Трпевска: Скица за нова медиумска политика

376
Print Friendly, PDF & Email

Пишува: Снежана Трпевска[1]

На 20 ноември 2017 г. конечно беше организирана јавна дебата за Предлог-законот за измени на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, најавени како дел од Владиниот план 3-6-9. Но, предложените измени се парцијални и адресираат само мал дел од проблемите на кои укажуваше не само Извештајот на Прибе, туку и многу други анализи и истражувања спроведени од домашни истражувачки организации и експерти. Од Владата нема одговор дали барањата за системски реформи упатени од домашните организации и експерти ќе се прифатат и кој и како би го координирал тој процес.

Неодамна, како одговор на повикот јавно да се дебатира за Планот 3-6-9, група невладини медиумски организации заедно со индивидуални истражувачи и експерти, до Владата упатија Барање за системски медиумски реформи[2] во кое беше нагласено дека на медиумскиот сектор во Македонија му се потребни темелни реформски зафати за да ги надмине огромните напластени проблеми. Тие зафати, се вели во Барањето, би требало да се спроведат низ два паралелни процеси: прво, итни измени на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, со цел да се решат неколку итни проблеми во медиумскиот сектор; и, второ, отворање дебата за подлабоки и долгорочни реформи што би воделе кон отстранување на сериозните аномалии во медиумскиот сектор на кои со години укажуваат и истражувачите и новинарските организации. И двата процеси треба да течат низ отворена комуникација на надлежните државни институции со невладиниот сектор.

Бараните чекори, пред сѐ, се повикуваат на препораките изнесени во Извештајот на групата европски експерти што ја предводеше Прибе,[3] документот Итни реформски приоритети што Европската комисија ги постави како обврски за Република Македонија во процесот на решавање на политичката криза,[4] како и врз договорените точки во Пржинскиот договор, од 20 јуни 2016 г.[5] Да се потсетиме, накусо, што бараше Прибе, што стои во Итните реформски приоритети, а што беше договорено во август 2016 г., пред одржувањето на парламентарните избори.

ШТО БАРАШЕ ПРИБЕ?

Извештајот на Прибе од јуни 2015 година идентификуваше алармантни недостатоци во медиумскиот систем што сериозно ги попречуваат демократските процеси во земјава: нездрави врски помеѓу мејнстрим медиумите и највисоките владини функционери, финансиска нестабилност на јавниот сервис и на приватните медиуми, несигурен работен статус и лоши услови за работа на новинарите, заплашување на новинарите и опкружување на страв кое поттикнува самоцензура. Во Извештајот на Прибе беа предложени низа препораки чие реализирање бара системски приод и долгорочни мерки, пред сѐ, од Владата и од другите надлежни институции.

Врз основа на Извештајот на Прибе, во јуни 2015 г. Европската комисија на Македонија ѝ постави неколку обврски што требаше итно да се спроведат во медиумската сфера: деполитизација и реформи и на јавниот сервис, воспоставување строги и транспарентни правила во државното огласување низ медиумите, целосно олеснување на пристапот на новинарите до документите и информациите од јавните институции и воздржување на политичарите од поднесување тужби за клевета и навреда. Важно е овде да се нагласи дека Европската комисија тогаш извлече само четири точки како најитни прашања што требаше да се решат во периодот кога на власт сѐ уште беше Владата на Груевски. Но, затоа пак, документот содржи една мошне битна реченица за темава што овде ја  анализираме: „Овие итни реформски приоритети мора да се гледаат во поврзаност со деталните препораки на Групата експерти за системските прашања на владеење на правото… кои целосно треба да се имплементираат.“

Оттогаш, невладиниот медиумски сектор се самоорганизираше и во многу пригоди јавно ги повикуваше политичките партии, а пред сѐ Владата, да го започнат процесот на медиумски реформи (итни и долгорочни) пред да се одржат нови парламентарни избори. Главната теза беше дека без слободни и непристрасни медиуми, нема слободни, демократски и фер избори, како што стои во Извештајот на Прибе. Се разбира, беше очекувано дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го кочи овој процес, бидејќи на Груевски и на неговата партија медиумите им беа исклучително важна алатка во замајувањето на јавноста и пресметката со неистомислениците.

