Ристеска: Предизвиците на новата Влада на РМ во секторот енергетика

175
Print Friendly, PDF & Email

Соња Ристеска[1]

По смената на власта по 11 години владеење на коалициите предводени од ВМРО-ДПМНЕ, секторот енергетика е еден од оние каде што се потребни темелни реформи. Во изминатата деценија фокусот беше ставен исклучиво врз фосилните горива и, до некаде, врз големите хидроцентрали, со многу мал, занемарлив акцент на обновливите извори на енергија и енергетската ефикасност.

Скандалите со корупција, пак, укажаа на сериозната потреба од реформи, кои ќе одат во прилог на зајакнување на отчетноста и транспарентноста во овој сектор, кој сѐ уште се прима како затворен за јавноста.

Порано, Македонија важеше за една од најнапредните држави во енергетските реформи што започнаа со приклучувањето кон Енергетската заедница во 2005 г., за сето тоа со текот на годините да се влоши и да кулминира со неисполнување и на основите обврски преземени со самото членство, а тоа е целосната либерализација на пазарот на електрична енергија. Ова се само дел од горливите проблеми кои чекаат на решавање.

Енергетскиот сектор во Република Македонија сѐ уште се карактеризира со затвореност и недоволно вклучување на јавноста, што е делумно резултат на наследството од минатото кога фокусот беше ставан врз централизиран енергетски систем базиран на неколку големи термоцентрали, со цел да се произведе доволно електрична енергија за големите потрошувачи како железарите. Но, ваквата затвореност делумно беше и резултат на начинот на кој функционира институционалната поставеност во Македонија каде што во самите институции изостанува механизам и нема традиција за соработка со јавноста. Со оглед на тоа што транзицијата во енергетскиот сектор сѐ уште трае (приватизација на ЕСМ во 2006 г.; отворање на пазарите со електрична енергија и гас, што оди бавно; имплементација на ЕУ-директиви преку Енергетската заедница итн.) проблемите што се провлекуваат низ овој сектор се неизбежни и во голем број. Долгорочните стратегии и изборот на опции за ефикасност и диверзификација на ресурсите често не се правилно развиени и како резултат на одредени приватни бизнис-интереси во енергетскиот сектор.

Оттука, анализата ќе се фокусира токму на тоа што ѝ претстои на новата Влада во енергетиката и што треба да се направи, односно што е преземено како обврска со самото аплицирање за членство во ЕУ, но и со членството во Енергетската заедница и потпишувањето на Парискиот климатски договор, како и кои се предизвиците и кочниците за да се оствари тоа. Ќе се обидеме да ги осветлиме стратегиските определби на Македонија и тоа дали конечно земјата ќе тргне кон одржлива „зелена“ иднина или повторно ќе се фокусира врз јагленот?

Понатаму, ќе се осврнеме на горливото прашање на енергетската сиромаштија, што воопшто не е ни ставено на разгледување пред засегнатите институции. Ќе ја проанализираме зависноста од увозот на енергенси и како тоа влијае врз безбедноста на државата, особено преку влијанието на Русија во овој сектор, што не се очекува да се намали, иако се смени власта.

КОИ СЕ ОТВОРЕНИТЕ ПРАШАЊА?

Поради различни причини, но и комплексноста на самиот енергетски систем и мноштвото актери во него, од приватните, до државните чинители, за решавање останаа приличен број проблеми, какви што се:

