ФОРУМ АНАЛИТИКА ИСТРАЖУВАЊЕ: ПРИЧИНИ ЗА УСЛОВЕН ДИСКОНТИНУИТЕТ

413
Фото: Роберт Атанасовски
Print Friendly, PDF & Email

Пишува: Петар Арсовски

На средина на секоја затворска казна, за оние затвореници за кои постои можност за ресоцијализација и рехабилитација, најчесто се организира сослушување за тоа дали комисијата за помилувања ќе дозволи казната да се замени со условна, како и дали казнетиот ги исполнува условите за да биде предвреме пуштен на домашно издржување.

Кога ја разгледувам анкетата, направена за Форум Аналитика, за која пишувам овде,односно кога си ги средувам впечатоците што еманираат од наодите, добивам токму такво чувство – дека македонското општество е на пола издржување затворска казна за злосторства против демократијата, и дека овој период е период на пресек, на проверка на капацитетот на политичкиот и општествен дискурс за рехабилитација и за тоа дали има силада излезе од заробеност и да почне ресоцијализација? Дали има сила да направи дисконтинуитет?

На иста линија се и општите наоди од истражувањето:Тие покажуваат дека, сепак, има живот во сржта на општеството, некаков изблик на свесност за итната потреба од промена на системот. Сепак, не сум сигурен дека таа свест ќе биде доволна за суштински реформи, за пресврт, па со тоа и за „намалување на казната“. Тоа, сепак, најточно ќе го покажат изборите и периодот веднаш по нив.

Ова истражувањее направено како дел од проект за воведување еден различен пристап во аналитиката која циркулира низ македонските печатени медиуми. Форум Аналитика, со помош од УСАИД, пред издавањето на овој број, спроведе истражување за социополитичките состојби во Македонија, а наодите од тоа истражување се составен дел на текстовите што се појавуваат во овој број. Така, Уредувачкиот одбор на списанието прави напори да воведе проверени, научни сознанија како основен елемент на анализите што се поместени на овие страници, што претставува потег за поздравување. Ваквиот пристап ќе значи намалување на субјективните впечатоци за кои ние, аналитичарите, сме толку често критикувани, и нивна замена со емпириски податоци, научни сознанија и проверени заклучоци. На тој начин, Форум Аналитика добива нов квалитет, пообјективен пристап и, се надевам, зголемена доверба и влијание кај своите читатели и кај општата јавност.

ШИРОКО РАСПРОСТРАНЕТ ПЕСИМИЗАМ

Најнапред, збор-два за самото истражување. Спроведено е од 6-11 октомври 2016 година, на случаен, повеќеслоен, стратификуван, национално репрезентативен примерок на полнолетни граѓани во државата, со големина на примерокот од 812 испитаници, и со маргина на грешка од 3,4%. Кога зборуваме за маргина на грешка, веднаш би сакал да појаснам нешто:маргина на грешка од 3,4% не значи дека истражувањето греши за 3,4%, туку дека веројатноста дека податоците се токму тие како што се појавуваат во анализата, е околу 97%. Значи, ако има некоја бројка, од 12% на пример, грешката не значи дека реалноста е помеѓу 9% и 15%, туку дека постои 97% веројатност дека реалноста е токму 12%.Ова е мало објаснување за тоа колку релевантни и точни треба да се сметаат податоците од истражувањето.

Но, да почнеме по ред. Првата батерија прашања се однесува на општата состојба во државата. Тука, на прашањето Дали Македонија се движи во правилна или во погрешна насока?, само 18,6% од испитаниците се изјасниле дека државата се движи во правилна насока, додека безмалку половина, 49,6%, велат дека се движиме во погрешна насока. Останатите 29,1% се неутрални, изјаснувајќи се дека не се движиме ниту во правилна ниту во погрешна насока.

По етнички линии податоците се малку поразлични, каде 15,9% од Албанцитесе изјаснуваат дека Македонија се движи во погрешна насока, што претставува повеќе од 2/3 од вкупните Албанци во државата, имајќи предвид дека вкупното учество на Албанците во примерокот е 24%.Се појавува еден општ впечаток дека Албанците генерално, како етникум, се понезадоволни, попесимистички и со поголем негативен предзнак во нивната перцепција, и тоа за безмалку сите состојби во државата.ank_3_detra_f1_outlines-8

Истото се повторува и на прашањето Дали општата состојба во Македонија се подобри, се влоши или остана иста? Само 7,2 проценти од граѓаните сметаат дека состојбите се подобриле, додека високи 47,6% сметаат дека се влошиле, а 44,1% дека останале исти. Етничката поделба е слична, каде поголемиот дел од Албанците сметаат дека состојбите се влошиле, за разлика од најголемиот дел од Македонцитекои сметаат дека останале исти. Повторно се појавува дискрепанца помеѓу перцепцијата кај двете најголеми етнички заедници, каде Албанците се далеку понезадоволни од состојбите.