Прашањето за медиумите секогаш „запнуваше“ во политичките преговори и, на крајот, со Пржино 2, се договорија некакви чудни привремени решенија (на пример, ад хок комисија за набљудување на медиумите и уредник на МТВ предложен од опозициската партија), што беа жестоко критикувани од невладините организации како преседан што ќе им направи дополнителна штета на медиумите и на новинарството во Македонија. Она, најважното, барањето за системски медиумски реформи (нагласено во Извештајот на Прибе и во Итните реформски приоритети) беше оставено за новата влада, која ќе се формира по парламентарните избори во декември 2016 г.: „Четирите политички партии се обврзуваат да ја изменат медиумската легислатива во согласност со Итните реформски приоритети и Извештајот на Прибе, во рок од шест месеци по изборите.“

ШТО СОДРЖИ ПЛАНОТ 3-6-9?

Што направи Владата на Заев во одговор на барањата на Прибе и Европската комисија? Самиот План 3-6-9, во делот за медиумите, не содржи ништо поврзано со системски медиумски реформи, иако е документ што го одредува правецот на реформите за наредните четири години и произлегува од Програмата на Владата за 2017-2020 г. Дури, во самиот вовед, документот се повикува на погореспомнатите документи на Европската комисија, но и на документите и препораките на телата на Советот на Европа, ОБСЕ/ОДИХР и други документи и насоки. Се вели и дека Планот е резултат на консултациите со граѓанските организации, но во делот на медиумите се адресирани само неколку прашања, што, се чини, се одговор само на документот Итни реформски приоритети.

Текстот содржи општа заложба на Владата да го ослободи медиумскиот простор од какви било институционални или персонални влијанија (вклучително и финансиска зависност), да го засили и професионализира јавниот радиодифузен сервис и да ги отвори институциите за јавноста. Сите наведени мерки во точките што следуваат, вклучително и стопирањето на комерцијалното огласување на Владата, се сведуваат на изработка на прегледи, усвојување еднократни одлуки или краткорочни измени на делови од медиумската регулатива. Фокусот на сите реформски зафати, се чини, се законските измени со кои треба да се изберат нови членови на регулаторното тело и на Советот на МРТ.

Нема ништо спомнато во насока на тоа како да се подобри социо-економскиот статус на новинарите, како да се раскинат врските меѓу политичарите и медиумските сопственици или како, во иднина, да се развива медиумскиот пазар, со цел да се професионализираат медиумите и новинарството. Да не спомнуваме други посложени прашања: како да се обезбеди плурализам во различните медиумски сектори, како да се развива медиумската писменост низ образовниот процес, со цел да се развива критичка свест кај граѓанството, како ќе се решаваат предизвиците што интернетот и новите технологии ги поставуваат за слободата на изразување и сл.

Ако се погледне пресекот на реализација на мерките што самата Влада го направила на 15 ноември 2017 г., ќе се види дека најголем дел од мерките се веќе исполнети: донесена е Одлука и на сите институции им е укажано да го запрат државното рекламирање; на седница на Владата е усвоена Изјава, со која се дава поддршка на Етичкиот кодекс на новинарите и на саморегулацијата; портпаролот на Владата одржал прес-конференција и ги објавил трошоците за рекламирање на Владата за периодот 2008-2015 г.; одржани се една јавна консултација и неколку средби на тема медиумски реформи, направен е преглед на регистрирани случаи на физички и на вербални напади и притисоци врз новинари; одржан е брифинг во Владата за новинари и уредници; во скратена постапка се усвоени измени на Законот со кои се укина радиодифузната такса, а за МРТ се определи финансирање од Буџетот во висина од 0,5%; и отворена е јавна расправа по предлог-текстот на Законот за измени и дополнувања на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Но, состојбата со медиумите не е многу променета. Гледаме дека некои од медиумските сопственици им дадоа нови насоки на своите менаџери, а уредниците што сесрдно ѝ служеа на претходната власт ги снема од екраните. Истите новинари што до вчера правеа фаворизирачки прилози за власта на ВМРО-ДПМНЕ, сега се присетија на етиката на професијата и се трудат да покажат барем привидна неутралност. Но, можеби, само до моментот кога и на новата власт, која засега е во демократски залет, ќе ѝ биде пријатно да слуша јавно пофалби и возбуда за своите потфати. Таа дури и не мора да посегне по медиумите, тие самите се толку навикнати да ѝ служат на која било власт што ќе им дојде како „природно“ да си го возобноват пријателството.

КАДЕ Е „СТРАТЕГИСКИ ПРИОД“?

Групата експерти што ја предводеше Прибе во септември 2017 г. објави нов Извештај со  процена на сѐ што е направено во поглед на претходните препораки и даде нови препораки. Нотирани се заложбите и позитивните чекори на Владата, но генералната оцена е дека медиумите сѐ уште се среќаваат со истите проблеми со кои се справуваа во минатите години, односно сѐ уште се поврзани со политиката или се инструменти на моќни поединци. Потоа, детално се набројуваат проблемите со кои сѐ уште се соочуваат медиумите и новинарството во Македонија, при што најважните накусо може да се сублимираат во следните точки:

  • На пазарот постојат повеќе од 130 радио и телевизиски станици, коишто се, главно, поделени според политичка или етничка линија.
  • Печатените медиуми се под силен економски притисок. Нивниот број е мошне мал и, оттаму, загрозен е плурализмот во овој сектор. Потребно е државата да воведе поттикнувачки мерки во вид на даночни и други олеснувања.
  • Новинарската професија сѐ уште страда од бројни проблеми: речиси нема истражувачко новинарство поради страв, недостиг од ресурси и знаење; истражувачкото новинарство е често опструирано, со што граѓаните се спречени да добиваат објективни и разновидни информации; новинарите тешко доаѓаат до информации од институциите;
  • Новинарите најчесто не известуваат според етичките стандарди, што го поткопува кредибилитетот на професијата; работните услови на новинарите се сѐ уште многу лоши, платите се ниски, нема сигурни работни договори.
  • Независноста на јавниот радиодифузен сервис и на медиумскиот регулатор се сѐ уште прашање за загриженост.
  • Иако се известува за нападите, заканите и насилството врз новинари, властите сѐ уште малку прават да ги пронајдат и да ги казнат извршителите, што создава клима на неказнивост.
  • Јавниот радиодифузер, МРТ, е сѐ уште во длабока криза и потребно е да се преземат итни мерки за да се реши финансискиот дефицит. МРТ се соочува со криза во раководењето, недоверба во јавноста, отсуство на транспарентност и на отчетност.

Се упатува и критика на тоа што приоритет на Владата е да го измени само Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, поради што и се нагласува скептицизмот изразен од НВО-секторот за вистинската намера на Владата и за тоа дека процесот досега беше избрзан и недоволно транспарентен. Во самите препораки се вели дека, за да бидат кредибилни и одржливи, реформите треба да се одвиваат низ консултативен приод и да не се сведат само на 3, 6 и 9 месеци, како и дека за да се решат системските прашања, треба да се имплементираат сите препораки, вклучувајќи ги и оние од 2015 г., а за тоа Владата мора да обезбеди медиумските реформи да се дел на една добро планирана и сеопфатна стратегија, заснована врз истражување и врз кредибилни, навремени и транспарентни консултации со сите засегнати страни.

Не можеме да кажеме на што точно се должи извесната „глувост“ на луѓето во власта задолжени за реформските процеси за она што го бара невладиниот сектор и експертската заедница. Велам „извесна“, бидејќи самиот План 3-6-9, всушност, се темели врз партнерството со граѓанскиот сектор, а предлог-измените на Законот за ААВМУ беа сработени токму од невладиниот сектор, но во време кога се бараа итни интервенции во медиумските закони за да се овозможи слободна дебата во предизборието. Сега и времето и контекстот бараат нешто друго – сериозна анализа и аргументирана дебата и за приоритетните проблеми што би требало да се разрешат со предлог-измените и, особено, за крупните аномалии во медиумскиот систем, кои нема да може да се надминат само со парцијални измени на медиумската легислатива, туку со цела низа хармонизирани легислативни и практични мерки во повеќе области.

