Дерала: Ни треба ли ваков изборен мониторинг?

373
Фото: Роберт Атанасовски
Print Friendly, PDF & Email

Пишува: Џабир Дерала[1]

Изборниот мониторинг е суштински важен механизам за интегритетот и кредибилитетот на изборните процеси. Овој став е општо место во бројните документи, анализи, прирачници и други публикации што се на дофат на раката, иако нивната видливост, а уште помалку разбирањето на оваа позиција кај нас не е на високо ниво. Општоприфатена практика во светот е да се спроведува мониторинг на изборните процеси, референдумите, на транзициските и постконфликтните процеси, состојби на човековите права и слободи… Практично, секоја поважна функција или процес што се одвива на локално или на национално ниво е подложена на мониторинг. Тоа веќе одамна е вообичаена практика на која администрациите и општествата се навикнати.

Колку и да звучи конфронтирачки, искуството покажува дека поединци, професионално ангажирани во изборниот мониторинг, па и цели организации што се инволвираат во изборниот мониторинг, всушност, не ја разбираат или не сакаат да ги прифатат функцијата, важноста и влијанието што ги содржи изборниот мониторинг.Исто така, самиот изборен мониторинг мора да се трансформира за да може да ги следи тектонските промени во политиката и начинот на дејствување на центрите на моќта. Тие мора да разберат дека изборниот мониторинг што се спроведува во овој период е застарен и, следствено, не ги дава потребните резултати.

Се подразбира дека изборниот мониторинг мора да се спроведе доследно, квалитетно, непристрасно и професионално. Но, тоа не е доволно. Тој мора да се прилагоди на новите трендови. Познатите методологии не го даваат потребниот резултат. Ова ја подразбира потребата од длабинско, сеопфатно и директно скенирање, разбирање и разоткривање на смислата и дејствувањето на политичките партии, односно политичарите, нивниот морал, пораките, политиките и практиките.

Само такаизборниот мониторинг може да овозможи увид и во функционалноста на државата, на институциите и на општеството во целост. Општествата се променети, а тоа налага промена и на пристапот и начините на мониторингот. Архитектите на изборниот мониторинг, особено во земјите во транзиција, во постконфликтните општества и во недемократските режими, треба да излезат од својата добро платена комфорна зона и да ги разберат новите динамики.

ДЕМОКРАТСКА ЕРОЗИЈА

Имено, смислата на изборниот мониторинг е да ја потврди или да ја одрече легитимноста на изборниот процес, да биде барометар на процесот и окото на јавноста, за да овозможи јасен и разбирлив увид во тоа на кој начин се спроведуваат изборите.Општествата и државите ширум светот се соочуваат со предизвикот и потребата од редефинирање на позициите на демократските институции и јавноста, граѓанското општество и медиумите, а со тоа и на оваа важна компонента на изборниот процес – мониторингот.

Сега, повеќе од кога и да е, мора повторно да се открива суштината на демократијата, што треба да го заземе местото на формализмот и ригидниот процедурализам. Тие што ги осмислуваат принципите врз кои се спроведува изборниот мониторинг, треба да знаат дека ерозијата на демократските вредности и корупцијата на системот се последица навртоглавите медиумски и финансиско-политички шеми, манипулации и криминалното однесување на центрите на моќ. Така, ерозија доживуваат и граѓанскиот сектор, медиумите и општеството во целост. И тоа се случува на подолг рок од оној што си го задаваат креаторите на методологиите и пристапите на изборниот мониторинг.

Ако ги изземеме развиените демократии на богатиот европски северозапад кои, секако, не се и без сериозни аномалии и предизвици во овој период, ние живееме во свет во кој демократијата е ставена на еден од најтешките испити од падот на Железната завеса кон крајот на 80-тите години на минатиот век. Воените жаришта, милионските бранови од бегалци, економската криза, прегрупирањето на суперсилите и низа други фактори тропаат на вратата и на „ноторните“ демократии. Останатиот дел од светот, како што е Македонија и неколку други држави на Балканот и во земјите на поранешниот Советски Сојуз, подолго од една деценија страдаат од девијации чии ефекти се погубни по владеењето на правото, демократијата и почитувањето на човековите права и слободи. Тоа се земји со, најблаго кажано, проблематични демократии. Во случајот со ексјугословенската федерација, никогаш докрај не се спроведе транзицијата, елитите никогаш не успеаја да се извлечат од канџите на организираниот криминал, а уште помалку спроведоа доволно мерки и процеси да ги надминат ѕверствата од војните што ги предизвикаа популистичките манијаци на троновите од политичката моќ во некогашните ЈУ-републики.

