ФОРУМ АНАЛИТИКА БР. 13: НА МАКЕДОНИЈА Ѝ ТРЕБА ДИСКОНТИНУИТЕТ

1112
Print Friendly, PDF & Email

Денес, дури и на поддржувачите на уморната власт им е јасно дека, вака како досега, повеќе нема каде да се оди. Објективно, кај главните политики во сите клучни области во државата – од економијата и социјалата, до здравството и земјоделието – мора нешто суштински да се менува, бидејќи површните, шминкерски реформи не само што нема да дадат ни краткорочни резултати, туку таквите палијативни мерки самите ја продлабочуваат кризата.

Но, нашата криза повеќе не е примарно материјална, а таа само појавно е и политичка; во суштината, таа прерасна во длабока морална и егзистенцијална криза што го разјадува самото ткиво на општеството. На недореченостите и искривувањата на демократскиот систем во првите петнаесетина години по осамостојувањето, имавме несреќа да го посведочиме надоврзувањето на еден зол, простачки, навредливо неук, но многу дрзок, агресивен и амбициозен обид за социјален и политички инженеринг на кој бевме изложени во последнава деценија – на крајот (иако некои од нас тоа го тврдевме прилично при почетокот) се покажа дека таа бескрупулозна манипулација со историскиот, менталниот и моралниот код на општеството служела само како маска, како „димна завеса“ за веројатно најголемата и најефикасна финансиска пљачка на која беше изложена Македонија, од памтивек до денес.

Од сегашна перспектива, изгледа како да сме заталкале толку далеку во погрешен правец, што единствено решение е да се вратиме на превреднување на основните вредности на македонската демократија и на овдешната општествена реалност. Тоа го сугерираат и резултатите од обемното истражување на јавното мнение што го презентираме на почетокот од овој број на Форум Аналитика.

На Македонија треба дисконтинуитет!

Тој дисконтинуитет, според нас, е примарно содржан во потребата политиката да престане да биде извор на сите вредности и добра, да престане да биде единствениот центар на моќ во општеството. Така сфатената и така практикувана политика е една од суштинските карактеристики на тоталитарните системи: реалноста да не постои надвор од политичкото, кое го утврдува раководството на партијата на власт! Таа „тотална политичка окупација“ мора да ги напушти македонските сфери на бизнисот, образованието, уметноста, медиумите, спортот, здравството, религиите… Политиката мора да ја изгониме од нашата приватност и, строго и решително, да ја вратиме таму каде што ја сместува и самиот македонски Устав.

За почеток, дебатата за таквата „деполитизација на општеството“ не треба да се препушти само на партиите и политичарите. Тоа е намерата на овој број на Форум Аналитика. Дека станува збор за тежок и неизвесен потфат, говорат и текстовите на повеќето автори во списанието.

Во 13-тиот број на Форум Аналитика пишуваат: Петар Арсовски („Причини за условен дисконтинуитет“), Владимир Петрески („Професионалното новинарство како бели крвни зрнца за демократијата“), Гордан Георгиев („Пловење во непознати води“), Воислав Стојановски („Ослободување на заробеното правосудство“), Ненад Марковиќ („In aeterna certanime – за вечната борба против суштината на македонскиот демократски неуспех“), Џабир Дерала („Ни треба ли ваков изборен мониторинг?“), Александар Литовски („За актуелниот историографски ревизионизам и неговата демонтажа“), Ана Чупеска („Транзициска правда и Tribunus Civilis“), и Зоран Бојаровски (Фотографии што поттикнуваат на мисла, на размислување и на – акција“)

Д-р Сашо Орданоски и Зоран Бојаровски, уредници на Форум Аналитика

За да го читате PDF изданието на Форум Аналитика 13, кликнете тука.

fa-13-naslovna