Чкатроски: Трамп има крупна стратегија, која сигурно не е глупава, нити наивна

4171
www.soapboxie.com
Print Friendly, PDF & Email

Пишува: Даме Чкатроски

Искрено, навивавме за Хилари, но мора да се признае дека Трамп некако револуционерно ги разбира меѓународните односи. Ние бевме, онака, заглавени во клишеата и се плашевме од промените што ги најавуваше Трамп. Но, Трамп има крупна стратегија, која сигурно не е глупава, ниту наивна. Тоа е една стара стратегија создавана и осмислувана од времето пред глобализацијата. Измислена во доцните деведесетти години на минатиот век, од страна на водечки американски десничарски тинк-тенкови и мислители.

Стратегијата се состои од извесна американска имплозија, од херметизирање на односите на САД со делови од светот, после што големи, неоданочени профити би направиле експанзија кон Третиот свет. Тоа, всушност, и била една од идеите на глобализацијата, пред нејзиното лансирањето.

Во 1994 година, во Таjпеи се прославуваше 25 години сребрен јубилеј од Светскиот трговски центар. Додека траеја воените судири во Југославија, таму се пресече лентата на стартот на глобализацијата. Присутните – заедно со мене, околу две илјади од сите земји – беа изненадени, фасцинирани, запрепастени од тоа каде и во кои насоки оди светот. Се зборуваше за стотици и стотици илјади милијарди долари! Стотици илјади милијарди долари кои треба да се релоцираат, за тоа дека светот ќе стане глобално село, а експанзијата на интернетот веќе беше нашироко најавена, како една од клучните компоненти на таа нова глобалност.

Да, слободниот пазар и либералната демократијата ја измислија и ја произведоа глобализацијата. Таа е оригинален изум на САД. Сепак, од тоа најмногу штета по својата економија доживеа токму САД. Најголеми профити остварија оние идеологии кои беа најостри противници на  глобализацијата, како Кина, на пример. Кина, со прилагодување кон глобализацијата, спаси 450 милиони свои луѓе од тотална сиромаштија. И тоа нивно прилагодување не го направи кој било од надвор, туку нивната флексибилна комунистичка партија.

Најмногу работни места се загубија во СССР и во Источна Европа. Настана тотален колапс на производствената економија на Исток, а САД станаа најголем светски должник, поради тоа што инвестираа во азиските тигри Хонг Конг, Сингапур, Јужна Кореа и Тајван, а малку подоцна и во Кина. Таму отворија свои фабрики и од таму извезуваа во САД и во светот. Затоа, денеска, половина од долгот на САД е долг кон самите себеси. За тоа, како ќе си го наплатат тој долг, ќе пишуваме во некоја друга прилика.

Источна Европа и нивните геостратези никогаш не покажаа дека ја разбраа глобализацијата кога за тоа беше вистинско време, во континуитет беа лоши аналитичари, склони кон конспирации. Тие не видоа дека ударот по нивните економии не доаѓа од Запад, туку од Кина. Идеологијата и опсесијата со Запад го стори своето: каков било ветер да дувне од Запад, тој за нив е, по правило и до денеска, лош. А Кина уништи 90% од фабриките кои произведуваа за широка потрошувачка во Источна Европа. Тоа предизвика тотален економски и социјален колапс што го присили населението да мигрира во другите делови на Европа.

Затоа, последниве години, САД решително ја прогласија Кина за главна светска опасност, а Европа почна загрижено да гледа кон Кина, но и кон Индија, и да размислува за начини за одбрана од нивната експанзија.

Колапсот на работните места во Европа, од Македонија до Русија, започна со засилениот увоз на стоки од Кина и од Азија. Овие работни места во социјализмот беа отворени за да го вработат населението во евтините индустрии. За да се смали невработеноста и да се спречат незадоволствата. Во Македонија тоа беше обезбедено со работните места во лесната индустрија, пред сѐ во текстилната и во кожарската индустрија.

Дел од индустриите, на пример во Грција, под овој налет се преселија во Македонија, но создадениот вакуум донесе голема безработица во таа земја. Грчката и италијанската лесна индустрија банкротира од увозите од Кина. Нешто подоцна, тоа им се случи и на социјалистичките нефлексибилни економии.

