Слаѓан Пенев: Од неразвиени до „паметни“ региони

259
Print Friendly, PDF & Email

Пишува: Слаѓан Пенев[1]

Доколку во следните дваесеттина години не се случи некоја природна или неприродна катастрофа, Македонија некаде околу 2040-та година ќе има помеѓу 1.8 и 1.9 милиони жители, од кои најмалку половина ќе имаат адреса на живеење во некоја од општините од Скопскиот плански регион. Во малку пооптимистичко сценарио, Македонија може да ја задржи бројката од 2 милиони жители, но доколку барем една десетина од ова население потекнува од некои други континенти, веројатно од некаде далеку југоисточно од Македонија… Тоа, сепак, не е тема на овој текст.

Гореспоменатата, малку попесимистичка демографската проекција, се базира врз движењето на стапката на наталитетот (којашто последниве десетина година осцилира помеѓу 11 и 11.8 промили) и на морталитетот (помеѓу 9 и 9.9 промили), очекуваната должина на животот (75 години во 2016 г.), стапката на смртност кај децата под 5 години (во 2016 г. 11,9 промили), намалувањето на бројот на склучени бракови за 11.5% во периодот од 2006 до 2016,[2] на просекот од околу 5.000 лица годишно кои последниве десет години се селат од село в град (повеќе од половината од нив во Скопје), и вкупната стапка на фертилитет (во 1995 г. просекот беше 2 живородени деца на една жена, а во 2016 г. достигна 1.5 живородени деца, што неминовно ќе доведе до стареење на популацијата).[3] Патем, највисока вкупна стапка на фертилитет во 2016 г. имал Скопскиот регион (1.9), а најниска Полошкиот и Југозападниот (1.2).

 

Население во Република Македонија по региони во 2006 и 2016 г.

  2006 2016 Разлика 2006-2016
Реп. Македонија 2.041.941 2.073.702 31.761
Вардарски 154.161 152.571 – 1.590
Источен 180.791 176.262 -4.529
Југозападен 222.141 219.740 -2.401
Југоисточен 172.067 173.545 1.478
Пелагониски 235.861 230.004 -5.857
Полошки 310.853 320.826 9.973
Североист. 174.076 176.169 2.093
Скопски 591.991 624.585 32.594

Извор: Државен завод за статистика (http://www.stat.gov.mk)

Иако македонската официјална статистика не може да даде потврда на проценките на некои релевантни меѓународни институции дека последните дваесетина години околу 500.000 македонски граѓани се преселиле од матичната држава, сепак некои податоци од државниот завод за статистика сугерираат дека се случува голема негативна промена во бројот на населението. На пример, во учебната 2005/2006 година имало 237.915 запишани ученици во основното образование, од кои 30.874 првоодделенци, а во 2015/2016 имало 187.019 ученици (пад за 21.4 %), од кои 21.562 првоодделенци. Слична тенденција има и во средното образование: во учебната 2005/2006  биле запишани 96.494 ученици, а во учебната 2015/2016 имало 80.827 средношколци (намалување за 16.2%). И ако ги споредиме податоците за бројот на запишаните првоодделенци последниве години (21.562 во 2015 г. и 21.250 во 2016 г.) со бројот на родени деца во 2009 (23.684) и во 2010 г. (24.296), останува да спекулираме каде се преселуваат околу две до три илјади деца родени во Македонија, а незапишани во прво одделение 6 години подоцна?

Стареење на населението по региони

  2006 2016
  Население над 65 год., во % Население под 15 год., во % Природен прираст Население над 65 год., во % Население

под 15 год., во %

Природен прираст
Република Македонија 11.0 19.2 3,955 13 16.7 2,581
Вардарски 11.9 17.5 -1 14.1 15.8 -140
Источен 11.9 16.7 -136 14.5 14.3 -407
Југозападен 10.3 20.8 343 11.3 15.4 156
Југоисточен 10.5 21.1 199 13.2 16.4 53
Пелагониски 15.2 16.6 – 470 15.7 15.4 -700
Полошки 8.2 23.3 1,302 9.0 17,0 933
Североист. 11.3 18.3 392 11.9 17,5 195
Скопски 10.6 18.5 2,326 13.7 18.3 2,491

