Марковиќ: In aeterna certamine – за вечната борба против суштината на македонскиот демократски неуспех

604
Фото: Роберт Атанасовски
Print Friendly, PDF & Email

Пишува: Ненад Марковиќ*

Две и пол декади независна македонска држава променија многу нешта на политичката сцена, во македонската економија и во свеста на просечниот граѓанин. Сепак, никој никогаш не рече дека демократската транзиција и консолидација е еднонасочен или линеарен процес, па така, тоа не значи дека граѓаните на денешна Македонија се попаметни или подемократични од оние во 1991 година. Иако се променија неколку политички гарнитури, сведочевме огромни поместувања на глобалната политичка сцена од кои некои ја зафатија и Македонија, напредувавме и назадувавме кон Европа, паѓавме и станувавме во односите со соседите во и вон државата, некои работи се чини дека ги надживеаја сите овие случувања и сèуште активно сведочат за суштината на неуспехот на македонската демократија и државност. Вечната борба за демократски стандарди (оттука и aeternacertamine) успеа да смени многу нешта, но некои се чинат исклучително резистентни, што е разбирливо, бидејќи се продукт на моделот на политичката култура која ја обликува политичката игра во државата и, со самото тоа, и политичките елити и нивното однесување.

Првата суштинска фалинка на македонскиот демократски систем е екстрактивната економија, која е суштина на нелегитимно стекнатиот капитал на македонските капиталисти. Втората е самиот политички процес, кој наместо во институциите се одвива далеку од нив, картелизирана од само неколку актери што се претставуваат со генеричкото име – „партиски лидери“. Ваквата економија и ваквата политичка матрица, наместо граѓани, раѓа политичка клиентела, која за својот глас купува услуги, вработувања и материјални ресурси, без притоа особено да размисли дали заслужува нешто повеќе. Сè додека не се промени ваквата парадигма на функционирањето на политиката и економијата, не треба да нè чуди одговорот на прашањето зошто нациите пропаѓаат. Пропаѓаат исклучиво поради сопствената неодговорност, рамнодушност и алчност.

Екстрактивна економија

Една од најконтроверзните и истовремено најосвестувачки книги напишани во последно време е книгата на Дарон Ачемоглу и Џејмс Робинсон наречена „Зошто нациите пропаѓаат?“. Во неа авторите тврдат дека сиромашните општества се сиромашни токму поради тесното владеење на една политичка елита, која успева да ги монополизира сите политички и економски односи и средства во едно општество, и успева преку моделот на екстрактивна економија да ги приватизира сите ресурси за сопствен бенефит, претворајќи го народот во обична наемна сила. Ова е заедничко за речиси сите сиромашни општества, особено оние што се толерантни кон криминал и едноумие. Екстрактивната економија, накратко, е онаа економија што функционира врзбаза на трансфер на јавните фондови во приватни џебови.

Ако некому сèуште му е нејасно каква врска има Република Македонија со оваа приказна, еве идеална прилика да објаснам. Македонија помина низ најмалку два големи брана на акумулација на капитал од страна на „екстрактивните“ тајкуни, чие богатство е резултат на крајно сомнителни општествени процеси. Првата голема акумулација на капитал се случи во деведесеттите, под диригентска палка на наводно левоориентираната власт, каде што народните фабрики и фирми, преку процесот на приватизација беа претворени во приватни. Ова беше направено со таканаречениот модел на „докапитализација“, кој за разлика од ваучерскиот модел, не беше ништо освен легализиран грабеж, кој заврши со комплетна пауперизација на општеството, а на некои политички партии им натовари огромен „самар“ од кој ни денес не можат да се ослободат. Тоа, всушност, претставуваше класичен, школски пример на екстрактивна економија каде што на товарот на стотици илјади работници се создадоа првите македонски тајкуни, кои парите ги направија преку навидум легален арамилак.