Доколку се земат показателите за македонската економија од деведесеттите години на минатиот век – обемот на производството, увозот и извозот – и се компарираат со тие од 2000 година наваму, се соочувате со тотално различни показатели. Тие тенденции и денес се забележителни. Денес земјите каде што извезуваме и од кои увезуваме се многу поразлични од оние од деведесеттите години. А кога денес некои зборуваат дека „Запад нѐ уништил“, забораваат дека таму најмногу извезуваме, а реално увезуваме најмногу од Исток. Од земјите од Турција до Кина. Турција е нашиот втор партнер по големина кој ја дотолчи нашата економија. Никој веќе не може да се сети кога последен пат сме биле во суфицит во трговијата со оваа земја. Лесно може да се пресмета дека само во кеш, во последните две децении, во Турција ни се одлеале стотици милиони евра.

РЕЦИПРОЦИТЕТИТЕ НА ПРИЈАТЕЛИТЕ И РАЗМИСЛИТЕ НА ТРАМП

Инвестициите на Јапонија во САД, како еден од најголемите сојузници и трговски партнери на оваа земја, се мерат со стотици милијарди долари. Само Тојота има вложено 24 милијарди долари во САД. Од друга страна, САД има инвестирано во Кина 128 пати повеќе отколку што Кина има инвестирано во САД. Европската Унија и компаниите кои се регистрирани во ЕУ, инвестирале во Кина 90 пати повеќе отколку што Кина има инвестирано во земјите на ЕУ. Европските компании вработуваат во Кина, директно или индиректно, десетици милиони луѓе, додека најстариот континент во овој момент, заедно со Украина и Русија, има 40 милиони невработени, работоспособни лица. Затоа и велам дека Кина далеку пофлексибилно се прилагоди на новиот светски економски поредок, глобализацијата.

На Балканот (земјите од поранешна СФРЈ, Албанија, Косово и Бугарија), во овој момент има 5-7 милиони невработени, или такви кои работат на работ од егзистенцијата, за 200-300 долари месечно, за работни место за кои во Кина платата се движи од 370-450 долари месечно. Од стојалиште на балканските земји, реално, нашиот најголем непријател по нашите економии  во овие 25 години е – Кина.

Но, лесно можеме да обвиниме, а никако да се прилагодиме. Едноставно, заради длабоката корупција на елитите, тие не беа заинтересирани за нови економски процеси. Излезот го гледаа во задолжување на своите земји. Го одржуваа социјалниот мир со поддршка на нискиот национализам заради себе и заради своите коруптивни дејства. Затоа, кога ќе се сумираат дводецениските резултати во нашиот регион, нашиот најголем проблем ни се, сепак, сопствените корумпирани партии и политичари.

На пример, од 10.450 регистрирани милијардери (во рубљи или во долари, сеедно) во Москва,  само неколку стотини живеат во Русија. Значи, и после 25  години од падот на социјализмот, Русите не направиле услови овие милијардери да живеат во Русија.

Ова се деривати за анализа на тоа како размислува Трамп. Тој се потпира на пријателствата со  овие милјардери и затоа лесно зборува за добри релации со Русија. Погрешно е мислењето дека Трамп ќе ја направи оваа и ваква Русија негов глобален сојузник. Трамп ја сака Русија како сојузник само во оние делови каде што САД немаат интереси, а Русија има свои традиционални сојузници. Трамп е убеден дека САД не можат сами да бидат глобален полицаец и да трошат големи средства за горливите региони во светот, додека Русија, Кина, Турција и Европа прават профити и бизниси и не одделуваат доволно средства за реакција во овие региони колку и САД.

УНИШТИ ГИ НЕПРИЈАТЕЛИТЕ ОД ВНАТРЕ

Првата жртва на новата администрација на Трамп е Куба. Тукушто отпочнатиот процес на отворање на Куба е затворен за извесно време. Втората земја која ќе биде колатерална штета на новата стратегија на САД може да биде Иран. Реториката на новата администрација на Трамп кон овие земји е знак дека, што се однесува до демократијата и човековите права, САД нема да прават никаков исклучок. Само ќе ја сменат стратегијата во – експлозивност и  промени од внатре.

