Арифи: Време е за вистинска правда!

96
Print Friendly, PDF & Email

Беса Арифи[1]

Веќе неколку години со ред, Република Македонија добива детални извештаи од Европската комисија, со препораки што јасно кажуваат во која насока треба да се реформираат институциите за да се симне карактеризирањето на државата како „заробена“ и да се пристапи кон вистински, а не само формален напредок во процесот на интеграција во ЕУ и во НАТО. Вториот извештај на Групата високи експерти на ЕУ, познат како „Извештај на Прибе“, јасно укажува на три посебни области во кои Владата треба да испорача конкретни резултати. Тие области ги опфаќаат реформите што треба да се случат во правосудството, во тајните служби и во јавната администрација. На овие три области се дава приоритет, со оглед на нивната важност за секојдневниот живот на граѓаните, како и за перцепцијата за земјата како кандидат за интегрирање во ЕУ и во НАТО. Имено, незамисливо е земја во која независноста на судството не постоела, во која јавната администрација и државните институции ѝ служеле на партијата на власт, наместо на граѓаните, и во која партијата на власт го контролирала животот на повеќе од 26.000 граѓани на начин што веројатно со години ги прислушувала на нелегален начин, да се идентификува со какви било европски или западни вредности на една слободна демократија. Оттука, процесот на менување на таа перцепција не е лесен, а ќе одземе долго време и бара макотрпна решителност.

Во процесот на интеграцијата во ЕУ, на Македонија ѝ претходат години во кои ќе се одвиваат преговорите за пристап, кои имаат токму таква цел, државата кандидат да ги направи сите потребни реформи преку прифаќање на правните стандарди на Унијата кои, всушност, значат стандардизација и хармонизација на домашното, со европското законодавство. Секако, во овој процес, сега е веќе јасно дека Македонија, но и другите балкански земји, нема веќе да го имаат луксузот да пристапат кон овие реформи единствено од формален аспект, туку треба да работат и да се стремат кон тоа реформите да бидат суштински и да значат промена на досегашниот начин на функционирање на власта. Времето на „чекирање на квадратчиња“ по сѐ изгледа дека завршило, а и ЕУ и граѓаните, кои веќе долги години живееја во услови на формална надреалност, во која навидум сè функционира легално, но, всушност, државата се карактеризира како „заробена“, немаат намера то уште да го толерираат.

ПРИОРИТЕТ: СПРОВЕДУВАЊЕ НА ЗАКОНИТЕ

Групата високи експерти на Европската комисија предводена од Прибе, во 2015 г. го донесе првиот извештај и ги назначи Итните реформски приоритети. Во областа на правосудството, овие итни приоритети означуваат конкретни чекори што треба да се преземат во однос на реформирањето на законодавството. Дека Европската комисија не е веќе единствено заинтересирана за формалните промени, покажува и фактот што во овој Извештај, како и во Извештајот на ЕК за напредокот на земјата во однос на интеграциите во ЕУ, акцентот се става на спроведувањето на законите. Со други зборови, ЕУ ни кажува дека залудно имаме институции чие име звучи убаво и моќно, како на пример Државна комисија за спречување на корупцијата, кога таа всушност одбива да функционира и вистински да се бори со најголемиот предизвик на земјата. Залудно постои и институција Јавен обвинител доколку таа не е во можност или, едноставно, не сака да се справи со вистинскиот криминал. Селективното дејствување на ваквите институции означува тежок удар врз какви било можности за спроведувањето на начелото на владеење на правото во реалноста.

Така, во правосудството се очекува брзо утврдување на потребните законски измени, со цел да се овозможи непречено вршење на клучните функции на гонење и обвинување, на одбрана и на судење. Во рамките на реформите предвидени за тајните служби, препораките се однесуваат на воспоставување механизми за нивна надворешна контрола кои ќе се наоѓаат во Собранието и во правосудството, со цел да се утврди законски и применлив систем на контрола и баланс помеѓу властите, особено во однос на деликатните сфери на тајното следење на комуникациите на граѓаните, спроведувањето на задачите што се однесуваат на борбата против организиран криминал и корупција, како и заштитата на основните човекови права во тој аспект. Во јавната администрација, пак, Итните реформски приоритети означуваат утврдување јасни механизми за заштита на службениците од политизација и партизација, кои би оневозможиле повторно да имаме ситуации во кои границата помеѓу државата и партијата на власт или е целосно избришана или е значително заматена.