И кога политичката клима конечно се смени кон средината на двеилјадитите, сите помисливме дека оваа практика ќе заврши. Но, политичките елити кај нас се покажаа екстремно иновативни и смислија комплетно нова шема на акумулација на капитал, која овој пат, освен легални, подразбира и многу нелегални патишта по кои се доаѓа до монополизација на средствата чиј извор е во народните, јавни пари. Оваа, како што на социјалните мрежи некој шеговито ја нарече, „второбитна“ акумулација на капитал, се сведува на фамозните тендерски провизии, кои веројатно се многу повисоки од веќе, за жал, прифатливите 10 проценти. Тендерашко-провизиската акумулација на капитал својствена за македонската десница, која беше и јавно обзнанета во објавените телефонски прислушувани материјали од страна на опозицијата, претставува сама по себе мистерија, бидејќи тешко е да се процени колку пари се одлеани, каде точно, а уште поголема мистерија ќе биде како да се вратат тие пари. Постојат одредени процени дека сумата во периодот помеѓу 2001 и 2010 година е некаде околу 4,6 милијарди долари (институт Адријатик), а во меѓувреме оваа сума веројатно вртоглаво се зголемува. Во оваа сума влегуваат најчесто криминалите на високи политичари, кои вклучуваат даночни затајувања, провизии, друг вид на финансиски криминал, секакви форми на корупција итн.

Романската научничка во областа на политичките науки, Алина Мунгиу Пипиди, борбата против корупцијата на Балканот ја нарекува безмалку бесмислена. Ова произлегува од фактот што силните меѓународни донатори и домашни поддржувачи за борба против корупцијата, сеопфатните и скапи програми од оваа област ги промовираат рамо до рамо со државните институции и високите политичари, кои, всушност, се генератори на корупцијата и татковци (а сѐ почесто и синови) на екстрактивните тајкуни, кои, пак,се комплетно импотентни да успеат на меѓународната бизнис-сцена, па им преостанува единствено да го крадат сопствениот народ преку веќе видени шеми. И додека секоја власт нè убедува дека лекарите и професорите, службениците и администрацијата, судиите и полицајците, и сите други освен тие, се легло на криминал и корупција, со ниту еден математички модел не можам да си објаснам како сите овие професии здружено успеале за десетина година да изнесат безмалку 5 милијарди долари, претпоставувам по некои егзотични карипски, јужноамерикански или медитерански локации. Демагогијатанаречена „борба против корупцијата“ така останува празна флоскула што гони секого, освен оние што навистина треба да ги гони. Додека властите се секираат за сите можни форми на корупција – од сто грама кафе и бонбониера за госпоѓата на некој шалтер, па сè до дебели пликоа за оние што издаваат какви-годе дозволи, „галериските шеми“ за судиски поткуп и наводните сексуални уцени на подостарената академија – политичката врхушка прави параван бизниси што не служат за ништо друго освен за екстракција на јавните фондови, со стандардната поддршка од апаратот за општествена принуда.

Двата брана на акумулација на капитал ни покажаа дека актерите се менуваат, но не и социјалната парадигма на акумулација на големите пари. Тие безмалку секогаш се резултат на општествени практики, кои се или на граница или комплетно вон законот, во обата случаи со дебело политичко покритие.Ако нешто е крајно фасцинантно, тоа е дека сите идеолошки школи, од марксистите најлево до либертаријанците најдесно, во ваква ситуација недвосмислено упатуваат кон нелегитимноста на вака стекнатиот капитал. И додека марксистите би приговориле дека екстрактивната економија е класичен грабеж на работниот народ од страна на бруталните турбо-капиталисти, либералите и либертаријанците би се повикале на Роберт Нозик и едно од трите фундаментални правила на општествената дистрибуција на капитал, а тоа е дека мора да биде легитимно стекнат. Во нашата ситуација, по поминати два брана на акумулација на капитал, може да се заклучи дека врвот на бизнис-елитата во Македонија е токму онаа што се приклучи кон двата брана, успешно преживувајќи неколку политички гарнитури. Ова води кон заклучок дека преживувањето е најважната бизнис-особина на домашната „borghesiacompradora“,наместо тоа да е иницијативноста, иновативноста или претприемчивоста. Исклучоци постојат, но тие во светот на големиот македонски бизнис навистина се исклучок, а не правило.

