Пропаганда, гаќи и душеци

650
Print Friendly, PDF & Email

Пишува: Сашо Орданоски

Кога ќе ги видите начините и количествата на пари што ги краделе од државата, јасно ви е дека „патриотиве“ на ВМРО-ДПМНЕ не само што тотално ја узурпирале и ја одрале Македонија, туку тоа го направиле и без никакво чувство за трошка љубов или макар за површна симпатија кон неа. Пљачкосувале (и не престануваат тоа да го прават, додека ги читате овие редови!) како окупатори, како да ќе немало нов ден, како да се на олимпијада за тоа кој повеќе ќе украде и кој ќе го направи тоа на подрзок начин.

Земете го, на пример, еден од главните пропагандни прислужници, со децении расплачениот Србин по македонската кауза, Драган Павловиќ: не само што, удбашки „србувајќи“, одрал милиони евра од заедничката македонска каса, туку бил доволно глупав – за да задржи барем привид на некаква законитост – да плати минимален данок на обраните милиони! Па, зошто и душеци и рачен часовник на наша сметка, Павловиќу?! Онаа, пак, неговата новинарска хостеса, со иста мотивација, си купувала долна облека (гаќи) на сметка на државата?! Разбирам луксузни автомобили или станови по Белград – ама гаќи!!?? Тоа ви е, на раната што со години ни ја нанесуваат, како да сакале малку и да посолат, колективно да нѐ навредат, да ни покажат дека нѐ презираат и нас и државата и народот, па и своите пријатели и соработници, како и голем дел од оние неколку илјади, кои денес протестираат по македонските улици – сега, конечно, ќе ги довлечкаат „на местото на злосторот“, да се побунат против работата на СЈО, оти тоа е суштината на нивната вистинска мака: гаќите, навистина, се во прашање, некои запалени, некои наполнети, некои кожни!

ГАЌИТЕ НА ФАМИЛИЈАТА

Ова симболично преместување на протестантите од пред зградите на владата и на Собранието, на улицата каде што е сместено СЈО, точно го илустрира патот по кој се движи бавниот расплет на македонската криза. Изборите ги загубија, Собранието ќе мора да почне со работа, потоа следува формирање нова влада, па останува само крикот против СЈО на луѓето што копнеат по партиската криминална држава за да си го заштитат она што десетина години го пљачкосале од сите нас. Тие, веројатно несвесно, покажуваат кај ги боли: да им се простат украдените милиони, Фамилијата уште утре комотно би седнала во опозиција и, наскоро потоа, македонските знамиња би ги замениле со авионски билети во еден правец, за очи повеќе да не ни видат!

Ама, така бидна, некои од нив ќе мора да одат во затвор, да ги вратат украдените пари и да платат данок, со затезна камата, барем за таа неверојатно секси симбиоза на пропагандата, гаќите и душеците.

Од причини познати само ним, пропагандистите на Фамилијата некако се надеваа дека и да дојде до промена на власта, тие би си продолжиле со својот бизнис-ес-јужуал на ширење гнасни лаги и омраза, со мали сопственички прилагодувања – ако се мора! – но со ненарушена комоција на квазиновинари кои сега се повикуваат на истите стопати исплукани „Фридом хаус“ и „Репортери без граници“, бараат приеми и даваат петиции до клетата Европската комисија, за да ги заштитат своите наводно нарушени „професионални“ права. Наместо од срам, ги „наведнаа“ камерите во СЈО од протест, бидејќи кога ќе им ги фатите милионските финансиски валканици на нивните уредници и медиумски сопственици, одеднаш е државата, сфатена како поле за медиумски криминален натпревар, доведена во прашање! Не им пречи што им се основачите од Белизе и од Лугано, им пречи што Идризово и Шутка се во Македонија. Таму ги чека Велија Рамковски за натенане, во годините што им следуваат, да им ги раскаже своите медиумски искуства со Груевски. Ќе биде голема, голема неправда ако на главните двигатели на Сител, Канал 5, Нетпрес, Република, Курир и слични им се оневозможи таа средба со вистината. Да не мислат дека треба да им се пружи шанса во парк спокојно, пензионерски да ранат гулаби?

А ГАЌИТЕ НА ЗАЕВ?

Во меѓувреме, Заев и понатаму упорно одбива да формира влада. Се множат шпекулациите дека е влезен во валкано договарање со Груевски и со Ахмети за тоа како Главата на Фамилијата (и неговиот албански ортак) да си ја спаси кожата и како најголемиот дел од сите нас, напатени ентузијасти што гласавме за промени, да нѐ преведе „жедни преку вода“. Се договара персонален спас за Груевски и Мијалков, што би требало да се материјализира до 10 април, со некакви „преодни“ владини решенија и процедурални „интермеца“, наводно за да се спасела Македонија. Заев можеби калкулира дека еден Латас во затвор е доволна замена за еден Груевски во затвор?

Нема да биде првпат во македонската понова историја СДСМ да ги изневери своите гласачи – ако Заев, помлад, не се сеќава на некои минати срамни епизоди од однесувањата на СДСМ, сигурен сум дека Шеќеринска би можела да му ги раскаже сите детали за тоа – но, овој пат, тоа ќе биде особено болно, бидејќи преостанатата екипа од другата страна е навредливо неинтелигентна, главно луѓе со завршени вечерни партиски школи, другите разбегани и раскарани, потпрени на сопствениот партиски талог и на неколку дежурни џандарски сценарија што ќе се распаднат уште пред да тргнат од скопско Драчево.

Ми здодеа да ме сопираат десетици луѓе по улица во чии очи веќе се насетува задушената надеж дека од нас можеби може нешто и да биде. Па, добро, ми велат, ако тие сега се собираат пред СЈО на Рузвелтова, може ли ние да се собереме пред претседателската резиденција на Водно, за на тие две локации секој да си ги побара одговорите на дилемите што нѐ мачат? Тие ќе ги разгледаат доказите на СЈО, ние ќе го земеме во заштита човекот што секое утро се буди зачуден како преживеал уште еден ден како претседател на држава… Што е проблем, потоа, да се најдеме на полпат, да речеме кај Собранието, и да размениме искуства? Тие ќе ни раскажат колку пари ќе треба да враќаат, ние ќе им раскажеме колку пари ќе треба да враќаат, ќе го пребиеме нашиот леб со нивното чоколадо и ќе се разидеме секоја на своја страна: тие во опозиција, нашиве на власт, па да видиме кој како ќе го биде, до следните фер и демократски избори. Како од учебник за борба за демократија.

Затоа, велам, ќе биде голема штета Заев залудно, пред блефовите на Груевски, да го потроши големиот кредит што му го дадоа граѓаните на последните избори, ценејќи ја неговата голема лична храброст, политичката визија и издржливоста во борбата со разбојничката Фамилија. А, можеби на Македонија ѝ е судено никогаш да не се издигне на нивото на своите реални можности и да си остане закопана во ѓаволските кругови на неспособноста, лицемерието, политичката демагогија, криминалот и валканите гаќи во сите сфери на живеењето… Таман кога се понадевавме дека може и поинаку.

(Колумната е првично објавено во „Слободен печат“ на 25.03.2017 г.)