некои умни глави – да, бе, сѐ има на интернет, да не поверуваш! – глупоста на секоја нација ја сочинуваат најмалку пет елементи. Прво, чистата игноранција, што е една ефикасна мешавина од мрзеливост и незаинтересираност за тоа што (ти) се случува. Второ, неспособноста да разлачиш важно од неважно, што феноменално се комбинира со третиот фактор, да веруваш во тоа што тебе ти одговара, без разлика на фактите! Тоа нѐ води до четвртата неспособност за процена на тоа што е краткорочна лична корист, а што долгорочна општа добробит. Конечно, на петто место се наоѓа настојувањето секогаш да се стават стравовите пред надежта – нешто во што политичката десница, по дефиниција, е секогаш поубедлива од политичката левица, особено во нивните популистички изданија – бидејќи она што те плаши секогаш ти се чини поостварливо од ветувањата за некакво „подобро утре“.

Тоа е рамката во која се случуваат и сегашните партиски изборни стратегии на власта и на опозицијата: власта тврди дека ќе биде страшно ако таа си замине од власт; опозицијата тврди дека може да биде само подобро ако тие дојдат на власт. Проблемот е во тоа што аргументацијата на опозицијата бара интелектуален ангажман кај гласачите, нивен интерес рационално да ја промислат сегашноста, да се „пробијат“ низ поплавата од неважни работи за да ги согледаат важните, а и да го издигнат својот непосреден, личен интерес (распространетиот клиентелизам, на пример) за општата добробит на заедницата, за да помислат, макар на момент, на иднината на државата и следните поколенија во неа. За власта работата е неспоредливо полесна: и злото што го познаваш е подобро од стравот и неизвесноста од непознатото – „двесте евра си се двесте евра, кој ти ги дава!“. Или: промените, по дефиниција, ги „делат“ гласачите, повикот за континуитет ги „множи“.

Така би било кога јавноста би се однесувала „рационално“. Но, ниту една јавност во кое било општество никогаш не се однесува рационално. Историјата е преполна со такви примери, кога и многу поголеми, демократски одлежани, институционално посериозни и постабилни држави на изборите гласале за глупости од кои, потоа, тешко се опоравувале.

Сепак, како што веќе и претходно сум пишувал, ниту едно истражување не може да го предвиди процентот на оние кои, кога ќе застанат зад гласачкиот параван, ќе ја одберат опцијата „Доста е!“. Тоа е она што нашите политичари ги остава без сон.