Цветковски: Граѓанското учество на локално ниво: „Лет во место“ на фингираната соработка

145
Print Friendly, PDF & Email

Пишува: Александар Цветкоски

Соработката меѓу НВО-секторот и локалните самоуправи, како и секоја соработка на несродни ентитети што не ги поврзува ист интерес – не е лесна работа. Ако искрено говориме, барем во овој момент, такво нешто речиси и да не постои, освен како фингирана соработка, која повеќе служи за „вежбање демократија“, отколку за подобрени услуги кон граѓаните, за отчетност и за транспарентност на локалната власт. Вистинска соработка, барем таква за каква што им пишуваме на донаторите во невладините проекти и извештаи – нема, затоа што не постои синергија, заеднички цели и прифатена рамка за таквата соработка. Не можеме да бидеме сигурни ниту во тоа дали и колку ние, невладините организации, имаме делувано на локалните самоуправи во подобрување на нивниот капацитет да ги остварат надлежностите што им се дадени со закон.

Приказната започна многу убаво, уште во 2002 г., со јавните дебати за фискална децентрализација, односно за Законот за финансирање на општините. Кога немаа пари, градоначалниците беа „душички“ и ја зграбија нашата помош. Реално, помогнавме да се добие добар закон, што им донесе конкретни пари и неконкретни надлежности, што за нив беше корисно, но не и за граѓаните. За медиумите, тогаш, темата за локална самоуправа беше мошне привлечна и не беше тешко да се организираат активности какви што, денес, не можеме ниту да ги замислиме. Тој ентузијазам, полека, но сигурно, се претвори во нешто друго.

За жал, денес, интересот за соработка главно произлегува од донаторските повици, кои бараат од невладините организации да соработуваат со општините. Општините нам ни служат да ги оправдаме „локалните“ проекти пред донаторите, поради тоа што, во спротивно, во ставката „одржливост“ ќе немаме што да запишеме. Општините, пак, имаат корист од таквата соработка поради тоа што ништо не ги чини, нема мешање во незгодните прашања за партизацијата на општинскиот кадар, за споил-системот при изборот на кадрите, за квалитетот на услугите, за ниските стандарди на имплементација на државните и општинските проекти, за слабиот квалитет на изградба на локалната инфраструктура и за трошењето на локалниот буџет. А, дополнително, општините можат да добијат некои донаторски пари што, често, се програмирани во невладините проекти, токму наменети за општината, но и да имаат „доказ“ во јавноста дека општината е отворена кон граѓанскиот сектор.

За да ја оствариме така проектираната соработка, најчесто, ние наоѓаме „силна“ врска во општината, некој што ни ги завршува работите со учеството на општината во нашите проекти. Општината тоа, секако, ни го смета за услуга.

Ако сакаме да сме чесни кон јавноста и кон донаторите, можеме да кажеме само дека проектните настани се случиле, но вистинското влијание на таквиот настан и резултатите од него ги фингираме, затоа што тие „здружени журки“ почнуваат и завршуваат на листата за присуство на настанот, со некаков новинарски извештај од шеесетина секунди на локалната ТВ, препишан од невладиното пишано известување за настанот. На самиот настан, пак, може само да се говори за општи работи, стотици пати пишани и препишани – „Локалната самоуправа е темелна вредност на Уставот… бла-бла-бла“ – а потоа да поведеме киселкаста расправа „за ништо“, во која повторно ќе се констатира дека е потребна подобра соработка на граѓанскиот сектор со општината. Зошто е тоа така? Затоа што општината, за почеток, не би ни учествувала во „небезбедни“ или „незгодни“ проекти по нејзиниот углед во јавноста, посебно ако можат да бидат опасни по рејтингот на градоначалникот и партијата на власт.