  • Недоволни инвестиции во нови капацитети;[2]
  • Нееднакво имплементирање мерки за енергетска ефикасност низ територијата на државата – нема точна статистика за тоа колку од станбениот фонд до сега е енергетски реновиран, иако според Енергетската заедница стапката на имплементација на мерките треба да достигне 9% во 2018 г.;
  • Енормно загадување, каде што најголемиот процент загадувачи се од енергетскиот сектор;[3]
  • Корупција во секторот – постојат неколку случаи со наводна корупција, но нема ниту една пресуда за таков вид предмети;
  • Проблеми со транспарентноста – од необјавување годишни извештаи, до ниту еден ревизорски извештај објавен од која било институција/државна компанија во секторот енергетика до 2017 г.;[4]
  • Целосната зависност од Русија во секторот за снабдување со гас,[5] како и уште во 2013 г. укинатата опција општините сами да се гасифицираат;[6]
  • Нестабилна енергетска безбедност – зависност од увоз,[7] немање доволно домашно производство, преголема енергетска интензивност;[8]
  • Неискористени потенцијали во обновливи извори. Македонија произведува пропорционално помалку електрична енергија од сонце од „студената“ северна Данска, на пример;[9]
  • Нерешениот проблем со огромната енергетска сиромаштија во државата, што не ги опфаќа официјално само оние граѓани што се под официјалниот праг на сиромаштија, туку и луѓе со редовни приходи, како пензионери или повеќечлени семејства.[10]

Секако, прикажаните проблеми бараат огромен труд и многу години посветено работење, што е далеку од ограничувањата произлезени од еден четиригодишен изборен циклус. Но, нивното правилно идентификување и стратегиско планирање ќе помогне за нивно побрзо решавање. Стратегискиот пристап и поставувањето цел, со одговарање на прашањето каква енергетска иднина сакаме за Република Македонија, е првото што треба да го реши новата власт. Што се однесува до конкретните мерки што треба да се преземат, важно е да се напомене дека енергетиката не влезе во Планот 3-6-9 на новата Влада, иако еден од најголемите проблеми во Македонија, на пример, е токму загадувањето[11]. Оттука Владата треба да го вклучи овој сектор во итните реформски процеси, бидејќи иако реформите бараат многу време за имплементација и, најчесто, странска финансиска помош, колку порано се започне со работа, толку побрзо ќе можат да се видат придобивките од реформите.

На повидок сѐ уште не гледаме нова стратегија за енергетскиот сектор. Пред неколку години излезе првиот драфт од „Стратегијата за енергетика до 2035 г.“, но таа сепак не се усвои. Во Македонија нема стратегиски пристап за прашањето дали државата, конечно, ќе започне со декарбонизацијата на општеството, односно со напуштањето на фосилните горива како примарен енергенс за добивање финална енергија или ќе остане да користи јаглен, нафта и сл. Сепак, податоците одат кон тоа дека поради недостигот на јаглен, односно лигнитот што е со многу помала калорична вредност и е помалку квалитетен од јагленот, производството опаѓа од година в година, а она од сончевите централи се зголемува.

„Така, според енергетските биланси што ги објавува Државниот завод за статистика, електричната енергија од сонце за само три години е зголемена од 1.173 GWh во 2012 г. вкупно примарно производство, на 22.599 GWh во 2015 г. Секако, овие гигават-часови би се зголемиле со директно вклучување на домаќинствата во производството на електрична енергија, но за тоа најпрво се потребни измени во Законот за енергетика. За разлика од сончевата енергија, производството на електрична енергија од термоцентралите значително опаѓа низ годините. Така, од 4920 GWh произведени во 2012 г., во 2015 г. се паднати на 3434 GWh.  Ова е уште еден показател зошто ваквата мерка е потребна за Македонија.“[12]

Од сите термоцентрали изградени во Македонија, во моментов функционира само РЕК Битола, додека ТЕЦ Неготино е „ладна резерва“, а ТЕ Осломеј не работи поради немањето јаглен. Друг капацитет што работи е Енергетика, којашто работи на гас.[13] Ова е само уште еден показател за итноста на ситуацијата со примарното производство на енергија во Македонија и потребата новата власт стратегиски да му пристапи на проблемот и да ги искористи потенцијалите што ги има државата од аспект на соларната енергија.