Извори: Национален развоен план 2007-2009 и Државен завод за статистика

ДЕСЕТ ГОДИНИ ЛЕТ ВО МЕСТО

Ако продолжиме со проекциите за Македонија во 2040 г. поврзани со развојот на економијата, а под претпоставка дека земјата ќе стане членка на ЕУ (и доколку до тогаш не се пронајдат позначителни резерви на нафта, дијаманти или антички криптовалути под нејзината површина), таа веројатно ќе биде најнеразвиената членка на Унијата, со просечен БДП по глава на жител што ќе достигне најмногу 75% од просекот на ЕУ. Скопскиот регион би можел да се надева на БДП пер капита од најмногу околу 85% од просекот на ЕУ, а најслабо ќе стојат Североисточниот и Полошкиот плански регион, со околу 40%-50% од БДП по жител на ЕУ и тие ќе бидат меѓу најнеразвиените региони во цела ЕУ, во споредба со останатите плански региони на НТЕС од трето ниво.[4] Останатите региони ќе имаат помеѓу 50%-80% од европскиот БДП по глава на жител. А со оглед дека македонското население статистички значително старее и губи еден прилично добар дел од виталната популација во потрагата по попристојна заработка вон Македонија, овие проекции повторно изгледаат прилично оптимистички.

На кои претпоставки се базирани овие проекции? Проценетот на БДП по глава на жител според паритетот на куповната моќ (ПКМ) во Македонија во 2005 г. беше околу 6.000 евра, што беше само 26% од просекот на тогашните 25 земји членки на ЕУ, а малку зад Романија и Бугарија.[5] Десет години подоцна, БДП по жител, според ПКМ беше проценет на 10.500 евра, што означува дека достигнал ниво помеѓу 36%-37% од просекот во 28-те членки на ЕУ (најнизок БДП пер капита според ПКМ од сегашните членки на ЕУ имаат Бугарија, со 47%, и Романија, со 56%, од просекот на ЕУ).[6]

БДП по глава на жител според паритетот на куповната моќ споредени со просекот на ЕУ и стапки на раст на БДП во 2005 и во 2015 г.

  БДП г/ж. според ПКМ во 2005/25 ЕУ земји просек=100 Стапка на раст на БДП во 2005 БДП г/ж. според ПКМ во 2015/28 ЕУ земји просек=100 Стапка на раст на БДП во 2015
Словенија 79.8 3.9 82 2.3
Романија 34.7 4.1 56 4.0
Бугарија 32.1 5.5 47 3.6
Хрватска 48.8 4.3 59 2.3
Македонија 25.7 4.7 36 3.9

Извори: „Национален развоен план 2007-2009“, „Одбрани макроекономски индикатори во одделни економии“ (Министерство за финансии на РМ), „Македонија во бројки, 2017“ (Државен завод за статистика)

 

Податоците за распределбата на БДП по планските региони во Македонија покажуваат дека во 2015 г. најголем дел (околу две третини) од вкупната новосоздадена вредност е генерирана во Скопскиот, Пелагонискиот и Југоисточниот регион. Кога ќе се подели таа новосоздадена вредност на проценетиот број на жители на секој од регионите, се добива резултат дека Скопскиот, Југоисточниот и Вардарскиот регион имаат натпросечен БДП по глава на жител. Кога, пак, ќе се споредат податоците за БДП по глава на жител помеѓу планските региони, може да се забележи дека Скопскиот регион има 3,2 пати поголем БДП по жител од Полошкиот и 2,4 пати поголем БДП по жител од Североисточниот плански регион.

Распределба на БДП по плански региони во РМ во 2015 г.