Во натамошниот текст ќе се осврнам конкретно на предизвиците на реформите во правосудството имајќи предвид дека без да се има независно судство, едноставно, не може да се говори за какви било други реформи, бидејќи ниту една област не може да функционира, ни да се реформира, ако не може да смета на независен суд што ќе го заштити правото, а не тоа да го прави партијата на власт.

ПРАВНА РАМКА

Јасно е дека реформите во правосудството вклучуваат и одредени законски измени. Некои од тие законски измени се неопходни и итни.

Таков е, на пример, Законот за заштита на сведоци. Ова е еден од најважните закони за работата на Специјалното јавно обвинителство. Измените во тој Закон ќе овозможат СЈО да може да одлучи за вклучување лица во Програмата за заштита на сведоци, при што МВР ќе обезбеди техничка поддршка. Имајќи предвид дека станува збор за доста чувствителни случаи, како „Монструм“, „Младенов“, „Сопот“ и „Нешковски“, ова е еден од клучните закони што се очекува да овозможи утврдување на материјалната вистина – на тоа што навистина се случило во тие случаи. Овој Закон, исто така, е посебно важен затоа што регулира многу деликатна материја што, во одредени недемократски услови на функционирање на државата, може лесно да биде злоупотребен. Во повеќе случаи, кои во минатото биле обележани како политички монтирани, постојат сомненија дека токму институцијата на заштитен сведок била редовно злоупотребена. Затоа, СЈО мора да биде крајно внимателно при користењето на овој институт од кој директно зависи перцепцијата за правичноста на водењето на случајот. Овој Закон би требало да помине во Собранието без посебни проблеми, со оглед на фактот што се носи со просто мнозинство. Секако, секогаш постои можноста за разни блокади што било честа практика на собраниските седници.

Втор закон што е важен од овој аспект и чие итно укинување се очекува, е Законот за Советот за утврдување факти, Совет кој, исто така, редовно беше злоупотребуван во минатото, со цел „дисциплинирање“ на „непослушните“ судии. И овој Закон се донесува со просто мнозинство.

Од голема важност е овие два закони да поминат до крајот на годината, рок што брзо се ближи.

Важно достигнување во оваа област е укинувањето на Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казните од страна на Уставниот суд на РМ на 16 ноември 2017 г. Уште од самото донесување, овој Закон беше постојано критикуван од речиси целата експертската јавност. Македонија беше единствена земја што имаше таков закон (наместо правилник со советодавна, за сметка на закон со обврзувачка сила), кој значително го ограничува начелото на слободно судиско уверување при одлучувањето во врска со случаите. Олеснителните и отежнувачките околности предвидени во Прилозите на законот беа многу контрадикторни. Така, на пример, во тие прилози, извршувањето на кривичното дело „во крајна нужда“ се сметаше за олеснителна околност, а, всушност, според Кривичниот законик на РМ, тоа претставува основ за исклучување на противправноста на делото. Формирано образование или склучување брак беше сметано за олеснителна околност при мерењето на казната. Во однос на мотивот за извршување на кривичното дело, во Прилозите на овој Закон се одредуваше дека доколку делото е сторено поради национална, верска или расна омраза, овој факт носеше 8 негативни поени за сторителот, а доколку делото е сторено поради омраза кон полот, сексуалната ориентација, возраста или хендикепот, тоа носеше 6 негативни поени за сторителот.