На третото прашање, Дали живеете подобро или полошо од лани?, најголемиот дел од Македонците сметаат дека живеат исто, а најголем дел од Албанците дека живеат полошо од лани  (38,3% со 13,4%).

На прашањето Дали мерките на владата даваат надеж или се разочарувачки?, ситуацијата е уште посериозна: 60,9% од вкупната популација е изјаснета дека мерките на владата ги разочаруваат, додека само 27,6% сметаат дека мерките даваат надеж. Повторно Албанцитесе далеку попесимисти и поразочарани од Македонците, соречиси7/8 од Албанците кои се изјаснуваат дека се разочарани од мерките на владата.ank_3_detra_f1_outlines-17

Општо земено, граѓаните во Македонија се незадоволни и разочарани од општата состојба, апатични и цинични за нивниот живот, како и разочарани од владините мерки. Овие показатели би требало да ги загрижат институциите, зашто во некои повиспрени општества, вакви показатели би биле сериозен индикатор за можност за помасовни социјални протести и немири. На европските истражувања, на пример, ваквите показатели би подигнале „црвено знаменце“ дека во таа држава има сериозен потенцијал за граѓански немири (“civil unrest”).

Граѓаните се прилично поделени и без јасна доверба во системот и на прашањето Како се спроведуваат изборите во Македонија? Таму, само 15,5% се изјаснуваат дека изборите се спроведуваат фер и демократски, а останатите детектираат извесни, значајни или целосни манипулации во изборниот процес. Повторно Албанцитесе појавуваат со далеку помалку доверба во избирачкиот систем и начинот на кој се спроведуваат изборите, одошто нивните македонски сограѓани.

УМОРНИ ОД ПОСТОЕЧКАТА ПОНУДА

На батеријата прашања што се однесуваат наполитичката определба, конкретно на прашањето Каков би требало да биде составот на идната влада по изборите?, најголем дел од граѓаните, 22,3%, сметаат дека тој треба да биде широка коалиција, додека значајни 17,1% и 16,3% (соодветно) сметаат дека владата треба да биде составена од целосно нови партии, или од сегашната опозиција. Овие индикатори се интересни во социополитичка смисла, зашто упатуваат на заклучок дека граѓаните се прилично уморни од вкупната политичка понуда и се во потрага по нови партиски опции.Ова е едно од ретките прашања каде и Македонците иАлбанците се согласуваат, односно најголем дел од испитаниците во двете етнички групи одбрале влада на широка коалиција како најпосакувана опција.ank_3_detra_f1_outlines-23

На прашањето, пак, Кој е најголемиот проблем со кој се соочува Македонија?, најголем дел од испитаниците се определиле за економијата и вработеноста (60,8%), додека на не толку истакнато второ и трето место се криминалот и корупцијата, и општата состојба и недостатокот на политички дијалог со скор од 12,5% и 12,2% (следствено). Овде треба да се потенцира дека во сите истражувања економските проблеми секогаш доминираат и дека, во таа смисла,нотирањето на проблемите со корупцијата и општата политичка состојба, иако се појавуваат на второ и трето место, не се безначајни. На ова прашање повторно се појавува значајна дискрепанца помеѓу различните етнички групи, односно Македонците се диспропорционално повеќе загрижени за политичките прашања, а Албанците повеќе за економијата.

