Георгиев: Пловење во непознати води

4030
Фото: Роберт Атанасовски
Print Friendly, PDF & Email

Пишува: Гордан Георгиев*

Во време кога во едно општество дистопијата е на сила и се спроведува со сила, а притоа таа дистопија е десет години речиси недвосмислено поддржана од мнозинството на граѓаните – или, ако ги земеме предвид изборните нерегуларности, барем голем дел од граѓанството – времињата за создавање нови утопии се еднакво важно нецелисходни. Нашата, македонска дистопија е речиси заокружена и реализирана, и исходот од неа е повеќе или помалку познат: комплетно разорено општество и институции, криминализирани и корумпирани структури во сите слоеви на институциите, клиентелистички хабитус што стана прифатлива норма, а не девијација, интелектуален егзодус на младите, но и на не така младите „добри и вредни“ членови на општеството, со несогледливи долгорочни последици по „здравјето на нацијата“, замаглени до непрепознатливост перспективи и крајно неодржлива геополитичка и финансиска неизвесност.

Во вакви историски (и предизборни) премрежја, здравиот разум оправдано ни налага да си го поставиме прашањето: како да се излезе од вака затворениот круг и да се создадат услови за кршење на овој дантеовски перпетуум? Како да се избегне Сцилата, а да не нѐ проголта Харибдата?

Основната теза во оваа анализа е дека потребата од дисконтинуитет во македонското општество е тема што како своја исходишна точка ги зема безмалку апокалиптичните предизвици пред кои се наоѓаме, но ваквите предизвици ги поставува во една линеарна и, во основа, погрешна перспектива која е тешко остварлива, а во некои аспекти и непосакувана.

Ќе се обидам ваквата, можеби контроверзна теза за македонските либерални кругови, да ја поткрепам преку неколку столбови и поенти, кои можеби би ни помогнале на еден реален, здраворазумски начин да ги согледаме перспективите, можностите и ресурсите со кои располагаме во поривот да го овозможиме дисконтинуитетот на денешнава дистопија, и притоа да не влеземе во преголем ризик да создадеме нова утопија.

Се разбира, основниот седржечки принцип во моите опсервации се темели врз константата дека ова во коешто ние денес живееме ниту е здраво општество, ниту, пак, има можност да „оздрави“ во постојната констелација на општествените сили што се доминантни во последниве десет години.

ОСНОВНИ ПРЕТПОСТАВКИ ЗА ДИСКОНТИНУИТЕТ

Потребата од дисконтинуитет во политички и морално разорените општества е секогаш тема на денот. Очајот и бесперспективноста која нѐ обвива налага внатрешни рефлексии што се доближуваат до есхатонот, и отаде есхатонот. Во таква состојба, веројатно е природно и очекувано само малкумина да се прашуваат: „А што има после крајот, има ли и крајот (како и дното), дупли крај?“

Здравиот разум на ретките преостанати „здраворазумни“ македонски граѓани со право ги поставува овие дилеми. Ќе можеме ли да ја сочуваме државата во која легитимно живеат и гласаат огромен број граѓани што не го поседуваат „чипот“ на опстојувањето, кои не прават особено длабокоумни рефлексии околу иднината на сопствената држава, па дури ни за иднината на своите најблиски? Кои немаат однос кон потребата за здрав историски континуум на една нација? Туку, напротив, граѓани за кои (можеби со право) животот се сведува на преживување од ден за ден, а ручекот секако некој друг ќе го плати. Се пробавме ли како држава последниве 25 години и што – констатиравме дека не нѐ бива и, по историска инерција, одиме понатаму?

Така, потребата од дисконтинуитет е неодминливо прашање во вакви важни, драматични моменти. Во овој краток есеј ќе се задржам на преддисконтинуитетните прашања, на сегашноста како еден вид stop motion анимација и на евентуалните постдисконтинуитетни перспективи на Републиката.

Најпрво за првото, пра-прашање. Потребата од дисконтинуитет неминовно прашува: А дисконтинуитет од што? Од кого? И од која временска отсечка? Ако кажеме дека треба да го прекинеме дантеовскиот континуум од последните години, треба да се запрашаме: а во име на што и во име на кого? И исто така: а каде ќе одиме, со што ќе одиме и со кого ќе одиме? Овие три „каде“, „со што“ и „со кого“ се фундаменталните прашања во политиката. Првото се однесува на историјата и на иднината, второто на економијата, т.е. на ресурсите (минати, сегашни и идни) со кои би располагале, а третото се однесува на моралниот и политичкиот капацитет и кредибилитет на човечкиот материјал со кој располагаме.