ПАРИСКИОТ ДОГОВОР Е ОБВРСКА

Исто така, Македонија конечно го ратификуваше Парискиот договор[14] со што тој и официјално стапи во сила. Според Предлогот доставен од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), емисиите на CO² од согорувањето на фосилните горива државата планира да ги намали за 30% – односно за 36% кај повисокото ниво на амбиција – до 2030 г., во однос на како и досега, така и отсега во „BAU“ сценариото (проблемот со и така малите амбиции е што Македонија во тоа сценарио, всушност, предвидува раст на емисиите, со што излегува дека, ако воведе мерки за нивно намалување, тие не би се намалиле, туку би се израмниле со нивото во 2015 г., со што не се постигнува позначителен успех). Емисиите на CO² од согорување фосилни горива покриваат речиси 80% од вкупните емисии на стакленички гасови во земјата, со доминантно учество на следните сектори: енергија, згради и транспорт.[15] Без разлика на ниските амбиции околу целосното намалување не емисиите, кои доминантно доаѓаат токму од енергетскиот сектор, Владата со оваа ратификација ќе мора сите идни закони, стратегии и други документи што ќе ги предлага и ќе ги усвојува, да ги усогласи со сопствените обврски преземени со Парискиот договор, ако не сака неговата ратификација да остане само заложба на хартија.

Наредно итно прашање за решавање е новиот Закон за енергетика или пакетот закони што би се донеле од таа област.[16] Со самото членство во Енергетската заедница, Македонија е должна да ја пренесе ЕУ-регулативата од областа енергетика во своето законодавство. Она што требаше да се направи пред неколку години, но остана неостварено, е имплементацијата на „Третиот енергетски пакет“. Последните документи од законодавството на ЕУ за енергетскиот пазар, познати како „Трет енергетски пакет“, беа донесени за да се подобри функционирањето на внатрешниот енергетски пазар и да се решат структурните проблеми. „Третиот енергетски пакет“ опфаќа пет главни области, од кои за Македонија се важни следниве:

  • одвојување на снабдувањето со енергија од мрежниот оператор на трансмисионата мрежа;
  • зајакнување на независноста на регулаторот;
  • прекугранична соработка помеѓу операторите на преносните системи;
  • зголемена транспарентност на малопродажните пазари во корист на потрошувачите.[17]

Од погоре наведеното, за Македонија се најважни првата и последната ставка. Последната значи дека Македонија мора, конечно, целосно да го либерализира пазарот на електрична енергија, процес запрен во 2015 г. од претходната влада.[18] Ова правило подразбира право на потрошувачот да избере или да смени снабдувач без екстра трошоци, да добие информации за својата потрошувачка и да добие брзо решавање на споровите со снабдувачот. Првата ставка, пак, подразбира дека ЕЛЕМ и МЕПСО повеќе нема да бидат под ист орган, во моментов тоа е Владата на РМ, како и поделба внатре во МЕПСО – ќе мора да се подели снабдувањето со електрична енергија од операторот на електропреносниот систем, нешто што во моментов не е случај.

Одвојувањето е физичка сепарација на снабдувањето со енергија и производството од  управувањето на електропреносната мрежа. Ако една компанија управува со преносната мрежа и генерира или продава енергија во исто време, може да има поттик да го попречи пристапот на конкурентите до инфраструктурата. Ова спречува фер конкуренција на пазарот и може да доведе до повисоки цени за потрошувачите. Според Третиот пакет, одвојувањето мора да се одвива на еден од трите начини, во зависност од преференциите на одделни земји на ЕУ (или Енергетска заедница на ЈИЕ, во случајов):

  • Одвојување на сопственоста каде што сите вертикално интегрирани енергетски компании ги продаваат своите мрежи (гас или електрична енергија). Во овој случај, ниту една компанија за снабдување или производство не може да има мнозински удел или да се меша во работата на операторот на преносниот систем.
  • Независен систем оператор, каде што компаниите за снабдување со енергија може формално да ги имаат во сопственост електропреносните или гасните мрежи, но мора да го остават целото работење, одржување и инвестирање во мрежата на независна компанија.
  • Независен преносен оператор на електро(гас)преносниот систем, каде што компаниите за снабдување со енергија може сè уште да поседуваат и да управуваат со електро(гас)преносните мрежни, но мора да го сторат тоа преку подружница. Сите важни одлуки мора да се донесуваат независно од матичната компанија.[19]