Ако се навратиме на првобитната теза на Ачемоглу и Робинсон, нациите не пропаѓаат поради постоењето на патриоти и предавници, не пропаѓаат како резултат на странски служби што роварат во државите, не пропаѓаат поради тоа што им дале или не им дале повеќе права на припадниците на ЛГБТ-популацијата, туку пропаѓаат исклучиво поради слабите институции што треба да ги штитат и работат во полза на граѓаните. Слабоста на институциите е резултат на нивната утилизација во корист на мал број луѓе што припаѓаат на високите политички кругови, чија крајна цел е јавните фондови да ги претворат во приватни пари, екстрахирани директно од џебот на граѓаните. Екстракцијата бара токму тоа – субмисија на сите институции, особено судските, кон оваа цел, во која буџетот, од една страна, служи како главен извор на екстракција, а, од друга страна, служи како алатка за купување социјален мир. Во ваква констелација, буџетот нема развојна компонента, туку е најмногу инструмент за хранење на огромната клиентелистичка армија на поддржувачи, чија лојалност се купува со она што ќе остане откако истиот буџет ќе се пушти низ екстрактивниот филтер. Ако кон ова се додаде дека и она што останува во буџетот, по спонзорирањето на партиската клиентела и задоволувањето на апетитите на екстрактивците, се троши многу неодговорно, тогаш е јасно дека почитуваниот белградски колега, проф. Душан Павловиќ, погодил со насловот на неговата најнова книга која произлезе од неговото лично искуство на работење во администрацијата во Република Србија – „Машина за расипање пара“. Добро е што третото правило на Нозик, покрај стекнувањето и трансферот на легитимниот капитал, е правилото на корекција т.е. враќање во првобитна состојба на она што е нелегитимно стекнато. Имајте предвид дека Роберт Нозик не е комунист, не е ниту левичар дури. Еден е од татковците на модерната либерална и либертаријанска мисла и гласен поддржувач на капитализмот, но исклучиво легитимно стекнатиот.

Политика надвор од институциите

Ако се направи кратка анализа на македонската политичка сцена во изминатите 25 години или, поточно, од осамостојувањето до денес, веднаш може да се увиди дека целокупниот политички процес многу повеќе се одвивал вон институциите отколку во нив. Срцевината на делиберативниот процес на размена на аргументи и еманација на подобри решенија за општествените предизвици треба(ше) да биде Собранието на Република Македонија. Но, Собранието одамна ја изгуби оваа функција и целокупниот политички процес се излеа во крајно авторитарни и елитистички форми на одлучување,кои македонската политика ја прават клановски и строго контролиран процес, со многу малку изненадувања, притоа елиминирајќи ја можноста за какви било контролни механизми врз одлуките на политичките врхушки.

Првото прашање кое се поставува е, секако, зошто Собранието се доведе во ваква позиција по две и пол декади државност и самостојност, и дали е оправдан стравот дека првите години на македонската демократска транзиција ја обележа многу подемократско и поделиберативно Собрание од ова денес?

На глобален план, постои изразен тренд на „егзекутократија“, т.е. доминација на извршната власт врз законодавната, па во најголем дел од современите демократии речиси севкупната легислатива ја предлага Владата, а не Собранието. Република Македонија не е исклучок, но иницирањето на легислативниот процес од страна на егзекутивата е повеќе или помалку нормален процес, со оглед на техничката усовршеност на министерствата и нивните сектори, во изготвувањето на сè поспецифична и покомпликувана легислатива. Делиберативната функција, под ударот на доминацијата на извршната власт, не би смеела да биде загрозена. Напротив, таа треба да се перципира како можност за дополнителна контрола и усовршување преку јавна делиберација.

Еден од најголемите проблеми на политичкиот процес, во смисла на размена на аргументи на јавна сцена, се чини дека се честите бојкоти на Собранието. Од првиот бојкот на Собранието во 1994 година,до најновиот бојкот на опозициската СДСМ во 2014/15 година, се чини дека собранискиот бојкот прелесно се користи како алатка за водење на политичката борба. Од самостојноста на Македонија до денес, Собранието претрпе дури 10 различни бојкоти, и речиси и да не постои позначаен политички субјект што не се послужил со ова средство. СДСМ, ДУИ, ДПА, ВМРО-ДПМНЕ, Демократската партија, НСДП, ЛДП и Нова демократија се само дел од партиите што во некој период од функционирањето го бојкотирале Собранието. Сами или во коалиција.Речиси без исклучок бојкотот го практикува партија или коалиција во опозиција, речиси без исклучок оној што е на власт тврди дека тоа е рушење на демократскиот поредок и на политичкиот систем на државата.