Размислувајќи за минатото и за иднината, можеме слободно да кажеме дека последниве десет години сме сведоци на фундаментален дисконтинуитет во однос на она што претходно ни изгледало како дадено, апсолвирано и неконтроверзно. Пред сѐ, овде мислам на новите историски наративи околу античките корени на македонскиот народ и, воопшто, целиот проект на „антиквизација“, свесно смислен и доследно реализиран во атавистичките лаборатории на Новите Македонци. Притоа, дисконтинуитетот, иако вешто замаскиран, од илинденското и, пред сè, партизанското минато на македонскиот народ несомнено создава бес, чувство на немоќ, но и впечаток на историско-генеалошка несигурност кај голем дел од граѓаните на Република Македонија. Од друга страна, можеме ли да им забраниме (со декрет! – бидејќи така се реализира дисконтинуитет) на исто така големиот број граѓани што се чувствувале, сакаат да се чувствуваат или имаат потреба да се чувствуваат како директни потомци на Александар Македонски? И не само тоа, таквите „антички Македонци“ денес имаат на располагање и стотици артефакти (иако артефактите се од стиропор и се, пред сѐ, во функција на криминалот на неколкумина), нови и ревидирани историски читанки преполни со античка (македонска!) историја, секојдневни документарни емисии и дебатни емисии на темата… Повиците за демонтирање на артефактите, палење на учебниците и апсење на водителите на „античките“ ТВ-програми „уште првиот ден по ослободувањето“ се нереални, би рекол и неможни романтичарски патоси на неколкумина корифеи на слободата. Она што е реално, што е потребно и е на линија на здравиот разум е преку бавен, осмислен и макотрпен процес да се пристапи кон отрезнување на нацијата и претставување на точните фактографии, од една страна, и разобличување на лажната античка митологија преку разголување на митоманијата како основна и вистинска причина (примерот со најмалку 600 милиони евра потрошени пари за „Скопје 2014“).

Истото важи и со проблематичните европски и НАТО перспективи на државата. Без разлика на тоа што сегашноста не ѝ оди во прилог на Република Македонија, пред сѐ во контекст на проблематичните ставови на администрацијата на Доналд Трамп во однос на НАТО, како и неизвесноста на европскиот проект како таков, Македонија мора да се закотви на таа линија и да го надгради континуитетот што го имаше до пред десет години. Оваа линија би требало, покрај безбедносниот аспект, да ѝ служи на секоја идна власт како доброволно и свесно самораздавање на „суверенитетот и правото“ да се краде во и од својата држава, да се задушува слободата и демократијата, на сметка на надворешни контролни механизми за одржување на правната држава, демократските процеси и борбата против корупцијата.

Овие претпоставки се поврзани со втората тема, т.е. економските предиспозиции со кои би се направил дисконтинуитетот во нашето општество. Радикален дисконтинуитет во оваа смисла исто така не е можен, бидејќи тој ќе подразбира реализација на „вистините што секој од нас ги знае“: радикално намалување на администрацијата, комплетно пренасочување на кредитните линии кон продуктивни, но краткорочно невидливи придобивки, радикално намалување на корупцијата и веројатно намалување или замрзнување на платите и пензиите. Во економски претпоставки исто така делумно ја категоризирам и безмалку револуционерната потреба за промени во судскиот систем. Не постои таква просветлена власт што ќе може да го изведе сето ова во еден релативно нормален и нетурбулентен четиригодишен мандат, а притоа да очекува победа на следните избори во име на продолжување на таквиот дисконтинуитет. Едноставно, јазот во општеството е преголем за да политиките на радикален дисконтинуитет ја направат таквата нова власт повторно избирлива (electable). Во тој процес ќе треба да има судење на оние што ги извршиле најголемите криминали и таквите судски процеси ќе треба на непристрасен начин да им се објаснат на нивните поддржувачи, а истовремено да им се покаже и докаже ним и на останатите граѓани дека новата власт не е корумпирана. Ќе треба на широкото граѓанство (а особено на поддржувачите на актуелната власт) да му се објасни и докаже дека сегашнава владејачка структура терминално ја загрозила нивната иднина земајќи скапи и непродуктивни кредити и дека во име на тоа расипништво новата власт ќе мора на непопуларен начин да ја обезбедува одржливоста на идните генерации.