Соработката со граѓанскиот сектор на иницијатива на општината, пак, е секогаш со „позадина“. Ние сме тука само за оправдување на нешто – осмислено од општината. Тука има и поголемо лицемерие. Ние, вообичаено, велиме: „Па, што!? И нашите планови и проекти во кои учествувала општината биле исто толку неупотребливи и про-форма како и нивните“… Сепак, има една разлика: нашите смешни стратегии за ова и за она, меморандуми за разбирање и соработка, критериуми за… барем не трошат народни пари; а нивните – да.

Со тоа, недоволно е да се каже дека локалниот процес на носење одлуки е „фараонски“, во недостаток на вистинско граѓанско учество во локалното владеење. Не само што процесот е таков, туку и невладините организации се соучесници во лицемерието на локалните власти. Од друга страна, ако сме малку посовесни, па не сакаме да бидеме јавно искористени за тоа, ние не одиме на тие средби, но потоа и градоначалникот не доаѓа на нашите. На тој начин, големо е заемното разбирање со општините.

Ако општините (посебно помалите) имаат проблем да платат експерти, или немаат знаење да го организираат процесот за да проанализираат некој локален горлив проблем, тогаш ние сме тука: Поврзување со експертите, иницијална работилница и – толку. Понатаму, тие си ги добиле експертите и ние не сме им потребни. Тоа сме го искусиле, но и повеќе од тоа: По поднесувањето на проектот, кој ние (се разбира – бесплатно) сме го изработиле, сме барале погранични партнери, сме патувале и договарале итн., градоначалникот се сетил на некоја своја внука – да ја стави за координатор, знаејќи дека владата ќе плати ако извештаите на „локалците“ не бидат прифатени од ЕУ, односно средствата од грантот ако „се претворат“ во кредит. Пари се пари, внука е внука, а во комбинација, тие се многу доходовни.

Фингиран невладин сектор

Порано, додека стандардите на донаторските програми за локалната самоуправа (самите темплејти за подготовка на проекти) беа на повисоко ниво, општините имаа потреба од подобри граѓански организации, за тие да им ги изготват проектите со кои општините решиле да бараат пари од донаторите. Но, со време, општините се извештија, па во локалните самоуправи вработија понекој поранешен член на некоја невладина организација. Така, клиентелизмот меѓу општината и невладината организација, во која сегашниот општински чиновник работел порано, станува зацeментиран. Уште поточно е да се каже дека децентрализираното раководење на фондовите од ИПА-програмата (да се дадат парите на општините, па ако треба тие ќе се програмираат од централно владино тело за имплементација), е вистинската причина за падот на соработката на добрите невладини организации со општините. На тоа се надоврзува и зголемената понуда на проекти од граѓанските организации до општините, па овие, вториве, можат политички арбитрарно да избираат со кого ќе соработуваат. Со време, сите научија што треба да им се пишува на донаторите, затоа што имплементацијата на проектите никој не ја контролира при нивното одвивање, туку преку периодичните или завршните извештаи и преку бирократското придржувањето до шематизираните пропозиции за финансиска имплементација на проектите.

Така се зголеми бројот на фингирани „невладини“ организации – локално формирани од партијата на власт, па владино-невладината соработка е одлична: власта соработува самата со себе. Секоја општина има повеќе „свои“ НВО-и за постигнување одредена фреквентност на настаните и валоризација на желбата на партијата во форма на граѓански иницијативи, годишни планови и општински проекти. Така, на пример, во 2005 г., во град со 27.000 невработени (Прилеп), преку анкета со граѓанските организации, констатиран е нашиот најголем проблем, дека немаме доволно локални паркчиња и игралишта. Се разбира, власта тоа веднаш го „поправи“ и „посади“ десетици паркчиња, кои фино послужија за печатење „отчети“ и за ТВ-извештаи. На средбите со локалната власт ние „се убивме“ од давање предлози, но мнозинството локални невладини организации, со имиња на цвеќиња во своите називи, си имаше свој список на идеи. Локалната самоуправа направила и анкета низ градскиот невладин сектор, во која доволен број владино-невладини организации одговориле дека, сепак, паркчињата се приоритет! Општината никогаш не правела анкети кога требало да им ги даде на многугодишно користење спортските сали на партиските бизнисмени, за во нив тие да отворат производствени погони; или за маалските „домови“, кои порано беа месни заедници, а сега во нив работат бизниси блиски до власта, или се сместени партиските НВО-и, а анкети не се правени ни за тоа како да се распредели буџетската ставка за поддршка на клубови, културно-уметнички друштва и граѓански организации во општината.