Без намера да се навлегува во оправданоста на секој од овие бојкоти, мора да се спомене дека дното на собранискиот дигнитет беа настаните од 24 декември 2012 година, кога во полн ефект се покажа комплетната изгубеност и дезориентација на Собранието како колективитет, но и индивидуалната некомпетентност и политичка незрелост на поединци. По ова, се чини дека не постоеше граѓанин кај кој остана барем минимална надеж дека Собранието, покрај јавната делиберативна сфера, е вистински локус на јавната дебата и дека во него се врши каква-таква размена на аргументи. Но, покрај политичкото насилство и јавното разочарување, честите бојкоти на Собранието и неможноста адекватно да се позиционира во македонскиот политички систем родија нешто многу помалигно, кое е симбол на севкупниот пораз на домашното политичко устројство: ефект на прелевање на политиката во неформалната, параполитичка сфера и картелизација на политиката во рацете на политичките врхушки на партиите.

Лидерите договараат, другите креваат рака

Лидерските средби беа зацементирани како модалитет на политичко преговарање и канализирање на политичките решенија „од горе кон долу“ со Охридскиот рамковен договор во 2001 година. И ако тогаш можеше да се тврди дека околностите беа специфични, а контекстот вонреден, лидерските средби се промовираа и понатаму во случаите на територијалната организација во 2004 година, мајскиот договор во 2007 година, споменатата собраниска криза во 2012 година и, секако, најновата политичка криза со прислушуваните разговори на високи функционери во државата што ги обзнани опозициската СДСМ. Дефинирани како средби на политичките лидери, понекогаш и партиски врхушки, посредувани од меѓународната заедница (најчесто ЕУ и САД), со цел да се дојде до одредени политички решенија во кризни ситуации, лидерските средби се најчесто користен, а никаде формално предвиден, модалитет за решавање на внатрешните политички предизвици. Тие се дел од неформалната сфера, која раѓа формални решенија што потоа се канализираат преку законодавниот дом и извршната власт по принципот на партиска дисциплина во која лидерите договараат, а партиското членство, особено пратениците, имаат задача да кренат рака и да изгласаат што-годе.

Како и кај социјалните односи „во базата“, и кај оваа специфична политичканеформaлност важи правилото на една од најголемите проучувачи на неформалната политика во Русија, Алена Леденева, која вели дека е важно да се следи едно правило – „што и да функционира“ (whatever works). И ако домашните актери, а особено меѓународната заедница, увидоа дека политика низ институциите е невозможна или во најмала рака крајно отежната, тогаш логично беше да се стесни форматот, да се елиминира секаква можност за критика на политичките решенија, и да се исценира социјална драма во која не повеќе од десетина луѓе се главните актери, а остатокот од општеството е нем набљудувач на мудрите солуции на „големата четворка“.

Пречестото користење на лидерските средби како формат за решавање на политичките кризи, не само што ја наруши делиберативната функција на Собранието, туку ја стимулираионака веќе недемократската и султанистичка природа на македонските политички партии (за поопширен преглед ги препорачувам анализите на проф. Силјановска од 2005 година и на проф. Даскаловски и Цеков од 2013 година). Во перспектива на лидерските средби, водачите на партиите дополнително зајакнуваат промовирајќи се во несомнени и врховни авторитетиво носењето на политичките одлуки, а политичкото тело се пасивизира, па дури и станува субмисивно кон партиската врхушка, која ионака ги контролира клучните процеси во партиите преку преклопување на партиската и владејачката врхушка (party in office и party in government). Во меѓуетничка смисла, а особено кога кризите се од токму меѓуетничка природа, лидерските средби се промовираат во клановски преговори што треба да го симболизираат целокупното македонско или албанско политичко ткиво (а не е така) и уште повеќе го продлабочуваат јазот помеѓу заедниците, кои како да забораваат дека политичката арена е многу повеќе од четворица лидери седнати на маса.

Клиентела

Политиката мора да се врати во институциите каде што припаѓа. Но, за такво нешто мора да се исполнат минимум услови, без кои ваквиот политички „камбек“ на политичкото во рамките на предвидениот политички инженеринг, се чини невозможен. Пред сè, потребен е беспрекорен изборен процес, со цел граѓаните да бидат конечно убедени дека институциите кои ги претставуваат и кои треба да работат за нивно добро, се легитимно и легално избрани и конституирани. Вториот услов е истите институции, еднаш откога ќе бидат конституирани, да не ги пречекоруваат своите овластувања што, во македонскиот случај,видовме дека оди многу тешко. Привлечноста на злоупотребата на моќта е огромна, особено кога е перфидна и „во рамките на Уставот и законите“, но кога таквата злоупотреба не обезбедува доволно силна политичка позиција, кај нас слободно се прибегнува кон онаа втората, која ниту е во склад со Уставот, ниту со законите, со моралот уште помалку, а често се коси и со здравиот разум.