Во периодот кога е пишуван овој документ, информациите беа дека се подготвува новиот Закон за енергетика.[20] Граѓанските организации во неколку наврати се обратија до релевантните домашни и меѓународни институции за вклучување широка експертска јавност во работните групи за законот, но, за жал, одговорите се негативни за отворањето на процесот на изработката на новите законски решенија. Оттука, како предизвик за новата Влада, останува заложбата објавена во Планот 3-6-9 за третирање на граѓанското општество како рамноправен партнер и коректор на нејзините одлуки, со целосно право граѓанското општество да партиципира во градењето на политиките, да сугерира и да критикувa.

Секако, тука е и Енергетската заедница, која секоја година издава извештај за напредокот на земјите членки во областа на транспозицијата на ЕУ-легислативата и отворањето на пазарите. На пример, во последниот извештај за 2017 г., еве некои од посочените проблеми за Македонија, што би требало да бидат приоритет на македонските власти:

„На 14 октомври 2016 г., Министерскиот совет во Одлуката 2016/08/MC-EnC во случајот ECS-9/16 заклучил дека Македонија не ги исполнила своите обврски за транспонирање на Третиот енергетски пакет. Бидејќи прекршокот досега не е отстранет, Секретаријатот – повикан од Министерскиот совет – ќе побара разврска според член 92 од Договорот на својот следен состанок во 2017 година… На 14 октомври 2016, Министерскиот совет во Одлука 2016/06 / MC-EnC (Case ECS-2/15) заклучи дека со спречување на приклучување на пазарот на енергетика за мали комерцијални потрошувачи и сите потрошувачи од домаќинствата, Македонија не успеа да ги испочитува своите обврски според Договорот. Бидејќи прекршокот досега не е отстранет, Секретаријатот – повикан од Министерскиот совет – ќе побара разврска според член 92 од Договорот на следната министерска средба во 2017 година… Недостатокот на политичка волја за усвојување на Законот за енергетика во времето на двата претходни извештајни периоди, исто така влијае врз усогласеноста на земјата со Директивата за обновливи извори на енергија… Усвојувањето на Нацрт-законот за енергетика и Законот за биогорива за транспонирање на Директивата 2009/28/ЕК во целост, вклучувајќи го и воведувањето на конкурентен процес за доделување поддршка за обновливи извори на производителите на енергија, продолжува да биде најважен приоритет за земјата.“[21]

МАКЕДОНСКА ЕНЕРГЕТСКА СИРОМАШТИЈА

Едно од најгорливите прашања во Македонија е проблемот со енергетската сиромаштија на домаќинствата. Енергетска сиромаштија, генерално земено, претставува неможност на домаќинствата да обезбедат соодветни количини енергија во домот – за да си овозможат животниот простор да го одржуваат соодветно топол и добро осветлен, да имаат пристап до различни енергетски услуги и да можат да си дозволат доволни количества енергија за секојдневните потреби.[22]

Во Македонија нема официјална дефиниција за тоа кој е енергетски сиромашен и што е енергетска сиромаштија. Има различни истражувања од Државниот завод за статистика, од проекти и сл., што ја мерат и ја анализираат оваа појава, но официјална дефиниција и насочени мерки за подобрување на состојбите сѐ уште нема. Според Државниот завод за статистика, податоците за енергетската потрошувачка во Македонија се поразителни. Така,