ПАРАДОКСОТ НА ЈАВНИОТ ИНТЕРЕС

Веројатно малку луѓе би можеле точно да објаснат што опфаќа поимот „медиумска политика“, па дури и оние што ја истражуваат и ја анализираат медиумската област. Но, сигурно многумина би знаеле добро да ја опишат состојбата во која се наоѓаат медиумите и новинарство кај нас. Дури и би знаеле да ги наведат причините зошто е тоа така. Ќе  изнесам овде едно тврдење кое, се чини, е само по себе толку очигледно што нема зошто да се троши време на негово докажување, а тоа е: состојбата во која денес се наоѓаат медиумите и новинарството е последица на отсуство на медиумска политика чија цел е да ја промовира слободата на изразување и да создаде услови за независно и професионално функционирање на медиумите и на новинарството.

Секако, јасно е дека отсуството на таква политика во последните десетина години беше резултат на свесна намера на ВМРО-ДПМНЕ медиумите да се претворат во политичка алатка за промоција на партијата на власт и за манипулирање со јавното мислење. Или, поточно кажано, таква политика постоеше делумно на хартија, впишана во законите и во стратегиските документи, но само за да се задоволи формата пред меѓународното и домашното јавно мнение, а во заднината партијата на власт ги користеше сите можни методи и начини да ги дерогира медиумските закони и стратегиските цели. Сегашната власт даде јасна порака во јавноста дека ќе ги поддржува демократските вредности, независноста на медиумите и слободното новинарство, но не е доволно да се даде само заложба. Треба да се види, како што нагласува Прибе во вториот извештај, дали таа заложба ќе се преточи во практични мерки. Но, тоа ќе биде можно само ако надлежните институции имаат знаење, разбирање и политичка волја да изградат осмислена медиумска политика во Македонија што ќе води кон слободно и плуралистичко медиумско окружување.

Пред да скицирам какво знаење ни е потребно, односно кои чекори е неопходно да се преземат за градење нова медиумска политика, сакам да предупредам на еден парадокс. Имено, во денешната теорија се вели дека основната цел на една добро осмислена и сеопфатна медиумска политика е да обезбеди остварување на јавниот интерес во медиумската сфера. Овој поим често се спомнува и во документите и во дебатите, но тешко е да се дефинира или да се разграничи што, точно, е јавен интерес. Но, и кога би постигнале договор за тоа кои прашања поврзани со работата на медиумите се од јавен интерес, уште потешко е тој да се оствари во реалноста, имајќи предвид дека медиумскиот простор бил постојано „окупиран“ од различни интереси што се затскривале зад маската на јавниот интерес. Генерално, во демократското општество медиумите се предмет на интерес на различни субјекти: власта, политичките партии, бизнис-секторот и граѓанското општество. Сите тие во медиумите гледаат средство за артикулација на своите интереси, или закана за остварување на поставените цели. Но, главниот парадокс во креирањето на медиумската политика е што токму власта, која е задолжена да се грижи за дефинирањето и за спроведувањето на јавниот интерес, е меѓу факторите што најмногу се обидувале да ги „употребуваат“ медиумите за свои цели.

Како, тогаш, да се надмине тој парадокс?

Теоретичарите што се занимаваат со полето на јавните политики сметаат дека сите други постоечки интереси во општеството најпрво мора да се идентификуваат и да се балансираат низ процесот на градење на политиките, но јавниот интерес треба да се стави во преден план. Според тоа, целта на политиката која се залага за остварување на јавниот интерес во медиумската сфера е да најде начин што ќе им помогне на медиумите да останат надвор од влијанието на власта, од политичките партии и од економските центри на моќ, а истовремено ќе им служат на интересите на јавноста и на граѓанското општество. Затоа, транспарентноста и инклузивноста на процесот на градење на политиките е од клучна важност за да се постигне балансирање на интересите меѓу сите засегнати страни, кои низ тој процес треба заеднички да ги согледаат и да се договорат за прашањата од јавен интерес.