Земјите како Република Македонија се сурогат демократии и заробени држави. Во нив ништо не е онака како што изгледа на прв поглед. Добро, дури и не премногу едуциран туѓинец, кога ќе стаса во Скопје, може и на прв поглед да забележи дека општеството е заболено, а државата е киднапирана.

Еден од најголемите проблеми на изборниот мониторинг како на странските мисии, така и на домашните организации што се занимаваат со изборен мониторинг во земјите со проблематична демократија, како Македонија, е што денот на гласање го прогласуваат како ултимативна цел на нивниот мониторинг. Стана вообичаено најголем дел однивните активности, стожерот на нивните методологии, извештаите, анализите, предвидувањата, препораките, да се поврзани со денот на гласањето коешто следи по еден законски рок од неколку недели на официјална предизборна кампања (законскиот рок во Македонија е три недели).

Недемократските, поделени, постконфликтни општества како македонското се погодна почва за организиран криминал, екстремизам и тероризам. Оттаму, заложбите за демократизација на ваквите општества немаат само национално значење, туку се однесуваат директно или индиректно и на регионот во кој тие земји се наоѓаат, па и на глобалната безбедносна слика. Затоа, фокусирањето само на денот на гласањето, во новите контексти, состојби и процеси во светот, во денешно време, е застарен пристап кој често резултира со некомплетна, ако не и погрешна слика за еден изборен процес.

Таквата ситуација ја користат токму недемократските режими, кои извештаите од изборниот мониторинг фокусирани на денот на гласањето, ги злоупотребуваат со тврдењето дека тие потврдуваат дека власта е легитимна и е одраз на волјата на гласачите. И така, до наредниот изборен процес што секогаш е уште попроблематичен, но изборните манипулации се уште пософистицирани, а кражбата на гласови побрутална.

СТРУКТУРНО ИЗБОРНО НАСИЛСТВО

Еден недемократски режим не може да спроведе избори без нерегуларности. Тие нерегуларности се очигледни за оние што сакаат да ги видат, во предизборниот молк и на самиот ден на гласањето. Се работи за помали или поголеми нерегуларности, нивниот број е висок, а најчесто и систематичноста е евидентна, но таквите неправилности ни оддалеку не ја надминуваат масивната манипулација и, всушност, структурнотоизборно насилство што го практикуваат недемократските режими на долг рок. Откако долгорочно „ќе се подготви теренот“, доаѓаме до релативно мирен изборен ден, иако самиот изборен процес и општествено-политичкиот контекст говорат за тежок криминал – во македонскиот случај, за тоа се уверивме од јавните откритија на опозицијата, која емитуваше стотици аудиоматеријали од масовното прислушување што со години го спроведувала кликата на Никола Груевски во Македонија.

Практично, секој сегмент на работата на институциите, на јавните претпријатија и на медиумите, кои речиси во целост се киднапирани од партијата штоја држи власта во Република Македонија цела една деценија – има очигледен изборен контекст, односно носи карактеристики на корумпирање на целиот демократски систем, со цел да се манипулира со изборната волја на гласачите.

Затоа, еден современ и редефиниран изборен мониторинг мора да ги детектира и да ги документира настаните, факторите и процесите што му претходат на денот на гласањето во подолг период. Иако статистичките операции, мерењето на излезноста на гласачите, техничко-правните аспекти на спроведувањето на гласањето треба да бидат важна компонента на изборниот мониторинг и може да послужат како индикатор во анализите за спроведувањето на изборниот процес, тие, сепак, се од далеку помало значење. Во недемократски земји каква што е Македонија, таквите техничко-бирократски постапки и аспекти на изборниот мониторинг, всушност, го одвлекуваат вниманието од изборната измама и му овозможуваат на недемократскиот режим да ги започнува своите пропагандистички настапи во јавноста токму со цитирање на ваквите извештаи. Со други зборови, вообичаените начиниза мониторинг се погрешни и самите стануваат штетни по демократскиот стремеж на општествата. Без оглед на тоа колку овој став може да побуди негативни реакции од самите носители на операциите поврзани со изборниот мониторинг – фактите говорат токму за злоупотреба на изборниот мониторинг од страна на центрите на моќта во авторитарни општества.