Неприфатената и долги години промовираната рамка, односно „рамки“ за соработка постојат: „Партнерствата“ не функционираат, освен номинално и како „материјалчиња“ за пресови, посебно ако станува збор за соработка на проекти или за некакви избори. Такви партнерства се нудат во сите проекти од ИПА-фондовите на ЕУ, за пограничната соработка и каде не, во „блескавите“ идеи на донаторската заедница дека демократијата треба да се вежба. Можеби токму заради тоа Европската комисија финансира проекти со неизмерно висок проектен ризик (со многу мали шанси за вистински успех или влијание). Ним им е така добро, на имплементаторите – уште поубаво.

Просто е! Што ќе им сме ние на општините, освен како „доказ“ дека се тие транспарентни и отчетни, или како начин сите да заработиме на лагата дека соработуваме и дека имаме „блескави постигнувања“? Соработката бара волја, надминување на потребата од гола пропаганда, идеологија за напредок, прифаќање на сознанието дека партнерството значи партиципација и меѓусебна контрола, инсистирање на мониторинг на постигнувањата, мерливост на резултатите и отчетност, но и „појдовна точка“ или дијагноза.

Како општината да ја направиме поотчетна, кога ниту проектите не се тоа? Како да се грижиме за подобрување на ситуацијата на одредена целна група, кога таа за градоначалникот претставува само сума од гласови, а за нас „бајка за донаторот“?

Токму врз овие поенти, при средбата на политичкото и граѓанското општество, се темели овој напис, во кој отвораме една мошне опасна (особено за нас, НВО-ите) тема: Фингирање соработка или, уште поточно, номинална соработка („на хартија“) на несродни ентитети, кои ниту се разбираат, ниту имаат чувство едни за други, ниту имаат продуктивни механизми за соработка, ниту разбираат што од соработката добиваат едните, а што другите; кога, всушност, не постои грижа за интересите на граѓаните. Во оваа неискрена игра, главна жртва се видливите проектни ефекти и креативноста, а главен добитник е номиналноста, што е потполно сообразено со начините на аплицирање и усвојување проекти во рамките на ИПА-фондовите, за пограничната соработка и сите повици на кои треба да учествуваат општините, за Планските региони или за „единиците за имплементација“, формирани од Генералниот секретаријат на Владата. Тука, едноставно, креативноста и иновативноста се последните нешта што тие можат да го забележат. Наместо тоа, на проектите се гледа „технички“, односно ништо не разбираат за самата проектна идеја, за методологијата што, систематски, ги елиминира добрите и креативни организации, кои можат да внесат новитети, а ги издига „мудрите“ организации, за кои проектите се бизнис, а извештаите до донаторите се „вештина“ на креирање индикатори.

Најтажно од сѐ е што ништо не останува после таквата соработка и наместо граѓанскиот дух да се пробива во структурата на општините, номинализмот од политичкото општество навлегува во граѓанското и го пренесува својот „лет во место“ во редовите на невладиниот сектор. Принципот на политиката (често и онаа, дневната) се прелева во граѓанското општество, со што се анулира потребата од градење одржливи граѓански капацитети, создавање јавна доверба и критичка јавност, но и специјализација на граѓанските организации.

За ваквите состојби многу има помогнато „донаторската заедница“, со бирократскиот проектен пристап и со слабиот мониторинг на смислата на трошењето на проектните пари. Сепак, главната причина за малите постигнувања во соработката меѓу локалните самоуправи и граѓанскиот сектор лежи во погрешната дијагноза за проблемите на скромното инволвирање на невладините организации во процесите на креирањето политики и одлуки на локално ниво. Превладува логиката на „про-форма“ како оправдување на активностите на граѓанските организации во овие средини. Чест на малубројните исклучоци.

