Чупеска: Транзициска правда и Tribunus Civilis

554
Фото: Ванчо Џамбаски
Print Friendly, PDF & Email

Пишува: Ана Чупеска[1]

Симболичкиот суд на правдата на граѓанското општество, Tribunus Civilis, се роди непосредно по востановувањето на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), штом стана очигледно дека опструкцијата на правдата и процесуирањето на обвиненијата поднесени од СЈО во редовните судови ќе бидат проблем. Се наметна потребата, имено, сето она што нема да добие своја правна завршница, истовремено, да не биде и заборавено, т.е. да се документира како архив на насилство и да се спречи монополот врз сеќавањето. Судот има намера да процесиура правда, па макар тоа било и на симболичен начин, бидејќи е јасно дека дури и да се произведат супер-обвинителни акти од страна на СЈО, сегазасега, немаме таков „страшен суд“ што би можел понатаму нив соодветно да ги процесуира. Впрочем, според  сите меѓународно релевантни извештаи, вклучувајќи го и оној на Рајнхард Прибе, стои констатацијата дека во Република Македонија нема независно судство. Во тој правец, токму и втората сесија на Tribunus Civilis беше посветена на судството, третирајќи го како еден од клучните играчи што го реализираат тековниот антиуставен заговор против Македонија.

Како светски референтна алатка на транзициска правда, поточно, на т.н. правда на цивилното општество (civil society justice), Tribunus Civilis има намера да го пополни актуелниот нормативен и морален вакуум на симболички начин, а по примерот на слични искуства надвор од Македонија. Функционирањето на Судот го следи примерот на Раселовиот трибунал, востановен во 1967 година, кој настанал благодарение на иницијатива на Бертранд Расел и Жан Пол Сартр, кои како познати филозофи и јавни интелектуалци се нафатиле да покренат симболички обвиненија против криминалот на молчењето (“against the crime of silence”), а пред сè поврзани со кривичните дела од Виетнамската војна. Тој суд не само што одржал сесии за таа тема, туку Раселовиот трибунал и денес има меѓународна репутација поради важноста на моралните прашања штоконтинуирано ги отвора во јавноста. Така, тој трибунал своите сесии ги одржува во меѓународен „судски совет“, сочинет од околу 25 реномирани, глобално проминентни јавни личности.

По примерот на Раселовиот, во Италија во 1970 година е формиран и Постојаниот народен суд со седиште во Рим. Тој има симболичка надлежност за „занемарените, а морално важни теми“, какви што се: воените интервенции во третиот свет; правата на домородните народи во Бразил; диктаторството на Маркос–Филипини; корпоративниот капитализам и економската глобализација итн.

На сличен начин и во Токио, во 2000 година, познати интелектуалци и влијателни личности се екипираат околу „затаените“ теми на империјалната јапонска историја, а посебно интересен народен трибунал е оној за инвазијата на Ирак, формиран во Истанбул. Под неговата симболичка надлежност, 54 меѓународно етаблирани експерти сведочеле за улогата на САД, Британија и на меѓународните бизнис корпорации во окупацијата на Ирак.

Со други зборови,  симболичките судови на правдата се формираат, вообичаено, кога во некое општество ќе настапат вонредни околности поради кои се деформираат демократските принципи, па настануваат и такви ситуации од кои произлегуваат контроверзни теми и дилеми. Слична е и ситуацијата во Република Македонија денеска.

ТЕМНАТА СТРАНА НА ОПШТЕСТВОТО

Македонското општество, според Tribunus Civilis, мора да се соочи со својата мрачна страна, а дијаболичните политички и општествени егзибиции никако не смеат да бидат заборавени. Токму овие теми, кои „се пикаат под килим“, Судот ги отвора на јавни расправи и,истовремено, го документиравремето на авторитаризмот и на неправдата, која никако не смее да се заборави од едноставна причина – за да не се повтори! Задача на овој Суд, исто така, е и да одговори на прашањето на кој начин и поради кои причини македонското општество го деформираше својот политички систем во правец тој да стане толку репресивен и назаден, што ја произведе и најопасната политичка криза во државата од нејзиното осамостојување до денес.