Затоа, она што реалистично би можело да се направи е да се изгради најширок можен општествен консензус за овие прашања, да им се соопшти на граѓаните вистината в очи и постепено, со силна, но не безусловена меѓународна поддршка, да се пристапи кон решавање на овие прашања.

Конечно, третата кумулативна претпоставка  се однесува на моралниот и политичкиот капацитет и кредибилитет на човечкиот материјал со кој располагаме како општество. Интелектуалниот егзодус е можеби најдраматичниот аспект, бидејќи го остава општеството на „стаклени нозе“ во речиси сите домени што би биле потребни за прогрес, за супстанцијални и за одржливи промени. Вториот аспект е кога останатите „добри луѓе не се мешаат во политика“ и им го препуштаат теренот на оние што најдобро пливаат во матните води. Таквото заземање позиции и „морален злостор заради нечинење“ многу ја чинеше државата сиве овие 25 години, а тоа особено драматично се покажа последниве десет години. Сегашната поставеност на работите и обесчестувањето на политиката како позив и занает налага длабока промена на свеста, а свеста, ќе се согласиме, тешко се менува преку дисруптивни, дисконтинуитетни политики. Конечно, амбицијата за промена на свеста што сегашната владејачка структура се обиде да ја инсталира е најдобар пример за тоа какви дисторзии и конфликти се создадоа во општеството.

Република Македонија е скромна по своите капацитети, но за среќа (sic!) македонските граѓани (настрана романтичарските излети што, во суштина, географски се делимитираат пред кооперација или на предизборните митинзи) исто така покажуваат скромни и реалистични аспирации во поглед на себе и на својата млада држава. Ова, на ироничен начин, може да го олесни патот кон суштинските промени.

ЗА „НЕОСВЕСТЕНИТЕ“ ГРАЃАНИ

Мојот четиригодишен син неодамна ми изложи една вистинита и прилично кохерентна теорија за македонската историја. Имено, опседнат со стотиците споменици што секојдневно ги гледа низ главниот град, тој вели дека Гоце Делче (без „в“ на крајот, во неговото недослушнување на историски акуратните факти) бил убиен од лошите и потоа дошле партизаните и му помогнале на Гоце Делче да ја ослободи Македонија од другите војски. Тој вели дека Гоце Делче се уморил од борбата бидејќи бил сам и затоа му требало помош од партизаните, кои дошле од други држави да му помогнат во ослободување на Македонија. Оваа историски компримирана пара-теза во суштина е точна. Гоце Делчев не успеал сам да ја ослободи Македонија, Илинденското востание било преурането и брзо задушено, а од оваа историска перспектива и однапред осудено на неуспех. Македонскиот народ, пак, како и секоја друга нација во нуклеус, ја развивал својата свест за посебност и различност преку востанија и, посредно, преку опресијата на окупаторот, за на крајот, како логички след да ја развие и потребата за самостојност (од другите).

Овој краток параисториски екскурс го наведувам со цел да укажам дека безумниот, необмислен, нереалистичен и полн со емотивен набој дисконтинуитет носи големи неизвесности за една нација и е полн со непредвидливи препреки и замки што би можеле да нè втурнат во потреба од нови и нови дисконтинуитетни дилеми. Непознатите води во кои би сакале да влеземе не се однапред трасирана траекторија што гарантира успех и безбеден пристап до копното. Потребно е релативно бавно, но вешто кормиларење на патот кон консолидација. Република Македонија, како млада држава, за жал, сè уште нема такво големо демократско и институционално искуство и знаење за да можеме сосема сами и непречено да го направиме дисконтинуитетот. Едноставно, големо прашање е дали имаме сила да ги изведеме ваквите процеси, а потребата од радикален дисконтинуитет што ни ја налага либералното граѓанство е можеби преголем залак за сите нас. Паралелите со Зоран Ѓинѓиќ во Србија и враќањето на Александар Вучиќ на голема врата, либералните експерименти со Барак Обама/Хилари Клинтон и победата на Доналд Трамп, како и авантурата со Брегзит ни даваат за право да ги поставиме дилемите: дали ваквите радикални дисконтинуитети ги водат општествата напред или ги враќаат повеќе чекори назад?