Дијагнозата, како најраширена болест

Учеството на граѓанскиот сектор во владеењето (и на локално ниво) секаде во демократска Европа се темели врз вредности што се „општествен капитал“ на западната демократија. Тие вредности се детално разработени и општоприфатени и, во значајна мера, имплементирани во секојдневието. Примената на принципот на супсидијарност никогаш не престанува: Одредена надлежност мора да биде извршена од најниското ниво на власта – којашто е способна за тоа. Ако власта не може тоа да го направи – или е тоа политички „незгодно“, прескапо, несоодветно… – постои и дерегулација, деинституционализација, јавно-приватно партнерство и делегирање надлежности, што се постигнува и преку корпоративното донаторство или волонтерскиот ангажман на стручно или на граѓанско ниво. Кај нас ваквиот пристап едвај е започнат и уште се занимаваме со расчистување на поимниот концепт. Затоа, наместо да биде правило, оваа практика е исклучок во работата на локалната самоуправа и на граѓанскиот сектор.

И ние, постојано, повторуваме дека и нашето граѓанско општество се темели врз одредени вредности, но прашањето е дали тие вредности се сфаќаат и практикуваат како општествен капитал, или се само практичен „лост“ за политичка „елевација“ на желбите на моќниците? За жал, се чини дека ова второво е нашата фактичка состојба. „Темелењето врз вредности“ е првата лага што ние сами си ја повторуваме, не размислувајќи дека, со тоа, ја стимулираме најраширената болест во Македонија: погрешната дијагноза којашто, потоа, се користи за одредување на општествената терапија! Погрешно опишаните проблеми ги лекуваме со погрешни средства. Така создадената инструментализирана стварност, во која не може да има фактичка вистина, туку само политички дискурс, потоа зависи од силината на медиумите (пропагандата) што го поддржува фингирањето на интересите на граѓаните. Звучи познато? Се разбира, ние тоа го правиме со помош на донаторите, на кои не им е гајле за ефектите. Само нека биде кратко, лесно читливо и да не троши премногу време.

Генералната приказна е ваква: Демек, граѓанското општество „притиска“ врз властите –  едни врз централните, други врз локалните – но тие не сакаат да слушаат.

Што разбира[1] граѓанското општество, за да притиска? За што притиска?… Градоначалниците да послушаат? А што тоа[2]?… Кој да послуша: „нашите“ или „вашите“?… Кој да соработува на креирањето на предлогот, кого треба да го слушаат локалната самоуправа и владата?… Која е таа организација што прифатила лидерство на друга организација, кога нема прилив на проектни пари или други придобивки од тоа?… Со кој човечки капацитет ќе се постигне тоа?… Знае ли некоја граѓанска организација „да чита“ буџет? Знае ли да постави листа на прашања по одредена буџетска ставка?… Врз база на кои акти ќе се „крои“ предлогот? Врз база на нетранспарентни податоци од локалната власт, каде што буџетскиот отчет не значи ништо?… Кој ќе биде координатор на сето тоа „истражување”?… Кој ќе финансира?… Дали некој направил извештај, процена или ревизија на одреден проект, а некој да прочитал за тоа?… Дали извештајот на една невладина организација ќе биде читлив за обичниот граѓанин?… Кој медиум ќе извести дека „локалната“ не сака да соработува или крие податоци – истата таа локална ТВ што е финансирана од градоначалникот!?