Тоа е начин на уништување на непријателите од времето на Реган. Вратен на сцена како нео-реганизам или нео-трампизам. Впрочем, Реган не го пропадна СССР. СССР имплодираше од внатре, со силните загуби во економијата, пред сѐ заради лошите политички лидери и лошите политики во сопствените државни системи. Едноставно, самите веќе не можеа да издржат толку лош систем и толку голема сиромаштија, до ниво на немање на храна за сопственото население. Од поскорешната историја е познато дека Роналд Реган во една прилика токму тоа му го предочил на Михаил Горбачов, кога му рекол: „Вие пропаднавте само заради тоа што немавте колбаси и храна“.

Трамп ги заснова релациите на пријателство и немешање во внатрешните работи на други земји. Тоа значи дека тој ќе соработува со легално избраните власти сѐ додека тие имаат капацитет да преживеат во сопствените земји. Оваа стратегија е особено интересна за Балканот. Врз база на оваа стратегија се и неговите проценки за односите внатре во ЕУ, како и за односите на САД со ЕУ. Во таа смисла, главното прашање за него е дали САД ќе бидат глобална сила од респект и доколку го нема НАТО и доколку ги нема партнерите од ЕУ? Без НАТО и ЕУ тешко дека САД би го имале глобалното влијание кое го имаат денеска. Но, преиспитувањето на ваквата политика на САД, за ЕУ може да делува мобилизирачки. Бирократијата на ЕУ ќе мора да се размрда и да почне да размислува дека ЕУ, сама по себе, е доволно голема економска сила и дека во едно такво сценарио не е во ред постојано да се потпира врз случувањата во САД.

Во една таква ситуација, Косово, Македонија, Србија и Босна, ќе бидат исправени пред нов предизвик. Корумпираните политички елити ќе мораат да заминат, за да може да се очува мирот, а национализмот да се трансформира во економски прогрес. Зашто ако опстане, национализмот само од внатре ќе ги јаде овие земји, придонесувајќи тие да тонат во новите економско-политички глобални и континентални движења. САД и Европа ќе го враќаат својот капитал од Кина и ќе инвестираат во сопствените економии. Тоа за Балканот, ваков како што е, ќе значи миграција на работната сила надвор од нејзините ганици. Тоа, пак, за нашите корумпирани политички режими и за владејачките бизнис олигархии ќе биде добредојдено, бидејќи тие и онака посакуваат вишокот невработени да заврши подалеку од земјите што ги управуваат, со што ќе се обезбеди социјален мир што ќе го капитализираат со сопствено подолго задржување на власт.

Од аспект на Македонија, нѐ очекува еден лош период со многу предизвици. ЕУ ќе се посвети на сама себе, а САД ќе чекаат промените во овие држави да дојдат од внатре. Во таков амбиент, Македонија ќе биде исправена пред голем судар на тајни служби, политичари и мафијашки интереси. Борбата за неширење на НАТО и ЕУ, ќе ја иправи Македонија пред предизвикот да се биде или да не се биде. Задолжувањата во странство ќе си го сторат своето, а социјалната и политичката експлозија против политичките елити е на пат.

Досегашната политиката на САД и на ЕУ кон нашиот регион се покажа релативно несупешна. Како и во Куба и во Иран, сега и земјите на Балканот ќе се соочат со внатрешен притисок заради што никој нема да покаже со прст кон ЕУ и САД. Најавената стратегија на Трамп носи до пад на режимите, за разлика од досегашниот „сув“ вокабулар на америкаските демократи. Во вакви услови, протестите и демонстрациите ќе бидат со многу со поголема динамика, отколку што тоа го посакуваа американските демократи.

„Покажете со прстот кон сопствените елити, никој не ви е виновен од САД и од ЕУ“ – тоа  е новата политика на САД. „Ние имаме време да ве чекаме да станете нормални. За нормалноста треба сами, од внатре, да се изборите. Пари за вас немаме. Ние не живееме во вашите земји.“

Тоа е пораката која во 2017 година доаѓа на Западен Балкан. На лидерите на Западниот Балкан релациите со Истокот можеби им носат поени во рејтинзите, но релациите со Западот им ја намалуваат корумпираноста.

Дали и колку ќе препознаеме чесни елити, со чесни намери, или ќе дадеме уште еден глас за корумпирани политичари со клиентелистички политики – е прашањето до секого во земјите на Западен Балкан. Ова прашање ќе е на маса додека не се акумулира доволно внатрешна енергија за корумпираните да ги реши еднаш за секогаш, без помош од надвор.