2015 БДП, во милиони денари Структура на БДП, РМ = 100% БДП, по жител, во денари БДП, по жител, МК =100
Р. Македонија  558.954 100  269.996 100
Вардарски  44.629 8  291.516 108
Источен  44.934 8  253.656 93,9
Југозападен  46.818 8,4  212.913 78,9
Југоисточен  54.796 9,8  315.717 116,9
Пелагониски  60.293 10,8  260.855 96,6
Полошки  38.973 7  121.824 45,1
Североисточен  28.926 5,2  164.161 60,8
Скопски  239.584 42,9  386.876 143,3

Извор: Државен завод за статистика

 

Десет години претходно ситуацијата била малку понеповолна во однос на разликите помеѓу најразвиениот и останатите региони, што потврдува дека носењето на Законот за рамномерен регионален развој во 2007 година беше, иако многу задоцнет, сепак еден од побитните чекори за поттикнување на поуспешни политики за развој на некои од недоволно развиените региони. Тоа што ниту еднаш во досегашното спроведување на овој Закон не се оствари неговата уредба да се издвојува 1% од БДП годишно за спроведување на политиките за рамномерен регионален развој (додуша, во оваа деценија не се случило ниту 0,05% од БДП да биде трансфериран од централниот буџет кон регионите по договорената методологија за распределба на овие средства), зборува доволно за посветеноста на претходната власт кон оваа политика. И зборува за хипокризијата на водачите кои им диктираа на „законодавците“ и „стратезите“ како да претстават дека државата ќе се заложи за намалување на разликите меѓу централниот и останатите региони, додека правеле пресметки за милијардите кои ќе се потрошат за проектот „Скопје 2014“.

Ако се споредат податоците за 2005 и 2015 г. се гледа дека постои намалување на уделот на Скопскиот регион во вкупниот БДП на државата; минимален, но постојан раст на најнеразвиениот регион, Североисточниот; и забележителен раст на Источниот и Југоисточниот регион. Може да се забележи и дека намалувањето на уделот во БДП на Скопскиот регион од 4% и минималното намалување на уделот на Пелагонискиот во националниот БДП е „компензирано“ со растот на останатите плански региони.

Распределба на БДП по плански региони во РМ во 2005 г.

2005 БДП, во милиони денари Структура на БДП, РМ = 100% БДП, по жител, во денари БДП, по жител, МК =100
Р. Македонија 308.447 100 151.433 100
Вардарски 22.314 7 144.536 95
Источен 19.776 6 109.004 72
Југозападен 22.979 7 103.218 68
Југоисточен 23.885 8 138.871 92
Пелагониски 37.760 12 159.599 105
Полошки 22.856 7 74.023 49
Североисточен 13.148 4 75.652 50
Скопски 145.729 47 248.150 164

Извор: Државен завод за статистика

 

Заводот за статистика во последниве години ја пресметува дисперзијата на регионалниот БДП по жител, што во суштина претставува еден коефициент на регионалните диспаритети во земјата. Вредноста на оваа варијабла идеално би била 0, доколку БДП по жител во сите региони на земјата е идентичен, а се зголемува кога се зголемува разликата помеѓу БДП по жител на регионите и просечниот БДП по жител на ниво на државата.

Последниот податок за дисперзијата на регионалниот БДП во Македонија се однесува на 2014 г., кога достигна вредност 30.3, што кога ќе се спореди со претходните три години укажува на зголемување на регионалните диспаритети, односно на неефикасност на политиките и мерките за рамномерен регионален развој во последниве години.

Дисперзија на регионалниот БДП по жител

2011 2012 2013 2014
26.5 29.1 29.0 30.3

Извор: „Одржлив развој, 2017“, Државен завод за статистика, јули 2017

 

Ќе посочиме само уште два параметри за илустрирање на состојбите со развојот на планските региони во Македонија. Првиот се однесува на инвестициите во основни средства за 2015 г., од кој се забележува дека над 50% од инвестициите се остварени во Скопскиот регион; а покрај него, Југозападниот и Источниот имаат позабележителен удел во вкупните инвестиции во државата, поголем отколку нивниот удел во националниот БДП. Североисточниот има удел од само 2,4% од вкупните инвестиции во основни средства во државата. Тоа е продолжување на алармантната тенденција која е присутна веќе подолг период во државата. Во претходните пет години (2010-2014) Скопскиот регион има кумулативен удел од 59,6% во вкупните инвестиции во основни средства во државата, Североисточниот има удел од 2,1%, а останатите шест плански региони помеѓу 5,3 и 7,6%.

Инвестиции во основни средства, по региони, 2015 г.