Ете, тоа се само некои од прашањата со кои декларацијата за делување „темелено врз вредности“ се урнисува уште во стартот. Ако на тоа ги додадеме партиските „организации“ за манипулација на јавноста и протуркување партиски агенди, негативниот впечаток само се засилува. Нашето граѓанско општество само номинално се темели врз вредности, додека, во заднината, се одвива остар натпревар базиран врз партиски интереси, во услови на општа невработеност и вишок кадри од општествен профил со низок капацитет и неапликативно образование. Тоа го следат малите плати на вработените во граѓанскиот сектор, со што напорот за „дополнителна заработка“ се претвора во носечки принцип на граѓанското општество. Не вредностите, туку празниот стомак е причина за бројноста на организациите. Каде, во ваквиот контекст, може да се најде место за граѓанска организација, која својата сила ја црпи од креативноста, од желбата за демократизација и подобрени услуги или услови за живот на граѓаните?

Не само „лошата општина“, туку и недовербата кај граѓаните во НВО-секторот е причината поради која мораме да фингираме бројност. Тоа, од друга страна, нас нѐ поставува како општествен фактор што номинално се грижи за интересите на нашите целни групи и ги плаши „избраните на избори“ дека можеме да им го намалиме рејтингот, во држава во која мерит-системот за градење јавна административна и политичка кариера речиси и да не постои. Проблемот е што невладините организации не се издигнати над деформациите во општеството, со промовирање и придржување до сопствените принципи, односно вредности, и не изградивме доволно голема јавна доверба кај граѓаните за да бидеме мериторни фактори за корекција на политиката.

Партиско-државна „окупација“

Невладиниот сектор, покрај (често и наспроти) политичките партии, треба да е главна алатка на демократијата, граѓански „потисен механизам“ за протуркување граѓански интереси и вредности, како коректор во политичката реалност. На национално ниво, дури, тоа има и одреден успех; но, на локално ниво, навистина, резултатите се многу скромни, иако треба да биде сосема спротивно: Делувај локално, за да го промениш и националното!

Но, кај нас работите никогаш не се локални. Со „окупацијата“ на националната јавна сфера и јавната агенда од страна на политичките партии, проблемот неминовно се рефлектира и на локално ниво. На пример, многубројните проекти што минатата власт ги осмисли („Остваруваме“!) за спроведување низ општините, не беа ниту критикувани на локално ниво. Никој не спомна дека Градот Скопје треба да остави простор општините специфично, локално, да се развиваат. Колку за илустрација, „централно посадените палми“ локално вирееја и умреа, без ниедна локална забелешка. Тој „национален“ принцип, додуша, е судбина и на коморското, синдикалното, образовното, спортското, туристичкото, стручното и низа други „локални“ организирања. „Долу“ ништо не поминува што не е иницирано, или барем верификувано од „горе“.

Интересни се податоците дека најпопуларните „локални проекти“ се, во суштина, централни, кои имаа локална имплементација, а се користеа и како национални и како локални – според изборните потреби. Теренската анкета (национална) за испитување на граѓанската доверба во институциите на системот, спроведена во 2016 г. од Асоцијацијата за граѓанска толеранција и соработка (АГТИС), во рамките на проектот „Фасадата држи, темелите тонат“, покажа збунетост на граѓаните за препознавање на своите локални интереси: дури 39% од испитаниците оцениле дека субвенциите за земјоделците, легализацијата на бесправно изградените објекти, проектот компјутер за секое дете, индустриските зони, изградбата на споменици низ општините и изградбата на регионални патишта се и национални проекти, дополнителни 37% од испитаниците мислат дека се тоа и национални и локални проекти, а само 15% од граѓаните на тие проекти гледаат како на локални неопходности во средините во кои живеат и работат.