Од друга страна, оние што ги нарекувам „опозициски фундаменталисти“не им даваат преголема надеж на граѓаните дека дисконтинуитетот ќе биде добар за сите. Да не заборавиме, добар дел од тие фундаменталисти останаа дома и молчешкум на телевизија го одгледаа Црниот понеделник, на пример. Исто така, на голем дел од граѓанството му требаа „бомбите“ за да ги истиснат и последните лични алибија дека „власта и не е толку лоша, а опозицијата може да биде и полоша“. Но, еднакво голем дел од граѓанството не сака ни да слушне за „бомбите“, а камоли да ги ислуша или, пак, да поверува во нив.

Исто така, да не заборавиме, а на тоа нè учи и историјата, новите конвертити се најгласни критичари на режимот, бидејќи се трудат преку своите високи децибели да ја затскријат ниската свест што ја имале кога не требало да ја имаат. И со нив е в ред, и таквите се нужни, можеби и клучни како квантум на гласачи и создавање на потребната перцепција дека режимот паѓа. Долгогодишните партиски активисти често знаат да кажат: „Штом се појават сончогледите во кулоарите на партијата или во јавноста, тоа е добар знак дека режимот ќе падне“. Но, таквите „сончогледи“ не носат прогрес, тие се корифеи на континуитетот под друго име, под друго знаме и под друга парола. Со нив не можеме да правиме дисконтинуитет, бидејќи тие по својот дух и природа се ЗА континуитет.

Она што е добро во периодот пред почетокот на предизборието е дека се отвори дебата за теми (тнр. issue based debates) и тоа дебата во рамките на опозицискиот кампус. Таа дебата е здрава и полезна, иако е полна со атавизми и ненаучени лекции за дебатирање. Луѓето како да се навикнаа на простачкиот дискурс што го наметна власта во овие десет години, па дури и како да се навикнаа и го прифатија здраво за готово фактот дека монолитноста и униформноста е доблест наспроти раскошноста во дебатирањето по одредени ставови. Оваа анестезија во знаењето како да се дебатира, ќе биде хендикеп и после 11 декември. Структурата на пратеничките листи на партиите и коалициите не ни дава простор да бидеме оптимисти дека, ете, после 11 декември одеднаш ќе започне вистинска дебата во Собранието и во јавноста (секоја чест на исклучоците – и, да!, професорот Ферид Мухиќ е еден таков исклучок). Сегашната владејачка структура најверојатно ќе ја задржи потребата од монолитност во јавните искази и ќе се труди по секоја цена да не пукне браната. Но, затоа опозициската јавност мора да научи да дебатира, дури и наспроти можните пукнатини во монолитноста, па дури и доколку изборниот резултат не овозможува доволно добри предуслови да се разговара за потребата од дисконтинуитет.

НОВИ КОЛЕКТИВНИ СОЛУЦИИ?

Прашањето за дисконтинуитет е филозофско и морално прашање, а дури потоа политичко или правно прашање. Тоа е, во основа, врзано со револуционерен патос, морална карактеристика што, гледана од историски, регионален и светски ракурс, тешко дека би можела да биде атрибуирана на македонскиот народ. Прашањето за дисконтинуитет, исто така, е врзано со потребата од радикален прекин на односите во општеството и ново дефинирање на моралниот и политичкиот поредок. Но, кај нас безмалку ниеден општествен авторитет не повикува на промена на политичкиот поредок (друг тип на поделба на власта, промена на номинално поставените либерално-демократски постулати, нови институции, нов економски модел надвор од неолибералниот капитализам), додека моралниот поредок е најпргавата константна во едно општество на која најчесто ѝ требаат генерации за да се редефинира. Револуцијата е дисконтинуитет по себе и таа е крајно дисруптивен настан во едно општество, додека постреволуциoнерните афтер-шокови се некогаш пострашни и од самата револуција. И овде се поставува прашањето: веруваме во колективни солуции или не? Ќе загинеме за идеи од брза смрт, или од бавна, природна смрт?