Затоа, во последно време, се забележува извесно придвижување во поглед на менување на методологиите и пристапите на организациите што се занимаваат со изборен мониторинг, иако тој процес им оди, очигледно, многу тешко. Оние што ги следат трендовите и сугерираат поинаква поставеност, менувајќи ги методологиите, принципите и критериумите врз чии основи се спроведува мониторингот, се судираат со конформизмот на менаџментите на организациите и неподготвеноста да ѝ се погледне на вистината в очи и да се признае дека комодитетот на скапите изборни мониторинзи мора да се напушти и тие да се вратат на основите поради кои изборниот мониторинг и постои: да се обезбеди интегритет и кредибилитет (или нив да ги одрече) на изборните процеси, со цел да се заштити едно од основните човекови права, а тоа е правото на глас.

Ставот дека човековите права и слободи се неделиви, сега се покажува во практикатаповеќе од кога и да е порано. Изборниот мониторинг мора да опфати повеќе дисциплини и да се спроведува на подолг рок, со мултидисциплинарен пристап, со висока флексибилност и сензибилитет за деликатните движења и нијансите во општеството и со свест за софистицираните и скапи коруптивни практики на центрите на моќта, кои ги користат токму човековите права и слободи за истите бескрупулозно да ги газат и манипулираат.

Аргументацијата за овие ставови е едноставна. Најважната функција на изборниот мониторинг е да се открие и да се превенира изборната измама. Но, што ако изборната измама се случува континуирано, во долг временски период, а самото гласање е само техничко исполнување на завршна фаза во една тешка правно-политичка измама?

Сега доаѓаме до потребата на што е можно поедноставен начин да ги разгледаме процесите што ги оправдуваат овие позиции, односно потребата од редефинирање на изборниот мониторинг, кој мора да се усогласи со новите реалности во светот на политиката.

Манипулирањето на изборниот резултат, односно изборните кражби, се должат на долгорочни, среднорочни и краткорочни настани, состојби и процеси во кои се манифестира структурното насилство кое влијае врз демократијата, врз владеењето на правото и врз почитувањето на човековите права и слободи. Во контекст на размислувањата во овој труд, најважно е да се разберат токму долгорочните фактори на демократската ерозија.

КОНТИНУИРАН КОНФЛИКТ

Недемократските режими ги одржуваат општествата во состојба на континуирана конфликтна состојба. Оттаму и перцепцијата дека самите изборни процеси се причина за конфликт, што е погрешно. Изборите, сами по себе, најчесто не се и не можат да бидат причина за конфликтво општеството, туку конфликтот се раѓа и се одржува како последица од долгорочните фактори на ерозија во системот, во што спаѓаат појавите напартизирани институции, особено силна контрола врз судството, полицијата и финансиските институции, контрола врз медиумите, регулаторните тела, Уставниот суд, како и маргинализирањето и обесмислувањето на парламентот како место за дебата и контрола на функционирањето на извршната власт.

Како долгорочни фактори на ерозија се појавуваат и заострените социјални тензии и сиромаштијата, а истовремено со тоа, запаѓање на структурите на власт длабоко во водите на организираниот криминал. Во такви услови, се забележува и зголемен општ криминалитет со кој власта, едноставно, нема време да се справи, а може и да го употреби во своја полза. Тука се додава и една важна компонента, а тоа е поттикнување и одржување на етничките и верските тензии. Сѐ заедно, овие системски аномалии придонесуваат кон континуирано кршење на човековите права и слободи и спроведување дискриминаторски политики и практики на институционално ниво, односно практикување на структурното насилство кое не секогаш се појавува на радарот на организациите за човекови права, а уште помалку кај организациите што ги спроведуваат застарените форми на изборен мониторинг.