Судот суди на симболички еднодневни сесии, на кои се покренуваат обвиненија, се сослушуваат сведоци, се приложуваат докази, а овозможена е и одбрана. Сесиите се резултат на сеопфатни истражувања и анализи, и не се ад хок судења против поединци или за поединечни инциденти на насилство. Тимовите за секоја сесија посебно, а во зависност од темата,  длабински ги истражуваат причините поради кои системот се деформирал. Во работата на Судот учествуваат личности кои се истакнале со својот професионален и човечки кредибилитет, меѓу кои има адвокати, јавни интелектуалци, универзитетски професори, лекари, новинари, граѓански активисти, студенти, претставници на невладини организации и други граѓани, но и меѓународни пријатели, како што беше примерот со учеството на Ерван Фуере, Петер Ванхауте и Лоде Ваност (во третата сесија на Судот, посветена на „злосторството на молкот“).

Tribunus Civilis се занимавасо анализа на кривичните дела со кои јавноста се запозна преку т.н. „бомби“, иаконеговата улога не е ограничена само во овој опсег, напротив. За оваа првична задача на Судот беа распределени четири поголеми кластери на кривични дела (КД) што произлегоа од „бомбите“, и тоа: КД поврзани со изборни измами;КД поврзани со полициска бруталност и пречекорување надлежности на МВР;за нарушување на уставниот поредок – мешање на властите;КД поврзани со корупција и предизвикани од лукративни мотиви.

Во текот на изминатата година беа одржани 3 судски сесии. Првата беше посветена на кривичните дела поврзани со полициска бруталност и пречекорување на надлежностите на МВР, а преку јавна расправа за случајот „Мартин Нешковски, убиство и обид за прекривање“. Втората сесија се занимаваше со анализанаантиуставниот заговор т.е. нарушувањето на уставниот поредок преку мешање на властите, преку случајот „Граѓаните против политичка партија, случај: Судство“. Третата сесија се занимаваше со колаборационистичкиот дискурс и културата на премолчување што ја овозможи репресијата во Македонија и тоа преку сесијата:„Злосторството на молкот (crime of silence)“. Додека се пишива овој текст, во подготовка е и четврта сесија на Судот предвидена за почетокот на декември 2016 година, што ќе биде посветена на КД поврзани со масивната корупција и предизвикани од лукративни мотиви на власта.

За илустрација на работата на Tribunus Civilis овдека ќе презентираме еден од обработените случаи во праксата на Судот.

ПРВСЛУЧАЈ: МАРТИН НЕШКОВСКИ, УБИСТВО И ОБИД ЗА ПРЕКРИВАЊЕ УБИСТВО

Учесници: Уранија Пировска (обвинителка), Љубиша Арсиќ (одбрана), Бранко Тричковски (главен судија), проф. д-р Ирена Стефоска (ко-судија); доц. д-р Ана Чупеска (ко-судија).

Обвинениетоза овој конкретен случај, врз основа на објавените материјали од нелегалното следење на комуникациите(докази во постапката), ги образложува фактите дека во 2015 година, поранешнивисоки државнифункционери (Иво Котески –портпарол на МВР,Гордана Јанкулоска– министер за внатрешни работи, Дејан Мирковски – Урко – шеф на обезбедувањето на Груевски, Никола Груевски– премиер,Сашо Мијалков – шев на тајната полиција)заедно се обиделе да прикријат кривично дело „убиство“, да влијаат врз истрагата и да ги прикријат трагите и доказите за извршувањето на кривичното дело, што имплицира вмешаност во злосторничко здружување. Дополнително, според обвинението, овие лица не се само морално, политички и кривично одговорни за обид за прикривање на убиството, како и за прикривање на трагите и доказите за убиството, туку преку анализата на случајот може да се констатира дека во Македонија постои систематска злоупотребата на институциите (МВР, ОЈО, судовите) од страна на конкретна криминална група. Случајот, исто така, ја илустрираапсолутната деградација на човечкиот живот, кога се доведува во прашање опстојувањето на владејачката структура.