  Милиони денари Структура (%)
Реп. Македонија  133.254 100,0
Вардарски  8.750 6,6
Источен  13.075 9,8
Југозападен  13.540 10,2
Југоисточен  6.553 4,9
Пелагониски  10.215 7,7
Полошки  8.032 6,0
Североисточен  3.211 2,4
Скопски  69.878 52,4

Извор: Државен завод за статистика

Вториот параметар за споредба на развојот на регионите покажува малку поинаква состојба. Вредноста на вкупните градежни работи извршени од деловни субјекти и индивидуални лица со текот на годините осцилира, во зависност од поголемите градежни зафати во разни делови од државата, но во последните десет години не се случило најразвиениот регион да има удел поголем од 50% во вредноста на национално ниво, за разлика од претходниот параметар. Дури, може да се види во следната табела дека во 2007 г. вредноста на извршените градежни работи во Скопскиот регион била помала отколку во Полошкиот регион.

Извршени градежни работи, во илјади денари

  2007 % 2015 % 2016 %
Реп. Македонија 22.258.526 100 41.209.648 100 45.649.933 100
Вардарски 942.246 4,2 4.158.385 10,1 4.029.044 8,8
Источен 811.578 3,6 4.176.346 10,1 4.419.336 9,7
Југозападен 3.140.527 14,1 5.386.551 13,1 7.533.461 16,5
Југоисточен 1.756.640 7,9 1.421.037 3,4 3.437.423 7,5
Пелагониски 1.635.286 7,3 4.788.052 11,6 3.973.857 8,7
Полошки 7.470.033 33,6 2.555.666 6,2 3.324.914 7,3
Североисточен 288.531 1,3 4.549.361 11 2.696.603 5,9
Скопски 6.213.685 27,9 14.174.250 34,4 16.235.295 35,6

Извор: Државен завод за статистика

Во десетте години кои се споредуваат овде, најразвиениот регион во Македонија напреднал во просечниот БДП по жител (според паритетот на куповната моќ) од 44% од просекот на ЕУ во 2005 година, на 51% од просекот на ЕУ во 2015 г., додека најмалку развиениот (Североисточниот) од 13% во 2005 на 21% од просекот на ЕУ во 2015 г.

Секако, податоците за БДП по глава на жител треба да се земат со мала резерва, знаејќи дека во Македонија нема попис веќе 15 години. Според процените на некои демографи, тенденциите покажуваат дека најголем минус во населението последниве 15 години имаат Пелагонискиот, Источниот и Југозападниот регион, кој може да изнесува и до 10% помалку жители во однос на 2002 г., кога беше спроведен последниот попис. Тоа би значело дека овие три региона, но и Вардарскиот, кој има висок индекс на стареење, реално, имаат малку повисок БДП по глава на жител.

Уште еден недостаток на пресметувањето на регионалниот БДП по глава на жител е тоа што најчесто во регионот каде што има највисоки плати, дел од додадената вредност се создава од работна сила која припаѓа на соседните региони (т.н. секојдневни патувачи, или на англиски commuters). Можеби поради тоа имаме и чудна ситуација во однос на добиените вредности за БДП по глава на жител кај Полошкиот регион, со ниските 45% од националниот просек.

ХАРТИЈАТА ТРПИ СÈ

Ако се навратиме повторно на потребата од планирање на развојот врз база на реални и можеби помалку реални сценарија, какво што изгледа она што е претставено на почетокот од овој текст, ќе мора да констатираме дека последниве дваесетина години македонските креатори на стратегии создадоа малку стратегии за развој на државата, а и тие кои ги креираа беа премногу оптимистички.[7] На пример, Стратегијата за регионален развој 2009-2019, се планираше според макроекономските политики на државата кои се насочени кон обезбедување на годишна стапка на раст од околу 6.5%, со што би се постигнало просечниот БДП по жител (според ПКМ) во Република Македонија да достигне 50% од просекот на ЕУ во 2019 г., најмалку развиениот плански регион во РМ да има БДП по жител не понизок од 35% од просекот на ЕУ во 2019 г. и разликата во БДП по жител на најразвиениот и најмалку развиениот плански регион да не надминува 2.5 пати во 2019 г.