Колективните солуции ги почувствувавме на сопствената кожа во изминативе десет години и видовме што донесоа и кон што целат тие. Таквите колективни солуции ги изнагледавме и од 1945-1991 и видовме дека покрај стабилитетот (хранет со кредити за кои ние не знаевме и идеологија во која сакавме или бевме натерани да веруваме), тие на крајот ги покажаа своите супримирани фрустрации на големи делови од населението. Како пример за последниве изблици на фрустрации ги наведувам таканаречените микроколективитети како „албанско малцинство“, „опресирани вмровци праќани на Голи Оток“, потиснати „маргинални заедници“ (ЛГБТ), потисната „андерграунд и супкултура“, а секако и потиснати „фашизми од секаков вид“. Среќата што ја имавме како македонски нациум во тој период беше што низ стабилитетот и со помош на стабилитетот успеавме да го изградиме идентитетот (јазик, национални особености, црква, релативно дистинктивна култура), а преку југословенскиот суперидентитет го зацврстувавме и нашиот субидентитет.

И, сега, што подразбира потребата од дисконтинуитет? Нови колективни солуции? Нови почетоци? Нови пра-принципи, увезени од страна или произведени во македонските парадемократски лаборатории?

Не, мојот одговор е не. Да се изразам јадровито, без притоа да звучам компромисерски, потребата од дисконтинуитет ја гледам низ историскиот континуитет на „добрите“ работи и луѓе кои ѝ се случувале и ѝ се случија на државата во нејзината понова историја. Конечно, ние сме тие кои ја пиеме „водата“ овде и би требало самите да знаеме колку таа содржи хлор, арсен или фекалии. Или ќе најдеме внатрешни сили за тоа или помошта однадвор (најчесто добронамерна, иако напати несмасна и кратковида) нема да ја препознаеме или ќе ја употребиме во функција на злото, односно ќе ја злоупотребиме.

Исто така, радикалниот дисконтинуитет подразбира и дисконтинуитет во верувањата и ставовите на илјадници граѓани на Република Македонија, кои едноставно не мислат дека е потребна промена. Тие граѓани деновиве ќе гласаат за континуитет, без разлика дали здравиот разум можеби налага дека таквите одлуки на овие граѓаните се фундаментално погрешни, себични и, во крајна линија, можат да ја одведат државата и општеството во речиси неминовна пропаст. Можеме ли, едноставно, да ги збришеме таквите граѓани после „промената“? Како би го извеле тоа? Со одземање на нивниот граѓански статус? Со нивно, де факто, поставување како граѓани од втор ред? Со превоспитување? Или ќе се обидеме да изнајдеме начини како да се помириме со поддржувачите на режимот, ама да не заборавиме на злото што им беше нанесено на илјадници опозициски настроени граѓани?

Простувањето и помирувањето се најтешкиот дел од задачата, но без овие две компоненти нема ефективен и долгорочен дисконтинуитет што, во распон од подолг период (мојата процена е од 8 до 12 години, значи минимум два изборни циклуса), би донел некаков прогрес во општеството и би ја кренал државата на нозе. Граѓаните не можеш да ги остракираш, не можеш со сила да им наметнеш став кој е „добар и правилен“, не можеш да ги превоспиташ без да им објасниш дека им простуваш и сакаш да се помириш со нив, и тоа од позиција на победник на изборите. Конечно, не можеш да го прогонуваш политичкиот противник на тема криминал ако не им објасниш и не ги увериш неговите поддржувачи дека не го гониш заради неговите политички ставови, туку исклучиво заради криминалот кој некои, со име и презиме, го направиле.

Има ли свест за овие високопрофилирани морални прашања во македонската политика и општество денес?

Прашањето можеби изгледа неважно во контекст на следните „историски избори“, но тоа прашање е директно врзано со можноста за дисконтинуитет во македонското општество. Свесни ли се граѓаните на Република Македонија што би се подразбирало под дисконтинуитет? Свесни ли се политичарите што е дисконтинуитет и што ќе значи тоа за нив? Некои покажуваат декларативна свесност, некои свесно влегоа во саможртва, но тоа не е и не може да биде лична приказна или жртва само на некои, тоа мора да биде групна приказна на неколку десетици или стотици врвни носители на идната власт, кои ќе го убедат мнозинството на народот во правилноста на своите политики, но истовремено ќе ги постават правилата на игра во политиката кои се „исплатат“ и за другите, за тој прокламиран дисконтинуитет да стане посакуван континуитет или црвена линија за сите (или барем за главните) политички актери во државата.