Што се однесува до структурното насилство, корисно е да се обидеме тука да дадеме извесна дефиниција на овој израз. Се смета дека овој израз за првпат го употребува Јохан Галтунг, норвешки социолог и математичар, основач на дисциплината мировни и конфликтни студии. Тој во својот труд „Насилство, мир и мировно истражување“ од 1969 пишува:

Закана или акт на употреба на сила, закана, уцена, притисок, поткуп во име на институција, организација, компанија или групација, физичка повреда или убиство за да се влијае на општеството и институциите на локално или централно ниво, односно на изборниот процес или изборниот резултат, се облици на структурно насилство кои водат кон изборно насилство. Структурното насилство е специфичен облик на политичко насилство, односно се користи со различни облици на насилство во политички цели. Во контекст на изборите, тоа е смислен обид да се детерминира победникот во изборната трка независно од волјата на гласачите.

Структурно насилство е форма на насилство кога една општествена структура или институција ги спречува луѓето да ги задоволат своите основни потреби.

Вака дефинирано, структурното насилство, се чини, е детектирано и опишано уште пред речиси половина век, но третирањето на оваа појава не е докрај инкорпорирано во методологиите што се однесуваат на важни општествени активности, како што е изборниот мониторинг.

Македонија е во континуирана политичка криза, особено од предвремените парламентарни избори во 2008 година, кога стана јасно дека со земјата владее една клика која во целост ја киднапира државата и го разградува општественото ткиво.

Иако во 2008 година, но и потоа, во различни контексти, власта се обидува да го прикаже насилството на изборите како „спонтано“, такво нешто како „спонтано“ изборно насилство не постои. Напротив, изборното насилство може да биде спроведено единствено со инструментализација на институциите на системот од страна на власта. Секако, тоа може, иако не мора, да биде придружено со активности на милитантни структури во рамките на политичките партии, да се „консултираат“ насилни структури однадвор и сл. Во секој случај, на теренот се користат криминални структури во општеството, од силеџии до софистицирани играчи во светот на организираното подземје, но најчесто со знаење, инспирација и координација од страна на високиот партиско-политички и полициски естаблишмент во државата.

Актерите на насилството се познати, било да е тоа долгорочно и структурно или ад-хок, организирано за брзи добивки на политичкото „бојно поле“. Пред сѐ, тоа се политичките партии и нивните милитанти, какви што се телохранителите и насилните, често вооружени, верни следбеници. Ситетие им се добро познати на органите на прогонот. Носители на насилството можат да бидат и неорганизирани или полуорганизирани поединци или групи, кои директно учествуваат во насилства насочени против поддржувачи на конкурентската партија. Сепак, државата, која е киднапирана од демократијата,бидува систематски злоупотребувана од полицијата, особено од нејзините специјалниединици, како и од тајната полиција (УБК),кои континуирано ги таргетираатопозициските лидери и независните интелектуалци и активисти.

Често, изборното насилство не е видливо, туку се спроведува преку сеење пропаганден страв и притисок во јавноста. Институциите што не функционираат, не можат ни да дејствуваат превентивно кон овие појави, па така насилството секогаш лебди во воздухот, како опција за постигнување резултат во полза на оној што ги држи в раце овие криминални адути. Во насилството на структурни нивоа и на теренот, значајна улога имаат и агенциите за обезбедување, организирани како паралелен безбедносен систем. Се разбира, тука се и класичните подземја со своите криминални структури во општеството, почнувајќи од уортачени бизнис-кругови, до обичните улични насилници и ситни криминалци. На крајот, ваквите власти го користат и правото на слобода на изразувањето и граѓанското здружување, па формираат „граѓански организации“ за одбрана на државата од „внатрешниот и надворешниот непријател“.

Изборниот мониторинг кој не ги зема предвид сите овие, а и низа неспоменати фактори, не може да ја изврши функцијата, а да не биде злоупотребен од авторитарни и криминални центри на моќ во една земја, па нека е тоа и Република Македонија.