За жал, ваквите преамбициозни проекции не се остварија, и покрај тоа што голем дел од нив се правеа токму во периодот кога најголемите македонски трговски партнери ги зафати големата финансиска криза, што неизбежно ќе имаше ефекти и врз македонската економија и поради тоа требаше да бидат пореалистични. Ќе остане забележано дека растот на БДП на државата беше најголем во 2007 (6.5%) и во 2008 г. (5.5%). Потоа стрмоглаво падна и од периодот од 2009-2017 г. растот на БДП осцилира помеѓу 0 и 4%.

Во 2014 г. Владата, односно Министерството за локална самоуправа, направи ревизија на Стратегијата за регионален развој при што наместо просечниот БДП по жител да достигне 50% од просек на ЕУ, како што беше планирано во 2009 г., во новиот документ таа проекција е намалена на 42% од просекот на ЕУ. Наместо најмалку развиениот плански регион да има БДП по жител не понизок од 35% од просекот на ЕУ, со новиот документ се проектира тој параметар да биде намален на 26%. И наместо разликата во БДП по жител помеѓу најразвиениот и најмалку развиениот да не надминува 2,5 пати (како што се предвидуваше во стратегијата од 2009 г.), во 2014 г. оваа разлика е намалена на 2,2 пати.[8]

Според последните податоци за БДП (за 2015 г.) презентирани погоре, тешко дека би можел некој да се осмели да прогнозира дека ревидираните таргети (особено првите два) ќе бидат остварени до 2019 г. Она што е долгорочно повредна добивка од првата стратегија за регионален развој (и претходно изгласаниот Закон за рамномерен регионален развој) е промоцијата на моделот на полицентричен развој, кој е фокусиран на намалување на диспаритетите во развојот помеѓу планските региони, што подразбира алоцирање на поголема поддршка кон помалку развиените региони. Притоа, ниту еден плански регион не е изоставен од политиката за регионален развој, туку се настојува поддршката да биде во функција на намалување на диспаритетите помеѓу регионите, што повлекува повисока поддршка за регионите со пониско ниво на развој. Исто така, во Стратегијата се дефинирани приоритетите за развој на подрачјата со специфични развојни потреби, кои согласно законската рамка, чинат посебна целна група во политиката за рамномерен регионален развој.[9]

Да се вратиме пак на иднината. Далеку е 2040 г., во која, нели, Македонија ќе стане дел од ЕУ, но поблиску е 2020 г., кога ќе можеме да оцениме дали ќе се оствари планот од Програмата на Владата за периодот 2017-2020, со кој се предвиде дека „Владата ќе ги воведе европските најдобри пракси и ќе ги зголеми годишните средства за рамномерен регионален развој од околу 4 на 80 милиони евра, со транспарентни механизми за рамномерна распределба на средствата од 1% од БДП (по плански региони и општини), со цел да се стимулира локалниот економски развој и да се намалат регионалните разлики. Воедно, Владата ќе ги ревидира овие механизми и ќе обезбеди нивна објективност и транспарентност. Министерството за локална самоуправа ќе биде задолжено за следење на владините одлуки за инвестициони вложувања и ќе дава мислење од аспект на рамномерниот економски развој.“[10]

Хартијата трпи сѐ, а од досегашните буџетски политики на новата Влада (ребалансот на Буџетот за 2017 г. и Буџетот за 2018 г.), се добива впечаток дека таа ќе биде малку повеќе посветена на оваа област во однос на претходната Влада, но повторно тоа нема да биде доволно за посериозно да се променат работите и ниту од далеку нема да ја задоволи законската обврска за издвојување на 1% од БДП за рамномерен регионален развој. Во најновите макрекономски индикатори, БДП за 2017 г. ќе достигне околу 630 милијарди денари (приближно 10 милијарди евра), што значи 1% од БДП треба да изнесува 6.3 милијарди денари (100 милиони евра). Во Буџетот за 2018 г., за рамномерен регионален развој се предвидени 328.373.000 денари (околу 0,05% од БДП), што е зголемување во однос на 229.135.000 денари (околу 0,04% од БДП) што беа предвидени во Буџетот за 2017 г. Сепак, и доколку се случи завршните сметки да покажат дека овие суми целосно се реализирани, тоа повторно е дваесет пати помалку од законската обврска.

