Очајници фатени за сламка

815
Print Friendly, PDF & Email

Опасно е тоа сценарио на Фамилијата, но ми се чини слаб артистичкиот состав од ѕвездите на бифето на Драмскиот театар што ги ангажирале за негово спроведување.

Пишува: Сашо Орданоски

Има една американска изрека која вели дека „Уставот е создаден од генијалци за да може и идиоти да го спроведуваат“. Без разлика што мислите за колекцијата од нашите генијални уставотворци, факт е дека ние сега имаме поголем проблем со вториот дел од оваа изрека: Ѓорге Хорхе Иванов одбива – сѐ уште – да го спроведе Уставот.

Добро, убаво би било во Македонија да владеат законите и претседателот на државата да не е директно вклучен во изведба на државен удар. Но, Македонија, сеедно, е едно библиско чудо од земја, па не може да се смета дека обврските од правната држава треба да важат и за самиот државен врв! Ви се молам, кој и каде од Фамилијата на власт во Македонија се договарал за тоа? Гарантирам дека такви обврски, за важење на законите и за клучните функционери на Фамилијата, не се преземени.

Но, без разлика на сѐ, сметам дека користа за Македонија од еклатантното кршење на Уставот од страна на човекот чија плочка со име стои на влезот од Претседателскиот кабинет на Република Македонија ќе биде повеќекратна. Дозволете да објаснам…

ЧЕКОР ПО ЧЕКОР

Прво, и покрај верното другарство помеѓу Али Ахмети и Никола Груевски – да потсетам, Ахмети на Груевски: „Со тебе влада не можам да правам, но ќе направам со Заев доколку тој ГО ДОБИЕ мандатот за состав на влада“, а бидејќи мандатот на Заев не му се дава, очекувам Ахмети повторно да повика на создавање „широка влада“, оти ситуацијата е тешка итн. – шансите да НЕ се формира нова влада предводена од СДСМ се сѐ помали. Мислам, кога ќе се сетам, навистина е огромен напредокот од ноември 2014 г., кога Заев отишол кај Грујо за да му ги презентира аргументите од мега скандалот со прислушувањата и да му препорача мирно да се повлече од власта, до денес: СДСМ тогаш беше разнебитена и притисната од власта партија, со релативно нов лидер и значителна неслога на сите нивоа во партијата, наспроти моќната крипто-комунистичка партија на ДПМНЕ со својата ефикасна, корпоративна криминална структура за владеење, на чело со една Фамилија чиј фараон мислеше дека ќе ја надмине славата (и богатството!) на Стариот Египет. Денес, просто кажано, СДСМ располага со 67 потписи, верификувани и од самиот Иванов, кои го гарантираат мнозинството за состав на нова влада, а ДПМНЕ е принудена очајнички, со колнење и плачење, да бара персонален спас за милионерите од своето раководство во национал-социјализмот што го пропагира на улица. На ужас на некогаш арогантната и семоќна Фамилија, за две години и наспроти целата енергија и пари да не дојде до тоа, им се случи тотална смена на позициите и улогите во македонската политика. „Селанчето од Муртино“ ги надигра и ТОА не се спремни да му го простат, по цена на предизвикување граѓанска војна!

Следствено, сегашните постапки на Фамилијата ја зголемуваат политичката кохезија помеѓу партнерите на владата што ќе ја предводи СДСМ, а неколкуте луѓе околу Ахмети (и самиот тој) кои работат за заштита на делото и интересите на Фамилијата, стануваат сѐ поизолирани, разголени и политички нерелевантни пред налетот на сѐ поизразениот интерес на 99 отсто од албанските етнички гласачи во Македонија за стабилна влада со СДСМ. Дури, сега е јасно дека национал-шовинистичката хистерија што сака да ја произведе ДПМНЕ со својата пропаганда ќе придонесе многу побрзо да се надминат сите несогласувања во кадровските и политичките спорови нормални за составување коалициони влади. Потоа следува брзо и ефикасно кадровско расчистување со првиот ешалон од сегашната власт, пред среднорочно и долгорочно темелно реформирање на институционалниот и социо-економскиот капацитет на целата држава.

GAME OVER

Второ, ДПМНЕ и Иванов самите се запишаа на сите меѓународни „црни листи“ кои се занимаваат со политички и фактички криминали во светот. Кавгата меѓу Груевски и Хан во Скопје, зад затворените партиски врати на Дворецот на Груевски, била срцепарателна и непријатна, а се свела на разочарувањето на Грујо зошто европските конзервативци сега не застанат на негова страна во обидот да ја узурпира власта во Македонија. На тоа Хан (со овие зборови) му одговорил: “GAME OVER!”, мораш да најдеш сили и начин достоинствено да се повлечеш од политичката сцена, пред да биде и за тоа сосема доцна. Замислете кога работите стигнале со Хан до таму, како ли му стојат политичките поени на Грујо со Вашингтон, Лондон или со Берлин, на пример? И Могерини, некни, јасно го предупредила Иванов дека ја турка земјата во „геополитички конфликт“ и дека и ТОЈ ќе ја сноси одговорноста за тоа.