Уставот на РМ одредува дека воедначување на судската практика во Македонија прави Врховниот суд на РМ, додека, пак, со спорниот Закон се формираше Комисија за воедначување на казнената политика која имаше такви овластувања, а која функционираше во Министерството за правда (во неа, освен претставници од судството, обвинителството и адвокатурата, учествуваа и претставници на Владата и на Министерството за правда). Со сите недоследности, а и со дискриминаторските критериуми што ги вклучуваше Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казните, навистина е чудно што се чекаше толку долго тој да биде укинат. Притоа, Законот беше укинат, а не поништен, со што ќе продолжи да произведува правна сила за случаите водени според него. Укинувањето на овој Закон, Уставниот суд во својата Одлука го заснова врз начелото на слободно судиско уверување, како и врз начелото на поделба на властите, кои се уставни начела во Македонија. Укинувањето на овој Закон мора да се проследи со итно изменување на Кривичниот законик на РМ и враќање некои одредби за судското одмерување на казните што се клучни за кривичното правораздавање.

Друга важна измена се очекува да настапи во Законот за судски совет. Првично, таму треба технички да се пренесат некои одредби од Законот за Советот за утврдување факти, кои се клучни во процесот на утврдување на одговорноста на судиите. Во Извештајот на Прибе од 2017 г., едно од поважните наоѓања е токму утврдувањето на одговорноста на судиите што во минатиот период грубо ги кршеле законите, но и правилата на извршување на нивната професија. Без да се воспостави таква одговорност, тешко е да се очекува каква било реална промена во начинот на функционирањето на нашите судови. Така, на пример, при оценувањето на обвинението на СЈО во врска со предметот „Титаник 2“, судот го прифати само делот од обвинението што се однесува на членовите на ДИК и на политичарите што извршиле влијание врз нив, но не и делот на обвинението што се однесува на одговорноста на судиите од Управниот суд. Одлуките на ДИК стануваат правосилни откако тие ќе се утврдат и пред Управниот суд, во случаите кога се покренува жалба пред овој Суд. Затоа, не смее да се создаде впечаток дека судиите се бранат меѓусебно од одговорноста што треба да ја носат.

Не е важна единствено одговорноста на самите судии за нивното претпоставено кршење на законот, туку таквата одговорност е уште поважна во однос на членовите на Судскиот совет. Сегашниот Закон за судски совет не предвидува никаква одговорност за членовите, ниту пак каков било механизам за реална контрола на совесноста на работењето на овој орган. ССРМ поднесува годишни извештаи пред Собранието на РМ, меѓутоа ниту еден орган нема никакви механизми за контрола врз овој Совет. Во натамошните реформи треба да се најде начин на воспоставување систем на контрола и баланс во однос на оваа институција, при што е многу важно да се зачува и начелото на поделба на власта.

Постапката на реформирање на законодавството што го регулира функционирањето на судството вклучува и одредени измени во некои системски закони. Таков е, на пример, Законот за Јавното обвинителство и Законот за кривична постапка. Законот за Јавно обвинителство ќе треба да се промени со цел да се воспостави надворешен механизам за контрола на законитоста на работењето на лицата со полициски овластувања. Овој е еден од поважните сегменти на реформите што го вклучуваат истовремено и правосудниот сектор, но и секторот на тајните служби и полициското работење. Нивното реформирање е посочено како еден од итните приоритети што мора да се исполнат во наредните месеци. За оваа цел неопходен е консензус во Собранието, имајќи предвид дека се потребни 81 глас за евентуални измени во Законот за Јавно обвинителство или ЗКП.

Со тие две закони се поврзува и можната измена на статусот на СЈО. Доколку би се одело кон тоа оваа институција да продолжи да функционира како редовна институција на правосудниот систем, неопходни се законски измени во посочените закони, со цел тоа да се овозможи. СЈО повеќепати укажала на намерата да прерасне во редовна институција што ќе ја гони високата корупција во земјата, што е нормално да се очекува врз основа на нивното досегашно искуство во најтешките времиња кога требаше да гонат такви дела. Засега, ова останува отворено прашање без конечен одговор за начинот на кој СЈО би бил вклопен во рамките на системот на редовното јавно обвинителство, а притоа да се зачува неговата автономија, со оглед на значајната улога во ситуацијата во која вториот Извештај на експертската група предводена од Прибе укажува на вниманието што државните институции во Македонија треба да го покажат, со цел еден вид заробена држава да не се замени со друг.