ГРАЃАНСКА ПАРТИЦИПАЦИЈА И МЕДИУМСКИ ПЛУРАЛИЗАМ

Медиумската политика што во фокусот го става јавниот интерес треба, првенствено, да заштитува и да поттикнува две клучни вредности: граѓанската партиципација и медиумски плурализам. Граѓанската партиципација се опишува како учество на информирани граѓани во општествените процеси, што подразбира потреба од циркулирање на мноштво различни гледишта во јавна сфера, достапни на што е можно поширок круг луѓе. Оттаму, медиумскиот плурализам сфатен во најширока смисла на зборот – како можност за пристап на граѓаните до различни видови медиуми и содржини и како можност за учество во нивното создавање – станува предуслов за реализирано граѓанство.

Поимот „медиумски плурализам“[6] е концепт што уште од 2007 г. е во фокусот на интерес на европската медиумска политика, и сѐ почесто, покрај слободата на изразување, се нагласува како една од клучните вредности во градењето на медиумските политики. Поимот медиумски плурализам се сфаќа мошне сложено, опфаќајќи политичка, културна, географска, структурна и содржинска димензија. Сите овие димензии ги сублимираат целите на европската медиумска политика изразени во многу различни документи, стратегии и мерки на Европската комисија, Советот на Европа и други меѓународни организации. Поради конвергенцијата и технолошкиот развој, политиките во медиумската сфера веќе се испреплетуваат со политиките во комуникациската сфера и бараат холистички пристап на сите јавни институции и актери.

По големата студија објавена од Европската комисија во која се дефинираат различните димензии на овој поим, веќе четврта година по ред се спроведува и процена на медиумските политики и ефектите врз развојот на медиумскиот плурализам во поголем број европски земји. Компаративната студија (Media Pluralism Monitor[7]) за потребите на Европската комисија ја спроведува Центарот за медиумски плурализам од Фиренца, а се однесува на ризиците за медиумскиот плурализам во четири негови димензии: Базичната заштита, Плуралноста на пазарот, Политичката независност и Социјалната инклузивност. Првпат оваа година во студијата беше вклучена и процената на медиумскиот плурализам во Македонија. Резултатите ќе бидат објавени на почетокот од следната година и можат да се искористат како основа за дебата за новите медиумски политики.

Во овој контекст, ќе ја искористам структурата на оваа студија, за да ги скицирам областите и целите на медиумската политика што треба да се земат предвид во развојот на медиумскиот сектор и да дадам мое согледување за тоа во која мера овие цели се досега реализирани во Македонија.

Во Базичната заштита, политиката досега се сведуваше на уставните и на законските гаранции за слободата на изразување, но најголемиот проблем беше примената на овие гаранции во практиката. Најмалку е направено во зајакнувањето на статусот и сигурноста на новинарската професија, а единствената точка во која целите се во поголема мера исполнети е обезбедувањето технички пристап на популацијата до радиодифузните медиуми и до интернет.

Најлоша е состојбата во доменот на Пазарниот плурализам. Иако формално се почитуваат барањата за транспарентност на сопственоста (пред сѐ, во аудиовизуелниот сектор), многу медиуми се во сопственост на поединци од политиката и од бизнисот кои никаде не фигурираат, а вршат огромно влијание. Економската положба на сите медиумски сектори, со исклучок на телевизиите на национално ниво е многу лоша. Пазарот е раситнет, нема доволно средства и услови за професионализација. Печатените медиуми речиси исчезнуваат, а онлајн медиумите, иако ги има многу, одвај преживуваат.

И за доменот Независност од политиката важи дека малку е направено законските гаранции да се спроведат во практика. Тоа е, секако, резултат пред сѐ на лошата економска положба на приватните медиуми, односно на неизвесното и нередовно финансирање на јавниот сервис. Прекинувањето на практиката на државното рекламирање, секако е позитивен чекор, но недостасуваат мерки на поддршка на плурализмот, особено за медиумите што одвај успеваат да преживеат на пазарот.

Димензија на медиумската политика Цели на медиумските политики Дали се досега адресирани овие цели во медиумската политика?
Базична заштита Заштита на слободата на изразувањето Делумно. Гаранциите се вградени во Уставот и во законите, но недостасуваат специфични анализи на правните механизми за заштита на слободата на изразување, особено на интернет.
Заштита на правото на пристап до информации Делумно. Ова право е гарантирано во Уставот и во посебен закон, но јавните институции сѐ уште не се доволно отворени за новинарите и за граѓаните.  Постои и Закон за заштита на укажувачите, но нивната заштита во реалноста е многу слаба.
Заштита на новинарската професија и стандарди Речиси воопшто. Новинарите сѐ уште се предмет на закани, навреди и насилство. Работните услови се исклучително лоши и несигурни, а платите мошне мали.
Независност и ефикасност на регулаторното тело Делумно. Процедурата на именување сѐ уште не обезбедува стручност и независност. Регулаторот нема овластувања да изрекува санкции за говор на омраза. Многу одлуки на регулаторот не биле ослободени од политички и други влијанија.
Универзален досег на традиционалните медиуми и пристап до интернет Во голема мера. Јавниот сервис и приватните медиуми досегнуваат до најголем дел од населението. Постојат повеќе понудувачи на интернет-услуги. Постојат законски гаранции за неутралност на мрежата.
Плурализам на пазарот Транспарентност на медиумската сопственост Делумно. Законот за ААВМУ содржи одредби за транспарентност, но сопственоста на повеќе медиуми е сепак во рацете на скриени сопственици поврзани со политиката.
Спречување хоризонтална концентрација на сопственоста Речиси воопшто. Законот за ААВМУ содржи одредби, но тие се застарени и не соодветствуваат на новото технолошко окружување. Пазарот е фрагментиран, можностите за окрупнување и развој на професионални медиуми се ограничени. Печатените медиуми се соочуваат со економски притисок и нивниот број драстично е намален.
Спречување дијагонална  концентрација и нефер конкуренција Речиси воопшто. Законот за ААВМУ содржи застарени и нејасни одредби. Одредбите на Законот за заштита на конкуренцијата речиси не се применуваат во медиумскиот сектор.
Спречување на влијанието на сопствениците и огласувачите врз содржините Речиси воопшто. Не постојат механизми за заштита на новинарите во случај на промена на сопственоста или уредувачката политика на медиумот. Постојат одредби во Етичкиот кодекс за заштита на новинарите од комерцијални влијанија, но новинарите известуваат најчесто според комерцијалните интереси на сопствениците.
Економска одржливост на медиумите Речиси воопшто. Развојот на медиумските сектори беше стихиен. Политиката на медиумскиот регулатор на постојано доделување лиценци за ТВ речиси ги уништи другите медиумски сектори. Пазарот е фрагментиран и нема доволно средства за опстанок на сите медиуми. Со добивка работат само телевизиите на национално ниво, а приходите во целиот ТВ-сектор опаѓаат. Секторот на радиото се одржува на ниско ниво, а печатените медиуми се во константно опаѓање. Медиумите во онлајн секторот одвај преживуваат. Државното огласување со години го нарушуваше пазарот и ги доведуваше медиумите во целосна политичка зависност од партијата на власт.
Независност од политиката Политичка независност на медиумите Речиси воопшто. Законот за ААВМУ содржи одредби за конфликт на интерес меѓу сопствениците и политичарите, но тие беа во постојана поврзаност преку поврзување на финансиските и политичките интереси. Не постојат никакви заштитни механизми за спречување на политичките влијанија во другите медиумски сектори.
Уредувачка автономија Речиси воопшто. Законот за медиуми и Законот за ААВМУ содржат генерални одредби со кои се гарантира уредувачката автономија, но тие во практиката воопшто не се почитуваат. Уредувачките содржини сѐ уште се под силно влијание на политиката.
Медиумите и изборниот процес Речиси воопшто. За време на кампањата за парламентарните избори во декември 2016 г. до извесна мера беше обезбедено балансирано известување на јавниот сервис и во кус временски период на поголемите приватни ТВ-станици. Но, законските одредби и мерките на привременотo тело и медиумскиот регулатор не се почитуваа во периодот непосредно пред изборите и, особено, во периодот по изборите, во месеците пред изборот на новата влада.
Правична распределба на државните ресурси и поддршка на медиумскиот сектор Делумно. Државното рекламирање што со години се користеше за политичко влијание врз медиумите е укинато. Но, нема мерки на поддршка за медиумските сектори, кои не можат да опстанат на пазарот. Нема други соодветни мерки за поттикнување на содржинската разновидност. Јавниот сервис не ги распределува соодветно средствата наменети за програми од независни продуценти.
Независност, управување и одржливо финансирање на јавниот радиодифузен сервис (ЈРС) Речиси воопшто. Процедурите за избор на членовите на Советот и на менаџментот на МРТ не обезбедуваат независност од политички влијанија. Советот не го претставува граѓанското општество во целина. Финансирањето на ЈРС од средствата од Буџетот сè уште не обезбедува доволно средства за негово независно функционирање и развој. Не постојат внатрешни анализи на ЈРС за тоа колку средства му се потребни. Законот не обезбедува доволно гаранции дека средствата од Буџетот нема да се користат како облик на влијание врз ЈРС.
Социјална инклузивност Пристап на немнозинските заедници до медиумите Делумно. Законот за ААВМУ им гарантира на немнозинските заедници пристап до програмите на јавниот сервис, но помалите заедници имаат малку време и се соочуваат со недостиг од ресурси. Пристапот на помалите заедници до приватните медиуми е мал.
Пристап до медиумите на локалните и регионалните заедници Речиси воопшто. Локалните и регионалните медиуми имаат технички пристап до платформите, но тие се соочуваат со огромен економски притисок и одвај опстануваат. Не постојат никакви политики или механизми за поддршка на непрофитниот медиумски сектор.
Пристап до медиумите на лицата со оштетен слух и вид Делумно. Медиумскиот регулатор донесе Програма и спроведе истражување. Законот за ААВМУ содржи обврска само за јавниот сервис, но не и за комерцијалните медиуми. Одредбите речиси не се применуваат.
Пристап на жените до медиумите Речиси воопшто. Јавниот сервис нема политика за родова рамноправност. Учеството на жени на раководни позиции во ЈРС и во приватните медиуми е мало.
Медиумска писменост