Од друга страна, одбранатане го призна овој,како што нагласи,„таканаречен суд“, ниту, пак, ги призна доказите за валидни, образложувајќи дека Судот е нелигитимен, а наводните аудио докази се набавени од „странски служби“ и служатза уценување на високи претставници од власта. Според одбраната, оваа сесија е израз на јасна меѓународна конспирација против успешните политики на тогашната властво Македонија и тоа во соработка со опозицијата – која е, исто така, инсталација на овие странски служби што конспирираат во државата. Одбраната, дополнително, сугерираше сите да одговараат за велепредавство, убедена дека нема никаков случај, туку дека станува збор за политизирање на смртта на едно момче, Мартин Нешковски, а со цел да се прикрие инсталирањето на странски служби во Република Македонија. Според одбраната, единствената снимка на која може да се повика овој Суд како клучен доказ е видеото што излезе во јавноста од непознат извор,снимено во Кабинетот на премиерот Груевски, каде што јасно се гледа како шефот на опозицијата Зоран Заев го уценува премиерот Груевски со барање да ја напушти власта. Премиерот е уценуван, нагласи одбраната, со што е извршено насилство врз државен орган, а со цел да се формира техничка влада, т.е. да се изврши уцена дека во јавност ќе бидат обелоденети т.н. „бомби“. Дополнително, а во постапката што е водена воредовен суд, во случајот „Пуч“, против Зоран Верушевски, Зоран Заев и неколку други обвинети лица за обид за насилно рушење на системот во државата, може да се види дека е постигната судска спогодба со едно од обвинетите лица, вработено во МВР, според која тој признал дека соработувал со странски служби. Тоа, според одбраната, се клучни докази штоСудот треба да ги земе предвид, наместо оние на обвинителството.

Од севкупното согледување на случајотпрезентиран од обвинителот и од одбраната и според изведените докази, Судот ја донесе следната

ПРЕСУДА

Случајот на убиството на Мартин Нешковски, обидот за негово прикривање и однесувањето на одговорните лица од власта задолжени за негово разоткривање, имаат своја историја во социологијата на владеењето во нашата земја. Во околностите на случајот тоа јасно се покажува, дека насилството е сржта на идејата на Внатрешната Македонска Револуционерна Организација и нејзин континуитет и во т.н. фаза на демократијата, односно во независна Македонија. Во оваа најнова епизода на таа трагична сага беа исфрлени пратеници од Собранието, разорени се институциите, лустрирани се „неподобните“, архитектонски и урбано е масакрирано Скопје, уништено е образованието; тоа промовира подаништво наместо критичка мисла; девастирани се медиумите и културата; демолирани се историското паметење, свеста и самопочитта на човекот; уништени се економските и меѓународните перспективи; убиени се деца, новороденчиња и мајки; полицајци, исто така.

Убиството на Мартин Нешковски е акт и последица, но е и проекција, истовремено, на таа, ако можеме така да ја наречеме, идејна кондиција на една, во суштина, терористичка организација или, ако сакаме да бидеме поблаги, организација на перманентен терор! Македонија каква што ја познаваме во тој светоглед е непријателски елемент што треба да се уништи затоа што АСНОМ и повоениот развој, според истиот тој светоглед, претставуваат највисокаформа на изневерување на постулатите на Организацијата кои, како што е познато, таа ги казнува со смрт. Насилството е клучен елемент во таа мисија и како елемент кој директно урива и како елемент штого спушта отпорот; и како елемент што прибира нови симпатизери и како елемент што ги разорува системите, вредностите и ориентациите на општеството; и како елемент што предизвикува еуфорични и хистерични расположенија во прилог на општата деструкција. На тој начин се дозволува и се легитимира насилството, а насилниците во замена за нивната лојалност и дела, уживаат заштита и стекнуваат привилегии.