Измените во законодавството се клучен дел од реформите. Меѓутоа, тие не смеат да бидат поминати површно и пребрзо, туку да се овозможи советување и дебата и да се земе предвид мислењето на стручната јавност и на граѓаните. Извештајот на Прибе јасно посочува дека не треба да се брза со цел сите реформи во законодавството да се направат што е можно поскоро, туку треба да се овозможи да има здрава дебата околу измените што се планираат.

Всушност, во сите релевантни меѓународни извештаи ни се посочува дека законската рамка во Македонија е релативно добра (секако, не е перфектна и измените се секогаш потребни), меѓутоа тоа што е важно е дека долго време недостасувала соодветната имплементација на таа законска рамка или таа била злоупотребена за политички цели.

ЗАЧЕТОК НА ВЛАДЕЕЊЕТО НА ПРАВОТО

Владеењето на правото нема да профункционира единствено со реформирање на законите. Тоа што е неопходно е суштинско реформирање на начинот на кој тие закони се спроведуваат во практика.

Не треба да се заборави дека Македонија одамна почна да го реформира своето законодавство. На хартија тоа изгледа убаво, со одредени детали што може да бидат подобрени. Да не заборавиме дека имаме нов и револуционерен ЗКП, напишан од врвни експерти, поддржан преку правна помош и консултации од странски експерти. САД и другите западноевропски земји вложиле високи суми пари во минатата деценија во обучување на кадрите што работат во правосудството. Судии, јавни обвинители, адвокати, посетиле стручни обуки во врвните институции во САД за да научат како треба да функционира кривичната постапка што ја промовира ЗКП од 2010 г. А, сепак, се соочивме со целосен крах на казнено-правниот систем што резултираше во долги години на неказнивост и на статус на „заробена држава“.

Лекцијата што треба да се научи од таа реалност е дека реформирањето на законодавството нема да нѐ спаси од озлогласениот статус на заробеници што долги години нѐ држеше во едно феудално-кметовско минато, кое е далеку од современите европски вредности што една земја-кандидат за членство во ЕУ треба да ги промовира. Реформите во законодавството секако дека се неопходни за да се напуштат повеќе контрадикторности што создаваат проблеми во врска со владеењето на правото. Меѓутоа, клучната работа е правдата, таква каква што ја имаме во моментот, на крај да проработи, и тоа со високи стандарди.

Клучното прашање во оваа насока е следново: Од каде треба да започне функционирањето на владеењето на правото?

Изгледа дека на тоа прашање одлучи да одговара Јавното обвинителство за организиран криминал (ЈООК). Иронично е, знам, Обвинителството што со години не виде потреба да иницира гонење во врска со сите индиции за криминал што се објавија во прислушуваните материјали, па поради тоа требаше да се формира вонреден државен орган олицетворен во СЈО, сега да се појавува како предводник во борбата против криминалот. И, секако, започнува од најскандалозниот, најочигледен и најсериозен инцидент во последнава деценија, а тоа е нападот на Собранието на РМ на 27 април 2017 г. Првпат во историјата на државата одредена политичка структура на организиран начин се обиде да го загрози мирниот трансфер на власта, обидувајќи се да го спречи парламентарното мнозинство да го избере новиот претседател на Собранието и, конечно, да го конституира новото Собрание. Никогаш порано се немаше случено конститутивната седница да биде блокирана со месеци, еден свечен и церемонијален чин да се претвори во анксиозен кошмар, што за малку ќе нѐ однесеше во граѓанска војна.

Има многу кои не се задоволни со фактот што поради овој грозоморен чин судот определи мерка притвор на многумина инволвирани во случајот. Има многу кои мислат дека квалификацијата од член 313 на КЗРМ, терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, е претешка. Очигледно, тие не се сеќаваат на теророт од тој ден или, пак, со сила сакаат да го заборават. Се трудат да заборават дека во тие моменти навистина никој во државата не беше сигурен што ќе се случи следно и дали сѐ уште ќе постоиме или не.