Исто така, во националната анкета наменета за деловни субјекти, околу влијанието на инспекцискиот надзор врз деловната клима (во истражувањето беа третирани четири инспекторати), во рамките на проектот на АГТИС со наслов „Инспекторот ѕвони колку што сака“ (2012 г.), резултатите покажуваат дека советите на општините и градоначалниците се сосема поинаку третирани – во свеста на граѓаните. На прашањето: „Што би се случило ако деловниот субјект искрено истапи со свое мислење за инспекциите, во јавноста?“, од серијата понудени одговори дури 67% од испитаниците сметаат дека „градоначалникот ќе ти пушти инспекција“, додека само 4% сметаат дека „Советот на општината ќе ти пушти инспекција“. Истовремено, во тврдењето од „менито“ понудени одговори дека „од Скопје ќе ти пуштат инспекција“, веруваат 65% од испитаниците, што јасно покажува дека градоначалникот е третиран како експонент на партијата, ако таа владее и на централно ниво. Тоа е потврдено и со одговорите, при рангирањето на влијанието на градоначалникот врз деловната клима (иако тој нема никакви ингеренции врз инспекторатите, посебно врз Агенцијата за храна и ветеринарство и Управата за јавни приходи), каде што, во просек, 48% одговориле дека градоначалниците имаат влијание врз деловната клима. Уште поиндикативен е одговорот на прашањето: „Дали верувате во тврдењето: Ако си близок со градоначалникот, нема да имаш посети од инспекции“, каде што 70% одговориле дека веруваат во тоа тврдење. Значи, на монолитноста на „троедната“ власт, треба да се додаде дека и „четвртата власт“, локалната самоуправа, барем во свеста на граѓаните, е дел од тој партиски монолит.

Понатаму, ниту еден домашен плански акт (барем до неодамна) не е создаден од домашна потреба, туку е правен за задоволување на меѓународната донаторска заедница (особено ЕУ) или како партиска „стапица“ за избори. Тоа се однесува и на првата, па втората, па третата „Стратегија за соработка на Владата со граѓанскиот сектор“, вклучително и серијата „Акциски планови за спроведување на Стратегијата за соработка на Владата со граѓанскиот сектор“. Формално, се исполни еден „хартиен“ критериум за придонес на граѓанскиот сектор во процесот на креирање јавни политики. Но, кога власта и невладиниот сектор видоа дека и понатаму не се разбираат едни со други, донесоа и основен принцип на соработка: „Стратегија за јакнење на заемна доверба, партнерство, вклученост на граѓанскиот сектор во процесот на креирање политики“. Оваа „нова верба“ требаше да се валоризира низ Секторот за анализа на политики и координација при Генералниот секретаријат на Владата на РМ. Не само што решија, туку издадоа и „Прирачник за креирање политики“, направија и Одделение за соработка со НВО, па потоа и Комисија за распределба на финансиски средства на невладините организации, па многубројни „единици“ за спроведување на ова и на она, уште и веб-страница… Направени се уште многу работи, кои им користеа само на малубројни невладини организации. Владата, пак, се оправда пред странците дека го подигнала „квалитетот и општествениот легитимитет на одлучувањето“ и дека, така, стратегиските документи се одраз на јавниот интерес.

На локално ниво сигналот брзо се „прочита“, па и локалните самоуправи започнаа да објавуваат огласи за локални проекти, со кои ќе се поддржи локалниот невладин сектор, но дури откако направија „свои“ организации што (претежно) ги добија скромните грантови за одржување послушност и присуство насекаде каде што локалната власт спроведува „грандиозни проекти“. На посериозните невладини организации, како и да ги дефинирате таквите, им е срам да се појавуваат заедно со овие нивни секторски „колеги“, па апстинираат од настаните поради „презафатеност“.

Малку е поинаква ситуацијата во руралните општини, кои немаат сопствен капацитет за изработка на проекти и немаат доволно средства да одржуваат „партиски невладини организации“, а ниту можат да најдат обучени личности за водење таков сектор. Тие подобро соработуваат со „градските“ НВО–и, поотворени се, потребни им се проектните средства, па се трудат и ја напрегаат кревката и малубројна општинска администрација да си ја заврши работата со нивниот дел од аплицирањето. Сепак, и тоа зависи од градоначалникот и претседавачот на општинскиот совет. Ако се тие посветени, соработката е можна, но имплементацијата е мошне тешка поради слабиот општински административен капацитет. Голем број надлежности на таквите рурални општини им ги извршува најблиската градска општина, а со тоа заинтересираноста на граѓаните за учество е секторски мошне лимитирана. Згора на тоа, младото население од тие локални самоуправи мигрира, а постои и сезонската презафатеност со земјоделски работи, па е тешко да се обезбеди позначајна граѓанска партиципација во планираните проекти.