Во брошурата „Граѓански буџет 2018“, објавена од страна на Министерството за финансии, пак, се тврди дека 2.1 милијарди денари од Буџетот за 2018 ќе бидат наменети за регионален развој, што претставува една третина од проектираниот 1% од БДП. Значи, ниту за регионален, ниту за рамномерен регионален развој, нема да бидат издвоени 1% од БДП.

ПОТРЕБНА Е ИСКРЕНОСТ И РЕАЛНОСТ

Инаку, од неколкуте јавни искажувања на оваа тема од страна на вицепремиерот Кочо Анѓушев, кој е претседавач на Советот за рамномерен регионален развој во Владата, се добива впечаток дека и оваа извршна власт ќе тврди дека издвојува многу повеќе од 1% од БДП за поддршка на регионалниот развој, без стриктно да го почитува законски предвидениот 1% од БДП за рамномерен регионален развој, според методологијата по која трансферот на буџетските средства до осумте плански региони ќе се прави според коефициентот на нивниот развој.

Со тоа се создава впечаток дека сегашната централна власт ќе ја продолжи практиката на претходната власт во однос на пресметката на уделот на средствата за развој на регионите во БДП и ќе покаже дека ја преферира централизицијата во однос на децентрализацијата. Бидејќи разликата помеѓу политиките за регионален развој и политиките за рамномерен регионален развој се во тоа што со првите им се овозможува на централните власти да одлучуваат кои региони повеќе ќе ги помагаат (што може да значи дека некои „роднокрајни“ региони може да добијат и нови универзитети, автопатишта, аеродроми и сл.), а со вторите политики централните власти се обврзани да ги помагаат сите плански региони во зависност од нивниот степен на развој (помалку развиените да бидат помогнати со повеќе средства) и да им овозможат на локалните власти да одлучуваат кои делови од регионите ќе ги помагаат (Советите на планските региони, како главни креатори на политиките за развој на регионите, се составени исклучиво од градоначалниците на сите општини кои припаѓаат на регионот).

Во сегашната ситуација најголем дел од буџетските средства предвидени за рамномерен регионален развој (околу 17%) би требало да ги добие Североисточниот плански регион, бидејќи според класификација на планските региони по степенот на развиеноста овој регион има индекс на развој од 0,63; а најмал дел (околу 7%) да добие Скопскиот регион, кој има индекс на развој од 1,51.[11] Инаку, оваа класификација на планските региони по степенот на развиеноста треба да се ревидира во 2018 г. и не е исклучено да се донесе одлука да се дефинира поинаква методологија за пресметка на коефициентите на развој на регионите, во кој би можело да се вклучат и нови индикатори за калкулација на развојот на регионите.

Секоја држава користи различни индикатори за мерење на развојот на регионите, па сега е вистинско време да се проанализираат и други модели за оваа пресметка. Естонскиот модел, на пример, вклучува индекс поврзан со еколошката рамнотежа, што се добива преку пресметка на индикаторите за нивото на: загадување врз животната средина, употребата на природните ресурси, одржливата употреба на енергијата и создавањето и третманот на сметот. Или, попросто кажано, регионот кој троши повеќе енергија или прави поголемо загадување е поразвиен и, соодветно на тоа, ќе добие помалку пари од државниот буџет.

Во секој случај, следните неколку месеци ќе имаат критично значење за формулирање на следните среднорочни политики за развојот на регионите. Покрај новите индекси за развојот на регионите, наскоро треба да почнат подготовките и за новата десетгодишна национална Стратегија за регионален развој (сегашната истекува во 2019 г.) и новите петгодишни Програми за развој на планските региони (и тие истекуваат во 2019 г.). Тоа ќе биде можност за пореалистично и покритичко промислување на состојбите во однос на ефикасноста на досегашните политики за развој на регионите и согледување на грешките во однос на нивните проценки и реализации.