На прашањето Која партија најдобро би се справила со проблемите со кои се соочува државата?, за разлика од претходните истражувања, каде што власта беше далеку подобро оценета, сега двете најголеми партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, се релативно изедначени со скорови од 23% до 27% за ВМРО-ДПМНЕ и 19% до 27% за СДСМ.Сепак, голем дел од испитаниците се определуваат за „ниедна“ или„некоја друга“, правејќи така безмалку половина од граѓаните да немаат доверба во сегашните политички партии, вкупно.Кај албанскиот блок има поголема разлика, каде што ДУИ е подобро оценет на сите прашања во споредба со ДПА, а варијациите се од најблискиот скор 5% на 3% во полза на ДУИ, до 8% на 2% во полза на ДУИ.ank_3_detra_f1_outlines-36

Релативно се поразителни и податоците за доверба на граѓаните во институциите.  Граѓаните речисисите институции ги оценуваат со негативен резултат, односно поголем дел од граѓаните немаат, одошто имаат, доверба во институциите. За разлика од претходни истражувања, каде што армијата и полицијата беа речиси секаде униформно пристојно оценети, сега и тие институции се со негативен предзнак. Најлошо се оценети партиите и политичарите со само 20% доверба и 57% недоверба, потоа судството, со 25% доверба и 53% недоверба, а најдобра оценка имаат меѓународната заедница со 47% доверба и 26% недоверба, и Специјалното јавно обвинителство со 40% доверба и 32% недоверба.

ИМЕТО НЕ ГО ДАВАМЕ

Нема значајни промени ниту на одговорот на прашањето за избор околу името и авроатлантските интеграции. Имено, кога на граѓаните ќе им се постави избор Дали би прифатиле компромис за името за влез во НАТО и во ЕУ, или би се откажале од НАТО и од ЕУ доколку услов за тоа е компромис за името?, безмалку 4 пати повеќе Македонци би се откажале од евроатлантските интеграции, односно само 12,7% би прифатиле компромис за името, додека 47% би се откажале од евроатлантските интеграции. Ова е едно од прашањата каде што дијаметрално спротивните ставови на македонската и на албанската заедница се најизразени, со безмалку сите 22% од Албанците кои би прифатиле компромис.

Следното прашање се однесува на гласачкиот одзив на изборите, кој според сите сознанија ќе биде релативно висок. На истражувањето високи 77,8% се изјаснуваат дека сигурно ќе гласаат или најверојатно ќе гласаат. Сепак, тоа нема директно да се рефлектира на формалниот одзив, бидејќи анкетата се спроведува само на присутни, а Избирачкиот список ги брои и отсутните гласачи.Треба да се очекува одзив од околу 57%-62% од формалниот Избирачки список. Тоа само уште еднаш покажува колкав дел од граѓаните не се физички присутни во Македонија во моментот кога ќе се спроведуваат изборите. Истовремено, високиот реален одзив укажува на длабоко политизирано, заробено општество, во зависност од политичките партии. На ова прашање нема значајни разлики, со тоа што Албанците се малку поверојатни гласачи на претстојните избори.

Прашањето За кого ќе гласате на претстојните избори? е можеби најинтересно за анализа, иако во последните истражувања се покажува извесна инхибиција околу изјаснувањето за политичката опција кај испитаниците, такашто овие резултати треба да се земат со доза на внимателност. Испитаниците се изјасниле на следниот начин: 24% би гласале за ВМРО-ДПМНЕ, 17% за СДСМ, 4% за ДУИ, 1,6% за Зијадин Села, 1,3% за ДПА, 1% за БЕСА,додека другите партии се со помал скор.Голем дел од македонските испитаници, речиси37%, одговориле дека или сѐ уште не одлучиле за кого ќе гласаат на претстојните избори, или дека одбиваат да одговорат на ова прашање. Оттаму, сите исходи се можни, иако тенденциите се на намалување на разликата помеѓу поддршката за власта и поддршката за опозицијата. По етнички линии, се забележува стандардното раслојување, но значајно е што СДСМ добива и дел од албанските гласови, вон етничките кампови.

ЗЛОСТОР БЕЗ КАЗНА

Следната батерија прашања се однесува на политичката афилијација на граѓаните пред и по објавувањето на прислушуваните материјали од страна на опозицијата.  Ова е интересно прашање, бидејќи на еклатантен начин го демонстрира капацитетот на нашето општество за отчетност, политичка одговорност и граѓански револт.На ова прашање, испитаниците се изјасниле на следниот начин: пред „бомбите“, 45,2% од нив ја поддржувале власта, додека по „бомбите“, тој број паднал на 32,2%. За опозицијата биле 17,7% од граѓаните, а по објавувањето на материјалите, тој број се зголемил на 27,8%. Ова се демократски перформанси што не се доволни, тие покажуваат дека нашите граѓани, во основа, немаат демократска традиција на отчетност и за казна на политичарите кои го злоупотребиле системот или јавната доверба. Нашето општество, во оваа фаза од демократските реформи, покажува ограничен капацитет за промена.