Дефиницијата утврдена во членот 313 на КЗРМ може да не е совршена дефиниција за тероризмот, меѓутоа треба да се разбере дека таа е позитивна одредба со законско важење и се применува во практика сѐ додека не биде изменета или укината. Тероризмот во КЗРМ се регулира во три наврати: прво, како кривично дело против државата, во членот 313; второ, како кривично дело против јавниот ред, во членот 394-б; и, трето, како кривично дело против човечноста и меѓународното право, во членот 419.

На 27 април се случи посебен вид тероризам, во вид на насилен напад врз највисокиот законодавен дом, со цел да се загрози уставниот поредок на земјата кој одредува дека власта во државата му припаѓа на парламентарното мнозинство кое го конституира Собранието и избира свој нов спикер. Има три клучни елементи во ова дело: 1) дејствието е насилно (законот предвидува предизвикување или сериозно заканување дека ќе се предизвика пожар, експлозија, поплава или друг акт на насилство); 2) дејствието предизвикува чувство на несигурност или страв кај граѓаните (такво чувство дефинитивно се предизвика кај повеќето граѓани за време на тој крвав четврток); и 3) дејствието се презема со намера на загрозување на уставниот поредок или безбедноста (ова е субјективниот елемент што предвидува постоење на умисла и посебна намера како облици на вина кај сторителите). Ова можеби претставува одредба што извира од поранешното југословенско право, меѓутоа, ова кривично дело е изменето и сега е вака одредено и е норма од правниот поредок која најблиску се совпаѓа со тоа што се случуваше на 27 април.

Предвидената казна е тешка, најмалку 10 години затвор, што значи дека максимумот е 20 години. Тука, сепак, казната е ограничена, во споредба со другите два вида на дела тероризам познати во КЗРМ (и во членот 394-б и во членот 419, тероризмот може да се казнува и со доживотен затвор, додека пак во членот 313 не е предвидена казна доживотен затвор за сторителите).

ПРАВДА ЗА СИТЕ, МИНАТИ И ИДНИ

Истрагата покрената од ЈООК за ова дело се води против триесетина лица, на кои на поголемиот дел веќе им е изречена мерка притвор. На шест пратеници за кои Обвинителството тврди дека се инволвирани во овој случај, им се одзеде имунитетот и тројца се во притвор, а тројца во куќен притвор. Станува збор за сериозно дело со сериозни последици што не смее да биде повторено во иднина. Доколку ваквите постапки се толерираат сега, во иднина секоја друга партија што нема да успее да создаде парламентарно мнозинство, ќе може да посегне по истиот пристап, заради неказнивоста што сега се сака повторно да се наметне преку безобѕирни барања за амнестија за случувањата од 27 април.

Исто така, станува збор за ситуација во која долго време повеќето инволвирани во случајот веруваа дека се недопирливи, дека се заштитени од какво било гонење или казнување. Само таква бескрупулозна заштита може да наведе некого на толкава смелост да се посегне по извршување такво кривично дело. Очигледно, многу од инволвираните навистина мислеа дека никогаш никој ништо нема да им може. Не излезе така.

Затоа не треба да нè чуди фактот што има висок број решенија за притвор. Можеби порано осомничените не биле свесни дека ова навистина може да им се случи, па затоа не ја напуштиле земјата, или не влијаеле на доказите. Неказнивоста кон нив траеше толку долго, што тие станаа имуни и не им се веруваше дека може навистина да им се суди за тоа што го направиле. Затоа, при вакво тешко дело, со вакви последици, а во кое се инволвирани влијателни лица, може сосема добро да се разбира потребата да се даде притвор и после поминувањето на неколку месеци од стореното дело.

Но, тоа што не може да се разбере е одбивањето да се објават решенијата за притвор, повикувајќи се на тајноста на истражната постапка. Овој кривичен случај не смее ниту за миг да пати од нетранспарентност, особено кога доказите се толку очигледни. Затоа, неразбирливо е да не се објават решенијата за притвор, бидејќи тоа непотребно создава чувство на сомнеж дека нешто можеби не е во ред со тие решенија. Основот е тука, делото е тука, зошто да го нема пишаното решение? Тоа е погрешен потег, сосема непотребен за оваа политички и правно многу чувствителна постапка.

Следното што е проблематично во врска со овој случај е грешката на поединци, кои најдоа за потребно да се изживуваат со положбата на лицата ставени во притвор. Никаква сенка на непристојно однесување спрема осомничените не смее да има во овој случај, а доколку има, за тоа треба да се понесе одговорност. Тоа е еден од најважните случаи во поновата историја на државата и, како таков, треба да биде беспрекорен во процедурална смисла. Секако, начинот на приведувањето на осомничените беше далеку од „филмовите“ на кои беше изложена јавноста во многу други приведувања во блиското минато, кои сега се посебни случаи водени од СЈО. Меѓутоа, таквото постапување не смее да биде мерка за ниту една власт која сака да биде демократска. Начинот на кој ќе се води постапката за случувањата на 27 април ќе одреди дали навистина има разлика во нашите институции и дали навистина правото започнало да функционира.

Притоа, погрешно е да се мисли дека притворот за овие лица треба да се укине поради тешките услови во кои се спроведува. Треба да бидеме свесни дека состојбата со нашите институции во кои се издржува притвор или казна нема да се смени преку ноќ. Не верувам дека некој мисли дека треба да се престане со изрекување притвори или затворски казни, сѐ додека не добиеме стандардизирани затворски установи?! Условите се такви какви што се, а тука станува збор за лица за кои ЈООК собрало доволно докази за основите на сомнение да преминат во основано сомнение дека тие се сторителите на кривичните дела за кои се осомничени. Тие услови, впрочем, важат и за други притвореници што се наоѓаат во тие установи. Привилегии нема и не треба да има. Кога се бара законот да важи еднакво за сите, всушност, се бара, ако притворот е добар за еден осомничен, не може да биде неприфатлив за друг како мерка, доколку за нејзиното изрекување постојат законски основи. А основите треба допрва да ги видиме напишани.

Овој случај нема да ги реши сите проблеми што постојат и се очигледни во македонската кривична правда. За нивно решавање треба време, реформи и многу пари. Меѓутоа, доколку овој случај се води на транспарентен и регуларен начин, тоа ќе претставува пресврт во начинот на воспоставување правда во оваа држава.

И, конечно, многу е важно што ќе се случи после тоа, колку други случаи ќе видат конечен резултат и кој ќе биде односот на ЈООК во врска со можните злоупотреби на новата власт. Не е погрешно ЈООК да поведе истрага за сите инволвирани во настаните на 27 април. Погрешно е да запира тука, да не оди понатаму, и да не ги истражи сите други евентуални злоупотреби на власта, кои можеби ги извршиле или допрва ќе ги извршат носителите на сегашната власт. Само на тој начин ќе се увериме дека не сме поминале од еден, во друг вид „заробена држава“.

СПРАВУВАЊЕ СО МИНАТОТО

Отсуството на владеењето на правото и на еднаквото важење на законите беше најсуштинскиот проблем што нѐ доведе до статусот „заробена држава“. Со тој вид држави владеат режими, а режимите имаат свои жртви. Тие жртви во услови на слобода имаат право да бидат признати како такви и да добијат можност во правични и непристрасни постапки да ги докажат своите тврдења. Македонија ја ратификувала Декларацијата на ООН за правата на жртвите на кривичните дела и за правата на жртвите на злоупотреба на моќта донесена во далечната 1985 г. Сме ратификувале и други инструменти што се однесуваат на правата на жртвите. Државните институции имаат обврска на своите граѓани да им овозможат фер и непристрасно судење. Самиот факт што во оваа држава постојат толку многу луѓе што навистина чувствуваат дека им е извршена голема неправда во кривичните постапки спроведени против нив, треба да укаже на потребата да се најде начин како да се разјаснат тие случаи што ги нарекуваме „политички монтирани случаи“.

