Форум Аналитика – Списание и портал за слободна мисла и за критика на времето

Кога во 1997 година го издадовме првиот број на Форум Аналитика, заедно со една од најзначајните личности на македонската политичка транзиција и македонскиот демократски еснафлук, Ѓунер Исмаил, амбициите ни беа големи. Списанието го замисливме како тримесечно издание за пласирање на идеи и анализи кои ќе одат подалеку од весникарските колумни, но нема да бидат научни сепарати на зададените теми. Тогашната општествена дебата беше динамична, полемична, но и оптимистичка и конструктивна. Сакавме да ја одразиме таа жива мислечка сцена, како што напишавме и во воведот на првиот број на Форум Аналитика: „Поради специфичноста на македонскиот транзиционен пат – кај нас, имено, покрај менувањето на општествениот систем, што само по себе е доволно тежок зафат, паралелно, под исклучително компликувани околности, во последната деценија се зацврстуваше и новата самостојна држава – мобилизацијата на општествените и социјалните слоеви, како и ангажманот на интелигенцијата, помина низ една особена државна и партиска контракција и интензивна регрутација и, во крајна линија, разбирливо висока политизација“.

Во наредните дваесетина години издадовме уште десетина броеви на Форум Аналитика, прилично нередовно, но секогаш во фокусот на тогашната општествена дебата важна за Македонија, а најчесто и како најава за она што мислевме дека треба да се дебатира во македонската јавна општествена сфера – на пример: изборните модели и граѓанската демократија (1997), статусот и развојот на цивилното општество во Македонија (1998), проблемот на националното помирување (2002/03), важноста на изградбата на Коридорот 8 (2005), проблемите на македонската надворешна политика (2006) и македонските перспективи во НАТО (2006), појавата на популизмот (2007) и аспектите на мултикултурализмот (2007), како и Косово и перспективите на регионот (2008). Стотина автори за првите десетина години.

Критичката мисла во меѓувреме стана прашање на ризичен граѓански отпор. Во изминатите седум-осум години, просторот за дебата во македонската јавна сфера стана вистинско воено поле за напад и одбрана на демократијата, крик за слободата на говорот и демонстрација во поддршка на слободната, критичка мисла.

Сега, можеби повеќе од кога било, е време да продолжиме со Форум Аналитика. Како печатено списание и како портал за критика на времето.