  • процентуалното учество на домаќинствата што имаат изведена топлинска изолација во своите живеалишта, во однос на вкупниот број домаќинства во Република Македонија, изнесува 17,78%. Анализирано по региони, најголем процент на домаќинства со топлинска изолација е забележан во Скопскиот регион, каде што процентуалното учество изнесува 29,09%, а најмало е учеството во Пелагонискиот регион, со 6,83%.
  • Најголем дел од домаќинствата (67,77%) имаат вградено прозорци со рамка изработена од дрвен материјал, потоа следат домаќинствата со прозорци со ПВЦ рамки (28,67%) и само 3,12% од вкупниот број домаќинства имаат вградено прозорци со алуминиумски рамки.
  • Просечната површина на живеалиштата во државата е 82,87м2, а просечно се загрева површина од 37,41 м2, што значи учеството на површината што се загрева во вкупната површина на живеалиштето изнесува 45,14%.
  • Од вкупниот број домаќинства, 61,59 % трошат огревно дрво и дрво од овошни насади како основен вид енергент за греење, 28,60 % електрична енергија, 8,33 % топлинска енергија од јавни котларници, а останатите 1,48% ги трошат другите видови енергенти.[23]

Енергетската сиромаштија е специфичен и широк проблем што се влоши со процесите на транзицијата во енергетскиот сектор. Тоа значи дека домаќинствата под ризик од енергетска сиромаштија се соочуваат со проблеми какви што се обезбедување доволно енергија за нивните дневни активности и/или навремено плаќање на сметките за електрична енергија и греење. Тие често живеат во енергетски неефикасни домови и имаат висока потрошувачка на енергија на дневна основа. Утврдено е дека корисници на социјална помош се значително повеќе енергетски сиромашни од просекот; и дека еднородителските домаќинства се со поголема веројатност да бидат енергетски сиромашни отколку оние со двајца родители. Пензионерите се почесто енергетски сиромашни отколку вработените лица. Овој запрепастувачки и широк проблем во Македонија може да се реши само со издржани и одржливи реформи на системот, водени од надлежните институции, во соработка со другите засегнати страни, какви што е граѓанското општество, компаниите, академските институции и др.

Оттука, овој проблем, иако можеби од стратешка гледна точка не е итен за решавање, носи сериозни последици не само по здравјето на луѓето, туку и по економијата и БДП-то и потребно е директно да им се помогне на засегнатите граѓаните при справувањето со енергетската сиромаштија. Во оваа насока, итно се потребни поагресивни кампањи за разбирање на концептот на енергетската сиромаштија, можности за заштеда на енергија и објаснување на опциите за енергетски ефикасни мерки, како и користење обновливи извори на енергија, активности што би значеле директен контакт со населението.

Но, најпрво, она што мора државата да го направи е да воведе дефиниција за тоа што е енергетска сиромаштија и кои се ранливи потрошувачи, за да може потоа системски и таргетирано да се премине кон решавање на проблемот.

ЕНЕРГЕТИКАТА Е ПРИОРИТЕТОТ ШТО НЕДОСТАСУВА

Општиот заклучок по претставеното би бил дека Владата на РМ, но и судската власт, мора како еден од приоритетите во наредниот период да ги стават мерките за спречување или казнување на корупција и незаконско работење во енергетиката. Понатаму, задолжителното носење нови стратегии и закони и фаќањето чекор со ЕУ-регулативите во овој сектор, како и либерализацијата на енергетските пазари, не смеат да чекаат.  Потребен е сериозен фокус кон обновливите извори на енергија, како и кон енергетската ефикасност и чекор кон решавањето на проблемите со енормната енергетска сиромаштија во домаќинствата. Енергетиката е еден од капитално најинтензивните сектори, што во земји во развој како Република Македонија речиси и целосно зависи од странски инвестиции и кредити. Онака како што досега се работеше, не оди во корист на привлекување сериозни инвеститори кои би можеле да направат сериозен пресврт во енергетиката во Република Македонија и, оттука, препорака до Владата е енергетиката да ја стави во списокот на своите приоритети, за што поскоро соочување со овие проблеми.

РАМКА:

ЛИСТА НА СОМНЕВАЊА ЗА КОРУПЦИЈА ВО ЕНЕРГЕТИКАТА

Многупати на тест биле ставени транспарентноста и отчетното работење во секторот енергетика. Тоа е резултат на слабите институции за надзор, но и поради комплексноста на самиот систем во кој главните чинители се и приватни и државни компании, Владата, разни странски банки и странски влади и многу други актери. Аналитика тинк тенк низ годините ги следеше објавите за наводни коруптивни случаи во секторот енергетика и нивните разврски. Освен во еден наврат кога имало некаква санкција, во другите случаи или се прекинати постапките или тие уште траат, а некои никогаш и не започнале.