Но, третиот предуслов за враќање на политичкото во „институционална нормала“ се чини најтежок. Тој произлегува од поданичката и субмисивна култура на граѓаните на Република Македонија, но и од карактерот на политичките партии кои имаат повеќе брокерска отколку репрезентативна улога во нашето општество. Брокерството може да се однесува на услуги, позиции, материјални ресурси и, најважно од сè – вработувања. Во ваквиот менаџеријалистички пристап на политичките актери, особено оние владејачките на централно или на локално ниво, партијата се претвора во средиште во кое се влеваат политичките барања на демосот, а од неа излегуваат политички аутпути во вид на списоци за партиски вработувања, листи на пожелни и непожелни бизнисмени, обемни тефтери со веќе натокмени позиции во државната администрација (зошто не и универзитетите) како и китапи со проспективни носители на судски функции. Дејвид Истон, таткото на системската теоријана политички инпути и аутпути, веројатно не го замислил ова баш вака, но во општествената практика на Република Македонија е токму такаи никако поинаку.

Проблемот не е толку во авторитарната алокација на ресурсите, да го споменеме повторно веќе покојниот проф. Истон, колку што е во она што партиите го бараат за возврат. Не се работи само за гласовите на оние на кои ваквите услуги им се доброчинат, туку и на цели семејства, а зошто да не и соседите, поширокото семејство или вработените, доколку сте во улога на бизнисмен кому власта му овозможила многукратна финансиска добивка. Во овој, по дефиниција, асиметричен однос, од просечниот граѓанин не се бара да биде само реципиент на клиентелистичкиот однос, туку и самиот да стане политички брокер, во пирамидалната шема наречена добивање политичка поддршка. Тој е истовремено и клиент и патрон, кој супсидијарно ја трансферира политичката мобилизација од партиската врхушка кон базата, и во текот на процесот го збогатува политичкото конто на извесниот политички субјект, кој така станува уште помоќен во тргувањето со јавните добра и ресурси, кои сега уште повеќе може да се користат за купување на политичката лојалност.

***

Наместо заклучок, треба да се повтори една добро испитана теорема во политичката наука. Таа вели дека во општествата што се демократизираат, односно се во фаза на демократска консолидација, народот во еден момент се презаситува од константното отчукување на политичкото клатно и менување на леви и десни политички елити. Во тој момент, народот почнува да бара промена на социјалната парадигма. Почнува да бара промена на општествените правила во чии рамки функционираат економијата и политичката сцена. Ова не е барање за проста смена на една или на друга политичка клика, или барање за одмазда против оваа или онаа гарнитура на власт поради минатите и сегашни гревови. Ова е сеопфатен ролсијански „рефлексивен еквилибриум“ во кој целото општество се навраќа на почетно поставените начела, ги преиспитува и нужно ги менува на подобро.

Македонското општество е исправено повторно пред ваква задача. Јасно е дека политичката сцена и економијата во Македонија мора да се редефинираат час поскоро за да се излезе од маѓепсаниот круг на автодеструкција и неуспех. А за да се случи тоа,треба да прифатиме дека штом ги поставиме новите правила на игра, доколку воопшто некогаш успееме во тоа, треба да бидеме свесни дека уште утре истите ќе треба повторно да ги испитаме. Промените се случуваат далеку од зоната на комфор во која македонскиот просечен граѓанин гледа да помине што е можно повеќе време.

*Проф. д-р Ненад Марковиќ (37) дипломирал на политичките студии на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, магистрирал на универзитетите во Болоња и Сараево, а докторирал на политичките студии на „Јустинијан Први“ во Скопје, каде предава политички теории, цивилно општество и политичка филозофија, како и добро владеење и управување, политичка митологија, политичка култура итн. Член е на уредувачкиот одбор на „Политичка мисла“ и е еден од основачите на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје.