Литовски: Каде, левицо?

659
Print Friendly, PDF & Email

Пишува: Александар Литовски[1]

Кон каде се движиме и како по политичката победа на левицата во Македонија?

Ваквите прашања воопшто не се чудни, оти и пред три години, во услови на стабилен десничарски режим, токму на трибината со лениновски наслов: „Што да се прави?“, некои слободоумници дебатираа околу можностите за борба и што по падот на режимот? Сега, повторно треба сериозно да се запрашаме: „Quo vadis, левицо?“ и на таквото прашање треба да се одговори квалитетно, коректно и практично-политички корисно, бидејќи од одговорите зависи иднината не само на македонската левица, туку и на македонската држава.

Предизвиците што претстојат се многубројни, а со оглед на ограничениот простор, ќе си дозволам крајно селективно и субјективно да се осврнам само на неколку.

Секако, пред да се почне да се одговара на отворените прашања за понатамошниот развој на македонското општество и држава, добро е да се фрли барем еден воопштен поглед на „големата слика“. Реално погледнато, живееме во време на триумф на капитализмот. Станува јасно оти сето човештво се претвора во евтина робовска работна сила. Огромното мнозинство од човечката популација е безмилосно втурнато во воденицата на глобално-корпоративното стопанство, што сурово меле и создава профит за малкумина. Додека во Западна Европа неолиберализмот има форма на „пазарен фундаментализам“, во поранешните социјалистички земји тој има лице на коруптивен и див капитализам. Токму затоа, пак, во светски рамки, автентичната левица е малубројна и е во дефанзива.

Кај нас ситуацијата, по победата на левицата во политичката битка на македонската политичка арена, е исклучително компликувана, тешка и лоша и од економски, и од социјален, и од политички, и од идејно-идеолошки аспект. Незаслуженото и неоправдано самокитење со атрибутот „левичар“ стана вообичаено и „нормално“. А, воопшто не е и не треба да е – нормално. Бројното зголемување на „левичарите“ со социјалдемократски профил, не е добро оти тоа не се темели врз некоја идеолошка или политичка определба, туку се случува врз антиморалниот и политички нездрав опортунизам. Имено, во времето на „портокаловата“ катастрофа што нè снајде, нашата левица не разви свест за посебен политички субјект, што ќе ѝ конкурира на десницата. Левицата дејствуваше повеќе како пасивна резистенција, отколку како профилирана, историски втемелена и организирана политичка сила, којашто може да се бори против „портокаловото“ зло, со курентна политичка и идеолошка понуда. Секако, на моменти, последните две-три години, отпорот против десничарскиот „портокалов“ фашизам и врховизам добиваше бунтовнички јавни манифестации и се излеваше по улиците, но, сепак, тоа брзо губеше сила под притисокот на малограѓанската неолиберална идеологија и практика, вградени во дејствувањето на салонската левица.

Значи, еден од главните проблеми на македонската левица е малубројноста на нејзини идејно профилирани припадници и приврзаници. До пред неколку месеци, сосема малку беа оние што имаа свест за себе и кои имаа визија и волја бескомпромисно и радикално да се спротистават на режимот. Всушност, борбата на левицата во тоа „портокалово“ зловреме, беше борба за победа над стравот во луѓето и борба за ослободување од десничарско-режимските стеги. Тие малкумина сомисленици, сочувственици и, во голема мера, истосудбинци, се зафатија со речиси „неможната“ работа да ја тргнат од нашата политичко-медиумска бина „портокаловата“ орда од демагози и криминалци. Тоа беше исклучително храбра борба, оти наспроти нив беа мноштво медиумски слуги, православни свештеници, старо-нови „портокалови“ тајкуни, „идеолози-интелектуалци“ кои заради привилегиите што ги стекнале, на невообичаено суров, примитивен и дрзок начин се спротиставуваа на секој што ќе проговореше пофално за левата идеологија или против пропагираната „безгрешност“ на „портокаловата“ власт. Оттука, власта на левицата мора да знае дека евентуалните неправди кон овие „борци“ од улиците и медиумите, се грешки што ќе имаат висока политичка цена и, во иднина, ќе го трасираат патот кон нејзиниот пораз.

НЕУТРАЛИЗИРАЊЕ НА НАЦИОНАЛ-ШОВИНИЗМОТ

Круната во триумфот на десницата веројатно беше насилното исфрлање од Собранието на опозициските пратеници во 2012 г. и целосно фалсификуваните избори од првата половина на 2013 г. Сето тоа од страна на десничарската интелектуална елита, од македонските крупни капиталисти и новинарите во директна служба на режимот, беше проследено и „покриено“ за да помине во јавноста со жестока национал-шовинистичка пропагандна кампања. Лаежот и завивањето на тие профитерски „хиени“, кои го бранеа редот и поредокот во кој нивните „портокалови“ газди остваруваа екстра приход и дивиденди, нè заглушуваше со години, а левицата беше целосно сатанизирана и маргинализирана. Секој што ќе изразеше негодување за овој лаеж, се сметаше за човек што „плива против струјата“ и човек што ризикува да се најде пред „независното сваровски судство“, или со куршуми во градите. Фашизоидниот античко-македонски и бугаро-врховистички делириум, предизвикуваше слепа омраза што го помрачуваше умот на голем дел од македонските луѓе. Беше тоа националистичка болест што траеше со години, а македонската политичко-правна грозница многумина фрли во бунило во кое им откажала здравата памет и човечкото сочуство.

Оттука, предизвик на левицата, не само заради сопствените политички бенефити, туку и заради обезбедување на прогресот на државата, е да го победи – национализмот. И македонскиот, и албанскиот. Тоа значи дека денес, кога е власт, македонската левица прво што мора да направи е да преземе конкретни чекори за да го неутрализира национал-шовинизмот и за да ги хармонизира меѓуетничките односи. Мора да ги помогне и финансиски, и кадровски, и логистички сите левичарски групи. Особено мора да им се помогне на албанските приврзаници на левицата, со цел да ги засилат своите позиции и да можат да се спротистават на сè уште силниот големоалбански национализам.

При ова, мора да се води сметка дека јавниот дискурс што, сè уште, го креираат „портокаловите“ медиуми е изразито антикомунистички, антилевичарски и, особено, национал-шовинистички. Во таков медиумски амбиент тешко може да се популаризираат хуманистички, антинационалистички и антифашистички вредности и да се спроведуваат мерки за подобрување на меѓуетничките односи. Затоа, големите промени на политичката сцена во Македонија, секако дека треба да рефлектираат со чекори од левицата со кои ќе воспостави медиумски баланс во општеството.

ЕКОНОМСКО СВРТУВАЊЕ В ЛЕВО!

Паралелно, владејачката македонска левица треба да собере храброст за темелно да го менува општеството, така што кормилото што ја определува политичко-идејната и економска патека сериозно ќе го заврти в лево, со тоа што ќе направи прераспределба на националното богатство од рацете на малкутемина „портокалови“ капиталисти, кон мнозинството неоправдано осиромашени работници и граѓани.

Десетгодишниот идеолошки монопол и десничарската практика во време на „портокаловата преродба“ беше процес на систематско зголемување на економскиот јаз меѓу сиромашните и богатите (за што може да се погледне во стручната и квалитетна студија „Богатството и сиромаштијата во Македонија 2008-2012“ од Здравко Савески, Артан Садику и Кире Василев, но и од квалитетниот новинарски текст на Катерина Блажевска во „Дојче веле“ со наслов „Македонски модел на ’еднаквост‘: Богатите побогати, сиромашните посиромашни“ од 17.11.2014). Истовремено, константното се неутрализираше антагонизмот меѓу работата и капиталот, преку општата пропагандна реторика дека противречностите меѓу нив не се непомирливи, дека треба да се зборува само за профитабилност, за неопходност од инвестиции што креираат работни места, но и за губитници од транзицијата за кои е, наводно, виновна тогашната социјалдемократска власт и за слични буржоаско-„портокалови“ небулози.

Всушност, последиците од епохалниот реставраторски удар од 90-тите години на 20 век со кој општеството се врати од социјализам во капитализам, „портокаловата интелектуална елита“ настојуваше и настојува да го искористи не само за сопствено материјално богатење, туку и за политичко профитирање преку тоа што ја обвинува левицата и со коцкарска реторика ги хомогенизира разните економски групи и класи во две општествени формации: губитници и добитници внатре во процесот на „капиталистичкиот натпревар“. Едноставно, „портокаловиот“ бандитско-пљачкашки капитализам се претставуваше како благороден и праведен, а „портокаловите“ буржуи како најугледен и најперспективен општествен слој.

ДЕМОНТАЖА НА ДЕСНИОТ ИСТОРИОГРАФСКИ РЕВИЗИОНИЗАМ

Македонска „портокалова“ историографија ни сервираше и ни сервира „фасадна историја“. Тоа е историја што презентира вистинити и полувистинити факти, но со огромна доза на селективност и манипулативност. Впрочем, „функционализмот, и воопшто застапувањето на митолошкиот дискурс“ – како што убаво забележал Анастас Вангели во неговата „Античка сегашност“ од 2011 г. – „претпоставува прифаќање, или барем презентирање на митот пред јавноста како да е непобитна вистина“.

Зад „митоманската историска фасада“, зад презентираната „монументалната слика од нашето минато“, „портокаловиот“ историографски ревизионизам ја криеше вистинската историја што не му се допаѓаше, или што не е му беше политички опортуна и профитабилна. Не се штедеа интелектуални ресурси и финансиски средства за да се направи ревизија на дотогашната „комуњарска“ историската свест, којашто, според нив, не им носеше политички бенефит во борбата за опстојување на власт. Историографскиот македоноцентризам, кој, всушност, беше модус за вмроизација на историската и општествената свест, во својата основа беше не само националистички, туку и еднодимензионален, едноперспективен и крајно догматски. Како таков создаваше и во иднина ќе создава култ кон нацијата, ќе создава негативна атмосфера преку сеење страв од разни туѓинци што се „непријатели на Македонија“, ќе создава монументална слика за македонското вмровско минато. Ваквиот историографски романтизам, во основа, е конзервативен и секогаш ќе ја влече земјата во спротивна насока од прогресот и од вистинските национални интереси.

Инаку, добро е да се нагласи дека тоа што ревидираната историја не кореспондираше со вистината и вистинските национални величија и интереси, тоа што сосема директно и недвосмислено во Македонија се создаваше „историска слика“ што беше политички инструментализирана и национално обезличена, тоа што преку историјата се собираа политички поени за „портокаловите“ властодршци, многу не ја загрижи ниту нашата полуобразована левица, која никако не сфаќаше дека спорот и борбата околу минатото е спор и борба околу сегашноста и иднината.

Значи, досегашната политика на хиперпроизводство на ревизионистички сеќавања, со длабоки идеолошки и практично-политички последици, е нешто што мора да се промени. Ова националистичко производство на сеќавања со државно спонзорство, имаше улога на делегитимизација на современата македонска левица на политичката сцена, а особено на СДСМ, како главен политички конкурент. Левицата, а воедно и Македонија, десет години беа жртви на „политичката концептуализација на митот за ВМРО!“ (Бранко Тричковски, Девмроизација, Зборник: „Што да се прави“, 39.) Поинаку кажано, процесот на лустрација, ламентациите за наводните „репресии од УДБ-а“, сакрализирањето на името ВМРО, возвеличувањето на Александров, Протогеров, Сарафов, Матов, Михајлов и останатата десно-врховистичка булумента, безмерното катадневно споменување на името ВМРО… не само што беа оружјата за демонизација и делегитимизација на македонската левица во време на егзистирањето на Социјалистичка Република Македонија, туку беа моќни пропагандни орудија за морално-политичка дискредитација на левиот политички блок денес.