  1. Наодите од Државниот завод за ревизија за доделените концесии за користење вода за производство на електрична енергија од мали хидроцентрали. Периодот опфатен во наодите е 2007-2012 г. во кој преку Министерството за економија се реализирани 5 постапки за доделување концесија и врз основа на тоа досега се склучени 70 договори за концесија, со вкупна инвестициска вредност од 108,25 милиони евра. Наодите биле дека постапките за доделување концесии:
  • биле реализирани без студија за концесиски проект;
  • дека сите доделени концесии се без проценета максимална вредност на концесијата;
  • дека до декември 2011 г. водењето на регистар за доделени договори за концесии било обврска на Министерството за финансии и тоа досега не било спроведено, а од јануари 2012 г. водењето регистар е обврска на Министерство за економија;
  • концесионерите не ја применувале законската обврска за прв технички преглед на опремата пред пуштање во производство на малите хидроелектрични централи;
  • постои поголем застој во отпочнувањето со изградба на објектите во рок од една година од датумот на потпишување на договорите, бидејќи концесионерите најчесто не успеваат да ги обезбедат сите потребни согласности и дозволи за добивање одобрение за градба;
  • концесионерите се соочуваат со големи проблеми при решавање на имотно-правните односи;
  • надзорот од Комисијата за вршење надзор над начинот на вршење концесиска дејност се врши записнички само во крајната фаза, кога објектот е целосно изграден.[24]

За целиот случај нема истражна или правосудна постапка.

  1. Случајот со РЕК Битола. Во 2010 г. се обелодени дека полицијата поднела кривични пријави против дванаесет поранешни и тогашни директори и раководители во РЕК Битола, осомничени дека потпишувале фактури со фирми-изведувачи за поголеми суми од договорените. Директорите и останатите лица се товарат дека во 2008 г. потпишувале фактури со надворешни фирми-изведувачи за ангажирање работна рака при ремонт на постројките по суми повисоки од проектираните.

Овие наоди се отфрлени, а за случајот не се води никаква постапка.

  1. Студија на случај – картелско здружување и затајување данок. На 27 март 2012 г. Антимонополската комисија на Македонија поднесе прекршочни пријави против четири трговци со електрична енергија под сомнение дека го прекршиле законот преку манипулирање со цената на увезената електрична енергија во земјата, во наддавање што се одржа во јануари 2012 г. Четири компании се вклучени во овој случај: „ГЕН–И“, „Руднап груп“, „ЕСПАДА“ и „ЕФТ“, за кои Комисијата за заштита на конкуренцијата имала основано сомнение дека креирале картелско здружување, со цел на тендерското наддавање одржано во јануари 2012 г. за увоз на електрична енергија да ја диктираат цената, со што би биле во предност пред другите фирми што учествувале во ова наддавање.

Наведените компании се казнети од Комисијата за заштита на конкуренција со 3 милиони евра парична казна.[25]