Новата политика за рамномерен регионален развој треба искрено да му пристапи на проблемот со моноцентричниот развој, што не се надмина во последните десет години. На помалку развиените региони итно им требаат инвестиции кои ќе го спречат губењето на највиталното население, почнувајќи од градење модерни предучилишни и училишни објекти, преку пристојна здравствена, културна, спортска и рекреативна, како и транспортна, енергетска и комунална инфраструктура. Североисточниот регион, како најнеразвиен регион според речиси сите параметри, има најитна потреба од покрупни инвестиции во инфраструктурата, социјалната и здравствената заштита, за да се спречи понатамошното тонење во бесперспективност на младите и да се „одлепи“ како регион од европското дно по развој на ниво на плански региони.

Паметниот и одржлив раст и развој на европско тло подразбира високи вложувања во еколошки проекти, поттикнување на производство на здрава и органска храна, создавање софистицирани решенија за намалување на загадувањето, достапно и квалитетно образование за младите, доживотно учење, огромна поддршка на научните истражувања… На ниво на ЕУ веќе функционира една престижна група на паметни (smart) региони, коишто се натпреваруваат во нудење иновативни решенија за проблемите што не можат или немаат волја да ги достават до сите поголеми или помали територијални единици политичките и бирократски државни апарати.

Којзнае, може и ќе се изненадиме и ќе видиме дел од сегашните помалку развиени региони од Македонија во ова друштво. Еве, да речеме, ако не порано, барем до 2040 г.

[1] Слаѓан Пенев е извршен директор на Форум – Центар за стратегиски истражувања и документација. Автор е на студијата „Политиката за рамномерен регионален развој во Македонија: Цели, предизвици, трендови“ (http://www.fosm.mk/mk/Home/Publication?newsID=7297&catID=9&pageIndex=1 издание на ФООМ, 2017) и уредник на збирката „Студии на случај за спроведување на политики за регионален развој“, (http://forum-csrd.org.mk/wp-content/uploads/2017/09/Publikacija_FinalShrinked.pdf, издание на Форум-ЦСИД, 2017)

[2] „Македонија во бројки, 2017“, Државен завод за статистика, јуни 2017

[3] „Одржлив развој, 2017“, Државен завод за статистика, јули 2017

[4] Номенклатурата на територијални единици за статистика (НТЕС) во Македонија е базирана на класификацијата на територијалните единици на регионално и локално ниво според моделот на Европската унија (Nomenclature of Territorial Units for Statistics – NUTS). Таа предвидува целата територија на државата да биде статистичка целина на нивоата 1 и 2, додека на НТЕС нивото 3 е поделена на осум статистички региони.

[5] Република Македонија: Национален развоен план 2007-2009, Влада на Република Македонија, февруари 2007, страна 13. https://www.sobranie.mk/WBStorage/Files/Nacionalen_razvoen_plan_2007-2009(1)%2015.02.07.PDF

[6] „Македонија во бројки, 2017“, ДЗС, јуни 2017

[7] Првиот ваков обид беше во 1997 година кога беше изготвена Националната развојна стратегија на Македонија од страна на Македонската академија на науките и уметностите. Подоцна следеше Националната стратегија за евроинтеграција на Република Македонија од 2004 година чие трето поглавје ја обезбедува основната рамка за целокупниот социо-економски развој на земјата за следниот среднорочен период.

[8] Стратегија за изменување и дополнување на Стратегијата за регионален развој на Република Македонија 2009-2019, Министерство за локална самоуправа, септември 2014

[9] Стратегија за  регионален развој на Република Македонија 2009-2019 година, „Службен весник на РМ“ бр. 119 од 30.09.2009 година (Стр.3)

[10] Програма за работа на Владата 2017 – 2020, достапна на http://vlada.mk/sites/default/files/programa/2017-2020/ProgramaVlada2017-2020_08062017.pdf

[11] Развојниот индекс се утврдува како пондериран просек од економско-социјалниот и демографскиот индекс, при што двата индекси имаат подеднакво учество во креирањето на развојниот индекс. При определувањето на економско-социјалниот индекс како индикатори се користат: бруто-домашниот производ по жител, буџетските приходи по жител, растот на додадената вредност на нефинансискиот сектор и стапката на невработеност, додека демографскиот индекс се определува врз основа на природниот прираст на населението, коефициентот на стареење, салдото на миграции на 1000 жители и завршени студенти на 1000 жители.