На градоначалниците на малите општини не им паѓа на ум да го развиваат граѓанскиот сектор во својата општина, ниту имаат свест дека, токму тој сектор, ќе го даде „вишокот вредност“ во општината и ќе претставува и кадровска база за иднина. Но, мандатот трае само четири години, па оти да се трошат „слободни“ пари, кога од централното политичко расположение зависи дали и тие ќе добијат нов мандат од партијата. Навистина, локалните средства, што не се добиени преку блок-дотации или преку грантови за порамнување, општината ги смета „за свои“ (изворни локални средства) и служат за подобрување на „стандардот“ на градоначалникот и на владејачката партија. Повишувањето на овие „слободни средства“, во буџетот, како и нивното алоцирање во посебни фондови, кои се под дискрециско право на градоначалникот, е постојана грижа на градоначалниците, а во таквата операција редовно е вклучена некоја „невладина“, преку која се заобиколуваат строгите законски рамки за јавни набавки и известувањето за приходите и расходите на општинскиот буџет.

Ете, „соработка“ имало!?

Дека е болеста на дијагностицирањето толку многу раширена, говори и фактот дека најголемиот број локални невладини организации се занимаваат со „безбедни проекти“, такви што нема да ја налутат власта и ќе го привлечат градоначалникот за групна фотографија со нив.

Значи, да заклучам, граѓанско општество базирано на вредности? … Утре сабајле.

Сепак, како може „да се учествува“?

Граѓанските организации, ако сакаат да го совладаат процесот на разбирање со локалното политичко општество, претставено преку општината, ќе мора да го научат овој „занает“ на:

  • Планирање, со примена на дерегулација на надлежности, деинституционализација, примена на јавно-приватно партнерство, вмешување во локалната легислација и совладување на овие методи за решавање на општинските проблеми и слабости;
  • Локално и регионално вмрежување за остварување влијание, координација на различни интереси, градење синергија со неполитички актери и образовни институции, подружници на комори и синдикати и професионaлни здруженија;
  • Застапување општи и посебни граѓански интереси пред органите на општината и локалните подружници на централните институции;
  • Фузирање на помали невладини организации заради зголемување на сопствениот капацитет, оперативната соработка и трансфер на знаење и експертиза;
  • Соработка со деловниот сектор или застапување на секторот за специфични стратегиски проблеми на развојот (на пример, производство на универзитетски и средношколски кадри, кои стопанството ги бара);
  • Градење јавен имиџ и доверба кај граѓаните, како и локален статус на лидери на мислење.

Кај планирањето, граѓанските организации ќе мораат да ги совладаат:

  • Испреплетеноста на политичкото ниво на планирање, локалните движечки сили и принципи (не само официјалните, туку и другите локални влијателни актери);
  • Користење искуства од поранешни планови, идеи и имплементирани проекти (на пример, во „просторните планови“ има многу материјал за тоа, но никој не ги чита);
  • Целна ориентација на планирањето, фазно планирање и фондови поврзани со тоа;
  • Законски и подзаконски ограничувања и можности;
  • Следење и антиципација на донаторските долгорочни трендови;
  • Макотрпно создавање и споделување визија (моќна алатка за придвижување граѓанско учество);
  • Регионално планирање.

Исто така, треба да има јасна свесност и за областите на општинско планирање, за тоа да се градат знаења и капацитети, со инволвирање експерти за применета политика од областа на:

  • Земјишна политика[3] и распределба на државно и општинско земјоделско земјиште на користење;
  • Даночна политика;
  • Демографска и миграциска политика, политики на различни резиденцијални зони[4];
  • Погранична соработка;
  • Политики за подобрување на координативен[5], административен и раководен капацитет (општински практики за раководење[6]);
  • Политики на стимулирање на општинска поддршка на сите нивоа (партнерство[7] со приватниот и волонтерскиот сектор – организации, интереси);
  • Формирање локални или регионални развојни стратегии (дистриктно организирање[8]);
  • Институционализација на методи (законски) за граѓанска партиципација;
  • Инструменти за предизвикување локален економски развој (ЛЕР) и управување со него;
  • Операционализација на врската: финансирање – управување со имот – планирање[9].

