Орданоски: Српскиот воз за Косово пристигна во Скопје

622
Print Friendly, PDF & Email

Пишува: Сашо Орданоски

Отсекогаш по малку сум се потсмевал со оние мои колеги кои, во нашава новинарска професија на неумолива ефемерност, повремено имаат потреба за автореферентност и за тоа самите себе да се цитираат за нешто што некогаш го соопштиле, за потоа да докажуваат колку биле паметни и во право. Но, една реченица што ја напишав во минатата колумна пред десетина дена ги опиша, а и ги најави политичките перипетии низ кои и сега поминуваме: „Практичниот политички резултат од оваа политичка мимикрија на ДУИ е пораката што Али Ахмети (доколку може да им се верува на моите извори) му ја соопштил на Груевски: ‘Со тебе влада не можам да правам, но ќе направам со Заев доколку тој ГО ДОБИЕ мандатот за состав на влада’.“

Значи, стратегијата што е договорена помеѓу Груевски, Ахмети и руското Министерство за надворешни работи (има таму разни департменти) е лидерот на опозицијата Заев, кој во македонското Собрание располага со коалициски капацитет од почетни 57 пратенички места за формирање влада, НИКАКО да не добие официјален мандат за состав на новата влада, да се закочи нормалниот процес, за со тоа да се продлабочи кризата, земјата да се доведе до работ на уставен, политички и, зошто да не, безбедносен амбис, за кој пропагандно ќе биде обвинета опозицијата (?!), како би можело спасот на криминалците (и на руската агенда во Македонија) да се бара низ она што најдобро знаат да го прават: силно матење на водата за инсталациите на мафијата да продолжат да гризат наоколу, да се закануваат, да уценуваат, да купуваат, да продаваат, а можеби, наскоро, и да убиваат, ако тоа им се покаже како единствено преостанато средство за да се спречи демократскиот исход од изборите.

Што би рекол прославениот шведски режисер и мислител Ингмар Брегман, „Стравот сам го донесува она од што се плашиш“: пред точно две години, на почетокот од февруари 2015 г., советуван од своите бугарски консултанти што со години му ја толкуваат „монетарната“ и геополитичката игра на Москва, тргна Груевски со тезата дека Заев со „жолтите комбиња“ на западните тајни служби прави имагинарен „пуч“ во државата; за сега тој да мора да се обидува да прави реален пуч, оти ништо друго нема да го спаси од заслуженото заминување на буништето на македонската историја.

На влезот од тоа буниште е капијата во Шутка.

СТАРИ И НОВИ ИНСТАЛАЦИИ

Агентите на ова, работно да го наречеме, „руско сценарио“, свесно или несвесно (да повторам: свесно или несвесно), се растрчани на сите страни, за да го пречекаат „српскиот воз за Косово“ најавен да пристигне на слепиот колосек во Скопје. Ликови како Муса Џафери, Артан Груби, Бујар Османи и неколкумина слични му ја одработуваат агендата на Али Ахмети во партијата за тој да може да глуми длабоко замислена лидерска „неутралност“, оти „газот даден под кирија“ кај Груевски е задник изложен на ветреење на студените струи што дуваат од Москва… Зоран Јолевски – ха-ха-ха, „американската политичка надеж“ во Македонија, ха-ха-ха! – го наполниле со пари и го испратиле во очајничка мисија Вашингтон, за таму да го плука кај ќе стигне овдешниот американски амбасадор бидејќи, со право, го сметаат за важна сопирачка на руските интереси во Македонија… Активирани се долгогодишните „удбашки“ инсталации, кои Мијалков само ги наследи пред десетина години и убаво ги подмачка, за роварење по другите западни престолнини барем за „пасивизирање“ на нивните продемократски политики кон Македонија… На Ѓорге Иванов не трошеле многу време, бидејќи нему скриптата одамна му е дадена, а во неа стои дека тој само треба да продолжи да го прави она што најдобро го знае: да внесува правна и политичка несигурност во државата и таквиот „шуплив заб“ да го расклатува од корен, за Македонија да може полесно да се прогласи за уште една балканска, макар духовна „руска губернија“ кога за тоа ќе дојде време… Активирани се сите пропагандни експозитури по традиционалните медиуми и компјутерските тролови на интернет-мрежите за ширење семожни конфузии, но маката им е толку голема што ги натерала да мораат да „пробудат“ и такви стари ресурси како еден проф. д-р Владо Поповски, на пример, за кого се понадевавме дека го пензионирале на некоја од помошните клупи во скопската градска подружница на мафијата.

Таква е таа машинерија, има таму простаци кои ќе објавуваат посмртници за западните амбасадори и анонимно ќе се закануваат со ликвидации на неистомислениците; а има и такви кои треба да шират „високопарни“ професорски смутови, за „маскировката“ да биде сеопфатна и темелна. Само, да ве потсетам, последниот пат кога Русите издаваа соопштенија околу македонските случувања со безбедносниот дебакл во Куманово, политички настрадаа Сашо, Гордана и Миле. Што мислите, кој ќе настрада по последното руско соопштение на нивното МНР?

КРОКОДИЛИ

Сакам да кажам, многу е корисно ова пролетно „проветрување“ на македонската политичка „гардероба“, да се утврди кој на која страна е, за кога ќе се формира новата влада да се има поточна слика за политичко-правната „дератизација“ што ќе мора да следува. Стратегиската определба на земјава, недвосмислено утврдена на сите политички и државни нивоа уште пред 25 години, за интеграција во евроатлантските политички, демократски и безбедносни системи, ќе има само корист од темелната демонтажа на еден обемен криминализиран систем што го инсталираше Фамилијата во напор да го сврти курсот на земјата кон геополитичките интереси, практики и вредности на Истокот.

Да се разбереме: Македонија ќе продолжи многу да ја сака и цени големата руска нација и нејзините ненадминати културни и научни цивилизациски дострели, но не и Путиновиот руски модел за автократски империјализам кој, покрај гасот, е главниот руски извозен производ во последните петнаесетина години. Тоа, претпоставувам, нема да бидеме подготвени да му го „проголтаме“ ни на еден Трамп, иако и ненадминатите американски цивилизациски дострели многу ги сакаме и цениме. Бидејќи, како во некогашниот виц за социјализмот, Македонија е премала за да може да ја издржи таа автократска заебанција. Овде или ќе има демократија и, каков-таков, прогрес за сите; или и дополнителни 25 проценти ќе си ги спакуваат куферите и ќе си заминат од банкротираната „приватна фирма“ на Груевски, во што ја претвори државата во последните десет години.

Затоа е, впрочем, неопходна новата влада што ќе ја предводи мандатарот Заев. Џабе се крокодилските солзи на Ѓорге Иванов. Кочи, кочи, кочи – не се докочуе!

(Колумната е објавена првично во „Слободен печат“, на 04.02.2017)