Јас мислам дека, без разлика што постојано го храбрат, Груевски нема да го примат во азил ни во Москва. Оти, логиката на Путин е кристално јасна: Грујо, ти ми требаш во Скопје, таму да дестабилизираш и да трошиш западни ресурси – што ќе си ми па ти во Москва?! Грујо преселен во Москва нема НИКАКВА употребна вредност, а додека седи во Скопје и политички и безбедносно ја расклатува македонската држава има можеби мала, но не сосема безначајна ролја во хоризонтот на Путиновата нова антидемократска интернационала низ Европа и светот.

Во таа смисла, имам просто прашање: навистина ли мислат дека парите преселени во Москва им се безбедни? Еве, може Пешевски и Ставревски, како експерти за финансиски операции во странство, да ми одговорат на ова прашање…

ЗАТВОРЕНО ЗАРАДИ ПОПИС

Така што, наскоро, резултатот од сегашното однесување на Фамилијата ќе биде сличен како оној со врхушката на нивниот патрон од Русија: уредно, и поименично и со список на фирми, ќе им се замрзнат сметките, банкарските трансакции, имотите и бизнисите во ЕУ и во САД, и тоа почнувајќи од Бугарија (каде што, по моја слободна проценка, сега Фамилијата врти бизнис и има имот од околу 300 милиони евра годишно), преку Лугано и Луксембург, до Белизе. На тој список за санкции, покрај неколкуте десетици очигледни функционери на овдешнава мафија, ќе се најдат и десетици луѓе за кои пошироката јавност никогаш и не чула (како што за покојниот Коста Крпач, на пример, малкумина знаеја со што се занимавал). Налет имотот и парите, туку најмногу ќе ги заболи што нема да можат да патуваат ни на шопинг, скијање или бањање ни до Врњачка Бања, а и децата ќе треба да си ги презапишат од студирање во Виена, Лондон и Амстердам, во Доха и Астана, на пример. Знам еден што неколкупати месечно им ги префрла парите на Фамилијата на линија Скопје-Виена-Рио де Женеиро – е, тој сега ќе треба да лета преку Истанбул, а конекцијата е ужасна, плус и никогаш не си сигурен дали и кога и Бразил ќе почне да соработува за спроведување на санкциите… Дополнително, не заборавајте, најголемиот број македонски банки се во сопственост на западни банкарски брендови – можеби само оние што го чуваат украденото по сметките и сефовите на турската Халк банка ќе можат нешто да спасат, а за другите ситуацијата ќе биде: „Тууу, бре, толку блиску, а така далеку!“ Сирот Грујо, ни мачно заштедените 250 илјади евра, пријавени во последниот имотен лист, нема да може да си ги троши за купување нова колекција слики. Претпоставувам дека ДПМНЕ ќе треба да отвори телефон за донации за да им преживеат милионерите од партиското раководство.

БУДАЛИТЕ НА ПОТЕГ

Затоа, велам, за Македонија, користа од ваквото сегашно однесување на власта може да се покаже како исклучително голема! Ќе добиеме прецизен список не само на пљачкашите, туку и на пљачкосаното, а имотот и парите ќе се замрзнат и ќе го чекаат расплетот на овдешните судски процеси, за да бидат вратени во Буџетот на државата. Тоа ние, без оваа помош што ни ја пружа Фамилијата, никогаш сами, реално, не ќе можевме да го направиме. Значи, ем ќе си заминат во заслужена опозиција, ем ќе ни го достават списокот на фирми, пари и имоти што ги имаат изнесено од Македонија.

Е, сега, они ќе предизвикале граѓанска војна во Македонија и немале никогаш да дозволат да се конституира Македонското собрание, а сите Албанци или ќе сменат нација и вера, или заедно со СДСМ ќе бидат протерани надвор од Македонија! Опасно е тоа сценарио, но ми се чини слаб артистичкиот состав од ѕвездите на бифето на Драмскиот театар што ги ангажирале за негово спроведување. Ма, не ги потценувам јас нивните злосторнички намери и штетите што ќе ги направат, но во такви ситуации секогаш будалите се на потег. Милионите на Фамилијата се во прашање, не им е лесно.

(Колумната е првично објавена во „Слободен печат“ на 04.03.2017 г.)