Пред некое време се промовираше иницијатива за донесување посебен закон што ќе овозможи повторување на тие постапки. Тоа можеби би било брзо решение на проблемот, меѓутоа таквото решение може да отвори многу други проблеми во иднина. Секој преседан на донесување вонреден начин за справување со одредена ситуација, со себе го носи ризикот тој преседан во иднина да се повтори во многу непожелни ситуации. Називот „политички монтиран случај“ е релативна категорија што може да се толкува на многу начини и многу лесно може да се злоупотребува во иднина за сите други случаи во кои правораздавањето, иако извршено според високи стандарди, може да се сака да се толкува како политичко. Така, сега постојано слушаме членови на опозицијата како се жалат на политички хајки против нив, на монтирани случаи извршени од некаква „хунта“ која моментно била на власт. Немам ниту најмало сомнение дека, доколку екс-режимците успеат повторно некако да добијат мнозинство гласови во некоја иднина, прво што ќе направат е да донесат таков закон што ќе ги дерогира сите правни постапки сега водени против нив. Иницијаторите на Предлог-законот за повторување на судските постапки во кои се прекршени човековите права не би сакале да се поистоветат со некои други лица кои фактот што треба кривично да одговараат, го толкуваат со наметнување дека се жртва на некаков нов „режим“.

Затоа, прашањето поврзано со овие случаи мора да најде решение во постојните правни лекови што ги предвидува ЗКП: Повторување на постапката како и Барање заштита на законитоста. Доколку е потребно, може да се пристапи кон менување на овие одредби, кои би овозможиле дополнителни рокови и начини на кои би се овозможило тие постапки да се повторат во правични услови. Меѓутоа, за такви измени е неопходен консензус во Собранието, заради двотретинското мнозинство потребно за измена на ЗКП, што засега се чини дека опозицијата нема да го поддржи.

Едно е сигурно: без да се воспостави вистинска правда во која секој граѓанин ќе поверува, тешко дека, воопшто, може да зборуваме за правна држава или за владеење на правото.

САНКЦИОНИРАЊЕ НА ОМРАЗАТА

Секако, не може да се зборува за позитивна промена на меѓуетничките односи без сериозен пристап кон проблемот на меѓуетничка омраза со кој се соочуваме во државата. Да не се лажеме, омразата постои во секоја држава, а инциденти на кривични дела од омраза има насекаде. Но, државите се делат на такви што преземаат нешто против проблемот на омраза и на оние што тоа се обидуваат да го стават „под тепих“. Во вторава група, Македонија е предводник во регионот.

Кривичните дела од омраза се дел од нашето казнено-правно законодавство уште од 2009 г. Цели 8 години овие одредби на нашиот Кривичен законик не се применуваат во практика. Сѐ уште не постои судска пресуда што идентификува дело извршено поради омраза. Не постои функционален систем на идентификување такви дела во полицијата и во Јавното обвинителство, што понатаму се огледува низ изостанокот на судски пресуди во оваа област. Згора на сѐ, Македонија нема ефективен државен механизам за следење на таквите дела, не постојат официјални резултати за тоа колку кривични дела на омраза се случуваат секојдневно. Такви статистички податоци се наоѓаат единствено во извештаите на невладините организации и на Мисијата на ОБСЕ. На официјалната веб-страница на ОБСЕ во врска со ова прашање јасно стои дека Македонија е меѓу земјите во регионот кои не собираат официјални податоци за делата од омраза.

Во земја со мултиетнички карактер ваквата реалност, едноставно, е неприфатлива. Досега не постоеше волја државните институции да се справуваат со овој проблем. Минатата власт долги години се задоволуваше со фактот дека овие дела убаво изгледаат како „мртво слово на хартија“. Во ниту еден момент немаше посериозна иницијатива да заживеат тие правни норми, единствено се работеше во подигнување на свеста преку проекти предводени од невладиниот сектор.

