Форум Аналитика Бр. 14: Демократијата функционира локално

298
Print Friendly, PDF & Email

Дваесет и седум години по падот на комунизмот, секторот на граѓанското општество во Македонија, составено од 4.000-5.000 активни невладини и други цивилни организации, сe уште се бори за сопствената институционална стабилност, за континуирано и одржливо финансирање, за засилување на својата кадровска и вредносна база, како и за поширока поддршка и вклучување на граѓанството. Сепак, овој сектор игра витална улога во развојот на плуралната демократија во земјата, предизвикана од автократски владетели и режими, вооружени конфликти, континуирана економска и социјална криза и бранови на политичка и граѓанска апатија, заменети со големи возбуди, стравови и вознемирувања. Во последните десетина години, најголемиот дел од прогресивните граѓански организации кои се залагаа за отворено и отчетно демократско општество беа подложени на интензивни и систематски притисоци, закани и малтретирања кои доаѓаа од државните и партиските структури на национално и на локално ниво. Граѓанскиот сектор беше доведен до самите граници на својата издржливост и отпорност. Некои не ја преживеаја таа агресивна кампања, други подлегнаа на своите клиентелистички интереси. Истовремено, таквиот третман сепак доведе до зголемување на цивилната кохезија и, конечно, масовна граѓанска мобилизација на незадоволството против автократскиот режим. Демократските подеми и падови во Македонија не дозволија вистинско процветување на онаа област во државата којашто е темелот на секое демократско општество: полнокрвно и супстанцијално функционирање на локалната самоуправа, со автономни финансиски, материјални, политички, кадровски и други ресурси. Законската регулатива постојано се подобруваше, особено од 2001 година наваму, но економските, социјалните и политичките ограничувања продолжуваа да бидат голема пречка за целосно остварување на она што беше и е запишано во законите. Граѓаните и понатаму остануваат недоволно вклучени во процесите на владеењето на локално ниво, почнувајќи од планирањето на локалното управување, буџетирањето на активностите, до контролата за тоа како се трошат заедничките, локални пари. Сега е Македонија повторно исправена пред уште едни локални избори кои имаат карактер на „историски“! Резултатите од овие избори веројатно ќе им „пресудат“ на цели лидерски и партиски елити на македонската политичка сцена, што значи дека сме повторно во ситуација „крупните“ национални теми да ги засенат локалните визии и програмите за локален развој на кандидатите за советници и градоначалници. Се чини дека Македонија повторно ќе гласа за платформите и лидерствата на партиите, а не за конкретните кандидати по општините. Тоа значи дека, како и да излезат постизборните математики, ќе треба да вложиме многу труд и знаење толку неопходниот локален развој да го сместиме во локален контекст, со засилување на локалните, наместо на националните капацитети и со интегрирање на локалните граѓански енергии заедно со приватниот сектор, меѓународната донаторска и проектна помош и со националните државни програми, агенции и институции. Тој трансфер на моќ од национално на локално ниво ќе пресуди на македонската демократија во годините пред нас. И ни помалку, ни повеќе од тоа. Бидејќи, важно е демократијата да се негува, осмислува и практикува на национално, државно ниво, но таа секогаш функционира локално, бидејќи таму живее „предметот“ на нејзиниот интерес – граѓаните.

Д-р Сашо Орданоски
Уредник на Форум Аналитика

За да го читате PDF изданието на Форум Аналитика 14, кликнете тука.