На прашањето дали би поддржале мултиетничка коалиција пред изборите, релативно висок процент, 48,7% од граѓаните би поддржале таква опција, додека 31,3% не би поддржале. Албанците на ова прашање покажуваат полиберален став, каде што безмалку 60% од Албанците поддржуваат предизборна коалиција. Повторно, истражувањето имплицира некаков сигнал за промени, за потреба од поголема инклузивност и соработка помеѓу партиите.

Овие прашања се индикатор за една општа состојба на замор на демократскиот и политичкиот материјал во општеството. Иако незадоволни, граѓаните не препознаваат некаква нова опција или надеж за подобрување на состојбите.  Напротив, остануваат закопани во своите политички, етнички и национални ровови. Со исклучок на потребата за меѓуетничка и меѓупартиска соработка, што се гледа на одговорите на прашањата за мултиетничка коалиција и широка коалиција, не постои посериозен капацитет за системски промени на политичкиот дискурс или очекувања.

Една од точките каде што испитаниците покажуваат поактивен став е групата прашања поврзани со Специјалното јавно обвинителство. На пример, над 59% од граѓаните ја поддржуваат работата на СЈО, и тоа и Македонците и Албанците. СЈО добива и високи оценки за својата работа, со 31,1% кои се изјасниле за оценка 5, 13,6% го оцениле со 4, 17,7% со 3 и само 7,1% со 2. Работата на СЈО не ја поддржуваат 13,9% од испитаниците. Сепак, на прашањето Какви се очекувањата од работата на СЈО?, работите се помалку оптимистички, со тоа што само 16,7% од испитаниците имаат доверба дека СЈО целосно ќе успее да ги совлада предизвиците со кои се соочува, а најголемиот дел, 23,6% веруваат дека СЈО само делумно ќе биде успешно во својата работа. 19,7% сметаат дека СЈО ништо нема да постигне. Ова се податоци што укажуваат на пасивна поддршка, инфузирана со значителна доза на цинизам и апатија кон институциите, па и кон СЈО.ank_3_detra_f1_outlines-55

За потребите на Форум Аналитика, можеби едни од поинтересните сознанија се оние врзани за состојбите со групите во македонското општество. Освен пензионерите, за кои испитаниците сметаат дека имаат релативно добра положба во општеството – што е рефлексија на целата пропагандна кампања на власта за пензиите и другите статусни прашања на пензионерите – речисисите други групи се оценети лошо, а најдраматични се резултатите кај младите, каде што нивната состојба негативно ја оценуваат 59,7% од испитаниците, наспроти 26,3% кои нивната положба ја оценуваат позитивно.Што се однесува до ситуацијата со одредени прашања, исклучително лошо се оценети слободата на изразување, демократијата, човековите права, владеењето на правото, а особено криминалот и корупцијата, со тоа што над 70% од граѓаните во Македонија последните две категории ги оценуваат негативно. Повторно се истакнува цинизмот, недовербата и апатијата кон состојбите во општеството.

Оценките се особено поразителни по прашањата поврзани со иселувањето на младите. Таму, над 60% од испитаниците сметаат дека младите немаат перспектива во македонското општество, став што го делат и најголем дел од Албанците. Уште поиндикативно, над 45% од испитаниците го поддржуваат иселувањето на младите од државата, што е сериозен индикатор дека ја доживуваат Македонија како целосно бесперспективна земја.

НЕЗАДОВОЛНИ, НО МИРНИ

Досега добиените индикатори од нашето истражување одат во правец на јасни елементи за социјален и политички бунт, а тоа, сепак, не се случува. Иако разочарани, незадоволни и лути, граѓаните сепак не покажуваат активна компонента за придружување кон опозицискиот став и не покажуваат подготвеност таквиот став масовно да го излеат на протести, собири, граѓанска непослушност и други форми на изразување незадоволство. Можеби одговорите на испитаниците на следните прашања ќе покажат зошто.