Левицата во наметнатата „војна на сеќавањата“ мора да се профилира и да „заземе страна“. Договорот со Бугарија за добрососедство и најавените „историографски преговори“ со Грција се само нови еклатантни докази за актуелноста на историјата во сегашноста. Затоа, крајно време е македонската левица да го напушти самоубиствениот историографски херметизам што подразбира презир кон прашањата од минатото, да се оттргне од дефанзивниот параноичен антикомунизам и да се излекува од импотентниот либерален снобизам за националните прашања. Поинаку кажано, ни треба освестување на левите политички сили за значењето на историската и националната свест во актуелните политички борби. Веќе имав напишано, а сега ќе повторам, со надеж дека некој од политичко-владините центри на моќ ќе прочита и, конечно, ќе разбере: нам ни треба историографија поставена врз научни и македонистички позиции. Ова значи дека пишувањето на македонската национална историја не смее да се потпира само врз критика на ревизионистичките „факти“ и „толкувања“, туку мора врз научни постулати да ги детектира и да ги презентира позитивните моменти, да ги возвеличи победите на македонскиот национален дух против обидите за однародување и асимилирање, да ги мапира позитивните политики како еталони за политиките кон иднината, да ги инкорпорира и популаризира антинационалистичките, антифашистичките и хуманистичките концепти на организација на општеството. Потребно ни е негување и помагање на критичката историографија, која ќе го неутрализира конфликтниот потенцијал на националистички митологизираното минато и ќе го детронизира авторитетот на нацијата за сметка на вистинољубивоста, правдољубивоста и соработката меѓу народите.

„СПОМЕНИЦИТЕ НА ЗЛОТО“ МОРА ДА ПАДНАТ

Нужно е, час поскоро, да направиме демонтажа на крајно митоманските, антимакедонските и безобразни ревидирања на историјата. Тука, како предизвик за новата влада се јавува справувањето со споменичното и музеолошко лудило на нашата фашизоидна десница. „Спомениците на злото“, како што ги нарекува Мирослав Грчев монструозните кичерски зданија од проектот „Скопје 2014“ (Мирослав Грчев, „Името на злото“, Скопје, 2014, 350) мора да паднат, а дел од нив мора да се редизајнираат. На дел, како што е на пример владината зграда, мора да им се врати првобитниот изглед. И, во ваквите случаи, повикувањето на финансиските импликации од таквите демонтирачки операции, се ирелевантни и споредни, оти ако не се прати политичката порака дека еднопартиското самоволие „не поминува“, тогаш новата влада и власт, не ја пратиле најважната порака.

Секако за сè ова на македонската левичарска власт ќе ѝ треба храброст. Особено ќе ѝ треба храброст и знаење за да направи радикална – девмроизација. Ќе ѝ треба храброст да го врати македонскиот брод на патот на умот и разумот. И нив, умот и разумот, ќе треба да ги промовира како најскапоцени и највредни ресурси на државата. Оти, сите дефинитивно треба да го разбереме, блезпаскаловски речено, следното: ѕвездите, Земјата, сета природа, државата и сите институции, не можат да се споредат со Човекот и неговиот ум, оти токму тој ум го носи во себе сето знаење за сето тоа и за сè друго. Ако тоа не го разбереме, ако не свртиме в лево, ако не се погрижиме за секој Човек одделно, нека не нè чуди поразот што ќе го доживееме и како поединци, и како идеолошки лево профилирани групации, и како држава.

Затоа, уште еднаш: Каде одиш, левицо?

[1] Д-р Александар Литовски (49) е историчар, вработен во НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Битола, со звање кустос-советник. Учествувал во низа истражувања и проекти од областа на музеологијата, заштитата на културното наследство и историјата. Член е на ЗНМ и член е на Управниот одбор на Македонското научно друштво – Битола. Автор е на 15 книги и на повеќе статии и прилози.