Сегашната власт се потпира на некои други основи и принципи. Промовира „Едно општество за сите“. Во тоа општество нема место за толерирање на омразата. Овој проблем мора да наоѓа ефективно решение. Под ефективно решение не мислам само на реформирање на Кривичниот законик и воведување нови одредби во врска со овие дела. Тоа, секако, ќе се направи, веќе постои волја за тоа и амандманите на КЗРМ подготвени од Работната група за криминал од омраза, оценети од ОБСЕ/ОДИХР, брзо ќе стигнат во собраниска постапка. За нив ќе се гласа лесно, бидејќи за менување на КЗРМ не е потребно двотретинско мнозинство. Меѓутоа, тоа нема да биде доволно, бидејќи ако тие одредби не се спроведуваат во практика, ќе продолжат да бидат само поубаво напишано „мртво слово на хартија“.

Потребно е да се менува начинот на пристап кон инцидентите од омраза. Потребно е да се санкционира говорот на омраза и да се осудат институционално кривичните дела од омраза. Да се изгради механизам на следење на тие дела, за да знаеме на што сме и како треба да реагираме. Да се изгради заштита кон жртвите на тие дела, за тие да може да поверуваат дека навистина можат да живеат во слободно и сигурно општество.

Кога тој систем на институционална нетолеранција кон омразата ќе профункционира преку едноставно спроведување на законите што и сега постојат, а допрва ќе станат и подобри, политичките партии и нивните предводници ќе мора да најдат други политички агенди, наместо да владеат преку поттикнување меѓуетничка омраза. Да најдат такви агенди што ќе им излезат во пресрет на вистинските потреби на граѓаните, наместо да поттикнат омраза, раздор и нетрпеливост кои знаат да носат гласови, меѓутоа знаат да ја донесат земјата и на работ на својата егзистенција.

Новата власт мора да покаже дека има смелост да се носи со овој досега нерешен проблем во државата, мора да покаже дека навистина има намера да гради едно општество за сите. И тука, за жал, Законот за употреба на јазиците не ги решава сите меѓуетнички проблеми. Со цел сите граѓани на Македонија да се чувствуваат безбедни, тие мора да знаат дека се заштитени од каков било излив на омраза поради некоја нивна карактеристика, која не мора да биде само етничка. Без разлика на кој јазик зборуваме, стравот и несигурноста се чувствуваат на ист начин и нив не смее да ги има во едно демократско и слободно општество, во кое секој треба да е сигурен дека може да постои таков каков што е, со своите лични и колективни карактеристики и потреби.

ЗА ДА ФУНКЦИОНИРА ПРАВОТО…

…мора да има предавство кон моќта и љубов кон законот, мора да има малку повеќе волја за државност, а значително помалку служба кон владејачката партија. Нема да станеме потполно функционална демократија преку ноќ, за тоа треба долги години упорност, вложување и решителност. За да функционира правото, мора секој што се огрешил пред законот да биде изнесен пред правичен и непристрасен суд, кој слободно и без спреги ќе одлучи за неговата вина. За да функционира правото, мора да се справиме со корупцијата којашто некогаш се појавува во вид на пари, другпат во вид на услуга, а некогаш и во вид на познанства, врски и непотизам.

За да може навистина да тврдиме дека успешно се справуваме со корупцијата, мора да одговориме на две суштински прашања: прво, колку случаи на висока корупција, вклучувајќи ги тука и „големите риби“ од врвот на структурите на моќта, виделе правна разрешница; и, второ, колку од тие случаи се однесувале на лица инволвирани во корупција, кои доаѓаат од партиите на власт. Така се справува државна институција со корупцијата, не преку чекање налози од извршната власт, туку преку преземање иницијатива за гонење дела по службена должност и допрен глас, без разлика кој е инволвиран во нив.

Двојни аршини нема веќе да се толерираат. Доста беше! Време е за вистинска правда, време е за вистинска правна сигурност, време е за држава во која злоделото се казнува, не се толерира, не се стимулира и врз таа основа не се гради политичка или друга кариера.

[1] Д-р Беса Арифи е вонреден професор на Правниот факултет на Универзитетот на Југоисточна Европа