На пример, на прашањето Дали поддржувате и дали би учествувале на организирани штрајкови и протести?, 26,7% велат дека поддржуваат и би учествувале на протести, но 32,8% велат дека поддржуваат протести, но не би учествувале на нив. 23,2% ниту поддржуваат ниту би учествувале на организирани протести. Од овде е јасно зошто демократијата во Македонија е заробена. Луѓето сакаат промени, незадоволни се и револтирани, но тој став не го прелеваат во активна компонента, во некаква граѓанска иницијатива.И тука нема драстична разлика помеѓу одговорите на различни етнички групи, со тоа што Албанците малку поверојатно би излегле на протести одошто Македонците.

Слична слика остава и одговорот на прашањето Дали, доколку се укине СЈО, би протестирале против таквата одлука? Да се потсетиме: безмалку 60% од македонските граѓани ја поддржуваат работата на СЈО, а сепак само 20,5% би излегле да протестираат доколку институцијата во која имаат најмногу доверба и за која искажуваат најголема поддршка – се укине.Мнозинството, 53,9% таквата одлука би ја дочекале без протест. Тука поделбата е подрастична по етнички основи, каде што поголем дел од Албанците би протестирале против укинувањето на СЈО, а Македонците не.

ank_3_detra_f1_outlines-72

НА СИТЕЛ НИКОЈ НЕ МУ ВЕРУВА

Претпоследната батерија прашања се однесуваше на некои општи сознанија, за да го оцениме и анализираме односот на граѓаните во Македонија со светските случувања. Така, на прашањето Дали го поддржуваат излезот на Велика Британија од ЕУ?, 23,7% од граѓаните го поддржуваат, а 33,3% не, со тоа што кај Албанците е поголем процентот на оние што не го поддржуваат Brexit. На прашањето, пак, Дали го поддржуваат Доналд Трамп или Хилари Клинтон?, 37,5% ја поддржуваат Клинтон, а 17,4% Доналд Тармп, со тоа што тука има значајни разлики по етничка основа, каде што безмалку сите определени Албанци ја поддржуваат Хилари Клинтон.

На прашањето од каде се информираат, граѓаните се изјаснуваат дека безмалку 80% примарно се информираат од телевизија, 20% од интернет, и 0,6% и 0,7% од печатени медиуми и од радио. На прашањето од кој конкретно медиум најмногу се информираат, 20,1% се изјасниле за ТВ Алсат-М, 9,5% за ТВ Сител, по 8,5% за ТВ Телма и за ТВ 24 Вести, 8,3% за ТВ Канал5, 2,7% од Фејсбук, 2,4% од time.mkитн.

Запрашани за тоа Во кој медиум имате најмногу и најмалку доверба?, води ТВ Алсат-М со 15,4% доверба, следуваат ТВ 24 Вести и ТВ Телма со по 12% и 11,8% доверба, ТВ Сител со 10,1% доверба.На прашањето во кој медиум имате најмалку доверба, води ТВ Сител со импресивни 45,3% од испитаниците, додека сите други медиуми се со недоверба под 6%.

РЕВОЛУЦИЈА ВО ПАПУЧИ

Ова истражување е доста значаен индикатор за состојбата во која се наоѓа македонската демократија и граѓанскиот активизам. Генерално, луѓето се незадоволни, песимисти, револтирани, цинични и уморни од вкупната досегашна политичка понуда. Сепак, таквиот сентимент значајно не се рефлектира врз активности на полето на граѓанскиот активизам, не носи пресвртница во политичката определба, не ги стимулира граѓаните на бунт и не се реперкуира врз нивниот партиски избор. Се поставува прашањето:зошто?

Ваквите индикатори во поголемиот дел други европски земји би имале далеку посериозни социополитички последици, би произвеле драстичен граѓански револт, би ја смениле вкупната слика во општеството.Напротив, револуцијата кај нас најдобро би се одвивала дома, во папучи, пред телевизор, по можност со мезе, додека некој друг надвор би ја завршил работата.

Не сум сигурен дали ваквиот демократски колапс е последица однекаков недостаток на традиција, немање капацитет или, пак, претставува индикатор на поразена општествена структура, гмечена и анестетизирана до точка на непрепознатлива аморфност. Граѓаните ја препознаваат лошата состојба, но не се подготвени ништо порадикално во врска со тоа да преземат. Револтот е претворен во апатија, а незадоволството во цинизам. Ваквиот перформанс на општеството е индициран со недостатокот за волја за промени, за протести, за поширок активизам.