ЗАТАПЕНА ОСТРИЦА НА МОНИТОРИНГОТ

Реалноста на изборниот мониторинг во Македонија ни оддалеку не е за восхит. Неутралноста е заменета со неутрализиран потенцијал,што би требало да е иманентен на организациите кои се занимаваат со изборен мониторинг. Објективноста се толкува на тој начин што се заборава на жртвите на кршењето на човековите права. Ако не се претстави целосната димензија на системот и на состојбите во изборниот процес, ако не се претстават долгорочните фактори на ерозија и далекосежните последици по иднината, ако не се оцени изборниот процес директно и без заобиколување – нема потреба од изборен мониторинг.

Острицата на меѓународните мониторинг мисии веќе е затапена поради обврските да се придржуваат кон дипломатските флоскули, а секако и поради неможноста до крај да ги согледаат и разберат локалните околности и спецификите на политичката култура. Но, домашните организации кои спроведуваат изборен мониторинг никако не смеат да бидат подипломатски од дипломатите. Така добиваме една, колку скапа и неефикасна операција, толку недоволно професионална и тивка. Добиваме скапи, непрофесионални и неефективни домашни организации и уште поскапи, неефективни, но професионални странски мисии за изборен мониторинг. Прекрасна комбинација за авторитарните режими кои се одржуваат на власт преку нелегитимни, украдени избори. Место да спроведуваат државен удар и да наметнуваат диктатура, овие режими само ги користат слабостите од кои страдаат организациите кои се занимаваат со изборниот мониторинг.

Ние, ЦИВИЛ-ите, ги препознавме аномалиите на изборниот мониторинг уште во 2008 година и решивме да работиме на градење методологии кои соодветствуваат на динамичните промени во општеството и политиката.

ЦИВИЛ, како организација за човекови права и слободи, во ниеден момент не си дозволи да ја заборави својата мисија и никако не си дозволи да ги заборави граѓанките и граѓаните, а на сметка на тоа, да се пресели во виртуелниот свет на Excel табелите и извештаите прилагодени на „вкусот на сите“ – премногу блага критика, бледи формулации, нереалистични препораки и снижен тон што не соодветствува со фактите на теренот.

Ние воведовме нови облици, содржини, контексти и принципи на мониторингот и нов тон на известувањето од теренот. Пристапивме кон секојдневното информирање на јавноста за илустративните случаи на нерегуларностите и кршењето на човековите права и слободи во изборен контекст. Тимовите на ЦИВИЛ се распоредуваат на теренот на далеку подолг рок отколку што тоа е вообичаено. ЦИВИЛ не ангажира статични набљудувачи, а нивните рути и задачи се прилагодени на теренот. Тоа бара многу анализи и подготовки кои се однесуваат на состојбите на локално ниво. Секој од набљудувачите добива обуки кои вклучуваат новинарско-истражувачки вештини. Тие се, практично, дописници на ЦИВИЛ Медиа, организациона единица на ЦИВИЛ.

ЦИВИЛ се потпира на граѓанките и граѓаните, на нивните јавувања и сведоштва. За такво нешто да се случи, потребно е да се има кредибилитет и да се стекне довербата кај луѓето, потребно е континуирано присуство на терен. Тоа не е едноставна задача, особено во една недемократска земја каде медиумите кои се под контрола на власта постојано се обидуваат да ги дискредитираат слободномислечките луѓе и организации.

Мора да се води сметка и за заштитата на оние што споделуваат информации и сведоштва за кршењето на човековите права и слободи. Строго се чува анонимноста на изворите и уште построго се внимава изворите да не бидат компромитирани на кој и да е начин.

Сепак, има нешто што вештините, експертизата, буџетите не можат да го обезбедат. Тоа се отвореноста, искреноста и посветеноста. Луѓето го препознаваат тоа и возвраќаат со несебична поддршка.

[1]Џабир Дерала (49) е бранител на , писател, мултимедијален уметник и продуцент. Тој е еден од основачите на ЦИВИЛ – Центар за слобода, организација за човекови права, која ги набљудува изборните процеси од 2008 година. Пишува колумни и анализи за веб-страниците на ЦИВИЛ, како и за „Слободен печат“ и други медиуми во земјата и востранство.