  1. Злоупотреба на службена положба во ЕЛЕМ, случај „Тарифа“. Во јануари 2017 г. Специјалното јавно обвинителство (СЈО) осомничи седум лица дека ја злоупотребиле службената положба во случајот „Тарифа“, кој се однесува на постапка за јавна набавка на софтвер за потребите на АД ЕЛЕМ. Осомничените со неизвршување на службената должност овозможиле правното лице – конзорциум, кое подоцна го добило тендерот, да се квалификува во втората фаза на преговарање при јавната набавка, иако немало доставено комплетна документација. Вредноста на Договорот за јавна набавка била повеќе од четири милиони евра. Дополнително, причинета била и штета од 456 илјади евра откако осомничените одобриле исплати на парични средства за лиценци за одржување на софтверот, иако услугата никогаш не била извршена. Од СЈО тврдат дека од АД ЕЛЕМ досега биле исплатени 3,7 милиони евра за набавка на системот, иако тој во значителен дел воопшто не е имплементиран. Рокот за неговата имплементација изминал пред четири години, на 11 февруари 2013 г.[26]
  2. Фалсификување документација при тендерска процедура. Специјалното јавно обвинителство, во случајот „Труст“, осомничи три лица и три фирми кои се поврзани со тендер за ископ на јаловина и јаглен од Суводол, Битола. Како што соопшти обвинителката Фатиме Фетаи, станува збор за тоа како еден конзорциум со фалсификувана документација добил тендер и со анекс на истиот тој заработил над 17 милиони евра… Според сомненијата на СЈО, фирмите „Трансмет“, „Силекс неметали“ и „Вато“, како и двајца управители и еден застапник на овие фирми, при пријавувањето за учество во јавната набавка во 2011 г. доставиле невистинита документација за сопственост на механизација, што било услов за учество и квалификување во наредната фаза од постапката во јавната набавка.[27]

Освен паричните казни за трговците со струја, во останатите случаи или воопшто не било покренато обвинение или Основното јавно обвинителство (ОЈО) рекло дека нема доволно докази за покренување истражна постапка, или пак СЈО било тоа што покренало обвинение, но сѐ уште нема разрешница по обвиненијата. Ова се само дел од случаите за кои има јавно достапни информации дека има/ло основани сомненија за незаконско работење. Тие опфаќаат период од 2008-2016 г., осум години долг период каде што постојано имало проблем со отчетното работење во секторот енергетика. Од ова произлегува дека најголемите компании ЕЛЕМ и МЕПСО, но и самата Влада, би требало да направат стратегии за борба против корупцијата со внатрешни механизми за справување со неа, додека надворешните институции, како Финансиската полиција, ОЈО или МВР треба да имаат посебни обуки за сторени кривични дела во овој сектор, за да се зголеми владеењето на правото.

[1] М-р Соња Ристеска е истражувачки и менаџмент координатор во Аналитика тинк тенк.

[2] Во изминатата декада освен реновирање, отворени се само два нови капацитета: ХЕЦ Св. Петка и ВП Богданци. http://www.elem.com.mk/

[3] Трет национален план за климатски промени, Министерство за животна средина и просторно планирање, http://www.unfccc.org.mk/content/Documents/TNC_MK_draft.pdf

[4] Ристеска Соња, Аналитика, Состојбата во секторите транспорт и енергетика во Република Македонија, како до забрзување на реформските процеси, http://www.analyticamk.org/images/2017/transport-i-energetika.pdf, април 2017 г.

[5] Руската (гасна) врска, како Македонија ги склучуваше договорите, http://www.analyticamk.org/mk/produkti/studii/753-ruskata-gasna-vrska-kako-makedonija-gi-sklucuvashe-dogovorite

[6] Стојиловска Ана, Ристеска Соња, Аналитика, Анализа на Законот за изменување и дополнување на Законот за енергетика од мај 2013

[7] Во 2016 г. Македонија увезла дури 65% од вкупно потребната енергија (гас, струја, нафта итн). Извор: ДЗС: Енергетски биланси 2016 г., број 6.1.17.81, година LV, 20.10.2017 г.

[8] Енергетска интензивност на економијата. За 2015 г., просекот на ЕУ-28 бил 120 кг нафта еквивалент по 1000 ЕУР додека за Македонија двојно поголем 336.3 кг нафта еквивалент по 1000 ЕУР. Извор: Еуросат: http://ec.europa.eu/eurostat/tgm/table.do?tab=table&init=1&language=en&pcode=tsdec360&plugin=1

[9] Македонија, споредена со повеќето земји од ЕУ, е на многу ниско ниво на производство од сончевата енергија (само 1.715 ктое), па така дури и земји како Данска, кои се сосем на северот во Европа, имаат поголемо производство на електрична енергија од сонце, во споредба со јужноевропската Македонија.  Поголемо искористување на сонцето – како од пасивни потрошувачи до активни произведувачи на електрична енергија, http://respublica.edu.mk/blog/2017-10-27-11-36-45

[10] Слично како и во другите земји, повеќето од домаќинствата се одлучија да го намалат животниот простор што се грее во зима, од просечните 85 m², на 70 m². 40% од градбите немаат изолација, а 13% имаат изолација само на ѕидовите и тоа според различни стандарди. Ова, комбинирано најмногу со греење на печки што користат огревно дрво (47%) или пак електрични греалки (18%), укажува на високо ниво на неефикасност и недомаќинско трошење и губење на топлинската енергија. Просечното посетено домаќинство троши 5,295 kWh електрична енергија, споредено со националниот просек од 5,423 kWh. Робиќ Славица, ДООР, СЕЕ СЕП проект, „Енергетска сиромаштија во Југоисточна Европа, преживувајќи го студот“, http://www.analyticamk.org/images/Files/redflag16-mac-web_4e42a.pdf, стр. 12.

[11] Светска банка, http://web.worldbank.org/archive/website01354/WEB/0__CO-43.HTM

[12] Ристеска Соња, „Поголемо искористување на сонцето – како од пасивни потрошувачи до активни произведувачи на електрична енергија“

[13] АД ЕЛЕМ, Термоенергија, http://www.elem.com.mk/?page_id=110

[14] Нема официјално соопштение сè уште за оваа ратификација.

[15] Поднесок на Република Македонија, планирани национално утврдени придонеси, 4.8.2015, http://www4.unfccc.int/submissions/INDC/Published%20Documents/The%20former%20Yugoslav%20Republic%20of%20Macedonia/Submission_Republic_of_Macedonia_20150805144001_135181.pdf, стр. 1

[16] Неофицијалниот предлог е да има општ Закон за енергетика и Закон за енергетска ефикасност и обновливи извори или, пак, Закон за енергетика и Закон за енергетска ефикасност.

[17] Европска комисија, Пазарна регулатива, https://ec.europa.eu/energy/en/topics/markets-and-consumers/market-legislation, пристапено на 12.11.2017.

[18] Реакција на Аналитика тинк тенк по повод барањето на Енергетската заедница Македонија да го поправи пропустот со одложувањето на либерализацијата на пазарот на електрична енергија, http://www.analyticamk.org/images/Files/Odlozuvanje_na_liberalizacija-reakcija_na_Analitika_final_66256.pdf

[19] Европска комисија, Пазарна регулатива

[20] Нов закон за енергетика во подготовка, http://sitel.com.mk/noviot-zakon-za-energetika-vo-podgotovka, пристапено на 12.11.2017.

[21] Секретаријат на Енергетска заедница на Југоисточна Европа, Годишен извештај за имплементација, септември 2017, https://www.energy-community.org/dam/jcr:b03950a0-9367-4618-961b-3efad53b79fd/EnC_IR2017.pdf

[22] Робиќ Славица, ДООР, СЕЕ СЕП проект, „Енергетска сиромаштија во Југоисточна Европа, преживувајќи го студот“.

[23] Државен завод за статистика, потрошувачка на енергенти во домаќинствата 2014, Скопје, декември 2015 г.

[24] Ристеска Соња, Аналитика, Како до финансиска транспарентност и отчетност кај институциите и компаниите во енергетскиот сектор во Република Македонија, февруари 2015 г. http://www.analyticamk.org/images/Files/Reports/Transparency-FINAL_07d1c.pdf

[25] Фактор.мк, http://faktor.mk/tri-milioni-evra-kazna-i-mozhni-krivichni-prijavi-za-trgovcite-so-struja-koi-kartelski-se-zdruzhuvale, пристапено на 10.11.2017

[26] Ристеска Соња, „Состојбата  во секторите транспорт и енергетика во Република Македонија, како до забрзување на реформските процеси?“

[27] Ибид.