КРИЗАТА НЕ ЗАВРШУВА НА 11 ДЕКЕМВРИ

Расел Кирк, таткото на современиот американски интелектуален конзервативизам, вели дека „луѓето не можат да го подобрат општеството така што ќе го запалат и ќе го вивнат во пламен, туку пламенот на општествената промена треба да го бараат навраќајќи се на и пронаоѓајќи ги старите вредности (virtues) врз кои ќе се насочи светлината на сегашноста и иднината“. Во светлина на овие размисли, тежнението кон дисконтинуитетот треба да го вткаеме во постојното и претходното, дури и во одредени аспекти на сегашново иминентно „претходно“ од последниве десет години (што, ќе се согласиме, воопшто не е лесно имајќи ја предвид разорноста што ја искусивме). Да се навратиме на добрите практики и умните замисли на нашите претходници за тоа како тие се труделе да изгледа општеството, по урнек на нашиот менталитет и според добрите историски поведенија и по урнеци на добрите практики на поразвиените демократски држави.

Некои работи по одржувањето на изборите ќе се сменат во рамките на она што се нарекува политика, политички систем и неговите влијанија врз останатите општествени системи (економија, правда, човекови права, земјоделие, култура итн.), но илузија е да се очекува дека сите предизвици и проблеми може да ги поправи политиката, или пак, дека политиката е моќна да ја промени свеста на граѓаните во краток рок. Во таа смисла, политичкиот фундаментализам на одредени врвни корифеи на слободата и ослободувањето морбидно потсетува на робеспјеровските повици за „градење нација на доблесни луѓе низ терор“.

И, да, кризата нема да заврши на 11 декември! Се согласувам со оваа веќе втемелена перцепција, но сакам да понудам и друга перспектива. Крикот дека кризата нема да заврши е одраз на недовербата и неверувањето дека кризата може да заврши во ваква општествена констелација и во состојба кога голем дел од граѓанството ќе се чувствува како апсолутен победник, а приближно исто толку голем дел од граѓанството ќе се чувствува како апсолутен поразен. Кризата ќе ја завршуваме одејќи низ неа, газејќи низ неа. Без претерани нереални очекувања и миракулозни решенија од кој било политички актер.

Така, потребата од дисконтинуитет е важен дел од патот што треба да се изоди, но тој пат мора да помине и преку респект кон континуумот, дури и овој ужасниов континуум што трае веќе десет години и, очигледно, на ваков или онаков начин, добива легитимитет во македонското општество. Впрочем, изборите на 11 декември ќе покажат во која мера постојниов континуум сè уште има легитимитет и ќе покажат како ќе треба да се поставиме во борбата за подобро општество, борба што секако нема да заврши со изборниот ден.

Од друга страна, процесот на помирување, или во најмала рака пацификација на општеството, ќе мора да започне веќе на 12 декември, без разлика каков ќе биде исходот од изборите. На оваа точка јас сум умерен оптимист, имајќи ги предвид веќе поставените структурни лимити за идното поведение на која било власт. Сепак, овој процес е контрадикторен со потребата од дисконтинуитет во смисла во која се сфаќа од слободно-мислечката домашна јавност. Конечно, и многуцитираниот Рајнхард Прибе не предлага радикален дисконтинуитет, туку функционално и структурално „чекорење низ кризата“ со една далекусежна цел: кризата патем да се умори или анестезира и на тој начин да се овозможат предуслови за подобро општество и функционална демократија.

Тоа што сме сите заедно во битката против недемократската власт, не значи дека сме на иста страна во однос на нашите погледи, размисли и стратегии за иднината; но, тоа секако нè прави сојузници токму во единствената точка: политички пораз на режимот.

* Д-р Гордан Георгиев (38) дипломирал и магистрирал на меѓународни односи и политичка социологија на Science Po во Париз и на King’s College во Лондон. Докторирал на Правниот факултет во Скопје. Има објавувано трудови во повеќе домашни и европски стручни списанија. Бил пратеник во македонското Собрание, а претходно извршен директор на Форум-ЦСИД.