„Точки“ на средба

Важни се и „точките“ каде што можат да се сретнат политичкото и граѓанското локално ниво, а тие се лоцирани таму каде што општината нема идеи, интерес или капацитет, па тоа треба да се искористи за градење, барем, некаква синергија. Една таква „точка“ може да биде потребата од градењето на идентитетот на градот (урбано, туристичко, спортско или некое друго брендирање). Идентитетот на градот служи не само за локална употреба. Тоа може да биде алатка и на развојот – посебно преку туризмот. Во тоа спаѓа и креативноста за општинско визуелизирање на акциите, манифестациите, брендовите.

Особено податлива за соработка е сферата на квалитетот на животната средина и „урбаната екологија“. Од голема корист може да биде и уредувањето на односите на невоедначен развој на делови на општината и намалувањето на социјалните разлики или управувањето со социјалните разлики на локално ниво, со можна алокација на одредени социјални услуги, од локалниот, кон невладиниот сектор. Невладините организации можат да дадат и силен придонес во донесување т.н. дериватни закони, кои се „асиметрична“ локална регулатива, што не мора да ја има во друга општина, туку се израз на локалната потреба на една општина во мошне специфичен контекст.

Конечно, голем е просторот во областа на поттикнувањето на општествениот ангажман и активности насочени кон развој на демократијата и доброто владеење. Во тоа спаѓа и планирањето на локалниот економски развој, но и помалку „теориската“ тема на обезбедување предизборни ветувања, кои потоа избраната локална самоуправа и ќе ги спроведе.

          М-р Александар Цветкоски, дипломиран етнолог и магистер по економски науки, со звање кустос-советник во националната установа Завод и Музеј Прилеп, го води Одделението за социјална и духовна култура и Музејот за тутун. Претседател е на невладината организација Асоцијација за граѓанска толеранција и соработка (АГТИС), а зад себе има искуство од проектно координирање на 68 невладини и 15 владини проекти. Автор е на 9 публикации од областа на својата експертиза.

[1] „Да разбираш“ значи да учествуваш уште во фазата на планирање и развојот на идејата за проект, а тоа значи дека е потребен процес на следење на системот за информирање на општината, за работата на локалните ограноци на партиите, за активностите на другите НВО-и, систематски мониторинг, процес во кој ќе учествуваш со сопствени идеи. Колку невладини организации, на локално ниво, имаат време и средства за тоа?

[2] Вообичаено, нашите предлози и проекти се со слаб квалитет, неразработени, а често демонстрираат непознавање на фактичките состојби (расположливиот општински буџет, нивоата на надлежности, изворите на средства и сл.).

[3] Земјишните политики имаат висок одраз на ЛЕР. На пр., фирмите бараат земјиште за изградба, но општинското и малите приватни парцели им одговараат само на малите и средни претпријатија, додека за големите – не. Што ќе стори општината во врска со тоа?

[4] Посебни градски квартови, каде што живее население со различна материјална и општествена моќ.

[5] Хоризонтална интеграција на политиките.

[6] Експертски капацитет на секторите, едукација, стимулирање на професионалното напредување, интердисциплинарност…

[7] Вертикална интеграција: Таа е важна, зашто ако ја нема, тие празнини во доменот на ЛЕР ги пополнува централната власт со свои акти или ги блокира локалните иницијативи.

[8] Исто така, тоа е форма на отпор и форма на распределба на моќта со централното ниво.

[9] Ако не се во интегриран модел, општинските потенцијали не се исполнуваат, односно постојат лоши локални политики и планирање, а можеби и висок степен на корупција.