Убиството на Мартин Нешковски се случи во атмосфера на екстатична прослава на победата на изборите на оваа и ваква партија. Тоа беше еуфорија не околу една политичка победа, туку околу победата како освојување на неограничената моќ и освојување на апсолутна моќ на партијата. Таа вечер не е убиен Мартин Нешковски, туку е убиена жртва која е принесена на еуфоричната прослава на победата. Убиството е манифестација на моќта и основа за нејзина репродукција.

Однесувањето на власта кон убиството не е однесување на нормална власт, дури не е ниту однесување на еден класичен убиец. Тие сакаат да ја заташкаат објективната и субјективната одговорност на поединци и органи на власта и во власта, но не докрајерверзноста оди дотаму што секогаш се остава еден посив или малку посветол простор на сомнеж дека власта е таа која тука има замешано прсти во убиството или, макар, во третманот на убиството, затоа што тој стимулиран простор на сомнежот е елемент што ќе шири страв и информација за моќта на некој што е над сите норми и принципи и контроли и закони. Од изведените материјали недвосмислено се гледа дека тие воопшто не се занимаваат со убиството на Мартин, туку со себе, на начин што вели дека идејата е одговорноста да се прикрие, да се забошоти, но не сосема да се скрие, за да биде доволно нејасна и да заплашува како пример.

Затоа, судот во името на граѓаните, пресуди: Лицата Гордана Јанкулоска (поранешнаминистерка за внатрешни работи), Сашо Мијалков (поранешен директор на УБК), Иво Котески(поранешен портпарол на МВР), Дејан Мирковски-Урко, поранешен шеф на обезбедување на премиерот, и премиерот Никола Груевски, се здружиле во обид да го прикријат убиство на Мартин Нешковски, кое го извршило службено лице, а кое не било на должност во моментот на убиството. Притоа, МВР не водело законски пропишана постапка за собирање докази, ниту, пак,спровела форензика за да се разоткрие сторителот на делото и да се лиши од слобода, туку, напротив, постои обид за забошотувањена убиството. Дополнителната неможност убиството да се скрие довело до тоа, наместо МВР да преземе активности за разоткривање на сторителот, од доказите се гледа дека тие повеќе се договараат со него, отколку што сакаат да ги применат пропишаните законски мерки.

Судот заклучи дека лицата Гордана Јанкулоска (поранешнаминистерка за внатрешни работи), Сашо Мијалков (поранешен директор на УБК), Иво Котески(поранешен портпарол на МВР), Дејан Мировски-Урко, поранешен шеф на обезбедување на премиерот, и премиерот Груевски, се одговорни за сторено дело обид за прикривање убиство. Нивната одговорност е кривична, и Tribunus Civilis очекува надлежните институции, судовите, да преземат законски мерки во таа насока. Нивната одговорност е политичка, бидејќи како функционери во демократска држава во која владее правото, не смее да се договараат и да кријат убиство, туку треба да инсистираат на примена на владеење на правото. Оваа одговорност морала да се манифестира со поднесување оставка од функциите, вклучувајќи и оставка на премиерот Груевски– бидејќи и тој учествувал во договарањето на затскривањето на убиството. Нивната одговорност е етичка,бидејќи како луѓе, актот на насилство и убиство го прават предмет на договор за политичка корист, со што се разорени пошироките општествени вредности за основните слободи и човекови права, посебно правото на живот, на фер судење и на независна истрага, како и делење правда. 

[1]Д-р Ана Чупеска е доцент на Правниот факултет при Универзитетот „Кирил и методиј“ во Скопје.