Македонската демократија, во таа смисла, е поразена. Таа нема суштински капацитет за самата, на половина пат, да се избори со предизвиците од авторитарен популизам и автократија. Наместо политичката криза да резултира со распространет и екстровертен револт, таа резултира со цинично и воајерско перцепирање на процесите, како и со еден пасивен дух во однос на неопходните реформи што состојбите би ги вратиле во нормала. Едноставно, нашите граѓани сакаат демократија, но ако може некој друг да ја испорача и да ја плати сметката.  Дополнително, толку се притиснати од секојдневни проблеми, што имам впечаток дека сметаат дека демократијата е луксуз што не можат да си го дозволат, притоа приклонувајќи се кон масовниот клиентелизам како средство за преживување, за гол опстанок.

Изборите што доаѓаат во пресрет на овие процеси најверојатно ќе бидат индикатор на некакви подземни промени, но тие ќе се случуваат во политичката интима на гласачите, а помалку на јавна сцена. Подобрениот перформанс на опозицијата, незадоволството од власта, потребата за владеење на правото, правдата, слободното изразување, па и протестите, ќе продолжат и по изборите, но со намален интензитет.  Во таа смисла, изборите нема на ниту еден начин да претставуваат разрешница на кризата, зашто тие, во основа, не ги адресираат причинителите за кризата, ниту, пак, кризата е доволно длабока, егзистенцијална, за да има капацитет да предизвика посериозни социополитички промени.

Во таа смисла, се поставува прашањето каков дисконтинуитет ѝ е потребен на Македонија?

ПОМЕЃУ СТРАВОТ И ПАМЕТТА

Ако претпоставиме дека политичката криза е последица на процеси што толку далеку ја однеле државата во погрешен правец, тогаш единственото можно решение би било остар рез, радикална промена на начинот на кој го практикуваме социјалниот и политичкиот дискурс. Таквите пресврти се можни под неколку основни претпоставки…

Прво, дека постои експлицитна и опиплива криза, која на недвосмислен начин, јасно и итно, покажува неопходност за промени. Не сум сигурен дека македонските граѓани, како таква, ја препознаваат оваа криза.

Втората претпоставка е дека постои капацитет во општеството кризата да се препознае, осознае и од неа да извлечат вистински поуки за неопходните реформи.  Ова може да се случи „милум или силум“, односно преку еволутивни или по пат на револуциски процеси.Истражувањето покажува дека за револуција сме премногу плашливи, а за еволуција недоволно умни.

Третата претпоставка е дека имаме капацитет реформите да ги спроведеме.А, не само што таков автохтон капацитет нема, туку, напротив, постојат многу ретроградни сили и процеси што се противат на потребата за промени, кои би сакале, условно кажано, уште полоша ситуација, од прагматични или од себични причини, сеедно.

На крајот, една аналогија. Имено, и во македонската јавност неодамна проструи веста дека Агенцијата за храна и лекови на САД сега ќе им наложи на сите производители на хомеопатски лекови на самото кутивче да пишуваат дека лекот нема баш никакво дејство, имајќи предвид дека излегоа последните анализи што недвосмислено докажуваат дека хомеопатијата не делува. Но, Агенцијата не сметала на упорноста на оние што сакаат да бидат лажени. Можат да стават колку сакаат предупредувања дека апчињата не делуваат, а луѓето повторно ќе ги купуваат, како што продолжуваат да купуваат и цигари и покрај грозните слики и предупредувањата за смртните последици на пакувањата.

Со други зборови, слично е и со македонската демократија: на „кутивчето“ можеме да ставаме знаци за предупредувања колку сакаме, но луѓето повторно ќе ги игнорираат.

Како и кај пушачите и поддржувачите на хомеопатијата, можеби имакедонските граѓани се зависни од сопствената мизерија и цинизмот со кој ги дочекуваат и најлошите вести во политиката.

*ПетарАрсовски (43) емагистерпополитичкакомуникологија и политичкимаркетинг.  Магистрираво 2001 г.воЛиверпул, Велика Британија. Тој е колумнист, аналитичар, политиколог и експертсо дваесетгодишен стаж и есопственикна ПР-агенцијата„Креатиф“.  РаботелнаповеќеполитичкикампањивоМакедонија и ворегионот. Сезанимавасополитичкиистражувањаод 1997 г.

*Бројките се секаде дадени во процентни поени, значи односот 13,4% не претставува процент одАлбанците, туку од целата популација. Тоа е безмалку 2/3 од Албанците, кои учествуваат со 24% во примерокот.