 

Делумно. Медиумскиот регулатор донесе Програма, спроведе истражување и креираше мрежа. Постојат неколку иницијативи на невладиниот сектор за развивање критичка свест кај граѓаните. Но, медиумската писменост не е дел на формалното образование.

 

Во доменот на Социјалната инклузивност во медиумската сфера, плурализмот е најмногу загрозен на локално и на регионално ниво. Поради лошата економска состојба во која се наоѓаат локалните и регионалните медиуми, граѓаните малку се информирани за настани од локално или од регионално значење. Речиси никаков напредок нема во непрофитниот сектор, а правата на пристап до медиумите на помалите јазични заедници во земјава се значително намалени. Во поглед на Медиумската писменост и правата на лицата со оштетен слух и вид се остварени одредени почетни чекори, што најмногу се должи на иницијативите на медиумскиот регулатор и на невладиниот сектор.

СЛЕДНИТЕ ЧЕКОРИ?

Но, да се вратиме на почетокот од овој текст: на дебатата одржана на 20 ноември 2017 г., претставниците на актуелната власт ги опишаа предлог-измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги како резултат на потребата од надминување на претходната долгогодишна хаварија во медиумскиот простор. Тие, исто така, најавија дека Владата е целосно посветена на создавање услови за целосна независност во медиумската сфера и дека дебатата со медиумските работници нема да заврши со усвојувањето на измените. Дури, има идеја и да се формира работна група, која би се состанувала еднаш месечно и би работела на детектирање и решавање на тековните проблеми.

Според тоа, ништо од она што Прибе го кажа за стратегискиот приод и за системските проблеми не е содржано во овие најави. Како што се чини, сѐ ќе се сведе на ад хок дебати и детектирање на тековни проблеми. Но, градењето на јавните политики во која било сфера не може да се потпре на „чат-пат“ дискусии за тековните проблеми. Секој што барем малку сериозно ја сфаќа сферата на јавните политики, знае дека тие не се градат без претходно спроведени анализи и без да се поткрепени со сеопфатни и веродостојни податоци. Во медиумскиот сектор, една таква анализа би требало да одговори на прашањето за социјалните и за политичките услови што ја поттикнуваат  инструментализацијата на медиумите и за механизмите што во други (демократски понапредни) земји се користат за да се спречи оваа појава.

Во моментов, таква анализа се спроведува во Црна Гора, по барање на тамошното Министерство за европски интеграции, со цел да се скенира вкупната состојба на медиумскиот пазар и да се направи пресек на законодавството и на капацитетот на институциите и на другите актери за надминување на напластените проблеми во медиумскиот сектор во таа држава. Анализата на која работат шест меѓународни експерти, потоа, ќе им послужи на црногорските власти како референтен документ во процесот на преговорите за членство во Европската комисија.

Зошто и нашите власти не би покажале подготвеност низ еден таков процес да влезат во костец со „хаваријата во медиумскиот простор“ на Македонија?

Што дословно се вели во Планот 3-6-9?

Во делот на медиумите, Владата ќе гради партнерство со асоцијациите и со граѓанскиот сектор, со цел да го ослободи медиумскиот простор од какви било институционални или персонални влијанија, вклучително и финансиска зависност. Владата го стопира комерцијалното рекламирање, ќе го зајакне и целосно ќе го професионализира јавниот радиодифузен сервис и ќе ги отвори сите информации за јавноста што се од јавен карактер и јавен интерес.

·         Усвојување изјава за изразување силна политичка волја и поддршка од Владата и од институциите за континуирана примена на Етичкиот кодекс за медиумско известување

·         Донесување Одлука на Владата за стопирање со владини реклами на комерцијалните радиодифузери (со исклучок на социјални медиуми) и пренесување на комуникацијата со граѓаните преку јавниот радиодифузен сервис

·         Објавување на сите трошоци за рекламирање на Владата и објаснување на критериумите за избор на медиумите за периодот 2008-2017, во форматот доставен од Европската комисија

·         Одржување јавна консултација со медиуми, медиумски здруженија и граѓански организации

·         Подготвување предлог-измени на Закон за медиуми и Закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кои ќе овозможат примена на Етичкиот кодекс за известување во и вон изборите, како и за зајакнување на независноста и капацитетот на медиумскиот регулатор и јавниот радиодифузен сервис

·         Подготвување предлог-измени на законска регулатива, кои ќе обезбедат избор на членови на Советот на Агенцијата за аудио визуелни и медиумски услуги (ААВМУ), врз основа на заслуги

·         Подготвување преглед на сите досегашни случаи на физички и на вербални напади и притисоци, говор на омраза и сл. врз новинарите

·         Одржување неделен брифинг на Владата со медиумите

 

[1] Д-р Снежана Трпевска e експертка по медиумско право и медиумска политика. Нејзино поле на истражувачки интерес се правото, регулацијата и јавните политики на ЕУ во традиционалните медиуми, онлајн сферата и електронските комуникации.

[2] https://znm.org.mk/?p=3494

[3] https://ec.europa.eu/neighbourhood-enlargement/sites/near/files/news_corner/news/news-files/20150619_recommendations_of_the_senior_experts_group.pdf

[4] https://eeas.europa.eu/sites/eeas/files/urgent_reform_priorities_en.pdf

[5]http://eeas.europa.eu/archives/delegations/the_former_yugoslav_republic_of_macedonia/press_corner/all_news/news/2016/2016-07-20_agreement_en.htm

[6] https://ec.europa.eu/digital-single-market/en/policies/media-freedom-and-pluralism

[7] http://cmpf.eui.eu/media-pluralism-monitor/